Connect with us

Македонија

Откриена е причината за смртта кај сите 59 жртви од „Пулс“

Published

on

Причината за смртта на сите 59 загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е насилно задушување во директна поврзаност со пожарот, изјави професор доктор Александар Станков, раководител на Институтот за судска медицина. Тој објасни дека кај четворица од загинатите постоеле повреди односно скршеници на ребрата и се задушиле заради притисок што се случува во стампедо (компресивна асфиксија).

-Обдуцирани се 59 лица. Најголем дел од нив, односно 70 проценти од нив се на возраст меѓу 16 и 29 години. Од починатите 16 лица се од женски пол, а 43 мажи. Причината за смрт кај сите 59 настрадани е насилна и е настаната заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката „Пулс“. Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв и втор степен, кај три лица имаше изгореници од четврти степен. Причината за смрт е задушување. Во наредниот период, во текот на март, очекуваме да се завршат сите извештаи во врска со направените обдукции. Можеби ќе ни треба повеќе време за да се изработат токсиколошките анализи кои што, реално бараат време за извршување. Се што ќе сработиме, ќе доставиме до Обвинителството. Облеката и личните премдети од починатите кои се најдени за време на обдукциите се на Институтот и тие се во надлежност на Јавното Обвинителство. Што ќе се случува со нив ќе одлучи Јавното Обвинителство, бидејќи може да бидат земени во судска постапка како докази, изјави професор доктор Станков.

Тој заедно со деканот на Медицинскиот факултет професор доктор Светозар Антовиќ изрази сочувство за семејствата на загинатите и изрази желба за брзо закрепнување на повредените.

На Институтот за судска медицина му припадна најтажната и една од најодговорните задачи во најкраток рок да изврши 59 обдукции од кои ќе се утврди причината за смрт, а воедно и идентификација, рече професор доктор Антовиќ.

Идентификацијата на загинатите е направена со помош на ДНК метода и со помош на дактилоскопи.

-Се проверуваа идентификациите неколку пати, затоа што во вакви услови не можеме да си дозволиме да направиме некаква грешка. Моравме да се провериме неколку пати заедно со МВР за да се избегнат било какви грешки и во доволно брз период ја завршивме нашата работа, рече професорот Станков.

Во најголем број случаи при пожари, најчест гас е јаглерод моноксид. Може да се јави и цијан водород и сулфур водород.

-Сега ги работиме токсиколошките анализи за да утврдиме што е присутно во крвта, меѓутоа според макроскопскиот наод за време на обдукциите кај најголем број од нив има јаглерод моноксид, додаде Станков, посочувајќи дека јаглерод моноксидот е многу опасен гас без мирис и без вкус, а кој делува на централниот нервен систем и ги онеспособува жртвите по што смртта може да настапи многу брзо, за неколку минути зависно од концентрацијата. 

Професорот посочи дека во тој простор, во таков чад, многу брзо делува јаглерод моноксидот и ги онеспособил жртвите да избегаат. Главоболка, повраќање, вртоглавица, бессознание, дезориентираност, парализа на мускулите за неможност за движењето се последиците од овој гас.

-Но тука треба да земете предвид и другите работи, како амбиенталното задушување, бидејќи пламенот кој гори го троши кислородот па покрај влијанието на јаглерод моноксидот имаме и намалено количество на кислород, одговори професор Станков.

Тој објасни дека обдукциите претставуваат еден вид собирање на материјални докази за да се одреди причината за смрт, ќе се одреди дали постојат други повреди, дали причината за смртта е поврзана со настанот и што е многу важно кај вакви масовни несреќи – се врши идентификација на жртвите. Еден дел од нив, објасни Станков имале лични документи, но на починатите девојки личните документи им биле во ташните и изгореле. Идентификациите со лични документи се само ориентациона метода и затоа обдукцијата е битна.

-За да излезе правдината на виделина, за да имаме еден комплетен судски процес, за да се покажеме и како држава која е правна држава, мора да се почитуваат одредени правила. Ние тие правила ги почитуваме. Не можеме да вршиме идентификации и да одредуваме причина за смрт само со преглед, мора да се направи комплетна обдукција и позитивна идентификација, за утре достојно да излеземе пред судот каде ќе имаме многу прашања за да може да ги одговориме, рече директорот на Институтот за судската медицина.

Македонија

Таравари: Пет пациенти во критична состојба

Published

on

Пет пациенти кои се лекуваат во странство остануваат во критична состојба, додека останатите 100 се стабилни. Според министерот за здравство Арбен Таравари, утре уште девет пациенти ќе бидат пуштени на домашна нега, а во среда и четврток се очекува враќање на првите пациенти од странство, за што е подготвен протокол за прием.

„Подготвивме специјални тимови и стерилизирани возила за нивниот транспорт. Клиниките во Скопје ќе вршат тријажа, а ќе се преземат сите мерки за спречување на инфекции“, изјави Таравари.

Во болниците низ земјава моментално се лекуваат 55 пациенти, од кои 27 во Клиничкиот центар, 10 во „8 Септември“, 10 во „Свети Наум Охридски“ и 8 во приватни клиники.

Continue Reading

Македонија

Психологот Алексоска препорачува што побрзо да се даваат психолошката помош и поддршка

Published

on

Мора што побрзо, како општество да дејствуваме и да им се даде психолошката помош на сите, најмногу на семејствата кои ги загубија најблиските, на младите, но и на сите што се лекуваат во земјава и во странство во индивидуалната и колективната траума од трагедијата во Кочани, вели психологот Ана Алексоска од Прилеп која работи на психолошка помош, главно за младите.

Различни се колективната и индивидуалната траума, а со тоа и пристапот на психолошко лекување и заздравување.

-Тие што се директно дел од трагедијата, пред сѐ, бараат под итно психолошка поддршка и помош каде што ќе можат на едно сигурно место да ги изразат своите емоции, да ги процесираат и емоциите и мислите, сѐ со цел да се започне некаков тек на лекување на траумата. И секој еден со друг да си помага. Битни се тука и роднините, и пријателите за помош, да се поминува повеќе време со блиските и сѐ што има некаква смисла. Активности што им даваат некаква смисла на луѓето за да се излекува траумата, вели Алексоска.

Психолошката помош особено е битна за младите од Кочани каде имаме генерациски загуби. Психолозите веќе ја нудат бесплатно помошта.

– Социолозите, наставниците, а пред сѐ, психолозите што побрзо да ја дадат помошта, да не се остава траумата да тлее. Комората на психолози ја има објавено листата на психолози кои бесплатно ги нудат својата помош и поддршка. Исто и ние како група психолози ги нудиме таа помош и поддршка и би рекла, мора што побрзо да се започне. Имам случај со една девојка која беше директно засегната – нејзина цимерка била прегазена во стампедото и сега е со тешки повреди и во лоша ментална состојба. Беше премногу загрижена за цимерката и не знаеше како да направи нешто што ќе го заокружи тој процес на жалење и сочувство со неа, рече психологот Алексоска.

Психолошката помош итно им е потребна и на сите повредени што се лекуваат. Има предлози од европската асоцијација да им се даде помошта додека се лекуваат во странство.

-Има предлог од европската асоцијација на КПТ терапијата. Психолозите што работат со КПТ терапијата во странство каде што се згрижени нашите деца да работат директно со тие деца, од секоја земја секој терапевт посебно. Но, пак ќе речам дека мора што побрзо да се започне со психолошката помош, смета психологот Ана Алексоска од Прилеп.

Continue Reading

Македонија

Подготвен протоколот по кој ќе бидат пречекани првите пациенти кои се во странство

Published

on

Подготвен е протокол според кој идната недела ќе бидат пречекани првите пет пациенти кои што се лекуваат надвор од државата, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Како што соопшти Таравари, петте пациенти се очекува да пристигнат во среда или четврток, а ќе бидат пречекани од специјални екипи и возила кои ќе се придржуваат до протоколот и информациите за состојбата на пациентите, по што, појасни, ќе ги сместат во болниците од каде биле претходно пуштени пациентите, каде ќе им биде направена првата тријажа.

– Протоколите ќе бидат објавени на нашата веб страна, исто така ќе бидат испратени и до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, како и до сите други држави. Ќе имаме специјални екипи кои што ќе работат со овој протокол кои што ќе се придржуваат до информациите за состојбата на пациентите кои што треба да ги добиеме. Ќе има специјална екипа која што ќе ги прифаќа и специјални возила кои што ќе ги пречекаат и сместуваат во болниците. Првата тријажа ќе се направи во болницата од каде што е пуштен пациентот, па ќе бидат хоспитализирани во болници каде што треба. Доколку нема потреба ќе се пуштаат на домашно лекување, рече Таравари.

Секоја фаза, посочи, има свои компликации и потешкотии, појаснувајќи дека во оваа фаза постои ризик од развивање на инфекции, затоа, рече, состојбата на пациентите може да флуктуира.

– Јас кажувам каква е моменталната состојба на пациентите. Одредени пациенти веќе добиваат антибиотици за да се превенираат тие инфекции, така што се надевам и тие што ќе пристигнат, веќе зборувавме за стерилизирање на автомобилите со кои што ќе дојдат, како и собите каде што ќе се третираат, така што се надеваме на што помалку компликации и подобро здравје на сите тие што ќе се вратат во државата, рече Таравари.

Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите, додаде, ќе бидат од нашата држава, а во зависност од каде и со што ќе доаѓаат, така ќе бидат и пречекувани.

– Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите ќе бидат од нашата држава, во зависност од каде доаѓаат и со што ќе доаѓаат. Доколку доаѓаат со авион, ќе бидат пречекани на Меѓународниот аеродром во Скопје, а ако се од соседните држави, за што мислам дека најдоцна ќе се враќаат бидејќи таму се најтешките пациенти, односно во Србија, Бугарија и Грција, рече Таравари.

Таравари соопшти дека е стабила состојбата на 55-те пациенти кои се лекуваат во државава, а од 115 пациенти во странство во критична состојба се пет.

– Бидејќи вчера ме прашавте за тоа што министерот за надворешни работи кажал 116 пациенти, сакам само да ве информирам дека 116-от е некој од семејството на тие што се лекуваат надвор од државата, така што, бројката е иста. Нормално, флуктуира состојбата на пациентите, но генерално очекуваме и се надеваме… седми ден е со нула починати, нема ниту еден од пациентите што ги испративме да има фатален исход. Се надеваме така и да продолжи состојбата на овие кои се во критична состојба да се подобри и да соопштуваме само добри вести, рече Таравари.

Се очекува утре од македонските болници да бидат испишани девет пациенти, но, како што рече, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања. На Клинички центар лежат 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 10 пациенти, Градска општа болница – 10 пациенти, додека во приватните клиники има осум пациенти.

Прашан каква поука извлече здравствениот систем од трагедијата во Кочани, Таравари рече „здравствениот систем успеа да се справи со оваа состојба релативно добро, со сите слабости и недостатоци кои што ги има“.

Бројките, вели, говорат сами по себе, тоа што имаме нула починати, но, како што рече, треба понатаму да се инвестира во здравствените капацитети и да се подобрат состојбите колку што може во овие можности кои што ги имаме како држава.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк