Музичарот Филип Стевановски од Куманово и член на бендот на „ДНК“, е за жал еден од загинатите во големата трагедија во Кочани, во пожарот во дискотеката Пулс каде бендот кобната ноќ имаше настап.
Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.
Филип Стевановски беше неодамна назначен и за директор на Центарот за култура во Штип.
Во петок (28.03.2025 год) со почеток од 12:00 часот во Народен театар – Штип во заедничка организација на НУЦК “Ацо Шопов” Штип и ДМУЦ ,,Сергеј Михајлов” – Штип ќе се одржи комеморација во негова чест.
– „Со длабока тага и неверување ја споделуваме веста дека нашиот раководител Филип Стевановски трагично го загуби животот во несреќниот настан во Кочани. Иако беше со нас неполни два месеци, неговата посветеност, професионалност и човечност оставија неизбришлива трага во нашиот тим. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите кои го познаваа. Нека почива во мир“, напишаа од Центарот за култура во Штип по неговата трагична смрт.
Ирена, сопругата на Филип Стевановски, кој беше член на ДНК и го загуби животот во несреќата во Кочани, со зборови кои кинат срце се прости од него по трагедијата.
-Среќо моја, Филип мој! Њоњче мое, ме остави со најголема празнина која не се опишува. Ми остави најголем спомен кој ќе го чувам и ќе се борам како најголема лавица. Знам дека ќе не’ чуваш и ќе ни дадеш сила да продолжиме по овој пат кој ќе биде претежок за нас. Твојата светлина беше преголема за овој тажен свет. Свети и сега како најсилна ѕвезда која ќе ја гледаме секогаш и ќе знаеме дека не’ чуваш од небото! Лора беше твоето се’ , музиката твојот живот, а јас твоето њоњче и ветерот во грб за да достигнеш се’ што имаше замислено. Последниот наш настап беше толку радосен и толку многу се смеевме, правеше се’ за да сите бидеме среќни и насмеани. Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој. Мојот живот без тебе веќе е тажен, претажен, но се’ што сме сакале Лора да успее ветувам дека ќе го направам, а знам дека ти ќе ми помогнеш од зад облаците! Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно како што ти знаеше да прегрнеш, напиша неговата сопруга Ирена.
Денеска пак, со почеток во 13 часот, ќе биде одржана комеморација за Сара Пројковска-Николовска, во концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје, каде Сара беше професорка по пијано. Придружниот вокал на ДНК исто така загина кобната вечер заедно со уште 58 лица.
Околу 200 лица се повредени и се на лекување во земјава, регионот и странство.
Од денеска, Скопје официјално се поврзува со Париз преку новата авиолинија Скопје – Париз. Утрово на Меѓународниот аеродром во Скопје беше реализиран првиот лет од Париз, од аеродромот Орли до Скопје, операиран од авиокомпанијата Изиџет.
Линијата ќе се реализира два пати неделно и е воведена благодарение на финансиската поддршка од Владата преку Министерството за транспорт, во рамките на Програмата за воведување нови дестинации.
Според договорот, авиокомпанијата Изиџет ќе ја оперира оваа линија од денеска, 2 април, до 31 декември 2027 година, со однапред утврден ред на летови.
„Ова е уште една можност за подобра комуникација и поврзување на Македонија со европските земји и европските метрополи. Париз е атрактивна дестинација за патување, но уште поважно е што ќе носиме туристи во Македонија. Како Влада, создадовме услови кои привлекоа нови авиокомпании, а резултатите веќе се видливи. За краток период воведовме осум нови дестинации од аеродромот во Скопје и две од аеродромот во Охрид. Го променивме моделот на субвенционирање и наместо да се даваат субвенции за заминување, сега даваме финансиска поддршка за патници во доаѓање. Целта ни е што повеќе луѓе да доаѓаат во Македонија, што ќе им овозможи да користат и други услуги во земјата. Оваа стратегија дава конкретни резултати и веќе преговараме со нови авиокомпании за нови дестинации“, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Линијата Скопје-Париз е дел од договорот за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, кој го реализира Министерството за транспорт преку јавен повик за субвенционирање.
Покрај Париз, од Скопје ќе се воведат и нови линии кон Дубаи, Штутгарт, Лион, Барселона, Женева и Амстердам, додека од Охрид ќе бидат воведени линии кон Истанбул и Басел.
Според Програмата за финансиска поддршка за 2025-2027 година, донесена од Владата, предвидени се 360 милиони денари за субвенции за воведување нови авиолинии.
Целта на оваа Програма е да се унапреди авиосообраќајот, да се обезбедат нови дестинации со поволни услови за патување за граѓаните и да се развие цивилното воздухопловство.
Советот на Јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител Коцевски. Шестмина од членовите беа „против“ предлогот на владата за разрешување, а тројца се изјаснија позитивно за разрешувањето.
Аргументите од дискусијата медиумите не можеа да ги слушнат затоа што беше исклучена јавноста со образложение дека ќе се дискутира и за дисциплински постапки но, и поради заштита на интегритетот на и угледот на државниот обвинител но, рекоа дека аргументите јавноста ќе може да ги прочита од записникот од седницата кој во наредниот период ќе биде усвоен и објавен.
Тројцата членови кои го поддржаа предлогот на владата за разрешување на Коцевски се Ардијан Демири и Кети Петкова избрани од Собранието и Маријана Илиеска избрана од обвинителите.
На седницата согласно законските одредби не присуствува државниот обвинител кој инаку е член на Советот на јавни обвинители по функција.
Тој испратил писмен одговор на предлогот за разрешување на владата. Владата најави дека постапката за разрешување на Коцевски во секој случај ќе ја запре поради истрагата за трагедијата во Кочани за, како што рече, да можат обвинителите целосно да се посветат.
Игор Ефтимов, адвокатот на Влатко Кешишев, побара првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо да не присуствува на денешното рочиште во кое Кешишев треба да даде исказ за настанот околу грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска.
Адвокатот Ефтимов го побара ова поради тоа што како што кажа „пред него Кешишев немало да ја зборува вистината“.
Адвокатот на Палчо, Јовица Страшевски се противеше на ова барање.
„Јас се противам на ваквиот предлог од причина што нема потреба од вакви драми и сцени. Истиот може да ја зборува вистината ако ја знае и искрено да си ја каже. А, на Љупчо Палевски мислам дека со тоа би му било оневозможено да го следи исказот и потоа да поставува прашања. Едно јас како бранител да го следам исказот, а друго е кога обвинетиот би го следел и би поставувал прашања кон обвинетите“, рече Страшевски.
Палевски, пак реагираше дека Кешишев се служи во невистини.
„Изнесува факти кои не постојат. Заборави да приложи писмо или пишана изјава од мене со која сум го терал Кешишев да ја потпише. Ова е вторпат пред судот да изнесува лаги, без притоа да приложи било каков доказ дека јас сум давал искази/писма кои требало да се препишат во име на обвинетиот. И затоа го молам судот да бидам присутен, бидејќи на претходните испрашувања не добив ниту еден укор дека сум прекинувал или влијаел на процеси на давање на исказ на обвинетите. Може и со грб кон мене да биде свртен, мене не ми е важно да слушнам што ќе каже“, рече Палчо.
Согласно член 391 став 4, Судот донесе решение обвинетиот Љупчо Палевски – Палчо се оддалечува од судница, рече судијата Ивица Стефановски.
На 25.11 Палчо му дал на Кешишев изјава да ја препише и да ја достави до судот додека во комбе се превезувале од затвор кон суд. Со тоа Палчо влијаел врз Кешишев и поради тоа судот одлучи за мерка за оддалечување на Палчо од судницата.
Адвокатот на Палчо, Страшевски исто така најави напуштање на судењето.
„Јас ќе го напуштам судењето. Ниту е утврден стравот од доктор или вешто лице, но судот да носи вакви одлуки е срамно. Срамот е само на збор кажан, без докази. Ова е само една приказна, која за жал, судот ја прифати. Невозможно е вакво решение да се носи само со зборови од една страна. Во ваква атмосфера јас како бранител на Палевски не можам да учествувам во ваква хајка и драма која непотребно се прави. Барам да повикаме вешто лице да изврши испитување и да видиме дали има страв да говори пред Палевски, а нема страв и понатаму да одговара во постапката на прашања од Палевски“, рече Страшевски.
Судија Стефановски: „Судот го предупредува адвокатот дека ќе биде парично казнет доколку го напушти судењето, и ќе биде избран судија по службена должност.
Судот донесе решение дека не се прифаќа предлогот на адвокатот Страшевски да се донесе вешто лице за да се утврди дали на обвинетиот му е страв.