Балкан
ИЗВЕШТАЈОТ ОД СТРАЗБУР ПОВТОРНО КОНСТАТИРА НЕСПРОВЕДУВАЊЕ НА ПРЕСУДИТЕ НА ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ВО БУГАРИЈА И ГРЦИЈА!
Пишува Тони ГЛАМЧЕВСКИ
Известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа за спроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права, кипарскиот пратеник Констатинос Ефстатиу, во најновиот извештај за кој ќе расправа паневропската асамблеја на својата пролетна сесија во Стразбур денеска (10 април), уште еднаш го истакна случајот, поточно серијата пресуди на Европскиот суд за човекови права на Македонците од Бугарија за нивните неуспешни обиди да регистрираат здруженија или политички партии, како и ескивирањето на извршувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права во Бугарија.
Постојат долготрајни недостатоци во извршувањето одредени пресуди во врска со регистрацијата на одредени здруженија, што е прекршување на членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Имено, кипарскиот пратеник Констатинос Ефстатиу од групата на социјалистите во Парламентарното собрание на Советот на Европа во својата елаборација вчера пред оваа институција, мислеше токму на серијата на пресуди на Европскиот суд за човекови права за Македонците од Бугарија, на неизвршувањето на пресудите од страна на Софија, како и на неуспешните обиди на Македонците во Бугарија да регистрираат здруженија или политички партии. Тој во својот настап пред целата европска јавност ги истакна и Бугарија и Грција, како негативен пример.
Може особено да се наведе одбивање, повеќе од 18 години, да се регистрираат здруженија чија “цел е да се добие признавање на македонското малцинство во Бугарија“ (ОМО Илинден и други против Бугарија). Во овој случај, и покрај различните преземени мерки, Агенцијата за регистрација и бугарските судови сè уште одбиваат да се усогласат со барањата на Конвенцијата.
Слично како и во групата случаи “Бекир Уста против Грција“, каде што грчките судови, вклучувајќи го и Касацискиот суд, постојано и повторувачки одбиваат да го спроведат правото на слобода на здружување организации, спротивно на пресудите на Европскиот суд за човекови права и Конвенцијата, пресуди што чекаат на извршување 17 години. И покрај грчкиот амандман на законот од 2017 година, организациите апликанти сè уште не добиваат реституција во интегрум, главно поради пресудите издадени во 2021 и 2022 година од страна на грчкиот Касациски суд, кој утврдил дека повредите се легални, врз основа на што повеќето беа експлицитно оспорени од Европскиот суд за човекови права – рече Ефстатиу.
Нашите соговорници експерти од Стразбур во тој контекст истакнуваат дека спроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права е приоритет за Парламентарното собрание на Советот на Европа и за Советот на Европа.
Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права без одлагање во согласност со Конвенцијата за човекови права и целосно почитување на владеењето на правото е приоритет за Парламентарното собрание на Советот на Европа и за Советот на Европа бидејќи се однесува на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Прашање е зошто се случува неспроведувањето на пресудите, дали поради недостиг од политичка волја или поради системски проблеми – наведуваат нашите соговорници. Нашите соговорници се согласија дека е неопходен политички притисок врз земјите, бидејќи земјите што не ги спроведуваат пресудите се потписнички на Конвенцијата.
Земјите што не ги спроведуваат пресудите значи дека не го почитуваат Европскиот суд за човекови права, па од суштинско значење е националните парламенти да инсистираат на промени и да се воведат механизми што ќе бидат функционални на национално ниво – се порачува од Стразбур.
Во Стразбур неспроведувањето на пресудите од страна на Бугарија во однос на регистрацијата на здруженијата или политичките партии на лицата кои се декларираат како Македонци или сакаат да ги заштитуваат правата на македонското малцинство во земјата, веќе подолго време се наоѓа меѓу сложените случаи, за што “Нова Македонија“ редовно пишува.
Последниот одговор на Софија до Стразбур во врска со нејзиното неизвршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права за ОМО Илинден содржи безобѕирни манипулации, лаги и клевети.
Бугарската влада во својот последен одговор до Стразбур ја искористи можноста и манипулативно подметна невистини, фингирајќи одговорност на македонската држава, иако таа воопшто не е странка во случајот. Имено, Бугарија го обвини Скопје за “политизирање на прашањето“, при што безобѕирно ја наклевети Македонија за “поткопување на вредностите на Европската конвенција за човекови права“, бесрамно додавајќи во дописот до Стразбур дека “инструментализацијата од страна на Република Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права“.
Ова се цитирани извадоци од дописот на Софија до Стразбур, до кој дојдовме како дописништво. Натаму, официјална Софија клевети и импутира невистини во својот допис дека “високи функционери во Република Македонија, вклучувајќи и од највисоко државно и владино ниво, шират во медиумите лажни тврдења во однос на оваа група пресуди, истовремено поттикнувајќи говор на омраза и дискриминација кон Бугарите во Република Македонија. Имено, претседателот, премиерот, различни министри и пратеници на Република Македонија речиси секојдневно се осврнуваат на оваа група случаи во медиумите и меѓународните форуми на неточен и погрешен начин“, се наведува во дописот на Софија до Стразбур до кој дојде “Нова Македонија“.
Инструментализацијата од страна на Република Македонија за политички цели на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е во спротивност со словото и духот на Европската конвенција за човекови права. Тоа ги поткопува кредибилитетот и ефективноста на целиот систем на Конвенцијата и треба веднаш и безусловно да се прекине – најбезобѕирно сугерира Софија до Советот на Европа.
Наскоро се навршуваат две децении од првата конечна пресуда од Европскиот суд за човекови права во групата пресуди “ОМО Илинден и другите против Бугарија“
За потсетување, наскоро ќе се навршат две децении од првата конечна пресуда од Европскиот суд за човекови права во групата пресуди “ОМО Илинден и другите против Бугарија“, односно неоправданото одбивање на бугарските судови да регистрираат здружение што бара „признавање на македонското малцинство во Бугарија“. Според секретаријатот на Комитетот на министрите на Советот на Европа, и покрај различните мерки усвоени од бугарските власти меѓу 2018 и 2024 година за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација, здруженијата што имаат цел “да добијат признавање на македонското малцинство“ и понатаму се редовно одбивани за регистрација од причини што се чини дека се поврзани со поширок проблем на неодобрување на нивните цели и кои предизвикуваат сериозни сомнежи во однос на капацитетот на овој механизам да обезбеди испитување на барањата на апликантите во согласност со Конвенцијата.
Седумдесет и пет години постоење на Европската конвенција за човекови права
Годинава се одбележува 75-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права. Во таа перспектива Парламентарното собрание на Советот на Европа ги слави историјата и извонредното влијание на системот воспоставен со овој единствен инструмент.
Конвенцијата и Европскиот суд за човекови права придонесоа за промовирање на мирот на континентот, со што Судот ја доби наградата за мир во Дрезден во јануари 2025 година. Конвенцијата и Судот исто така придонесоа за консолидирање на демократијата и владеењето на правото на нашиот континент и создавање огромен правен простор во кој секој може да биде заштитен во случаите на повреда на човековите права и да се обесштети. Тие до денес го претставуваат најнапредниот наднационален систем во светот за заштита на човековите права.
Затоа Парламентарното собрание на Советот на Европа редовно потсетува на недвосмислената обврска на државите членки на Конвенцијата да ги извршуваат пресудите на Судот навремено и ефективно. Тој понатаму нагласува дека државите членки се обврзани да ги почитуваат привремените мерки наведени од Евроипскиот суд за човекови права, бидејќи тие се од суштинско значење за да се обезбеди ефективно спроведување на пресудите.
Превземено од порталот новамакедонија.цом.мк
Балкан
Вучиќ повикува на заеднички европски пат за целиот Балкан
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, влезе во дипломатска преписка со српскиот претседател Александар Вучиќ околу европската иднина на Западен Балкан, најавувајќи дека Подгорица не планира да чека никого.
Спајиќ изрази делумна согласност со предлогот на Вучиќ целиот регион истовремено да влезе во Европската унија (ЕУ), но со јасна и самоуверена порака: Црна Гора својот влез го гледа веќе во 2028 година.
„Се согласувам дека ЕУ треба да биде крајната дестинација за целиот Западен Балкан. Сепак, ние ќе ве чекаме таму веќе во 2028 година и ве охрабруваме навистина да побрзате и да ги забрзате другите кандидати од регионот“, објави Спајиќ на социјалната мрежа X, пренесува Анадолија.
Само еден ден претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ на форумот BELTALKS во Белград ја лансираше идејата за колективен прием на сите земји од Западен Балкан, тврдејќи дека тоа е најдобрата опција за стабилност и решавање на отворените прашања.
„Ако прифатите еден, двајца или тројца од нас, што ќе правиме тогаш со другите? Како ќе ги решиме сите отворени прашања?“, запраша Вучиќ, потенцирајќи дека заедничкиот прием би бил најголем придонес за стабилноста на регионот и Европа.
Вучиќ најави дека оваа идеја ќе ја покрене на состанокот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Сепак, одговорот на Спајиќ сугерира дека Црна Гора, како предводник во преговорите, не е подготвена да го забави своето темпо и испраќа директен предизвик до другите балкански земји да го следат нејзиниот пример.
Балкан
Вучиќ предлага сите земји од Западен Балкан истовремено да влезат во ЕУ
Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека единствена стратегија за стабилен Западен Балкан е сите кандидати од регионот да станат членки на Европската Унија истовремено. Изјавата ја даде на форумот „BELTALKS: Белградски економски разговори“, организиран од GLOBSEC.
„Ако прифатите еден, двајца или тројца од нас, што ќе правиме со останатите? Како ќе ги решиме отворените прашања? Дајте сите да се чувствуваме добро“, рече Вучиќ, додавајќи дека само Европа без внатрешни граници може да гарантира стабилност и напредок за народите во регионот.
Претседателот истакна дека со овој колективен пристап србите, Бошњаците, Албанците и Хрватите ќе се чувствуваат подобро и дека токму тоа ќе го пренесе на средбите во Брисел со Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.
Во врска со кризата околу Нафтената индустрија на Србија, Вучиќ наведе дека државата ќе ја штити својата економија и инвестициски рејтинг, наведувајќи три можни решенија, вклучително и интервенција на државата.
На крајот од говорот, Вучиќ предупреди дека светот се движи кон нова голема војна во следните осумнаесет месеци, но истакна дека Србија ќе продолжи да се однесува воздржано и одговорно, и покрај притисоците од соседите.
Балкан
Албанија станува центар за мигранти на балканот?
Албанската Влада го одобри Националниот план за непредвидени ситуации за периодот 2026-2028, со цел да ги подготви институциите за зголемените миграциски текови на територијата на земјата.
Според документот, прифатните центри нема да се концентрираат во еден град, туку ќе бидат распределени според мапата на миграциските текови и главните премини, особено во југoисточните и јужните региони – Корча, Ѓирокастро и Валона. Планот предвидува сместување на мигранти од Авганистан, Пакистан, Иран, Сирија, Либан и Газа, кои Албанија и Србија ги користат како транзитна рута кон Грција.
Националниот план ја нагласува улогата на централните и локалните институции во управувањето со кризата, вклучувајќи итно сместување, храна, здравствена заштита и психосоцијална поддршка за мигрантите. Албанските власти посочуваат дека целта е да се гарантираат правата на мигрантите и ефикасно управување со тековите на миграција.
Албанија веќе има прифатен центар во Лежа, во пристанишниот град Шнѓин, и сместувачки камп во Ѓадр, кои, и покрај изградбата пред две години, не профункционираа поради одлуки на судот во Рим. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, сепак, најави дека нивната работа наскоро ќе биде активирана.
Националниот план стапува на сила по објавувањето во Службен весник и ќе служи како правна основа за сите теренски акции за управување со миграцијата, при што се нагласува географската улога на Албанија во балканската миграциска рута кон Централна Европа.
Трендинг
-
Црна Хроника7 days agoПолициска акција: Уаспени Украинки во Горно Седларце – МВР со детали
-
Црна Хроника3 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Балкан3 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Република6 days agoЕве од кога ќе почнат да работаат камерите од „Безбеден град“ во Тетово и Куманово
-
Црна Хроника5 days agoПолицијата го лоцираше украденото „Ауди“ за неколку часа – младиот тетовец уапсен!
-
Црна Хроника15 hours agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Скопје6 days agoСекое застанување на булевар на „пет минути“ ќе се санкционира, вели Топаловски
-
Економија3 days agoКинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка















