Connect with us

Свет

Џеј Ди Венс: Мојата порака до Европа – Америка не сака континент вазал

„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“, вели американскиот потпретседател

Има барем еден мејнстрим европски политичар чиј фан е Џеј Ди Венс: иконскиот француски повоен лидер Шарл де Гол.

Во интервју за британската веб-страница за вести и мислење UnHerd, американскиот потпретседател рече дека Де Гол – кој го предводеше францускиот отпор во Втората светска војна против нацистите и беше претседател од 1959 до 1969 година – има право кога станува збор за европската воена независност.

Де Гол „ги сакаше Соединетите Американски Држави“, рече Венс, „но [тој] го препозна она што јас секако го препознавам, дека не е во интерес на Европа и не е во интерес на Америка, Европа да биде постојан безбедносен вазал на Соединетите Држави“.

Коментарите на Венс пристигнуваат додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп постојано ги прозива европските престолнини поради нивното претерано потпирање на американската воена моќ за сопствена одбрана, додека постојано навестува дека САД нема да им помогнат на сојузниците во НАТО кои не инвестираат во сопствената безбедност. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, исто така, предупреди дека американското воено присуство во Европа не е „вечно“.

Трамп сака земјите од НАТО да потрошат 5 отсто од својот БДП на одбраната – што е нагло зголемување од сегашната цел на Алијансата од 2 отсто, која треба да се зголеми на самитот во Хаг ова лето.

„Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“, рече Венс. „Само навраќање низ историјата, мислам – искрено – Британците и Французите беа секако во право во нивните несогласувања со Ајзенхауер за Суецкиот канал“.

Во 1950-те, американскиот лидер Двајт Ајзенхауер ги принуди Лондон и Париз, пред Де Гол да стане претседател, да се повлечат од воената интервенција за да ја вратат контролата врз Суецкиот канал од Египет, што беше клучно за економските и колонијалните интереси на земјите.

Со исклучок на Британија, Франција и Полска, „повеќето европски нации немаат војска што може да обезбеди нивна разумна одбрана“, тврди Венс. „Реалноста е – тоа е безусловно да се каже, но исто така е точно – дека целата безбедносна инфраструктура на Европа, за целиот мој живот, беше субвенционирана од Соединетите Американски Држави“.

Де Гол, чие размислување го обликуваше Суец, честопати предупредуваше дека Европејците треба да бидат понезависни од САД и работеше на тоа да ја направи француската војска поавтономна, вклучително и со развивање нуклеарно оружје и моќна одбранбена индустрија. Тој инспирираше децениски притисок за она што сегашниот француски претседател Емануел Макрон сега го нарекува „стратешка автономија“.

Венс исто така размислуваше за европскиот одговор на американската инвазија на Ирак во 2003 година, која според него се претвори во „стратешка катастрофа“.

Додека САД се подготвуваа да го нападнат Ирак во 2003 година, многу европски нации, вклучително и Франција и Германија, се спротивставија на упадот, додека Британија ги поддржа САД.

Тој рече дека „многу европски нации беа во право“ што се сомневаа во војната во Ирак и тврди со скудни докази дека Европа можеше да ја запре доколку „бише малку понезависна и малку поподготвена да застане“.

Потпретседателот – кој претходно започна жестоки напади на стариот континент поради миграцијата и слободата на говорот – се обиде да ублажи дел од неговите критики нагласувајќи ја својата „љубов“ кон Европа.

„Ги сакам европските луѓе. Повеќепати реков дека мислам оти не можете да ја одделите американската култура од европската култура“, рече тој. „Ние сме во многу нешта производ на филозофии, теологии и, се разбира, моделите на миграција што излегоа од Европа што ги лансираа Соединетите Американски Држави“.

Но, додаде Венс, „европските лидери радикално недоволно инвестираа во безбедноста и тоа мора да се промени“.

Тој, исто така, повторно испрати отровни стрели кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е најновиот чин во војната на зборови меѓу двајцата политичари, која започна со нивната остра размена на Овалната соба во февруари, кога Венс го обвини Зеленски за „непочитување“.

Во интервју за американската информативна програма „60 минути“ во неделата, Зеленски го обвини потпретседателот дека „некако ја оправдувал“ руската инвазија и станал плен на дезинформациите на Москва.

Венс возврати, велејќи дека „некако еапсурдно Зеленски да ѝ каже на [американската] влада, која моментално ја држи целата негова влада и воените напори заедно, дека некако сме на страната на Русите“.

Тој, исто така, повтори дел од неговите критики на европските лидери за миграцијата и интеграцијата, велејќи дека „европското население продолжува да повикува за поразумни економски и миграциски политики, а лидерите на Европа продолжуваат да минуваат низ овие избори и продолжуваат да им нудат на европските народи спротивното од она за што се чини дека гласале“.

Тој, исто така, повика на посилна Европа, велејќи: „Не сакам Европејците да прават се што ќе им кажат Американците. Мислам дека тоа не е во нивен интерес, ниту мислам дека е во наш интерес“.

Advertisement

Свет

Судски дуел помеѓу Трамп и Би-би-си

Доналд Трамп тргна во силен правен противнапад против британскиот медиумски гигант Би-Би-Си (BBC), поднесувајќи тужба „тешка“ неверојатни 5 милијарди долари. Поранешниот и иден американски претседател тврди дека реномираната емисија „Панорама“ извршила брутална медиумска манипулација со неговиот говор од 6 јануари 2021 година, свесно искривувајќи ја вистината пред очите на светската јавност.

Во тужбата поднесена пред судот во Флорида, правниот тим на Трамп го обвинува британскиот јавен сервис за клевета и грубо кршење на законите за трговски практики. Срцето на спорот е контроверзниот документарец емитуван непосредно пред изборите во САД во 2024 година. Според адвокатите, Би-Би-Си извршиле „намерно, злонамерно и измамничко манипулирање“ со зборовите на Трамп, лепејќи две посебни изјави изречени во временски интервал од 50 минути за да создадат привид на директен повик за насилство.

„Морав да го направам ова. Тие измамија. Ги сменија зборовите што излегоа од мојата уста“, изјави решително Трамп пред новинарите.

Иако Би-Би-Си призна дека монтажата создала „лажен впечаток“, тие упорно одбиваат да исплатат отштета, тврдејќи дека нема правна основа за клевета. Сепак, скандалот веќе предизвика вистински институционален земјотрес во Велика Британија. По протекувањето на интерна белешка во која се критикува новинарската етика на прилогот, оставки поднесоа најмоќните луѓе во куќата: генералниот директор Тим Дејви и директорката на информативната програма Дебора Тернес.

Правната одбрана на Би-Би-Си се потпира на аргументот дека документарецот бил наменет исклучиво за британскиот пазар и дека Трамп не претрпел штета, со оглед на неговата победа на изборите. Сепак, тужбата на Трамп нуди поинаква перспектива.

Трамп тврди дека постоеле лиценци за глобално прикажување. Се нагласува дека жителите на Флорида масовно го гледале спорниот материјал преку VPN мрежи и платформата BritBox. Тужбата инсистира дека угледот на Трамп бил цел на напад токму во неговата база, Флорида.

Останува да се види дали американскиот суд ќе го прифати овој случај кој ветува дека ќе стане еден од најскапите и најзначајните судски процеси во историјата на односите меѓу политиката и медиумите.

Continue Reading

Свет

Силна експлозија во Франција – петмина повредени

Силна експлозија ја погоди приземјето на една помала зграда во градот Тревос, во близина на Лион, вечерва околу 18 часот, при што пет лица се повредени, објави „Фигаро“.

Експлозијата предизвикала делумно уривање на фасадата на зградата, а спасувачките екипи брзо интервенирале. Жртвите добиле медицинска помош на лице место, додека педесет пожарникари со 36 возила и медицински служби биле мобилизирани за да им пружат помош на повредените.

Како мерка на претпазливост, средното училиште лоцирано во непосредна близина било веднаш евакуирано. Локалните власти започнаа истрага за да се утврди точната причина за експлозијата.

Continue Reading

Свет

Фолксваген стави крај на автомобилското производство во Дрезден

Фабриката на Фолксваген во Дрезден, позната како „Транспарентна фабрика“, ќе ја прекине производството на автомобили, а последното возило ќе излезе од производната лента во вторник, објави „Фајненшел тајмс“.

Одлуката е дел од стратегијата на германскиот производител за намалување на трошоците и оптимизација на работењето во Германија. Компанијата минатата година најави намалување на бројот на вработени за 35.000, а финансиските предизвици се делумно резултат на намалената побарувачка на кинескиот пазар и промените во американската трговска политика, пренесува Seebiz.

Идната улога на фабриката ќе биде иновациски кампус кој ќе ги обедини ресурси на VW групацијата, сојузната покраина Саксонија и Техничкиот универзитет во Дрезден (TU Dresden). Просторот ќе се фокусира на развој на вештачка интелигенција, роботика, микроелектроника и дизајн на чипови, при што универзитетот ќе заземе речиси половина од објектот.

Фолксваген и TU Dresden планираат заеднички инвестиции од над 50 милиони евра (58,3 милиони долари) во следните седум години, со цел да се поттикнат иновациите и истражувањето во високотехнолошки области.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг