Компанијата Алказар (Alcazar Energy Partners -AEP), водечки независен менаџмент на инфраструктурни фондови фокусиран на развој, финансирање, изградба и работа на проекти за обновлива енергија од комунален размер на растечки пазари, потпиша договор за поддршка на развој со Меѓународната финансиска корпорација (IFC), членка на групацијата Светска банка. Договорот му обезбедува на Алказар пристап до средства за развојна поддршка за Фаза I од ветерниот парк Штип, најголемиот проект за ветерна енергија во Македонија, зајакнувајќи ја посветеноста на двете страни за мобилизација на приватен капитал за одржлива инфраструктура на стратешки растечки пазари.
Церемонијата на потпишување се одржа на маргините на Самитот за ESG Адриа во Порто, Црна Гора и присуствуваа високи претставници на Владата на Македонија, заедно со Тим Шихан, виш директор во AEP и Патрик Авато, менаџер за енергија и инфраструктура во Европа при IFC.
Фаза I од проектот за ветерниот парк Штип ќе почне со изградба во текот на годинава. Вкупниот инсталиран капацитет, по завршувањето на сите фази, ќе изнесува околу 400 MW. Проектот, кој ќе обезбеди чиста и сигурна енергија за над 100.000 домаќинства и ќе намали емитување на СО2 до 690.000 тони годишно, претставува значаен чекор кон зајакнување на енергетската безбедност и целите за обновлива енергија на Македонија. Вкупната инвестиција се проценува на 500 милиони евра.
Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер во Alcazar Energy Partners, изјави: „Нашето континуирано партнерство со IFC е клучно во напредокот на ветерниот парк Штип. Заедно, не само што ја унапредуваме енергетската транзиција, туку и ја поддржуваме економската развојна и долгорочната енергетска безбедност. Очекуваме да испорачаме проект што ќе донесе трајна вредност за заедницата и ќе ги зајакне одржливите амбиции на Северна Македонија.“
AEP моментално напредува со деталниот дизајн на проектот и ангажира водечки инженери, еколошки, правни и социјални советници за да обезбеди усогласеност со највисоките меѓународни стандарди.
Ветерниот парк Штип е првиот проект на AEP во Македонија и ја одразува стратегијата на компанијата за проширување во Западен Балкан, каде што веќе има стекнато портфолио од 1,5 GW на зелени проекти за ветерна и соларна енергија, кои ги поддржуваат националните цели и глобалните климатски заложби.
Патрик Авато, менаџер за инфраструктура и енергија во Европа при IFC, изјави: „IFC и Alcazar Energy Partners имаат изградено стратешко партнерство повеќе од една деценија, соработувајќи на развој на одржливи енергетски проекти во земји во развој. Ветерниот парк Штип е природно продолжение на оваа соработка, насочена кон зголемување на пристапот до достапна и чиста енергија – суштинска за економска конкурентност и раст. Освен што ќе ја зајакне енергетската безбедност на земјата, проектот ја одразува и посветеноста на IFC за поддршка на одржливи енергетски решенија што ги исполнуваат меѓународните стандарди и придонесуваат за праведна енергетска транзиција во регионот.“
Цените на бакарот достигнаа историски рекорд на светските пазари. Во петокот, металот се тргуваше над 11.700 долари за тон, откако „Сити“ ја зголеми својата целна цена поради ограничената понуда. Иако во изминатата недела цената благо се намали, бакарот останува близу највисоките нивоа досега.
Покрај тоа, златото продолжува да ја привлекува вниманието на централните банки. Оваа година, златото за прв пат од 1996 година сочинува поголем дел од резервите на централните банки отколку американските државни обврзници. Од 2010 до 2021 година, централните банки купуваа просечно 473 тони злато годишно, додека во 2022 година набавките достигнаа рекордни 1.136 тони, а минатата година 1.045 тони.
Кинескиот канал Солун–Дунав повторно актуелен: Македонија би била клучна транзитна точка
Кина повторно го разгледува амбициозниот план за изградба на воден канал кој би го поврзал Егејското Море со Дунав преку реките Вардар и Морава – проект што би можел драматично да го скрати транспортот на стоки од Азија кон Европа за околу 1.000 километри. Иницијативата, вредна околу 17 милијарди долари, се разгледува како дел од глобалната стратегија „Еден појас, еден пат“, пишува N1 БиХ.
Каналот би минувал низ Грција, Македонија, Косово и Србија, што го прави регионален проект од извонредно геостратешко значење. Воедно, завршувањето на ваквиот воден пат би претставувало силен удар за Турција, бидејќи голем дел од меѓународниот транспорт би се одвивал надвор од Босфорот и Дарданелите.
Според досегашните студии што ги изработи China Gezhouba Group, проектот е технички изводлив. Предложениот коридор би го поврзал Солун со Дунав преку Вардар и Морава, со потреба од значителни градежни интервенции, продлабочување на коритата и отворање нови канали, вклучително и делници во региони како Прешевската Долина.
Клучни аспекти на проектот:
Стратешка вредност: Каналот би овозможил алтернативен европски воден пат, со значително намалени трошоци и време на транспорт. Инфраструктура: Бара огромни инженерски зафати – проширување на постојните речни корита, нови канали и современи водени патишта. Регионална соработка: Кина води разговори со Србија, Косово, Македонија и Грција, но конечна согласност сè уште нема. Еколошки предизвици: Промените во природните речни текови и потенцијални дислокации на население се меѓу најконтроверзните прашања. Геополитика: Проектот би го зајакнал кинеското влијание на Балканот и би ја намалил улогата на Турција во регионалниот транспорт.
Концептот за водна врска меѓу Дунав и Егејското Море не е нов – идејата постои уште од 19 век. Во 1907 година американска инженерска комисија го разгледувала истиот проект, но војните и политичките кризи во Европа повеќепати го одложуваа.
Денес, Солун се смета за најлогична точка за влез во овој замислен воден коридор кон Централна Европа. Доколку планот се реализира, Грција би добила значајна логистичка предност, а Балканот би станал клучна раскрсница за копнен и воден транспорт меѓу Истокот и Европа.
Разговорите продолжуваат, а судбината на проектот зависи од политичката волја на балканските земји и геополитичката рамнотежа во регионот.
УЈП изрече забрани за работа на 113 фирми поради неиздавање фискални сметки
Секоја четврта контрола на Управата за јавни приходи открива дека даночните обврзници не издаваат фискални сметки. Од околу 4.000 спроведени контроли, изречени се повеќе од 2.500 казни, а кај 113 правни субјекти е изречена мерка забрана за вршење дејност.
„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет“, информираат од УЈП.
Инспекциските служби утврдиле и други неправилности, меѓу кои неуплаќање на дневниот промет на банкарска сметка и неводење книга на дневни финансиски извештаи.