Connect with us

Република

Кредит од еден милион евра од ЕИБ заглавен во Советот на Битола

Мнозинството во битолскиот совет гласаше воздржано за кредитот кој треба да биде употребен за седум проекти во општината

БИТОЛА – Мнозинството советници во битолскиот Совет гласаше воздржано за кредит од 1 милион евра од Европската инвестициска банка наменет за седум проекти за Битола. Со овие пари треба да се реконструираат водоводните мрежи и канализации на пет улици меѓу кои и Булеварот „1 мај“, изградба на водноснабдителен систем за село Лисолај и изградба на фекална канализација за потпелистерското село Трново, во втора фаза.

Советници на СДСМ и коалицијата, Левица и „Поинаку“, вкупно 16 гласа беа воздржани, додека 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа „за“ прифаќање на две точки кои требаше да поминат преку Советот во врска со грантот.

„Предлагам точките да не се гласаат и тие да бидат образложени на Комисија за финансии во текот на оваа недела, ако се итни можеме да ги поминеме на вонредна седница. До овој момент немаме никаква информација“, рече претседателката на Советот, Габриела Илиевска непосредно пред гласањето.

Лани во ноември новата влада објави дека нови 50 милиони евра, кредит од Европската инвестициска банка, кои биле обезбедени, но не и искористени, ќе им бидат на располагање на општините. Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити кажа дека се работи за средства кои се добиени во времето на претходната власт, но досега не се реализирани, а се наменети за еколошки проекти, за хортикултурно разубавување на општините и за подземна инфраструктура – канализации, водоводи. Меџити рече дека –„Парите се веќе добиени, плаќаме и камата, но не се искористени.“ 

На советничката расправа, образложението на советниците од ВМРО-ДПМНЕ беше дека државата зела заем, а не дека ќе земе Општина Битола. Односно дека за реконструкција на водоводни линии и канализациони мрежи проектите ќе се одвиваат со тендери преку Министерството за животна средина, а битолскиот Совет треба да даде согласност за градоначалникот Тони Коњановски да го потпише договорот со Министерството за животна средина.  

„Доделени ни се милион евра од заемот и треба да ги искористиме. Сите општини земаат финансиски средства. Очигледно се нема желба да се искористат овие финансиски средства. И да не ги искористиме овие средства ќе треба да го враќаме заемот. Функционираат тие водоводни линии и канализациски мрежи, само што се стари и дотраени, имаме дефекти. Сега зборуваме за нови водоводни и канализациски мрежи“, образложи Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ.     

Илиевска рече: „Не ни се доделени, некој ќе треба да ги враќа. Сега зборуваме дали сакаме да се дозаглавиме. Инвестициска банка ја лажите дека имаме рентабилни јавни претпријатија… Како ќе си гласам е мое лично убедување, не можете да ми вршите притисок“, реча таа во текот на расправата.

Ситуацијата со заемот од Европската инвестициска банка најде паралела и со европските пари што во 2023 година требаше да бидат наменети за нови велосипедски патеки во Битола во висина од 400 илјади евра, но Советот не даде зелено светло да се искористат. Општината сега ги прави од својот буџет.  

„Значи градоначалникот не може да потпише ништо без одобрение на Совет, така?“, праша Илиевска. 

Бојковски одговори:„Така побарува сега донаторот“.

На ова Илиевска додаде: „Така побаруваше и за велосипедските патеки, па си потпиша анекс на договор без одобрение на Советот“, рече таа.  

Нејасно за што се зема заемот беше и за СДСМ. Советникот Петар Николовски, побара увид во проектот.

„Го бараме договорот за грант меѓу Општина Битола и Министерството за животна средина за да знаеме што гласаме за да не биде после дека сме против европски пари, заедно да донесеме одлука за доброто на градот“, рече Николовски. 

Советничка од Демократскиот сојуз на Власите, Елизабета Тодоровска праша што ако некој од водоводните проекти не биде ставен во функција тогаш кој ќе ја надомести штетата. На ова Бојкоски рече дека се работи за веќе постојни линии на водоводот кои се функционални.

Откако за заемот не се даде зелено светло од Советот, Бојкоски излезе на булеварот и обвини дека „ваквото одбивање и деструктивно однесување се случува по втор пат за проекти финансирани од ЕУ.“

Денеска јавно реагираше и градоначалникот Тони Коњановски велејќи дека е разочаран и дека е веќе видена состојба на надмудрување во Советот на општина Битола – „добиваме наше битолско одбивање на средства од Европската унија. Оваа постапка е веќе еднаш видено во општинскиот Совет, за одбивање на средства од Европската Унија. Не е добро ова однесување. Сите губиме на овој начин“, рече Коњановски.

Извор: nezavisen.mk

Advertisement

Република

Системот „Безбеден град“ ќе санкционира само сериозни прекршоци, најавува Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека системот „Безбеден град“ ќе се спроведува со прецизно дефиниран праг на толеранција, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и јавниот простор, а не казнување по секоја цена.

Тошковски нагласи дека системот ќе биде насочен кон препознавање и санкционирање на сериозни и опасни прекршоци, особено оние кои директно го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Според него, целта е да се воспостави ред и превенција, а не репресија без разум.

„Ќе има јасни правила, транспарентност и точно утврдени критериуми. Граѓаните ќе знаат што се санкционира и зошто. Системот нема да биде лов на прекршители, туку алатка за заштита на човечки животи“, потенцираше министерот.

Проектот „Безбеден град“ предвидува користење на современи технолошки решенија, камери и софтвер за следење на сообраќајот, со што ќе се подобри контролата и ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи.

Министерството најави дека имплементацијата ќе оди фазно, со претходна информираност на јавноста и соодветен период за прилагодување, со цел граѓаните навремено да се запознаат со новиот систем и неговото функционирање

Continue Reading

Македонија

Судот одреди 30 дневен притвор за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа

Судот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој е осомничен во предмет поврзан со обид за поткуп во правосудството.

Според информациите од надлежните институции, Стафа се сомничи дека се обидел да влијае врз судска одлука преку нудење поткуп, што претставува сериозно кривично дело против правдата. Притворот е определен поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и повторување на делото.

Обвинителството наведува дека истрагата е во тек и дека се прибираат дополнителни докази поврзани со случајот, додека одбраната најави дека ќе ги користи сите законски средства за оспорување на мерката.

Случајот предизвика силен интерес во јавноста, имајќи ја предвид функцијата што Стафа ја извршувал во минатото, а надлежните порачаа дека борбата против корупцијата во правосудниот систем останува еден од приоритетите.

Continue Reading

Македонија

Екс-правобранителот  Фехми Стафа приведен за мито – барал 100.000 евра, фатен со 50.000

Поранешен државен правобранител е уапсен поради сомнежи за примање мито, откако бил фатен со дел од побараната сума во негово поседување, соопштија надлежните истражни органи.

Според објавените информации, правобранителот се сомничи дека побарал мито од 100.000 евра во замена за поволно уредување на службени активности. При акцијата на полицијата, тој бил фатен додека држел 50.000 евра, што претставува дел од побараните средства.

Надлежните органи потврдуваат дека случајот е во фаза на истрага, а против екс-правобранителот ќе биде подготвена соодветна кривична пријава. При приведувањето биле обезбедени и други материјални докази што ќе бидат дел од доказната постапка.

Од истрагата информираат дека овој случај еден од повеќето што ги третираат злоупотребите на службената положба и корупцијата во јавните институции, со цел да се испрати јасна порака дека недозволиви практики нема да бидат толерирани.

Осомничениот е задржан во полициска станица, а во наредните денови обвинителството ќе се изјасни за понатамошните мерки и евентуални притворски предлози.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг