Цените во Хрватска веќе вртоглаво растат: Топка сладолед до 3,5 евра, пица и до 15 евра
Иако летната туристичка сезона сè уште е на самиот почеток, угостителските објекти во Хрватска веќе ги отворија своите врати – заедно со ценовниците кои предизвикаа изненадување кај првите посетители.
„Овој викенд имавме околу 2000 гости во кампот – и со камп-приколки и со мобилни куќички. Отворивме, но не знаеме дали ќе продолжиме од понеделник. Нема работна сила,“ изјави келнерка од кафе-бар во Биоград на море за хрватските медиуми.
Според неа, цените моментално се задржани на нивото од минатата година, но се очекува зголемување од најмалку половина до еден евро по артикл со почетокот на главната сезона. „Сè уште е поисплатливо да се јаде надвор отколку да се купува и готви дома,“ додаде друга келнерка од ресторан кој веќе работи со полн капацитет.
Во меѓувреме, дел од угостителите се подготвуваат за пикот на сезоната со обнова на објектите – се поставуваат нови кровови, се реновираат ентериери, и сè е насочено кон подобро искуство за туристите.
Според извештајот на „Вечерњи лист“, цените и покрај сè сè уште се сметаат за „прифатливи“, но со јасен тренд на поскапување.
Топка сладолед чини од 2 до 3,5 евра
Уштипци се нудат по 5 евра
Лепиња во масло – 4 евра
Класични пици – од 11 до 15 евра, во зависност од состојките
Коктели – меѓу 6 и 10 евра, со варијации од објект до објект
„На самото пристаниште платив помалку за кафе со млеко отколку во соседен кафе-бар во Загреб – 1,80 евра, што пријатно ме изненади. Но, во кафе-бар на 200 метри од таму, истото кафе чини 2,20 евра. Кока-кола е околу 3,50 евра, лимонада – 3 евра,“ раскажува посетителка од Загреб.
Цените во продавниците и трговските центри генерално се слични како во копнениот дел на земјата. Сепак, во помалите приватни продавници цените се нешто повисоки – пракса што туристите одамна ја препознаваат.
Она што навистина изненадува е тоа што одредени кафе-барови, киосци, па дури и месарници, сè уште не прифаќаат плаќање со картичка – што претставува отстапување од европските стандарди за туристичка инфраструктура.










