Connect with us

Економија

Почна јавниот повик за самовработување: Финансиска поддршка до 10.000 евра за нов бизнис

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, и директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, денеска официјално го отворија јавниот повик за мерките 1.1 и 1.2 од Оперативниот план за вработување за 2025 година. Повикот е насочен кон поддршка на самовработување на невработени лица регистрирани во Агенцијата.

Мерката 1.1 предвидува финансиска поддршка од 430.500 денари (7.000 евра) за лица над 29 години, додека мерката 1.2 е наменета за млади до 29 години и нуди до 615.000 денари (10.000 евра) за основање сопствен бизнис. Обете мерки вклучуваат и претприемничка обука, подготовка на бизнис план и шестмесечно менторство.

„Овие мерки се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во локалната економија“, изјави министерот Дурмиши. Директорот Белули додаде дека мерките ќе овозможат одржливо вработување и рамномерна економска распределба низ сите осум плански региони.

Интересот за мерките е голем, а до 10:30 часот утрово веќе се поднесени над 200 апликации. Центрите на Агенцијата низ целата земја се подготвени за прием и обработка на пријавите.

Владината портпаролка Венера Азизи потсети дека со Оперативниот план за 2025 година ќе бидат опфатени над 16.000 граѓани, со рекорден буџет од 40 милиони евра. Таа истакна дека мерките се насочени кон поправеден и поинклузивен пазар на труд, со посебен фокус на младите, развојот на вештини и претприемништвото.

Advertisement

Економија

Николоски: Владините политики во авиосообраќајот носат конкретни резултати

Политиките на Владата во областа на авиосообраќајот веќе даваат мерливи резултати, при што Скопје се позиционира како апсолутен лидер во регионот за првиот квартал од 2026 година, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Според официјалните податоци, во периодот јануари–март 2026 година, скопскиот аеродром нуди дополнителни 316.528 седишта во споредба со истиот квартал од 2025 година, што претставува значаен раст на авиокапацитетите и зголемена поврзаност на државата со европските и светските дестинации.

Николоски нагласи дека овој раст е резултат на стратешките мерки за привлекување нови авиокомпании, отворање нови линии и зајакнување на конкурентноста на македонските аеродроми, со директен позитивен ефект врз туризмот, бизнисот и економскиот развој на државата.

Continue Reading

Економија

Македонија меѓу лидерите во енергетските реформи, извештај на Енергетската заедница

Македонија заедно со Србија и Молдавија бележат најголем реформски моментум, регистрира Енергетската заедница за сработеното во 2025 година кога енергетиката е во прашање.

Во најновиот Годишен извештај на Енергетска заедница во кој се мониторира имплементацијата на реформите во земјите членки се нотира дека „Северна Македонија и Србија докажаа дека може да се постигне ефикасно спроведување на законодавството на Европската унија за интеграција на пазарите на електрична енергија, како и координативно работење и управување со системите во насока на обезбедување на сигурност во снабдувањето и ова е поткрепено со нивниот видлив напредок во реформите на пазарот на електрична енергија“, соопштија денеска од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Во делот посветен на (РКЕ) од Виена ја потенцирале проактивноста на регулаторот во спроведување на Законот за енергетика и мониторинг врз усогласеноста со раздвојувањето.

– Во извештајот е нотирано спроведувањето на законски утврдените надлежности во поглед на мониторинг на раздвојувањето и регулаторно делување преку одобрување тарифи за пренос и дистрибуција, годишни планови за одржување за МЕПСО, ОПС и дистрибутивните компании, како и Развојниот план за период од пет години за ОДС. Мрежните правила за дистрибуција на гас се усвоени – појаснуваат од РКЕ.

Посебен дел во Годишниот извештај е посветен за законодавството и правилата кои значат јакнење на отпорноста и менаџирањето на сајбер ризиците.

– Правила за Сајбер безбедност, усвоени од РКЕ се спроведуваат од јуни 2023 година. РКЕ одобри инвестиции за претпријатија за да се започне спроведувањето на ISO 27001 стандард – се наведува во извештајот каде било регистрирано и формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација, како и усвојување на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.

Енергетската заедница оценува дека практичното спроведување на мрежните правила, транспарентното доделување на капацитети и транспонирањето на новите регулаторни рамки – се најголемите предизвици за земјите членки на Енергетската заедница но и за Европска Унија воопшто. Сепак, велат од РКЕ, спроведувањето на мрежните правила на цела територија на ЕУ до август 2026 година се очекува да биде силен поттик за интеграција на регионалните пазари.

Continue Reading

Економија

Рекорд на пазарот на недвижности: Во Дубаи продаден пентхаус за над 127 милиони евра

Дубаи повторно ги помести границите на луксузот на глобалниот пазар на недвижности, откако беше продаден најскапиот пентхаус на Блискиот Исток за 550 милиони дирхами, што изнесува околу 150 милиони долари, односно 127,7 милиони евра. Ултралуксузната резиденција се наоѓа во комплексот „Бугати Резиденс“, пренесува агенцијата „Анадолу“.

Со оваа трансакција е поставен и рекорд по цена на квадратен метар во реонот Бизнис Беј, која достигнува околу 27.000 евра. Продажбата ја реализирал главниот директор за продажба на компанијата „Бингати“, Абдула Бингати.

Претседателот на „Бингати“, Мухамед Бингати, изјави дека компанијата годинава го предводи пазарот на недвижности во Дубаи, со повеќе од 14.000 продадени станбени единици, оставајќи ги зад себе и јавните и приватните конкуренти.

Тој посочи дека „Бингати“, како еден од најбрзорастечките инвеститори, веќе се вбројува меѓу трите водечки компании на пазарот, со значителен удел според податоците на Одделот за земјиште во Дубаи.

Продадениот пентхаус се простира на 4.385 квадратни метри и е дел од „Бугати Резиденс“ – првиот станбен проект во светот што го носи брендот „Бугати“. Комплексот веќе привлече и светски познати личности, меѓу кои фудбалерот Нејмар, тенорот Андреа Бочели и дефанзивецот Ајмерик Лапорт, кои купиле резиденции во рамките на проектот.

Сместен во срцето на Бизнис Беј, комплексот комбинира француски дизајн со современиот урбан дух на Дубаи и овозможува близина до клучните деловни зони и градски знаменитости. Резиденциите нудат висок степен на приватност, ексклузивни погодности и таканаречени „скај меншн“ пентхауси.

Од „Бингати“ оценуваат дека оваа рекордна продажба дополнително ја зацврстува позицијата на Дубаи како светски центар за ултралуксузни недвижности. Компанијата располага со портфолио од над 80 проекти, вредни повеќе од 70 милијарди дирхами, и соработува со глобални брендови како „Бугати“, „Мерцедес-Бенц“ и „Џејкоб и Ко.“, при што има кредитен рејтинг BB- од „Фич“ и Ba3 од „Мудис“.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг