Category Archives: Скопје

Дрво падна врз објект на Градски Паркинг, внатре имало вработен

На фотографијата се гледа скршено дрво кое поради невремето паднало врз објект на ЈП „Градски паркинг“ лоциран на паркинг просторот во близина на градската – хируршка болница.

Силното невреме и дождот кој попладнево го зафатија главниот град предизвикаа голем број штети на неколку локации во Скопје.

Од ЈП Градски паркинг го потврдија инцидентот и информираа дека дека лицето е во добра здравствена состојба.

Апокалиптични сцени: Заглавени деца во автомобили, поплавено комбе, семејства оставени без кров

Четири автомобили од кои во еден се наоѓаат и деца се блокирани кај подвозникот кај хотел Континентал, a уште 15 лица се заглавени во едно комбе и други автомобили кај Стоковната куќа Мост, по невремето што попладнево го  зафати Скопје. На двете локации моментално се наоѓаат и припадници на противпожарната бригада.

Од службата за итна медицинска помош за МИА велат дека добиле пријави за повредени граѓани, но оти засега не се евидентирани посериозно повредени.

Од Центарот за управување со кризи, пак, апелираат дека граѓаните треба да имаат разбирање оти службите реагираат по приоритет.

Информираат дека на телефонот 112 граѓаните може да пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови, заглавени возила, поплавени простории.

Има информации од Скопско за поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, паднати покриви од згради, паднати билборди, многу искршени дрвја кои паднале и врз автомобили и слични случаи предизвикани од невремето…

– На улица „Киро Крстевски“ бр. 3 пријавено е дека покрив на петкатна зграда е оштетен, и дека за тоа се известени надлежните од Општина Кисела Вода и Територијална противпожарна бригада на Град Скопје, соопштуваат од ЦУК за МИА. Граѓаниот кој пријавил рекол дека на неговите родители им врне директно во станот.

Драма кај Мавровка: Возило на Итна помош со пациент заглавено во поплавата

Невремето кое попладнево го зафати Скопје, направи вистински хаос по улиците.

Дел од нив се целосно поплавени, а на други делови има штети од паднати дрва

Според видеата кои се објавуваат на социјалните мрежи, драматична била состојбата кај Мавровка.

Таму во водата на улица е заглавено возило на Итна помош.

Во возилото има пациент, кој како што информираат на видеото на социјалните мрежи, е во

добра состојба.

Муцунски дава 1.2 милиони денари за поддршка на РК ВАРДАР

Вечерва Советот на Општина Аеродром на иницијатива на градоначалникот Муцунски даде поддршка за македонскиот бренд РК Вардар.

Со ребалансот на буџетот, покрај развојните инвестиции и капиталните проекти кои се предвидени, Општина Аеродром издвојува и 1.2 милиони денари за поддршка на македонскиот шампион.

– Во ваквите тешки мигови за нашата ракометна гордост поддршката од наша страна беше неопходна. Голема благодарност до советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои гласаа за оваа финансиска помош, напиша Муцунски на својата фејсбук страна. 

Покрај тоа, буџетот за оваа година предвидува и 24 милиони денари за МЗТ Скопје, аеродромски бренд што ќе ја претставува Македонија во елитното јадранско натпреварување АБА1. 

СДСМ ДРАМАТИЧНО: Енормна појава на змии низ Аеродром, општината демантира сликите се од Австралија

Енормна појава на змии низ парковите во Аеродром, алармира денеска владејачкиот СДСМ и ја заплашува јавноста со нешто што како да го немало до лани кога градоначалник на општината беше Златко Марин, а на градот Петре Шилегов, кадри на СДСМ, велат од СДСМ.

Но, и змиите и кучињата сега може да се користат за напад на опозицијата, бидејќи Марин и Шилегов не се веќе градоначалници, а за волја на вистината и тогаш лаеја и касаа кучиња низ Аеродром, а ползеа и змии. Подолу целото драматично соопштение на СДСМ, со ограда граѓаните да не паничат, ништо не е алармантно:

Уплашени од се поголемата доверба која ја добива градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски. СДСМ со украдени слики се обидува да го оцрни градоначалникот Муцунски. СДСМ се фатени во лага, сликите кои тие ги објавија за наводно дека во парковите во општина Аеродром има змии се симнати од Гугл и се слики од Австралија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од нивното соопштение

Толку се безидејни и уплашени што веќе не знаат што да направат за да ги прелажат граѓаните.

Општина Аеродром изминативе 10 месеци оди напред, се развива и го добива заслужениот изглед.

Нова градинка и реконструкции на постоечките, нови спортски игралишта, нови паркови, реконструкции на улици, реконструкции на училиштата се само мал дел од досега реализираните проекти на локалната власт.

Нема да им поминат ниту лагите, ниту монтажите на СДСМ. Нивната доверба од граѓаните вртоглаво паѓа, а за многу скоро граѓаните ќе ги казнат сите лаги, сите криминали, сите национални предавства на предвремените парламентарни избори.

Во манастирот во Матка подготовки за одбележување на Голема Богородица

– Во манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка, крај Скопје, во тек се подготовките за одбележување на 28 август, еден од најголемите христијански празници Успение на Пресвета Богородица.

Во предвечерието на празникот, во сабота на 27 август во 17:30 часот ќе се одржи вечерна богослужба, а на полноќ ќе започне сеноќното бдение. На денот на празникот на 28 август, Светата Божествена литургија ќе започне во 8 и 30 часот, а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.

Во дворот на манастирот, традиционално како и секоја година, ќе се одржи крводарителска акција. И годинава, одбележувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат и како Голема Богородица, ќе се одвива согласно препораките за заштита од Ковид -19: да се одржува физичко растојание од 1.5 метар или задолжително да се носи маска, да се врши дезинфекција на рацете при влез и за време на престојот во манастирот.

Сестринството од манастирот апелира со зеднички сили да се испочитуваат и запазат препораките за заштита на личното и здравјето на нашите ближни.

ФОТО: Малолетник со автомобил влета во бетонската жардињера на „Водњанска“, тешко повредени четворица тинејџери

Четворица малолетници се тешко повредени откако рано утринава со автомобил влетале најпрво во метална канделабра, па во бетонска жардињера на „Водњанска“.

Од МВР за Курир велат дека несреќата кај нив е пријавена утринава во 04.20 часот.

-На крстосницата од бул.“Мајка Тереза“, со ул.“Тодор Александров“ и ул.“Белградска“ патничко моторно возило “форд мондео“ со скопски регистарски ознаки, управувано од малолетник од Скопје, удрило во метална канделабра и бетонска жардињера.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле малолетникот што го управувал возилото и уште тројца малолетни сопатници (еден од Струмица, двајца од Скопје), констатирани во Градската општа болница “8-ми Септември“ и Комплексот клиники “Мајка Тереза“, велат од МВР.

Неофицијално, возачот имал 15 години.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Започна изградбата на МЕГА ПАРКОТ од над 30.000 м2 во Ѓорче Петров (Фото и Видео)

Градот Скопје денеска ја почна реализацијата на капиталниот проект за изведба на мега парк во општината Ѓорче Петров – нова зелена површина во градот што ќе се простира на повеќе од 30.000 квадратни метри. Почетокот на активностите за изведба на овој нов парк го означија градоначалничката Данела Арсовска, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов.

– Дел од приоритетните капитални проекти за скопјани согласно со програмата се пет нови мега паркови во Скопје. Затоа, денеска, во општината Ѓорче Петров го означуваме започнувањето на изградбата на првиот мега парк кој го реализираме во Скопје. Како човек кој се изборил со рак, како некој кој изгубил најблиски од оваа подмолна болест, сметам дека не постојат поважни и поприоритетни цели од тоа на секој можен начин да придонесеме Скопје да е град во кој обезбедуваме значително подобар квалитет на живот. Во Скопје отпочнуваме нешто што досега не било направено, 5 нови мега паркови кои долгорочно ќе придонесат за заштита и подобрување на состојбите со животната средина – рече Арсовска.

На место кое беше депонија од огромни размери во над 50.000 квадратни метри, екипите на Градот Скопје успеаја целосно да ја исчистат за создавање на новата паркова површина. Работните активности и хортикултурното уредување на мега паркот предвидуваат четири фази на изведба, а паркот е предвидено да има три дела на вкупна површина од над 30.000 квадратни метри.

Јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ веќе ја изведуваат првата фаза од овој нов мега парк, односно се изведува подготвително рамнење на површината, прекопување и целосно обележување согласно со проектот за парковската површина. Во оваа фаза се врши трасирање на пешачките и велосипедските патеки и просторот за останатите содржини, а се поставуваат и потребните подземни инсталации.

Предвидено е подигање на зелени површини, поставување систем за наводнување, засадување на над 2.200 дрвја од десетина различни видови, како и дополнителни цветни садници соодветни за оплеменување и зазеленување на парковската површина.

Во завршната фаза предвидено е поставување на урбаната опрема и целосно уредување на просторот со фонтани, клупи, придружни елементи, садови за отпадоци, паркинг за велосипеди, како и соодветно осветлување.

Мега паркот во секој од трите дела има внатрешни пешачки патеки и дополнителни пристапни патеки. Предвидена е изградба на детско игралиште, игралиште за миленици и фитнес зона, со соодветни реквизити, како и изградба на паркинг за посетителите.

– Во Скопје, со оглед на состојбите со загадувањето кои се особено алармантни во зимските месеци, потребни се нови зелени површини, затоа силно се залагам да се реализираат програмските приоритети. Овој мега парк со своите содржини претставува нов простор во градот за рекреација, и квалитетно минување на слободното време и истиот ќе придонесе за подобрување на состојбите во поглед на животната средина, како бенефит за сите жители во ова населено место и воопшто за сите посетители. Вкупната вредност на проектот изнесува 68.500.000 денари – објасни градоначалничката Арсовска.