Category Archives: Религија

Г.г Стефан: Не треба да веруваме во подобар свет, ако во него нема место за Христа ! (Видео)

Секуларно општетство не значи и безбожно општетство, рече архиепископт охридски и македонски г.г. Стефан, во неговиот говор на собирот пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Собирот е во организација на МПЦ-ОА под мотото „Имаме должност“ во знак на протест против законите за родова еднаквост и матични евиденции кои се во процедура на носење.

Поглаварот на МПЦ-ОА во својот говор рече дека не треба да веруваме во подобар свет ако во него нема место за Христос и дека измама е во новиот свет што се обидуваат да го изградат треба да ја наме црквата, свет кој ќе биде рај без бог и ќовекот ќе стане бог.

„И кога најдобронамерно ќе кажеме нешто се обидуваат да не замолчат со секуларниот карактер на државата. Секуларноста на државата секогаш толкувајќи ја спротивно на Уставот, во кој црквата и останатите верски заедници имаат свое место и загарантирани права.  Секуларно општетство не значи и безбожно општество“, рече г.г. Стефан на собирот.

Тој појасни дека црквата нема ништо против секуларниот менталитет на секој човек, но според него тоа не значи дека црквата треба да се изопшти од општествениот живот.

„Свесни сме за намерите на некои организации кои влегова во државните институции и дека работат во подготовка на законите, како овие два во чие изготвување учствуваа. Тие не само што целат да ја секуларизираат Црквата, туку сакаат да ја присилат црквата да зборува на некој јазик кој им е туѓ на апостолите, на светите отци и на светото Евангелие. Самата црква е мајка која во болка ги раѓа свите чеда за живот вечен и царство небесно3, рече г.г. Стефан.

Тој во својот говор рече го разбираат стравот на родителите за нивните деца ако овие закони станат обврзувачки. Тој рече дека овие закони се дел од нова идеолошка пропаганда, со која се подметнува поимот Род, кој се изопачува од она што досега бил.

„Ќе ја познаете вистината и вистината ќе ве ослободи, рекол Христос. А Црквата низ вековите посведочила многу лажни вистини кои на луѓето им ветувале деќа ќе ги ослободат. Вистината секогаш ослободува. Никогаш не покорива и не заплашува. не мора да граби за морална супериорност“, рече г.г.Стефан.

Тој како дел од оваа пропагнада ја гледа и Истамбулската конвенција, за која рече дека под плаштот на заштита на жената ја загрозат токму жената која е столб на семејството и на општеството.

„Јасно и гласно да ја кажеме вистината наспроти професионалните експерти за замена на тези. Со векови во својот поглед кон жената Црквата стои со свештен трепет кон жената, која во кревките раце го држи смеоќниот бог. Пред таа сила треперат и  ангелите и луѓето. Таа на своите гради го храни оној што дава храна на сите. Жената мајка ја дава надежта на светот, љубовта. Жената е икона на љубовта. Велат дека ќе ја ослободат жената од стегите на црквата а ја сведуваат на поткатегорија, изедначувајќи ја со мажи кои никогаш нема да бидат жени во вистинска смисла на зборот. На тој начин го искажуваат насилството врз жената“, рече г.г. Стефан во својот говор, и додаде дека верува  дека жените не сакаат на тој начин и да бидат ослободени од црквата.

Тој додаде дека црквата е полна со смели, успешни и остварени жени, и дека многу од нив се дојдени и на денешниот собир.

„Во вас ја чуваме надежта за подобро утре, а секогаш кога било најтешко жените стоиеле и достојувале и во евангелието христово и во нашата мекдонска историја и кај сите богољубави народи“, рече г.г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ во својот говор се осврна и на образоавнието каде треба да се воведе изучување на родовата еднаквост и сексуално образование. Според него без дозвола од родителите на децата во училиштата им биле делени наставни листови кои промовираат хомосексуалност и истполови бракови. Тој праша до кога содржините во учебниците во образованието ќе бидат диктирани од туѓи центри и туѓи држави, и додаде дека веронауката и црковните предаваќи со години се потценети.

Само од македонското образование е избркан господ, заклучи г.г. Стефан за реформите во образованието.

„Знаеме кој е нашиот господ и робови на луѓе нема да бидеме“, рече г.г.Стефан,  поглаварот на МПЦ-ОА.

Муслиманите денеска го слават КУРБАН БАЈРАМ – ПРАЗНИКОТ НА СОЛИДАРНОСТА И БЛАГОСОСТОЈБАТА

Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.

На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога.

Припадниците на исламската вероисповед го прaзнуваат големиот празник Курбан Бајрам. Овој празник е познат како празник на жртвата, бидејќи тогаш се принесува животно како жртва за доброто на верата и за корист на луѓето. Принесувањето курбан е ритуал што се поврзува со Ибрахим (Авраам) и Исмаил и значи приближување кон Бога. Според Куранот, светата книга на муслиманите, оваа жртва ја заменува човечката која требало да ја направи Ибрахим наместо да го жртвува сопствениот син. Но, Алах тоа го заменил со овен. Подготвеноста на Ибрахим да го жртвува својот син за доброто на Алах предизвикало Алах да му го поштеди животот на неговиот син. Ова се сметало за Господово чудо. Токму поради оваа посветеност во историјата на исламот, муслиманите го слават Курбан Бајрам секоја година за да ги примат Алаховите благослови и прошка.

 Традицијата на Курбан-бајрам останала до ден денешен. Обичајот го изведуваат сите муслимани кои имаат можност за тоа, веднаш по клањањето на бајрамскиот намаз. Покрај овен, за курбан може да се принесе и овца, коза, крава или камила. При принесувањето на животното се изговара: ,,Бисмилах – Алаху екбер” што значи „Во името на Алах.Алах е најголем“

Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.

Курбан Бајрам трае три дена. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот.

Првиот ден од Курбан Бајрам, 28 јуни, е неработен ден за граѓаните од муслиманската вероисповед во Република Северна Македонија.

Свети Методиј, патријарх Цариградски – помина седум години без светлина

Родум од градот Сиракуза во Сицилија. Кога заврши со светското школување се замонаши и почна да се подвизува во манастир. Патријархот Никифор го зеде на служба кај себе. Во времето на иконоборните цареви насекаде се прочу како одличен бранител на иконопочитувањето. Свирепиот цар Теофил заради тоа го затвори на еден остров.

Во затвор со двајца обични разбојници помина седум години во влага, без светлина и доволно храна, како во гроб. Во времето на благочестивата царица Теодора и нејзиниот син Михаил беше ослободен и избран за патријарх (според претходното пророштво на светиот Јоаникиј Велики). Во првата недела од Чесниот Пост, Методиј свечено ги внесе иконите в црква и напиша канон во чест на иконите.

Не можејќи да му го најдат крајот никако, еретиците најмија една жена којашто изјави дека патријархот со неа имал нечисти телесни односи. Сиот Цариград се возмути од таа клевета. Не знаејќи како поинаку да ја докаже својата невиност, патријархот прејде преку срамот и се слече гол пред судот којшто сам го побара и го покажа своето суво и истоштено тело. Судот очигледно се увери дека патријархот е наклеветен.

Штом чу за ова народот се израдува, а се посрамија еретиците. Тогаш и онаа жена призна дека била наговорена и потплатена за да ја изнесе таа клевета против Божјиот светител. И така, оние што мислеа да му нанесат срам на Методиј и не сакајќи му ја зголемија славата. Овој голем исповедник на верата мирно се упокои во 846 година и се пресели во Царството Божјо.

Отец Ивица: НОРМАЛНОСТ или НЕНОРМАЛНОСТ, сега ИЗБИРАМЕ!

Во овој историскиот момент на човештвото или си ЛИБЕРАЛ/ ГЛОБАЛИСТ кој верува во тоталитарната „добронамерноста“ на неоколонијалната антихристова елита и како папагал повторуваш „пароли“ за кои ти плаќаат да ги пропагираш или си ПАТРИОТ/ СУВЕРЕНИСТ кој му верува на Бога и се грижиш твојот и сите други народи суверено, слободно и оргинално да чекорат кон своето духовно, културно, државно, економско, технолошко…и секое друго од Бога благословено развивање и воздигнување!

ДЕНЕС целиот свет е сведок на ПРОЦЕСОТ на ЗАРОБУВАЊЕ на човештвото во името на „слободата“, „човековите права“ и „демократијата“! Овој ПРОЦЕС е втемелен на краен РЕЛАТИВИЗАМ и подло ИЗВРТУВАЊЕ на вистинските животни, општествени и политички вредности!

Горниот пристап треба да поттикне целосен НИХИЛИЗАМ, односно противење и НЕГИРАЊЕ на било какви објективни и докажани вредности, вистини и традиционални проверени здрави модели на живеење.

ОВОЈ ПРОЦЕС засилен со сериозна пропаганда и со правна заштита втемелена на прилагодените законодавствата на конкретните држави треба да формира НОВ ТИП на ментален склоп и начин на однесување кај луѓето!

Денеска е Светата маченичка Аквилина – до последен здив го проповедаше Христа

Родена е во палестинскиот град Вивлос, од благочестиви родители. Уште во седмата година беше наполно упатена во вистинскиот христијански живот, а во десеттата толку преисполнета со разум Божествен и со благодатта на Светиот Дух, што им Го проповедаше Христа со голема ревност и голема сила на своите пријателки.

Кога настана гонењето на Диоклецијан, некој ја поткажа Аквилина кај царскиот намесник Волусијан, кој беше еден ѕвероподобен човек. Волусијан најнапред нареди да ја камшикуваат, а потоа со усвитена шипка да ѝ ги прободат ушите и мозокот. До последниот здив девицата Аквилина Го исповедаше слободно и јавно Господ Христос, а кога од главата почнаа да ѝ течат мозокот и крвта, таа падна како мртва.

Мислејќи дека е навистина мртва, намесникот заповеда да ја изнесат надвор од градот и да ја фрлат на ѓубриште, за телото да ѝ го изедат кучиња. Но, ноќта ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Стани, биди здрава!“ Девицата стана и беше здрава и долго со благодарност Му вознесуваше слава на Бога, молејќи Го да ѝ допушти да го доврши маченичкиот подвиг. „Оди, ќе ти биде како што молиш!“, се слушна глас од небесата. И Аквилина отиде во градот.

Градската порта сама се отвори пред неа и таа дојде и влезе, слично на дух, во дворецот на намесникот пред неговата постела. Намесникот го обзеде неискажлив ужас, бидејќи ја виде жива девицата за којашто мислеше дека умрела. Утредента му нареди на џелатот да ја убие со меч.

Пред ова девицата Аквилина Му се помоли на колена на Бога и го предаде својот дух. А кога беше мртва џелатот сепак и ја отсече и главата. Нејзините мошти беа извор за исцелување на мнозина болни. Имаше дванаесет години кога пострада за Христа. Пострада и се украси со маченички венец во 293 година.

Денеска го славиме Светиот Апостол Вартоломеј

Еден од дванаесетте големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил, по сè изгледа, се две имиња за едно лице; името му е Натанаил, а Вартоломеј е според татковото име, односно значи „Син на Толомеј“. Заедно со светиот апостол Филип и сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со свети Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички.

Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабошците ја чуваа во храм во Јерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, кој беше слеп полни четириесет години. Таму против нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст и Филип и Вартоломеј, а Вартоломеј го распнаа со главата надолу.

Тогаш затресе земјотрес во којшто загинаа злите судии и многумина од народот. Гледајќи во тоа казна Божја, мнозина притрчаа да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип веќе беше издивнал, додека Вартоломеј сè уште беше жив. Потоа отиде во Индија, каде што го проповедаше и на индиски јазик го преведе Евангелието на Матеј. По ова прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но, братот на царот Астијаг завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст.

Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата, во градот Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег. Бидејќи на неговите мошти се случуваа многу чуда, незнабошците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. А водата го донесе ковчегот до островот Липари, каде што епископот Агатон, по откровение во сон, го дочека и го погреба во храмот.

Свети Вартоломеј му се јави, облечен во бели ризи, на свети Јован Химнограф в црква и го благослови со Евангелието за да пее духовни песни: „Нека потечат од твојот јазик водите на небесната мудрост!“

Му се јави уште и на царот Анастасиј (491 г. – 518 г.) и му рече дека ќе му го чува новосоѕиданиот град Дура. Подоцна, по нападот на арапите на островот Липари, моштите на овој голем апостол беа пренесени во Беневент, па во Рим. Над нив се случуваа големи и страшни чуда.

Денеска е Свети Кирил, архиепископ Александриски – За време на својот живот водеше три лути борби

По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот Александриски, по чијашто смрт самиот беше посветен за патријарх. За време на својот живот водеше три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните настанаа во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот ересоначалник.

Се гордееја со својата добродетел, одеа облечени во бела облека, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае.

Кирил ги победи и ги протера од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата со Евреите беше многу потешка и покрвава. Евреите се имаа засилено во Александрија уште од времето кога Александар Велики го основа тој град. Нивната омраза кон христијаните беше бесна и подмолна. Тие ги убиваа христијаните безмилосно и подло, ги труеја, ги распнуваа на крст.

По долга и тешка борба Кирил издејствува кај Царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј, патријархот Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со тој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не можеше да дојде на Соборот.

Несториј беше осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната граница на царството, каде што и умре со ужасна смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со којшто Ја хулеше Пресвета Богородица, нарекувајќи Ја Христородица). Откако заврши борбата, Кирил поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово. Се престави кај Господа во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево, радувај се!“.

ДЕНЕСКА Е СВЕТИ ДОРОТЕЈ ЕПИСКОП ТИРСКИ

Епископот Тирски, од времето на Диоклецијан, па сè до времето на Јулијан Отстапник, кога беше намачен и пострада за Православната Вера.

На земјата живееше сто и седум години и откако Му угоди на Бога, во 361 година, се пресели во вечниот живот. Беше навистина многу учен маж.

Напиша многубројни поучни дела на грчки и на латински. Особено се прочуени неговите грчко-латински „Синтагми“.

Лековитата вода од пештерската црква „Св. Еразмо Охридски“ (Видео)

Овој громогласен благовестител на Богочовекот Христос и на Неговото спасоносно Евангелие, е по потекло од Антиохија Сириска и живеел во времето на царевите Диоклецијан (284-305 г.) и Максимијан (286-305). Уште од млади години тој се разгорел со љубов кон Христа и ревносно ги исполнувал Неговите заповеди. Живеејќи строг подвижнички живот, блажениот Еразмо постигнал такво совршенство што, подобно на славниот пророк Илија, преку гавраните добивал храна од Бога, животните доаѓале во неговата пештера и ангели зборувале со него. Бил обдарен и со дарот на чудотворство. Поради својот свет живот – против својата волја – бил поставен за архиереј на Антиохија, иако сѐ уште бил млад.

Во тоа време „обожувањето“ на царевите достигнало крајни размери. Диоклецијан се нарекувал „владетел и бог“ и безмилосно ги уништувал светите христијански книги, црковните храмови и луѓето коишто се спротивставувале на неговиот идолопоклонички култ. Поради таквите жестоки прогони на Христијаните, Свети Еразмо го оставил својот архиерејски престол и се повлекол во пустината на Ливанската Гора , каде што продолжил со својот подвижнички живот. Со Божја помош тој направил многу чудеса на планината Ливанон.

Еден ден, после седумгодишниот престој во пустината, тој слушнал ангелски глас од небото:

– Еразмо, никој ако спие нема да ги победи непријателите. Оди во твојот град, и бори се јуначки и ќе ги победиш непријателите. 

После овие ангелски зборови, Еразмо отпатувал кон своето архипастирско место.

Во името на Христа тој во Антиохија ги изгонувал демоните од опседнатите човечки души, исцелувал тешко болни луѓе и извршил многубројни чуда. Народот счудоневиден пред Божјата сила што се пројавувала преку необичните дела на Свети Еразмо, наголемо се покрстувал.

Разлутен од смелоста на светителот и неговиот голем апостолски дар, со што покрстил многу луѓе, царот Диоклецијан, наредил да го доведат пред Сенатот, каде што го подложил на строго испитување. Вдахновен од Светиот Дух, Свети Еразмо храбро одговарал во остриот дијалог и со својата мудрост го разбеснил царот. Неговата телесна убавина, сообразна на духовната, оставале впечаток на човек со ангелски лик – смирен и благ, со очи како сончеви зраци и умилен глас. Тој отворено исповедал пред сенатот дека е Христијанин и дека верува во Единиот Бог Седржител и Творец и дека нема да принесе жртви  на нивните идоли. Диоклецијан се обидувал да го наговори да се откаже од својот Бог, ветувајќи му слава и огромни богатства. Но Свети Еразмо, со својата непоколеблива вера и љубов кон Христа, не само што ги одбивал предлозите на царот, туку отворено го нарекувал „измамник на душите“, „син на ѓаволот, од кого Бог ќе бара отчет на дното од адот“.

Изобличен, царот многу се разгневил и наредил да го тепаат Светителот со стапови, да го камшикуваат со оловен камшик, да му го кинат месото со железни клешти… Но за чудо, никаква трага од рана не останувала на неговото тело. Дури и тогаш кога слугите на царот го потуриле со зовриен катран и смола, Ангел Господов го ладел неговото тело и тоа останувало неповредено, не чувствувајќи никаква болка.

Сенатот, счудоневиден од тие Божествени чуда, настојувал кај царот да го пушти праведниот човек и епископ на градот, преку кого очигледно дејствувал христијанскиот Бог. Но кога веднаш потоа фатил силен земјотрес и една третина од народот загинал, заблудениот Диоклецијан за несреќата го обвинил Свети Еразмо, сметајќи дека тој ги разгневил неговите богови. Затоа наредил да го затворат во темница и да го оковаат со многу тешки синџири и лично тој, со својот прстен, ја запечатил вратата од затворот. Свети Еразмо цела ноќ пламено Му се молел на Господа, Кој ги спасува сите што се надеваат на Него, за да ја прослави Својата доброта и да го ослободи од непријателите.

Одеднаш необична светлина го исполнила затворот и се чул глас Божји, Кој го уверувал Христокопнежливиот Еразмо дека Господ Исус Христос е со него и го охрабрувал да истрае до крајот. Тогаш железните окови се истопиле и паднале од него. Тој се исправил и почнал да Го слави Господа, молејќи Му се да се смилува на Својот слуга и да го спаси. Како на врховниот апостол Петар, така и на овој Божји слуга, Ангел Господов му се појавил пред него и го повикал да излезе од затворот и да се засолни на сигурно место.   

Кога утредента царот дошол, ја нашол вратата на затворот запечатена како што и ја оставил, но внатре не го нашол Христовиот маченик, туку само стопените окови. Царот се исплашил и не знаел што да му одговори на народот, кој од него го барал својот епископ.

Воден од Ангелот, Христоносниот Архиереј стигнал до западните краеви на Балканскиот полуостров во градот Лихнид (денешен Охрид). Тука тој ја вршел својата апостолска мисија десетина години (о. 293 – 303 г.). Ревносно го проповедал Христовото Евангелие и со Божјата помош и сила правел многубројни чуда: болни оздравувале, слепи прогледувале и хроми проодувале. А кога со својата молитва го воскреснал синот на некој човек по име Анастасиј, восхитениот народ нашироко ја прифатил христијанската вера, уништувајќи ги идолските жртвеници на коишто дотогаш им се поклонувале. Така Светиот рамноапостол Еразмо, откако го крстил Анастасиј со неговото семејство, покрстил и над 40 000 луѓе во бистрите води на белото Охридско Езеро.

Поради сето тоа, паганскиот судија Проб го обвинил како маѓепсник кај царот Максимијан, кој во тоа време престојувал во Илирија. Царот пратил неколкумина од своите поданици и им заповедал да го доведат Еразмо. И тука како и во Антиохија, Свети Еразмо бил подложен на долго испитување и жестоко измачување. Заради неговата непоколеблива вера во Господа Исуса Христа, дејството на Божјата сила и пројавата на Божјата помош над него, тука биле уште поубедливи и по очигледни. На царското прашање кој е тој и на кој Бог Му се поклонува, Светителот не му одговорил. Разгневен, тиранинот му се заканил дека ќе го распне на крст, ако не принесе жртви на идолите и наредил да го тепаат по лицето. Светителот го прашал:

– Зошто ме тепаат?

Тиранинот му одговорил:

– Затоа што не им се поклонуваш на боговите.

Маченикот го прашал:

– А на кои богови да им се поклонам? Јас Му се поклонувам и Му служам на мојот Господ Исус Христос, а ти кажи ми на кој друг бог да му се поклонувам.

Израдуван од тоа, царот го одвел Маченикот во храмот на Ѕевс. Светителот Му се помолил на Бога и го прашал царот:

– А на кој бог сакаш да му се поклонам?

Царот му го покажал бакарниот кип на Ѕевс, висок 12, а широк шест лакти,  целиот обложен во златна наметка. Свети Еразмо Му се помолил на Бога и остро го погледнал идолот и – о, какво чудо! – во истиот миг кипот паднал и се скршил на парчиња, во храмот пламнал оган и изгорела голема толпа идолопоклоници, а од идолот излегла страшна ламја што го исплашила народот. Престрашениот народ, нападнат од змејот, паднал пред нозете на Светителот, молејќи се:

– Слуго на Севишниот Бог, спаси нѐ од опасноста на змејот!

Светителот им рече:

– Поверувајте во Господа мојот Бог Исус Христос и ќе се спасите.

Народот веднаш извикал:

– Се поклонуваме и веруваме на твојот Бог што ти го проповедаш!

Облечен во благодатта на Светиот Дух, Светителот ја прекрстил ламјата и од крстната сила таа умрела и голем број луѓе поверувале во вистинскиот Бог – Христос и биле крстени од Светителот.

Идолопоклоничкиот цар, изобличен и посрамен, се вратил во својот двор и на војниците им наредил да убијат околу дваесет илјади луѓе што ја примиле христијанската вера. По наредба на богопротивниот цар, на Свети Еразмо најпрво му облекле вжарено бакарно одело, потоа го положиле на усвитен железен одар и нозете му ги приковале со клинци за земјата. Одарот го заградиле со дрва и го запалиле, а него го поливале со смола и масло. Но со помош на Божјата благодат, оделото веднаш се изладило, а огнот и клинците воопшто не му наштетиле и Светителот останал неповреден. На крај, Свети Еразмо бил фрлен во темница, но таму му се јавил светиот Архистратиг Михаил и го ослободил од затворските ѕидини.

Тогаш Ангелот Божји го зел Светителот и го однел во Кампанија, во градот Формија , каде што тој со пламена ревност го продолжил своето апостолско дело и го проповедал Евангелието на луѓето. И овде тој неуморлив Рамноапостол привел многумина кон верата во вистинскиот Бог. Но, исцрпен од долгото напорно патување и од измачувањата на коишто многупати бил изложуван, Божествениот маченик Еразмо се повлекол во една пештера каде што се подвизувал сѐ до својата смрт.

Пред смртта, тој трипати се поклонил кон Исток и со кренати раце Му се молел на Бога – да биде милостив кон сираците и вдовиците, да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на сите оние што со вера ќе го повикаат неговото име и го слават неговиот свет спомен; и ако се во опасност на море, на реки и на кое било друго место – да се спасат. По завршувањето на молитвата се слушнал глас од небото:

– Нека ти биде така како што молеше, мој возљубен Еразмо!

Сиот радосен, Светителот уште еднаш погледнал кон небото и видел венец на славата како се спушта на неговата глава, а веднаш потоа видел хорови од ангели, апостоли и маченици коишто доаѓале за да ја примат неговата света душа. На крајот тој извикал: „Господи, прими го мојот дух!“ Така си заминал од овој минлив свет Божјиот угодник Еразмо, на 2 јуни 303 година.

Тогашниот епископ Проб го погребал свети Еразмо „на западната страна од градот“ каде што потоа бил подигнат соборен храм посветен на „Свети Еразмо, Епископ и Маченик“. Тој храм бил урнат при продорот на Сарацените во Формија, во 846 година, кога чудотворните мошти на Светителот биле тајно пренесени во Гаета и скриени во црквата „Света Марија“. Покасно тие свети мошти, по Божја промисла, биле најдени од епископот на градот и погребани во олтарот на црквата. Светителот продолжил да прави чуда, не само на местото каде што сега почива, туку и на местото каде претходно бил погребан. 

Во близината на градот Охрид и денес постои пештерата во која се подвизувал Свети Еразмо, со црква посветена на него, каде што се пројавува големата сила на Божјиот угодник, Еразмо Свештеномаченик. По молитвите на Твојот угодник архиереј и чудотворец, Свети Еразмо Охридски, Христе Боже наш, помилуј нѐ, прости ни ги нашите прегрешенија и спаси нѐ! Амин.

Денеска го празнуваме Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски – Имал од Бога голем дар на чудотворство!

Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архијереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек и го крсти овој човек со името Анастас. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид.

Заради ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Зевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи, преку благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ.

И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса. Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен, царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Таму му се јави ангел Божји, како некогаш на светиот Апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот.

По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта. Пред смртта, трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име.

На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови Ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа.

Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномченик Еразмо.