Connect with us

Религија

Лековитата вода од пештерската црква „Св. Еразмо Охридски“ (Видео)

Published

on

Овој громогласен благовестител на Богочовекот Христос и на Неговото спасоносно Евангелие, е по потекло од Антиохија Сириска и живеел во времето на царевите Диоклецијан (284-305 г.) и Максимијан (286-305). Уште од млади години тој се разгорел со љубов кон Христа и ревносно ги исполнувал Неговите заповеди. Живеејќи строг подвижнички живот, блажениот Еразмо постигнал такво совршенство што, подобно на славниот пророк Илија, преку гавраните добивал храна од Бога, животните доаѓале во неговата пештера и ангели зборувале со него. Бил обдарен и со дарот на чудотворство. Поради својот свет живот – против својата волја – бил поставен за архиереј на Антиохија, иако сѐ уште бил млад.

Во тоа време „обожувањето“ на царевите достигнало крајни размери. Диоклецијан се нарекувал „владетел и бог“ и безмилосно ги уништувал светите христијански книги, црковните храмови и луѓето коишто се спротивставувале на неговиот идолопоклонички култ. Поради таквите жестоки прогони на Христијаните, Свети Еразмо го оставил својот архиерејски престол и се повлекол во пустината на Ливанската Гора , каде што продолжил со својот подвижнички живот. Со Божја помош тој направил многу чудеса на планината Ливанон.

Еден ден, после седумгодишниот престој во пустината, тој слушнал ангелски глас од небото:

– Еразмо, никој ако спие нема да ги победи непријателите. Оди во твојот град, и бори се јуначки и ќе ги победиш непријателите. 

После овие ангелски зборови, Еразмо отпатувал кон своето архипастирско место.

Во името на Христа тој во Антиохија ги изгонувал демоните од опседнатите човечки души, исцелувал тешко болни луѓе и извршил многубројни чуда. Народот счудоневиден пред Божјата сила што се пројавувала преку необичните дела на Свети Еразмо, наголемо се покрстувал.

Разлутен од смелоста на светителот и неговиот голем апостолски дар, со што покрстил многу луѓе, царот Диоклецијан, наредил да го доведат пред Сенатот, каде што го подложил на строго испитување. Вдахновен од Светиот Дух, Свети Еразмо храбро одговарал во остриот дијалог и со својата мудрост го разбеснил царот. Неговата телесна убавина, сообразна на духовната, оставале впечаток на човек со ангелски лик – смирен и благ, со очи како сончеви зраци и умилен глас. Тој отворено исповедал пред сенатот дека е Христијанин и дека верува во Единиот Бог Седржител и Творец и дека нема да принесе жртви  на нивните идоли. Диоклецијан се обидувал да го наговори да се откаже од својот Бог, ветувајќи му слава и огромни богатства. Но Свети Еразмо, со својата непоколеблива вера и љубов кон Христа, не само што ги одбивал предлозите на царот, туку отворено го нарекувал „измамник на душите“, „син на ѓаволот, од кого Бог ќе бара отчет на дното од адот“.

Изобличен, царот многу се разгневил и наредил да го тепаат Светителот со стапови, да го камшикуваат со оловен камшик, да му го кинат месото со железни клешти… Но за чудо, никаква трага од рана не останувала на неговото тело. Дури и тогаш кога слугите на царот го потуриле со зовриен катран и смола, Ангел Господов го ладел неговото тело и тоа останувало неповредено, не чувствувајќи никаква болка.

Сенатот, счудоневиден од тие Божествени чуда, настојувал кај царот да го пушти праведниот човек и епископ на градот, преку кого очигледно дејствувал христијанскиот Бог. Но кога веднаш потоа фатил силен земјотрес и една третина од народот загинал, заблудениот Диоклецијан за несреќата го обвинил Свети Еразмо, сметајќи дека тој ги разгневил неговите богови. Затоа наредил да го затворат во темница и да го оковаат со многу тешки синџири и лично тој, со својот прстен, ја запечатил вратата од затворот. Свети Еразмо цела ноќ пламено Му се молел на Господа, Кој ги спасува сите што се надеваат на Него, за да ја прослави Својата доброта и да го ослободи од непријателите.

Одеднаш необична светлина го исполнила затворот и се чул глас Божји, Кој го уверувал Христокопнежливиот Еразмо дека Господ Исус Христос е со него и го охрабрувал да истрае до крајот. Тогаш железните окови се истопиле и паднале од него. Тој се исправил и почнал да Го слави Господа, молејќи Му се да се смилува на Својот слуга и да го спаси. Како на врховниот апостол Петар, така и на овој Божји слуга, Ангел Господов му се појавил пред него и го повикал да излезе од затворот и да се засолни на сигурно место.   

Кога утредента царот дошол, ја нашол вратата на затворот запечатена како што и ја оставил, но внатре не го нашол Христовиот маченик, туку само стопените окови. Царот се исплашил и не знаел што да му одговори на народот, кој од него го барал својот епископ.

Воден од Ангелот, Христоносниот Архиереј стигнал до западните краеви на Балканскиот полуостров во градот Лихнид (денешен Охрид). Тука тој ја вршел својата апостолска мисија десетина години (о. 293 – 303 г.). Ревносно го проповедал Христовото Евангелие и со Божјата помош и сила правел многубројни чуда: болни оздравувале, слепи прогледувале и хроми проодувале. А кога со својата молитва го воскреснал синот на некој човек по име Анастасиј, восхитениот народ нашироко ја прифатил христијанската вера, уништувајќи ги идолските жртвеници на коишто дотогаш им се поклонувале. Така Светиот рамноапостол Еразмо, откако го крстил Анастасиј со неговото семејство, покрстил и над 40 000 луѓе во бистрите води на белото Охридско Езеро.

Поради сето тоа, паганскиот судија Проб го обвинил како маѓепсник кај царот Максимијан, кој во тоа време престојувал во Илирија. Царот пратил неколкумина од своите поданици и им заповедал да го доведат Еразмо. И тука како и во Антиохија, Свети Еразмо бил подложен на долго испитување и жестоко измачување. Заради неговата непоколеблива вера во Господа Исуса Христа, дејството на Божјата сила и пројавата на Божјата помош над него, тука биле уште поубедливи и по очигледни. На царското прашање кој е тој и на кој Бог Му се поклонува, Светителот не му одговорил. Разгневен, тиранинот му се заканил дека ќе го распне на крст, ако не принесе жртви на идолите и наредил да го тепаат по лицето. Светителот го прашал:

– Зошто ме тепаат?

Тиранинот му одговорил:

– Затоа што не им се поклонуваш на боговите.

Маченикот го прашал:

– А на кои богови да им се поклонам? Јас Му се поклонувам и Му служам на мојот Господ Исус Христос, а ти кажи ми на кој друг бог да му се поклонувам.

Израдуван од тоа, царот го одвел Маченикот во храмот на Ѕевс. Светителот Му се помолил на Бога и го прашал царот:

– А на кој бог сакаш да му се поклонам?

Царот му го покажал бакарниот кип на Ѕевс, висок 12, а широк шест лакти,  целиот обложен во златна наметка. Свети Еразмо Му се помолил на Бога и остро го погледнал идолот и – о, какво чудо! – во истиот миг кипот паднал и се скршил на парчиња, во храмот пламнал оган и изгорела голема толпа идолопоклоници, а од идолот излегла страшна ламја што го исплашила народот. Престрашениот народ, нападнат од змејот, паднал пред нозете на Светителот, молејќи се:

– Слуго на Севишниот Бог, спаси нѐ од опасноста на змејот!

Светителот им рече:

– Поверувајте во Господа мојот Бог Исус Христос и ќе се спасите.

Народот веднаш извикал:

– Се поклонуваме и веруваме на твојот Бог што ти го проповедаш!

Облечен во благодатта на Светиот Дух, Светителот ја прекрстил ламјата и од крстната сила таа умрела и голем број луѓе поверувале во вистинскиот Бог – Христос и биле крстени од Светителот.

Идолопоклоничкиот цар, изобличен и посрамен, се вратил во својот двор и на војниците им наредил да убијат околу дваесет илјади луѓе што ја примиле христијанската вера. По наредба на богопротивниот цар, на Свети Еразмо најпрво му облекле вжарено бакарно одело, потоа го положиле на усвитен железен одар и нозете му ги приковале со клинци за земјата. Одарот го заградиле со дрва и го запалиле, а него го поливале со смола и масло. Но со помош на Божјата благодат, оделото веднаш се изладило, а огнот и клинците воопшто не му наштетиле и Светителот останал неповреден. На крај, Свети Еразмо бил фрлен во темница, но таму му се јавил светиот Архистратиг Михаил и го ослободил од затворските ѕидини.

Тогаш Ангелот Божји го зел Светителот и го однел во Кампанија, во градот Формија , каде што тој со пламена ревност го продолжил своето апостолско дело и го проповедал Евангелието на луѓето. И овде тој неуморлив Рамноапостол привел многумина кон верата во вистинскиот Бог. Но, исцрпен од долгото напорно патување и од измачувањата на коишто многупати бил изложуван, Божествениот маченик Еразмо се повлекол во една пештера каде што се подвизувал сѐ до својата смрт.

Пред смртта, тој трипати се поклонил кон Исток и со кренати раце Му се молел на Бога – да биде милостив кон сираците и вдовиците, да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на сите оние што со вера ќе го повикаат неговото име и го слават неговиот свет спомен; и ако се во опасност на море, на реки и на кое било друго место – да се спасат. По завршувањето на молитвата се слушнал глас од небото:

– Нека ти биде така како што молеше, мој возљубен Еразмо!

Сиот радосен, Светителот уште еднаш погледнал кон небото и видел венец на славата како се спушта на неговата глава, а веднаш потоа видел хорови од ангели, апостоли и маченици коишто доаѓале за да ја примат неговата света душа. На крајот тој извикал: „Господи, прими го мојот дух!“ Така си заминал од овој минлив свет Божјиот угодник Еразмо, на 2 јуни 303 година.

Тогашниот епископ Проб го погребал свети Еразмо „на западната страна од градот“ каде што потоа бил подигнат соборен храм посветен на „Свети Еразмо, Епископ и Маченик“. Тој храм бил урнат при продорот на Сарацените во Формија, во 846 година, кога чудотворните мошти на Светителот биле тајно пренесени во Гаета и скриени во црквата „Света Марија“. Покасно тие свети мошти, по Божја промисла, биле најдени од епископот на градот и погребани во олтарот на црквата. Светителот продолжил да прави чуда, не само на местото каде што сега почива, туку и на местото каде претходно бил погребан. 

Во близината на градот Охрид и денес постои пештерата во која се подвизувал Свети Еразмо, со црква посветена на него, каде што се пројавува големата сила на Божјиот угодник, Еразмо Свештеномаченик. По молитвите на Твојот угодник архиереј и чудотворец, Свети Еразмо Охридски, Христе Боже наш, помилуј нѐ, прости ни ги нашите прегрешенија и спаси нѐ! Амин.

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк