Category Archives: Религија

Ни доаѓа голем празник: Мала Богородица – заштитничка на жените

На 21 септември во славиме Рождество на Пресвета Богородица (познат и како Мала Богородица), ден од најголемите празници на православната црква.

Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.

Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Така е и во народните умотворби, како во поетските така и во прозните, така и во народните верувања и во народните обичаи. Затоа поголем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови.

Така, македонскиот народ, со повеќе или помалку свечености, но секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.

Народот верува дека Богородица е мајка на сите мајки, дека е заштитничка на жените особено на леунките поради што кога жените раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да поминат. Народот верувал дека Богородица им помагала при породувањето не само на жените христијанки туку и на жените од другите вери. Така на пр. во Разлошко како што запишал М. Цепенков кога некоја жена Турчинка се мачела при породувањето вака ја викале Богородица по турски: „Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.“ Откако, пак, жената ќе родела и ќе се ослободела, бабата ќе земела метла во рацете и ќе почнела да мети низ куќата најповеќе околу леунката и ќе велела: „Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата“. Така, вели Цепенков, верувале дека со тоа велење ќе дојдела Богородица ќе поможела и пак ќе си одела.

Исто така се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Така на пр. како што запишал Миленко С. Филиповиќ жените од Дебарски Дримкол што немале деца оделе во манастирот во Калишта на Охридското Езеро за да ја занишаат со прст сребрената лелејка (минијатурна лулка) што стоела пред иконата на Богородица.

Во народното сфаќање, односно во народните верувања, оваа врска на Богородица со нејзиниот син, односно нејзиното мајчинство се смета за света работа. „Ако на запад, во западното христијанство, во центарот на почитувањето на Марија секогаш бил Нејзиниот образ како дева, девственоста, која не била нарушена од мајчинството, за православниот Исток таквата негова срдечна љубов кон Марија, Нејзиното созерцание и ‒ ќе повторам уште еднаш ‒ радосниот восхит од погледот кон Неа, од самиот почеток бил и останува нејзиното мајчинство, Нејзината крвна врска со Исус Христос.“

Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Стефан Тановиќ сведочи дека во Гевгелиско празникот Мала Богородица се сметал за тежок и аталија празник, а во селото Богородица на овој ден се одржувал голем панаѓур. С. Тановиќ сведочи дека селото Богородица името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух. Таа икона во која престојувала Св. Богородица, според раскажувањето на селаните постојано се движела.

Додека тука престојувала Богородица, се вели во ова предание, на сите во селото им било добро. Но во 1835 година во месец август, околу пладне црквата се запалила и луѓето убаво виделе како Св. Бугуројца со иконата излетала од пламенот и застанала на камбанаријата. Потоа одлетала на север и повеќе не се вратила. Потоа селото почнало да страда, најпосле го зафатила и чума и малку требало сите да изумрат. Тогаш селаните се сетиле да побараат помош од нивната Св. Богородица којашто тогаш била во селото Конче, Радовишко. Луѓето што отишле да ја викаат да се врати за поклон ѝ носеле една литургија. Таа не се вратила, но во сон им кажала како да се спасат од чумата. Им порачала од дрво близнак да направат рало, да најдат два вола близнаци и двајца браќа, исто така близнаци, да ги прегнат тие волови, и со тоа рало да изораат една бразда околу селото, чумата веднаш ќе престанела. Откако тоа го направиле чумата престанала да беснее. Тановиќ сведочи дека и во негово време жителите на ова село верувале дека нивното село не можело да настрада од чума зашто било изорано од браќа близнаци, волови близнаци и рало близнак.

На Мала Богородица, исто така, се одржуваат големи народни собири во повеќе манастири што го носат нејзиното име како што е манастирот Пречиста кај Кичево, манастирот во с. Матејче, во Осоговскиот манастир итн.

Утре е тежок празник на кој не смее да го правите ова

Утре, на 11-ти септември, Православната црква и нејзините верници го одбележуваат обезглавувањето на Свети Јован Крстител, празник познат и како есенски ден на Свети Јован.

Овој празник е сеќавање на неговото страшно страдање, ден на строг пост, без оглед дали е среда или петок или не (во некои делови, ништо не се јаде дури додека не се стемни), а во црковниот календар е обележан со црвена буква.

Обичаи

На празникот Отсекување на главата, треба да се пости, и никогаш да не се јаде и да се пие нешто црвено, бидејќи тоа потсетува на пролеаната крв на Свети Јован Крстител. Исто така, не треба да се работи тешка работа.

На овој ден, треба да барате лековити растенија во природата, бидејќи ова е добар ден за берење.

СЕ СЛАВАТ 1.000 ГОДИНИ: Бигорски манастир го одбележува патронот- сите посетители се добредојдени

Познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознат како Бигорски манастир, го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.

Вечерва, во предвечерието на празникот, од 18:30 часот ќе биде отслужена свечена архијерејска Вечерна богослужба и Молебен канон во чест на Чудотворната икона на Св. Јован.

Утре, на денот на патронот, во 7:00 часот почнува утрената богослужба, во 8:45 часот е пречекот на надлежниот митрополит дебарско-кичевски, неговото високопреосвештенство, г. Тимотеј и на митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. Светата архиерејска Златоустова литургија почнува во 9:00 часот.

Бигорската обител упати покана за достоинствено и со почит одбележување на патронот, како и строго почитување на мерките за заштита од COVID-19.

Се замолуват сите поклоници и посетители совесно да се придржуваат до сите пропишани мерки за здравствена заштита и превенција од коронавирусот, односно задолжително да носат заштитна маска, да користат средство за дезинфекција и да го запазуваат потребното физичко растојание.

– Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите претци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник Усекновение, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!, стои во поканата од бигорската обител.

Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и годинава го одблежува големот јубилеј 1000 годи од основањето.

Вгнезден во пазувите на Бистра, покрај жуборот на Радика, низ вековите минал низ многу премрежија и голготи, но опстоил за да говори за постоењето на правславието на овие простори.

КАЛЕНДАР НА МПЦ: Денеска е Преподобен Мојсеј Мурин

Денеска е Преподобен Мојсеј Мурин.

Мојсеј беше Египќанец. Првин беше роб, а кога му се даде прилика избега од господарот и стана разбојник. Надарен со голема телесна снага и имајќи луда смелост и безобзирност во потфатите, тој наскоро се наметна за водач на својата дружина. Стана страв и трепет за целата околија. Но, по некое време се покаја, ја напушти дружината и стариот живот и се настани во еден манастир, а потоа уште повеќе се повлече во една осамена келија и тука секојдневно се бореше со опашките од своите страсти. Доживеа длабока старост. Бесниот Мојсеј во смирението стана сличен на Христа, на Бога. Во поодминати години основа свој манастир, во кој погина при еден напад на варварите. Тој, имено, со очите на духот ја виде нивната навала и ги испрати останатите од манастирот, а самиот остана во манастирот зашто сметаше дека оној кој во животот вршел насилства треба и да погине од раката на насилниците.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Никола од Толентин.

Бил роден во 1245 година во тврдината Сент Анџело. Стапил во редот на августинците. Во 1269 година станал свештеник. Неговите животни потреби биле сведени на минимум. Бил сиромашен и скромен. Во исхраната употребувал само зеленчук. Храбро ги поднел сите болести и не барал помош од луѓето. Свети Никола бил прочуен проповедник и ги советувал луѓето. Умрел во 1305 година.

Денеска е Св. свештеномаченик Иринеј

Свети Иринеј по потекло беше од Мала Азија. Му беше ученик на славниот смирнски епископ Поликарп, кој пак беше ученик на светите апостоли. Подоцна, после маченичката смрт на епископот Потин, за епископ на градот Лион беше избран овој Иринеј. Свети Иринеј пострада за Христа во 202 година, заедно со неколку илјади христијани, за време на царот Север

Денеска е спомен на Светиот апостол Тадеј: Bepaта го cпacи од бoлecта

Еден од Седумдесеттемина, а не оној Тадеј кој беше од Дванаесеттемина апостоли. Свети Тадеј прво го виде и го слушна Св. Јован Крстител и прими крштевање од него, а потоа Го виде Господa Исусa и Го следеше Него. Господ го вброја меѓу Седумдесеттемина помали апостоли, кои ги испрати двајца по двајца пред лицето Свое (Лука 10, 1). Пo Своето славно Воскресение и Вознесение Господ го испрати Тадеј во Едеса, која е родното место на Тадеј, според ветувањето што му го даде на кнезот Авгар кога му ја испрати крпата со Својот лик на неа (откако се избриша).

Штом ја целиваше таа крпа Авгар се излечи од лепрата, но не сосем. Малку лепра му остана на лицето. Кога Св. Тадеј му се јави на Авгар, овој го прими со голема радост. Апостолот го поучи во верата и го крсти. Кога излегуваше од водата на Крштението, остатокот од лепрата на неговото лице спадна и тој стана сосем здрав. Кнезот Авгар Го прослави Бога и посака и неговиот народ да Го познае вистинскиот Бог и да Го прослави. И кнезот ги повика сите граѓани на Едеса пред апостолот Тадеј за да ја чујат проповедта за Христа. Откако ги чуја зборовите на апостолот и го видоа кнезот чудесно исцелен, луѓето ги отфрлија идолите и нечистото живеење и ја примија Христовата вера и се крстија.

Кнезот Авгар изнесе многу злато и му го понуди на апостолот, но Тадеј му рече: „Кога своето го оставивме, како да го примаме туѓото?“ И тој го проповедаше Евангелието ширум Сирија и Феникија.

Изјава на папата Франсис која зачуди многумина: Подобро е да се биде атеист отколку да се оди во црква и да се мразат другите!

„Колку пати гледаме луѓе кои секоја недела ја поминуваат во црква и живеат да мразат и да зборуваат лошо за другите“, рече папата Франциско.

Потоа додаде дека е подобро воопшто да не се оди во црква:

“Биди атеист. Ако сепак одиш во црква, биди син, брат, стани пример за другите”.

Френсис се осврна и на Евангелието по Матеј, кое зборува за лицемери кои се молат луѓето да ги забележат.

“Многу верници веруваат дека молитвата е само брборење. Тие зборуваат со Бога како папагали. Но, тоа не е така. Запомнете: треба да се молите со срце”, додаде тој.

Дали се согласуваш?

Чудата на Пресвета Богородица во Македонија

Денеска, навршуваат речиси две илјади години од смртта на најблагородниот лик на планетата земј и нејзиното небесно воскресение-Успение на Пресвета Богородица. Големиот култ на светителката одамна е присутен кај нашиот народ, кај кого е позната како негова вечна заштитничка и покровителка. Нејзиниот светол лик отсекогаш бил верен сопатник во неговите вековни борби за слобода, за одбрана на верата и Татковината. Денеска, овој народен лик блеска на фреските во нашите преубави храмови, а нејзиното име во молитвите милозвучно ги гали срцата на сите верници.

Празникот на смртта на Пресвета Богородица и нејзиното Успение на небото е еден од најрадосните празници на нашата Црква. Тој е победа на животот над смртта, на радоста над тагата, победа над вечните божји вредности: грижата, довербата, сплотеноста и убавината. Со нејзината чудесна помош и поткрепа, македонскиот народ успевал и се уште успева да ги преброди најголемите историски и животни предизвици, давајќи му нов дух и сила да истрае во верата и љубовта во Бога.

Неверојатни, но вистинити случки се случувале директно поврзани со активноста и натприродната сила која ја применила Пресвета Мајка Богородица. Имено, кај народот е распространето верувањето дека веднаш по спалувањето на храмот „Пресвета Богородица“ во Скопје, бугарскиот цар Борис бил отруен од страна на германскиот фирер Адолф Хитлер. Тогаш, бугарските окупатори во паника ја напуштиле Македонија, при што загинале голем број фашистички војници, полицајци, политичари и други од разни конфесии како и нивните блиски соработници. Исто така, се верува дека таа го заштити претседателот на Република Македонија од атентатот направен врз него на 3 октомври 1995 година кој се случи токму за време на празникот Покров на Пресвета Богородица со чија помош и молитви успеа да заздрави за да ја извршува својата изворна функција. При поплавата на Скопје во 1962 година, Пресвета Богородица не дозволила да гинат граѓаните на Скопје, а штетата што настанала потоа била минимална, бидејќи тогаш бил големиот празник Богородица Пречиста. Со чудото на Мајката Божја е поврзан и катастрофалниот земјотрес кој скопјани ги затекна на 26 јули 1963 година, и разурнатиот град кој со нејзина поткрепа брзо се санирал. Веќе следниот месец, точно на денешниот празник-Успение на Пресвета Богородица, Скопје станал град на меѓународна солидарност кога од целиот свет во Македонија пристигнала помош за обнова на градот кој подоцна ќе стане метропола.

Мошне интересно е преданието дека во годините од 1948-1952 година Мајката Богородица се јавувала на прозорците во Скопје, им оставала аманет на жителите да го обноват разуранатиот храм во нејзина чест (сега обновениот храм „Пресвета Богородица“ кој се наоѓа во центарот на Скопје). Откако бил изграден во далечната 1835 година тој бил Соборен храм речиси цели 109 години по што бил запален од бугарските окупатори. Земјиштето на која била изградена црквата била вакувско свето место, па ако на тоа место се изградило друга зграда се заканувало дека ќе ги снајде проклетството и гневот на Пресвета Богородица. Според исказите на тамошните жители, цивилната власт во Скопје, во 1961 година отпочнала да гради младински дом спремајќи се да ги рушат црковните ѕидови. Но се случило, шефот да не може да го запали булдожерот за рушење, по што сите од претпријатието биле многу загрижени. Работниците се исплашиле дека гневот на Богородица ќе ги затекне и нивните семејства. Затоа се помолиле на Пресвета Богородица да им ги опрости гревовите, зошто требало да работат за да ги издржуваат своите семејства. Веднаш по молитвата се случило чудо, булдожерот проработел и темелите на храмот биле урнати. Откако ги поставиле столбовите и бетонската плоча на младинскиот дом, секој втор столб се спуштил за 30цм надолу и градбата наликувала како свиткана змија. Тогаш властите принудно ја напуштиле отпочната градба и младинскиот дом се изгради на друг плац. Дали било проклетство или знак да се чува тоа свето место?

Но, чудата на Пресвета Богородица не застануваат тука. Според познатите археолози и историчари на културата, на местото на денешната црква на Пресвета Богородица, некогаш се наоѓал еден од најпрочуените и најубавите христијански храмови на Балканот, катедралната црква „Св. Богородица Троерачица“, кој датирал од 11-тиот век, а во него чудотворната икона со истото име. За нејзината чудотворност е врзано следното предание: еден скопски златар при работа ја згубил дланката од едната рака. И се помолил на Богородица, и таа му ја вратила дланката. Во знак на благодарност, златарот излеал златна дланка која ја додал на иконата на Богородица. Така, со придодадената дланка таа наликувала дека има три раце. Други извори велат дека таква икона во средниот век била донесена од Блискиот Исток, а потоа, од оваа катедрална црква пренесена во Хиландар, каде се наоѓа до ден денес. Ваква чудотворна икона има и во црквата „Света Петка“ во скопската населба Црниче, која се чува во олтарот на храмот. Приказната како чудотворната икона со исцелителна моќ се нашла во црквата е многу интересна. Според постојните записи во црковните гласила, приказната е поврзана со скопјанката Фаница Нанчева, родена 1915 година. Во 1941 год. таа се вселила во станот на еден свештеник кој заминал за Србија. При разгледувањето на подрумот на станот, откриле необична икона за која никој не знаел дека постои, а била оставена од свештеникот. Иконата која ја претставувала Пресвета Богородица, била насликана во дрво и завиткана во епитрахил. Новата сопственичка, ја ставила иконата заедно со двете други, во еден агол од својата соба. Покрај нив постојано горело кандило. И тогаш, започнале да се случуваат чудни нешта. Ноќе, необичен звук и тропање се слушало од местото каде што се наоѓала иконата на Св. Богородица. Една ноќ, сопственичката забележила како сребрена монета паѓа од иконата. Тоа бил чуден звук на паричка од нематеријална природа. Едно утро, кога се разболела, од очите на иконата потекле солзи. Таа не можела да поверува во глетката, се додека солзите не ги собрала во еден сад. Подоцна, иконата многу пати ја покажала својата чудотворност. За заздравување на болните деца или за добивање пород на бездетните брачни двојки, откако ќе се помолеле пред неа. Сопственичката го послушала советот на тогашниот старешина на црквата „Св. Петка“ Ацо Стојковски, и иконата ја предала во Божјиот храм. Иконата и денес таму се наоѓа.

Како симбол на раѓањето и обновата, празникот Успение на Пресвета Богородица е особено поврзан со водите како извор на животот. Постои верување дека за време на постите за Голема Богородица секнуваат изворите низ цела Македонија, односно се намалува нивото на водите, за да на самиот празник тие да добијат чудотворна моќ. Тоа се водите во многу манастири низ Македонија посветени на Богородица во кои има извори-бунари. Тука спаѓаат и оние извори потајници, кои повремено капат и прекапуваат, потоа изворите што не го намалуваат ниту зголемуваат нивото на водата, изворите од темните пештерски карпи, како и водите кои истекуваат спрема исток. Сите овие води стануваат животворни за време на овој празник и помагаат за залечување на рани, подобрување на видот и имаат прочистително дејство за душата и телото. За овие води на денешниот празник не се обрнува многу внимание, од причина што луѓето кои доаѓаат таму сметаат дека се тоа најобични работи. Но, се слуша дека водите како во Пречиста Кичевска, култните извори во село Долно Водно кои се нарекуваат Капиштец, како и многу други се навистина лековити.

Успението на Пресвета Богородица е сведоштво дека таа е жива и меѓу нас, а нејзините чуда се доказ за тоа. Само треба да ги отвориме нашите срца и души за да ги примиме нејзините небески зраци. Како вистинска мајка-бдеец над секое нејзино македонско чедо, без разлика дали се наоѓа во Републиката или надвор од неа, таа и денес влева надеж да продолжиме понатаму, и покрај сите препреки, со голема вера и ентузијазам да чекориме гордо и достоинствено на нашиот македонски пат.

Нека е вечен и благословен празникот Успение на Пресвета Богородица! Да истраеме и да надминеме сè со помош на силата на нејзината пресвета љубов.

Пишува: Огнен Коцевски