Category Archives: Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Небото се отвора во очи Митровден: Оној што ќе ја помине ноќта надвор од дома

Македонската православна црква утре, 8 ноември, го празнува денот на Светиот великомаченик Димитриј, во народот познат како Митровден.

Како и со повеќето празници, така и Митровден се поврзува со народни обичаи и верувања кои потекнуваат од античко време, а едно од нив е дека во пресрет на овој празник треба да бидете дома.

Нашиот народ верува дека на Митровдан секој треба да остане дома и дека ова не е ден за примање гости. Ова не важи за оние кои слават или одат да слават со роднини или блиски пријатели, но мора да преноќат и дома. Се верува дека оној што ќе ја помине Митровденската ноќ надвор од својот дом, цела година ќе ја помине ноќевајќи и „прикрадувајќи“ по туѓи куќи.

Дополнително, постои верување дека на Митровдeн не треба да се караат децата, колку и да згрешиле, бидејќи тогаш наводно цела година ќе бидат палави. На овој ден, жените не ги допираат вретеното, чешлите и ножиците.

„Жената во црно“ спасува, но и казнува: Неверојатно сведоштво за моќта на Св. Петка

Низ историјата, постојат многу легенди за моќта на Света Петка. Светицата која народот уште ја нарекува и Мајка Параскева помага во неволја и штити од болести, но и ги опоменува оние кои грешат.

Секојдневно пристигнуваат неколку чудотворни сведоштва, а ова привлече најмногу внимание во јавноста.

Офицер на ЈНА и член на тогаш неприкосновената партија бил пронајден на колена на подот на белградска капела во карпата под sидовите на тврдината Калемегдан, посветена на Света Петка. Кога еден од верниците го прашал како тој, како воен човек, толку слободно ги изразува своите верски чувства и покрај тоа што Партијата му забрани да го стори тоа, тој одговорил: „Оваа црква ми го спаси животот“.

„За време на Втората светска војна бев нападнат од германска патрола и ме бркаа полициски кучиња што ми беа зад петици. Спасот го побарав во оваа пештера – црква која во тоа време немаше ниту врата што може да ме заштити од кучињата. Трчајќи во црквата, очекував да влезат кучињата и да ме растргнат пред да пристигне патролата. Сепак, кучињата пристигнаа и лаеа, но не влегоа преку прагот.

Потоа пристигнаа полицајците и едниот влезе внатре со пиштол и со батерија. Во тој момент, пред мене се појави жена во црна наметка и стоејќи пред мене ја рашири за да ме покрие. Војникот со батеријата осветлуваше низ целата црква, но не ме виде. Бев невидлив за него!“.

Војниците продолжиле понатаму, а жената во црно исчезнала.

„По два часа собрав храброст да ја напуштам капелата, не знаејќи дали оние што ме прогонуваа се во близина, не знаејќи дали непријателот е во близина, но знаев дека имам заштитничка која е со мене, па имав храброст. Подоцна, дознав дека оваа црква е посветена на Света Петка. Погледнувајќи ја иконата, видов дека е облечена во црно и затоа ја препознав. Таа ми го спаси животот, па затоа доаѓам тука да и се заблагодарам“.

За многу години: Денеска е Светиот апостол Јаков

Денеска е Светиот апостол Јаков

Син Алфеев и еден од Дванаесетте големи апостоли. Роден брат на евангелистот Матеј. Сведок на словото на вистината и на чудата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговото страдање, Воскресение и Вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостолот Јаков му падна во дел да го проповеда Христовото Евангелие во Елефтеропол и околните места, потоа во Мисир, каде што и пострада за својот Спасител. Со голема сила и на збор и на дело Св. Јаков ја разнесуваше благовеста за воплотениот Бог Слово, уривајќи го идолопоклонството, од луѓето изгонувајќи ги демоните, лечејќи секаква мака и болест со името на Господ Исус Христос. Неговиот труд и неговата ревност беа крунисани со голем успех. Многумина незнабожци поверуваа во Господа Христа, се основаа и устроија цркви, беа поставени епископи и свештеници. Пострада во Мисир, во градот Острацин, распнат на крст од незнабожците. Така овој голем и прекрасен апостол се пресели во Небесното Царство, за со Царот на славата да царува бесмртно.

Тропар
Славата Божја која небесата ја вознесуваат, ја возвестуваше ти о апостоле и мачениче Христов Јакове, проповедајќи ја науката за бесмртноста и слободата, ја посведочи љубовта која како благодат се излива на родот човечки, а на тие кои ќе поверуваат им носи спасение. Моли се, свети апостоле, да го запазиме печатот на крштението неповреден.

Покров на Пресвета Богородица – „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“

Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите застапнички молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните.

Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше свети Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј.

Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение свети Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се восхитувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нè потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја.

В недела осветување на манастирот Свето Преображение Господово во Крушево

В Недела на 24 септември во Крушево ќе биде осветен Манастирот Свето Преображение Господово, познат како Манастирот што го градеше Тоше Проевски.

демирхисарскиот Митрополит г. Јован донел одлука за негово осветување, откако целосно е завршена изграбата, што траеше долги години.

Чинот на осветување ќе го изврши Архиепископот г.г. Стефан во сослужение на повеќе архиереи на МПЦ-ОА.

-Манастирскиот храм во Манастирот Свето Преображение Господово во Крушево, со Божјата помош и благодат, после долги години на градба ја достигна состојбата да биде осветен. Најзаслужно име за подигањето на целиот манастирски комплекс е името на покојниот Тоше Проески. Осветувањето на манастирската црква благоволи да го изврши Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на 24 септември оваа година, во сослужение на повеќе Архиереи на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, стои во соопштението од Крушевско-демирхисарската митрополија.

https://youtu.be/g_wQxjrw8N8

(Фото) Блеска од убавина – Завршен фрескоживописот на манастирот од Тоше во Крушево, а еве кога е осветувањето

Манастирскиот храм во Манастирот Свето Преображение Господово во Крушево, со Божјата помош и благодат, после долги години на градба ја достигна состојбата да биде осветен. Најзаслужно име за подигањето на целиот манастирски комплекс е името на покојниот Тоше Проески. Осветувањето на манастирската црква благоволи да го изврши Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на 24 септември оваа година, во сослужение на повеќе Архиереи на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија – стои во соопштението од Митрополијата крушевска и демирхисарска.

ДЕНЕС Е ТЕЖОК ПРАЗНИК: Отсекување на главата на свети Јован Крстител

Ирод Антипа, синот на стариот Ирод, убиецот на Витлеемските младенци во времето на раѓањето на Господа Исуса, беше господар на Галилеја во времето на проповедта на свети Јован Крстител. Овој Ирод беше оженет со ќерката на арапскиот кнез Арета. Но, бивајќи зол изданок од зол корен, Ирод ја протера својата законита жена и незаконски ја зеде за сожителка Иродијада, жената на својот брат Филип, кој сè уште беше жив.Loading…

Против ова беззаконие стана Свети Јован Крстител и силно го разобличи Ирод. Заради тоа, Ирод го фрли во затвор. За време на еден пир во неговиот дом во Севастија Галилејска, пред гостите играше Салома, ќерката на Филип и Иродијада.

Пијан и занесен од таа игра, Ирод ѝ вети на танчерката дека ќе ѝ даде се што ќе посака, па дури и кога би побарала половина од неговото царство.

Наговорена од мајка ѝ, Салома ја побара главата на свети Јован Крстител. Ирод нареди и му ја отсекоа на Јован главата во затворот, па му ја донесоа на Ирод на чинија. Учениците Јованови ноќе го зедоа телото на својот учител и чесно го погребаа, а Иродијада го избоде со игла Јовановиот јазик, а главата му ја закопа на некое нечисто место.

Што стана понатаму со главата на светиот Претеча е опишано под 8 март. Набрзо оваа група злосторници ги постигна Божја казна.

За да ја измие честа на својата ќерка, кнезот Арета удри со војска на Ирод и го порази до темел. Поразен, Ирод беше осуден од кесарот Калигула на прогонство, најнапред во Галија, а потоа во Шпанија.

Како прогонети, Ирод и Иродијада живееја во беда и понижувања, додека земјата не се отвори и не ги проголта. Салома загина со зла смрт на реката Сикорис (Сула). Смртта на свети Јован се случи пред Пасха, а празнувањето на 11 септември е востановено затоа што тој ден е осветена црквата што на неговиот гроб ја подигнаа во Севастија светиот цар Конастантин и неговата мајка, светата царица Елена. Во таа црква се положени моштите на Јовановите ученици: Елисеј и Авдиј.