Tag Archives: АРМ

НАТО достави до Македонија листа за потребна воена помош за Украина

НАТО минатата недела на Министерскиот состанок на министри за одбрана што се одржа во Брисел до Македонија доставил листа на воена опрема што ќе биде потребна за Украина, откри денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Македонија засега нема донесено нова одлука да испрати воена помош за Украина, но во консултации со Генералштабот, ако има можност да се излезе во пресрет на дел од потребите, тоа ќе биде направено.

–Минатата недела се одржа Министерски состанок на министри за одбрана во Брисел. Меѓудугото, имаше и сесија посветена на Украина, како центар на случувањата во овој подолг временски период. Беше поделена поголема листа на опрема која и е неопходна, а која заради сензитивноста е класифицирана. Во консултација со ГШ на АРМ доколку има простор и можност да се одговори позитивно на дел од тие побарувања, апсолутно ќе биде предложена до Владата повторно таква одлукаа, а за тоа ќе бидат известени медиумите и јавоста. Сега засега ја согледуваме нивната листа на побарувања, рече министерката во одговор на новинарско прашање.

Вработен во АРМ пронајден починат во касарната во Велес

Вчера во Полициската станица Велес било пријавено дека во канцеларија во касарната на Армијата во Велес бил пронајден починат 59 годишниот С.А. од Гевгелија, вработен во армијата.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство, информира денеска портпаролот на СВР Велес,Ристе Самарџиев.

Тој појасни дека извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес, а телото на починатиот, по наредба на Јавен обвинител, било дадено на обдукција.

СКАНДАЛ: Кандидатите кои аплицирале за работа во АРМ да се јават кај претседателот на огранокот на партијата!

Владејачката партија продолжуваат да ја тресат скандали. Имено, на официјалната фејсбук-страница на СДСМ Арачиново, кандидатите коишто аплицирале за работа во АРМ се повикуваат да се појават кај претседателот на огранокот на истата партија или кај раководството на истата.

-Почитувани сонародници, ве повикуваме сите кои што аплициравте на огласот на Министерството за одбрана за прием на војници во Армијата на Република Северна Македонија, кандидатите да се појават кај претседателот на огранокот во Арачиново или кај членовите на раководството на огранокот СДСМ-Арачиново, се вели во повикот на партијата објавен на Фејсбук.

Во меѓувреме, скандалозната информација беше отстранета од социјалната мрежа на Фејсбук.

Немаме за леб, а министерката ќе купува систем за противвоздушна одбрана?

Задолженоста на државата на 30 јуни е 55,4 отсто јавниот долг и 46,7 отсто државниот долг во услови на корона криза, продолжена економска и енергетска криза и војна во Украина. Владата и Министерството за финансии се во потрага по кредитори кои ќе овозможат позајмици со подолг рок на отплата и помали камати.

Економска криза, прогласена енергетска криза, поскапувања секој ден, се спроведуваат мерки за штедење за да се помине зината, сиромаштијата расте, а министерката за одбрана, Славјанка Петровска најави дека Македонија, како членка на НАТО, следната година ќе добие систем за противвоздушна одбрана, кој ќе го купи од Франција.

„Нема да се објави каде ќе биде распореден, тоа е наш стратешки интерес. На почетокот на септември ќе го потпишам договорот за нарачката со францускиот колега, а следната година ја очекуваме испораката“, откри Петровска.

Вежбовни активности на припадниците на Вооружените сили на САД на полигонот „Криволак“

– На армискиот полигон „Криволак“ припадници на Вооружените сили (ВС) на САД кои се дел од мисијата КФОР во Косово изведуваат обука и гаѓање со два воздухоплови од типот УХ-60 „Блек Хок“, кои се реализираат во периодот од 20 до 26 август.

-Овој вид вежбовни активности на АП „Криволак“, на припадниците на Вооружените сили на САД во рамки на мисијата КФОР кои се реализираа и претходно, ги потврдува и промовира можностите кои ги дава овој наш најголем капацитет за изведување вежбовни активности од страна на вооружени сили на странски држави, се вели во соопштението од Генералштабот на Армијата.

Претходно, се додава во него, Армискиот полигон Криволак ги исполни сите побарувања кои ги бараат овој вид на активности, а тоа, како што велат од ГШ, истото се потврдило и со изведување на најголемата воена вежба со воздухоплови „Брз одговор 22“.

-Армијата на Република Северна Македонија покрај овозможување на непречено користење на полигоните и стрелиштата на АП „Криволак“, за време на активностите ја овозможи и потребната воено полициска придружба за време на транспорт на припадниците на ВС на САД, и доколку е потребно обезбедува соодветна медицинска и логистичка поддршка на активностите, велат од ГШ на АРМ.

Оттаму додаваат дека активноста се изведува согласно одлуката на 68 седница на Владата, со која е одобрено влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на обука во блиска воздушна поддршка со воздухоплови на вооружените сили на Соединетите Американски Држави на Армискиот полигон Криволак. 

Од дневникот на еден полковник: Припадниците на АРМ оставија траен белег во историјата

Езерото мирно го заплиснуваше брегот на преубавата Струга. Месноста Калишта е на неколку километри од центарот на градот, но е вистински епицентар на убавината. Во овој сончев, езерското синило мируваше пред нашите очи. Патот врви долж езерото и ни открива прекрасни струшки пејсажи. Можеме да замислиме како е овде кога ќе „пукне“ пролет или кога е лето. Природата ја дарувала Струга, неизмерно.

Целта на нашата посета на Струга беше да се сретнеме со господинот Стефан Лазарески, пензиониран полковник на АРМ. Сакавме тој да ни раскаже каков беше предизвикот во раните деведесетти години на минатиот век да се почне сè од почеток и да се гради и да се изгради армија која денес е гордост на нашата држава и институција во која граѓаните на Република Македонија имаат најмногу доверба.

Нашите домаќини нè очекуваа. Куќата ја изградиле на преубава локација, со прекрасен поглед кон езерската шир. На прагот нè пречекаа срдечни, многу љубезни луѓе, куќата домаќинска, отворена за добронамерници. Домот убаво среден, во духот на амбиентална Струга, а многубројните книги, енциклопедии, алманаси, дневен печат и фотоалбуми, укажуваа на тоа дека ова е дом на интелектуалци кои сè уште се образуваат и се информираат за современите настани.

Полковникот Стефан Лазарески исправено гази кон осмата деценија од својот живот. Сè уште стамен и исправен, со прецизна мисла и издржана анализа, овој поранешен висок офицер на АРМ успешно им пркоси на годините. Сопругата на полковникот Стефче, Катерина Лазареска, е родена Хрватка од градот Чаковец. Весела и темпераментна жена чија харизма плени. Некогаш вработена во структури на МВР, оваа македонска снаа одлично го говори нашиот јазик и држи лекции за патриотизам.

„Целиот свој работен век бев војник. Не знам за друга професија. Најубавиот период од мојот живот беше службата во АРМ“, го започнува разговорот полковникот Стефан Лазаревски. Воената академија ја завршив во Белград во 1966 година. Првото вработување ми беше во Марибор, Република Словенија. Таму ја запознав Катерина, која беше наставничка. Само што дојдов во Марибор, веднаш поднесов молба за прекоманда во Македонија. Во Струга ми беа родителите и сестрите. Сакав да бидам поблиску за да можам да им помагам.

Условот кој ми беше поставен за да добијам прекоманда беше мојата единица да биде најдобра во гарнизонот. И, успеав во тоа. Ми беше понудено да заминам прво како наставник на Воената академија во Сараево, зашто во Македонија немаше побарување од мојата струка. Копнежот по родната Македонија не стивна ни во Сараево. Повторно барав прекоманда и повторно ме условија, ако имам најдобра група питомци ќе може да заминам за Македонија, така ми ветуваше командантот. Мојата група беше најдобра. И така, по три години поминати во Сараево, добив прекоманда за Битола. Заради високите оценки бев препорачан во Разузнавачкиот центар во Скопје, каде работев само една година, а потоа началникот ме предложи да му бидам аѓутант на генералот Васко Карангелески, командантот на Третата воена област. Пет години му бев аѓутант на генералот, а потоа заминав на постдипломски студии во Белград. По враќањето од Белград ме поставија за командант на Воената полиција. Подоцна сменив повеќе должности. Бев во разузнавачката служба, бев началник на бригада, началник на Центарот за обука на РМ, командант на Обласниот штаб во Тетово“, ни раскажува за својот животен пат полковникот Стефан Лазарески

Разговорот го водиме во насока да ни раскаже подетално за периодот веднаш по осамостојувањето на Република Македонија и за формирањето на првите единици на АРМ.

„Во периодот на осамостојувањето на РМ се затекнав на местото помошник на началникот на Штабот за разузнувачки работи на ТО на РМ. На многу од нас, тогашни старешини од ЈНА, ни беше понудено да се дислоцираме во Србија. Одбив. Реков дека секоја птица си лета кон сопственото јато и дека останувам во АРМ. Се вратив во РШТО. Тој период беше многу тежок и деликатен со оглед на случувањата. Поранешната југословенска армија требаше да ја напушти нашата држава. Се одвиваа преговори на највисоко ниво. Многу одговорност и големи обврски презедовме во тој период. Како што реков и претходно, јас својата иднина ја гледав единствено во Армијата на Република Македонија. Работевме многу. Почетоците беа тешки. Понекогаш талкавме во изборот на моделите, но се корегиравме, создававме единици, се трансформиравме постојано, во од, како што се вели“, ни појаснува Стевче.

Најинтересна ни е приказната за создавањето на првата единица за почести на Армијата на Република Македонија.

Полковникот ни појаснува дека на почетокот на месец март 1992 година добил наредба да се формира почесна единица за пречек на тогашниот претседател на Р. Словенија – Милан Кучан.

„Армијата сè уште не беше пополнета, немавме оружје, опрема, униформи… ЈНА однесе сè. Значи требаше да се најдат војници, оружје, сабја за свечен дочек, ја почнува приказната господинот Стевче. Отидов во тогашните фабрики ‘11 Октомври’ и ‘Железара’. Ми беа потребни околу 600 – 700 луѓе кои беа припадници на ТО на РМ. За неполни 10 дена требаше од овие работници да направам елитна гардиска единица. Секој ден неуморно вежбавме, став, движење, команди… За прв пат требаше да се покаже јавно дека постои АРМ, а јас да рапортирам како командант на елитна единица за почести. Одговорноста беше огромна. Ми беше неопходна сабја. Знаев дека сабја за свечен дочек постоеше во касарната ‘Илинден’. Отидовме таму, но и таа беше однесена. Побаравме помош од колекционерот Блашко Димов и некако успеавме да ја обезбедиме. На генералната проба беше присутен и претседателот Глигоров придружуван од генералот Томислав Трајчевски. Делегацијата од Република Словенија пристигна на 17 март 1992 и беше пречекана и подоцна испратена со највисоки протоколарни почести. Тој датум е забележан во аналите на историјата на Република Македонија како датум кога за првпат при пречек на странска делегација била интонирана македонската химна ‘Денес над Македонија се раѓа’ , за прв пат при пречек на висок гостин била построена почесна единица на Армијата на Република Македонија, било свечено развиорено македонското знаме, а јас бев првиот македонски офицер, командант на почесната единица, кој на македонски јазик му рапортираше на претседател на странска држава“, со видливи емоции ни ги раскажуваше деталите од овој настан полковникот Лазарески.

Разговорот продолжува, на приказните им нема крај. Полковникот Стефан Лазарески е сведок на уште многу важни моменти од развојот на АРМ. Бил шеф на военото разузнавање, командант на полициските и извидувачките единици. Кажува дека кога се формирани специјалните единици на АРМ официјално на 1 март 1994 година, кадровска база за нивно пополнување биле извидувачите и воените полицајци од регрутниот состав на АРМ со кои тој раководел. Колку само картони, војнички книшки, квалификации биле прелистани додека да се изберат најдобрите.

Полковник Стефан Лазаревски бил и професор на тогашниот Факултет за одбрана. Ги држел предметите „Основи на воени вештини“ и „Командно-штабна воена служба“. Подоцна станал и професор на постдипломски студии на Воената академија.

Полковникот Лазарески бил мошне активен и во цивилниот сектор. Бил претседател на СОФК- а на Скопје, активен спортист, а како офицер – љубител на спортот ги водел кошаркарите на МЗТ на службени патувања во Варшава, Полска. Како помлад, во редовите на некогашната армија бил шампион во дисциплината вишебој, најдобар од сите.

Полковник Стефан Лазарески е горд стружанец. Тој е семеен човек кој со својата сопруга и животна сопатничка Кате израснале две деца-врвни интелектуалци од кои имаат внуци на кои се посебно горди.

Во овој дом одлично се пеат староградските македонски народни песни со благ хрватски акцент. Имаат преубава куќа и вешто аранжиран двор со цветни аранжмани покрај езерото во преубавата Струга, во делот познат како Калишта.

„Денес кога ги гледам припадниците на АРМ, новата формација која е по сите стандарди на НАТО-земјите, особено кога слушам за успесите на припадниците на пСО, навистина сум горд што сум бил дел од оваа армија“, ни изјавува со цел глас полковникот на крајот од нашата посета.

Биографијата на полковникот Стефан Лазарески не може да се напише на две страници. Но, затоа ни се остава можност и за повторна посета и дружење со овој навистина посебен човек.

Овој напис имаше една основна цел, да ги потсетиме читателите на некогашните припадници на АРМ кои несомнено имаат за што да раскажуваат и кои оставиле свој траен белег во историјата на нашата армија.

Пред да тргнеме кон Скопје, полковникот ни рече: „ Поздравете ми ги , тој, тој, тој, тој и тој“. Еминентни луѓе кои откако го примија поздравот, со пиетет и почит срдечно му отпоздравија на Стефан Лазарески, пензионираниот полковник на Армијата на Република Македонија.

Автор на текстот: Р.Ш. – списание за одбрана Штит

ЧЕСТИТ ДЕН: Триесет години Армија на Република Македонија

Четворица активни генерали, голем број офицери и подофицери како и илјадници регрути во 1992 година ја започнаа реализацијата на најголемата патриотска должност за обезбедување мир и стабилност на граѓаните на Република Македонија, кои само неколку месеци претходно на референдум се изјаснија за самостојна и независна држава со одвојување од долгогодипшното заедничко уредување со Југославија и тогашната ЈНА.

Клучната улога во обезбедувањето на територијата на државата, по заминувањето на војската на Југославија, ја имала добро организираната Територијална одбрана која прва ги превзема испразнетите касарни, а веднаш потоа и целосно, во рок од 10 дена ги обезбедува границите, односно ги превзема караулите. Со договорот потпишан на 21 февруари 1992 година, помеѓу гeнералот на ЈНА, Благоја Аџиќ, и претседателот, Киро Глигоров, беше определен и крајниот рок 15 април 1992 година за повлекување на ЈНА од државата.

На 11 март 1992 година, единиците на Територијалната одбрана на Крива Паланка ја презедоа првата караула „Рамна Нива”. Истиот ден, на свечен начин беа преземени и соседните караули „Деве Баир” и „Коприва” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Набргу потоа беа преземени сите караули на македонската граница, односно на 21 март е предадена и последната македонска карула „Јован Вукотиќ” во близина на преминот Меџитлија.

Претседателот Глигоров и генералот на ЈНА, Никола Узелац, на 27 март 1992 година, во Собранието на Република Македонија го потпишаа завршниот акт од Договорот за повлекувањето на единиците на ЈНА од Македонија. Со тоа целосно било спроведено одбранбеното одвојување од ЈНА и од СФРЈ и осамостојување. Со превземањето на последната караула била воспоставена целокупната организација, чување и обезбедување на границата и територијалниот интегритет и суверенитет со војници и старешини од единиците на територијалната одбрана кои таа должност ја вршеа во првите неколку месеци сè до пристигнувањето на првиот редовен регрутен контингент на АРМ.

Согласно тогашниот „Закон за одбрана”, чл. 3, од 14 февруари 1992 година, воената обврска на граѓаните е општа и на воената обврска подлежат сите граѓани на Република Македонија од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот. За само 17 дена, со огромен ентузијазам и ангажирање на старешините и на граѓанските лица, касарните во Скопје „Маршал Тито”, во Битола „Стив Наумов”, во Штип „4 јули” и во Охрид „Михајло Апостолски” биле подготвени да ги примат првите македонски регрути. Првиот регрут на Армијата, Панче Јамандиев од Велес, роден 1970 година, пристигнал во гарнизонот во Охрид на 14 април 1992 година. Регрутите главно, биле младинци родени во 1973 година, кои во септември истата година требало да заминат во составот на тогашна ЈНА, а со одлука на Владата биле повикани да служат во редовите на АРМ.

Според податоците на АРМ до кои дојде МИА, програмата за обука на македонските регрути опфаќала две и пол месечна обука, а потоа најголем дел од нив биле упатени да ги пополнат граничните единици, додека помал дел од нив се подготвувале за пополнување на единиците на воената полиција и за вршење на останатите служби и должности.

По извршените обуките, на 9 мај 1992 година во Скопје во тогашната касарна „Маршал Тито” сега „Илинден“, во Битола „Стив Наумов” на 10 мај, во Штип „4 јули” на 16 мај и во Охрид на 17 мај, првите македонски регрути дадоа свечена обврска и отпочнаа со своите активности.

Денеска Армијата одбележува 30 години од формирањето од како со одлука, Владата од 3 јуни 1993 година, денот на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев” 18 август 1943 година на Славеј Планина, го прогласи за Ден на АРМ. Истата година Собранието на Република Македонија ја верификува идејата за полноправно членство во НАТО, а на 15 ноември 1995 година станавме членка на иницијативата „Партнерство за мир” по што во март следната година бевме примени во Северноатлантскиот совет за соработка. На 7 јуни 1995 година на Воената академија започна образованието на кадри за одбраната на државата.

Армиските специјалци „Скорпии“ во 1996 година првпат учествуваа на воена вежба на НАТО – „Мировен орел” која се одржа во Република Албанија. Истата година се одржа и првата мултинационална воена вежба на просторот од нашата држава „Спасител ’96”, а во мај следната година вежбата „Спасител ’97”. Веќе во 1998 година се одржа и најголемата мултинационална вежба според бројот на земјите учеснички „Најдобар кооперативен зафат ’98”. Следеа бурните настани и ангажираноста на АРМ, особено на граничните состави во „Косовската бегалска криза” од 1999 година.

По создадените услови за преструктуирање на одбранбениот систем и реформа на Армијата, заради постигнување интероперативност според стандардите на НАТО, на 3 мај 2000 година, од страна на Алијансата беше прифатен Акциониот план за подготовки за членство во НАТО, со што широко, како што велат од АРМ, се отворија портите за целосна структурна реформа на Армијата. Во започнатиот процес на реформи и преструктуирање, нашата војска во 2001 година се соочи со вистински воен конфликт, иако не беше прогласена воена состојба.

Република Северна Македонија прв пат испрати свои мировници во мисијата ИСАФ (Интернатионал Стабилизатион Авган Форцес – ИСАФ) во Авганистан во 2002 година, а даде и поддршка на операцијата предводена од САД, „Слобода за Ирак“ во мисијата во Ирак. Нашите армиски состави продолжија со учество и во мисијата ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина, „УНИФИЛ“ во Либан и во последната со директно учество- мисијата на НАТО-КФОР во Косово. За бригадата за североисточна Европа СЕЕБРИГ деклариравме и сеуште учествуваме со чета за мировни операции, инженериски патен вод и национален елемент за поддршка за чета, а од пред две години сме домаќини на командата на бригадата која е лоцирана во Куманово. Покажаниот висок професионален ангажман и посветеноста на нашите војници во тие мисии придонесе за јакнење на меѓународниот кредибилитет на Република Северна Македонија и за нејзино дефинирање како држава која генерира стабилност во поширокото опкружување.

Армијата секогаш прва се вклучувала во помош на граѓаните и локалните самоуправи како во гасење пожари, санирање на последици од поплави, доставување храна во непристапни терени итн.

За време на поплавите во скопскиот регион 2016 година Армијата учествуваше со вкупно 5878 работни ангажирања, во просек 345 припадници дневно, 384 моторни возила, а употребени се вкупно службени кучиња во 21 случај. Вкупно 1116 куќи, 239 приватни и јавни објекти се чистени од наноси. Извршена е дизинфекција на 1014 куќи.

Во минатогодишните гасења на пожарите на 13 локации во Кочани, Берово, Делчево, Куманово и секаде каде што беа потребни, од копно и од воздух се вклучија припадниците на Армијата, при што беа ангажирани 2243 припадници и исфрлени 472 тони вода од хеликоптерите.

Ангажирањето на Армијата продолжува во асистенција на институциите во спречување на ширењето на вирусот Ковид-19, а воените сили се вклучени и во справување со мигрантската криза и асистенцијата на граничната полиција, почнувајќи од 2015 година.

Армиските припадници постојано учествуваат и во хуманитарни и крводарителни акции. Вообичаено тоа се работи на наша иницијатива за организирање на ваква акција, пред се поврзана со некој повод како прослава на ден на единиците и Ден на АРМ. Во просек секоја година се организираат помеѓу 15-20 вакви акции каде се собираат помеѓу 700-900 крвни единици.

Политиката на национална безбедност на Република Северна Македонија се темели на „активно и реално вклучување во меѓународните напори за креирање и подобрување на мирот и безбедноста”, е запишано во Националната концепција за безбедност и одбрана.

Стратегискиот одбранбен преглед од 2019 година ги даде јасните и конкретни насоки за трансформација на одбраната на Република Северна Македонија, а како нејзин составен дел е и трансформацијата на Армијата, која доби една заокружена целина. Транформацијата се уште трае, а постепената и планска модернизација и опремување на оперативните состави според динамичниот план за опремување е составен дел од неа.

Обуката, покрај модернизацијата и опремувањето, има приоритет како значаен сегмент во одбраната и истата постепено се приспособува на потребите на командите и единиците на Армијата за потребите на одбраната на земјата и за учеството во меѓународни мировни мисии.

По воената интеграција во НАТО во 2020 година, се склучи договор за чување на суверенитетот на македонското небо преку концептот на Air Policing. Армијата на Република Северна Македонија во изминатите 30 години од статична, а гломазна Армијата се трансформира во мала, мобилна и ефикасна Армија, способна да се соочи со сите предизвици, оспособена рамноправно да се носи со другите армии на земјите членки на Алијансата.

МИА

„30 години Армија“ на Република Македонија

Денот на Армијата 18 Август и јубилејот „30 години Армија“ ќе бидат одбележани со целовечерен настан организиран под мотото „30 години безбедност, стабилност, доверба“ на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје.

На настанот, што ќе започне во 19:00 часот, ќе присуствуваат министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски.

Одбележувањето ќе започне со традиционалното испукување на плутони. Ќе биде презентирана најновата и најсофистицирана опрема на Армијата вклучувајќи ги и новите оклопни транспортери JLTV Oshkosh, ќе бидат прикажани вештините на армиските специјалци, а предвидена е показна точка со армиските кучиња.

Јубилејот на Армијата ќе биде прославен со настап на Воениот оркестар, по што следува богата музичка програма со настапите на Кики (Дајте музика), Пере (Нокаут), Дац и Александар, Last Expedition, DJ Babura Jr. и Еурека танцовото студио.

Армијата ќе добие повисоки плати за 2.000 денари

Собранието ги усвои измените на Законот за служба во Армијата, откако ова законско решение цела година беше блокирано од страна на опозицијата.
Овие измени и дополнувања обезбедуваат сериозни придобивки за припадниците на Армијата.
Следува зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал за над 2.000 денари.
Професионалните војници стекнуваат право на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата.
За активниот воен и цивилен персонал се предвидува исплата на боледување во висина од 100 % од основната плата и додатоци на плата, а се воведуваат поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критични специјалности за Армијата.
Придобивки има и во делот на пензионирање на војниците.
Од сега, војниците ќе се стекнуваат со право на пензија со навршени 40 години работен стаж, односно 38 години за жени, без оглед на возраста.
Има и нова пресметка за активен воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата, во висина од 80% од најповолните 10 години од пензискиот стаж.
Со измените се создава можност за исплата на отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години возраст во износ од две просечни плати, но не помалку од 1000 евра за секоја година помината во службата.
Овие законските измени се усвоени а придобивките од нив ќе ги почувствуваат над 6.700 припадници на Армијата кој секојдневно се на браникот на државата.

Обука на армиските единици на вежбовниот полигон и стрелиште „Стенковец“

На вежбовниот полигон и стрелиште „Стенковец“ од вчера па до 8 мај во вечерните часови ќе се изведува обука на армиските единици во склоп на која ќе се користат вежбовни артифиции, информира Министерството за одбрана (МО).

-За време на изведување на планираните активности во склоп на обуката, во одредени периоди ќе се слушаат истрели од вежбовна муниција и други вежбовни средства, а ќе има и зачестено движење на воени возила, додека во утринските часови на ден 6 мај ќе има и активности во воздух, соопшти МО.

Наведените активности, се вели во соопштението, се дел од редовните планови за изведување на неопходната обука на припадниците на армиските единици на овој полигон, при што се преземени сите неопходни превентивни мерки за безбедност на учесниците и околината.

-Согласно процедурите, со наведената активност се запознаени и надлежните институции на територијата на град Скопје, потенцираат од МО.