Tag Archives: Бадник

Коледарчињата пејат: Коледе леде….вечерва семејството се собира на вечера

Бадник – ден пред големиот христијански празник Божиќ! Утрото вообичаено и традиционално започнува со „Коледе.
Но според сите толкувања на обичаите, Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството.

Традиционално, во Македонија семјството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје … и се’ што асоцира на богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ.

На Бадник во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става паричка. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. И за овој обичај постојат варијации во спроведувањето во различни краишта на Македонија. Некаде, најмногу во западна Македонија, овој обичај со паричка во лепчето се прави за Василица.

Истражувачите сметаат дека во претхристијанскиот период, овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обновување на животот. Подоцна, христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците заради Сонцето, туку заради оној што го создал Сонцето“.

На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. Со овој чин завршуваат божикните пости и верниците што постеле веќе можат да се омрсат на божикниот ручек.

(Видео) Бадникова поворка во Охрид – дечињата пеејќи ја ангелската песна „Вечниот Бог”го најавуваат Христовото Раѓање

По двегодишна пауза поради пандемијата на Ковид-19, денеска во периодот од 10 до 12 часот во вкупно 62 градови и населени места во земјава илјадници деца ќе чекорат во бадникови поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот Бог” ќе го најавуваат Христовото Раѓање.

Видео:

https://fb.watch/hTVqsqcdxG/

Прослава на Бадник во Скопје – Бадниковата поворка и коледарската песна го осветлија градот (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Илјадници деца и верници во 62 градови и населени места во Македонија денеска чекореа во бадниковите поворки на радоста, пеејќи ја ангелската песна која го најавува Христовото раѓање.

Најмасовната бадникова манифестација се одржува во Скопје. Почна со празничен концерт на Градскиот плоштад „Македонија“, а потоа бадниковата поворка тргна преку Камниот мост кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“, каде коледарчињата беа дочекани и дарувани од архиепископот г.г. Стефан.

На манифестацијата пред Соборниот храм, беа упатени пораки за добро здравје, благосостојба, среќа и душевен мир во новата година одградоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, здравичарот Иванчо Стефков, бадникарскиот кум за 2023 година Мојсо Мојсовски и кумовите Драган Спасов Дац и Александар Митевски.

– Како вчера да беше кога пред точно 30 години за првпат го почувствуваме гостопримството на светите лица во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Добивме претходно благослов од г.г. Михаил кој ни го даде името Бадникари. Беше малку порано отколку што е сега и пред објектот имаше многу малку луѓе за ралзика од сега. Нашата приказна е мошне долга и интересна. Дозволете на сите да ви ја честитам новата година и да ви посакам се што е лошо да остане зад вас, поминете ги добро празничните денови, порача новиот бадникарски кум, Мојсо Мојсовски.

ФОТО: П.Стојановски

(Во живо) Во Соборна, во Скопје, почна одбележувањето на денот пред раѓањето на Исус Христос

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје почна одбележувањето на денот пред раѓањето на Исус Христос – Бадник.

Покрај бадниковата химна во изведба на Силви Бенд, беше подигнато и бадниковото знаме, а се осветуваат и бадникови гранчиња.

На одбележувањето ќе бидат пречекани бадникарските кумови за 2023 година Мојсо Мојсовски и Марко Илковски јуниор со бадникова погача и здравичарот Иванчо Стефков.

Ќе се одржи и пречек на ланските кумови Драган Спасов Дац и Александар Митевски со сопругите и Бадникарскиот ќуп.

Потоа во Соборниот храм тие ќе имаат куса средба со архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ќе ја благослови погачата.

На бината, свое обраќање ќе имаат сите учесници од манифестацијата и ќе се изврши примопредавањето на Бадникарскиот ќуп, по што новите кумови ќе бидат испратени до пајтонот.

На настанот е најавено присуство и на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалниците на Општина Сопиште, Стефче Трпковски, и на Општина Центар, Горан Герасимовски.

https://fb.watch/hTI73ynAOx/

Ќе се палат ли вечерва Бадникарски огнови, од МПЦ-ОА апелираат обичајот да запре

Ќе се палат ли вечерва Бадникарски огнови, од МПЦ-ОА апелираат обичајот да запре

05/01/2023 08:28

Апели вечерва да не се палат Бадникарски огнови и годинава доаѓаат од редовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во изминативе години во бројни населби во македонските градови, по традиција, вечерва спроти утрешниот празник Бадник, палат огнови околу кои се собираат граѓани. Но, од МПЦ-ОА повторно предупредуваат дека во период на енормно високо аерозагадување, но пред се заради тоа што палењето на Бадникарските огнови не е во склад со христијанството и традицијата.

-Некои работи излегоа од контрола во врска со обичајот. Оган како оган не е проблематичен. Оган имало и кај пастирите кои дошле да се поклонат на раѓањето на Исус Христос. Проблемот е нашиот пристап и сето она што се случува околу огнот. Особено греаната ракија којашто треба да ја нема, Бадник е последниот ден и последната вечер пред Христовото раѓање, пред големиот празник, кога постот е веќе поголем кога всушност ние бдееме и го поминуваме времето во сеќавање и во молитва на Бога и на неговото раѓање, укажа отец Сашо Николовски, старешната на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во изјавата за телевизијата Канал 5.

Црквата ги повикува верниците да го почитуваат овој апел и да почне процесот на конечно прекинување на оваа традиција меѓу народот која нема верски елементи на празнување. Ставот е дека е неприфатливо во време на пост да се прават забави, да се мрси, а луѓето место во црквите на служба и молитва, се присутни околу огновите, кои се пагански, а не христијански обичај. Се нагласува дека е најдобро дрвата да се донираат на граѓаните коишто имаат потреба за огрев.

Дали верниците ќе ги прифатат овие апели останува да се види бидејќи во голем број од градовите во земјава палењето на Бадникарските огнови е долга традиција.

ВО ПРЕСРЕТ НА БАДНИК: Со божикната песна Вечниот Бог утре Бадникови поворки во 62 градови и населени места низ Македонија

Во пресрет на Бадник и одржувањето на Бадниковите поворки, објавена е третата верзија и спотот на божикната песна „Вечниот Бог“.

Официјалната промоција на песната и спотот ќе се одржи утре на градскиот плоштад „Македонија“ во Скопје, во рамки на малиот божиќен концерт што ќе и’ претходи на Бадниковата поворка.

-Создадовме дело што треба да го предизвика вниманието на новата генерација деца, на коишто имаме света должност да им ја пренесеме нашата православна традиција на празнување Бадник и Божик, онака како што нашите претци ни ја оставиле нам во предание. Едноставноста на амбиентот и скромната трпеза во спотот, сведочат за вистинските вредности на Христијанинот и за миг ни ги ослободуваат сетилата од пренатрупаноста на секојдневието, за да можеме да го почувствуваме Божик во срцето, да се Роди Христос во јаслите на нашите души. Низ ова визуелно дело, ги поучуваме нашите деца, наместо кон обилна телесна гозба, да стремат кон ангелската храна, кон слатката гозба на верата, на правдата, на христијанската радост. Па така, на Божик, да ги посетиме и прегрнеме ближните, заборавените, немоќните, да споделиме, да си простиме, порачуваат во соопштение од Здружението „Бадникови поворки“.

Теретата верзија на „Вечниот Бог“  снимена месецов е во режија на Дејан Пројковски, Горан Наумовски – директор на фотографија и Стојан Стојановски – камера и монтажа, а во изведба на Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски и Златно славејче.

Останатиот дел од екипата која беше дел од создавањето на ова аудио-визуелно дело се актерите Крсте Јовановски, Петар Мирчевски и Валентина Грамосли, Лука Николоски, Јордан Цветкоски, Теофанија Костоска, Јустина Петреска, Лука Аритоновски, Петар Танески, Јована Блазеска, Теодора Бпреслиева, Марија Филипов Илиева, Ристе Филипов.

Аранжман и оркестрација Владимир Димовски.Владимир Цветковски – виолина, Владимир Димовски – виола, Кирил Јосифов – виолончело, Митко Иванов – контрабас, Иван Еминовиќ – клавијатури и синтисајзер, Симона Богоевска – харфа, Кристина Љушкоска – флејта, Петар Христов – сопран, саксофон, алт саксофон, Мојца Седеу – тимпани, чинела. Хор – Златно славејче.

Бадниковите поворки со почеток во 10 и 11 часот утре ќе се одржуваат во 62 градови и населени места во Македонија.

https://fb.watch/hSuj_WxGEC/

Божиќна порака на г.г. Стефан: Сите неприлики на современото човештво доаѓаат од моралната криза

Православните верници утре (7 јануари) ќе го прослават Божик, раѓањето на Синот Божји, Исус Христос. По тој повод архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упатија божиќна порака.

– Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Денес се случила најголемата тајна на нашата побожност – предвечниот Бог „стана човек заради човекот“ и „ се вочовечи за човекот да се обожи“.

Синот Божји, како што било претскажано, се роди во Витлеем: од ангелите беше објавен со песна за мир и добра волја меѓу луѓето, пастирите Му се поклонија, а мудреците Го даруваа. Затоа, секој Божик нè потсетува дека не сме сами и оставени и нè повикува со мислите да се пренесеме во Витлеем за да Му се поклониме на Богомладенецот, за да Му се приближиме на Бога за и Тој да ни биде близок и преку верата да се насели во нашите срца. Само доколку сме богољубиви и човекољубиви и доколку живееме по евангелските начела – секој ден ќе ни наликува на Божик и само така ќе имаме мир во себе и добра волја кон сите луѓе. Смислата на Божикното прославување е во радосната вест дека Бог од љубов се родил како човек во Личноста на Господ Исус Христос, за човековиот род и сите созданија благодатно да ги овековечи во Својата Црква. Затоа постојано да Му благодариме на Бога преку верата, љубовта и надежта, со молитви и со добри дела, знаејќи дека само со Божја помош можеме да ги надминеме сите тешкотии и сите искушенија. На овој спасоносен ден да си спомнеме и за последниве тешки години, предизвикани од пандемијата, која покажа дека човекот е премал и немоќен да ѝ се спротивстави сам. Сите неприлики и на современото човештво доаѓаат од моралната криза, од неа се раѓаат сите недоразбирања меѓу народите и од неа произлегуваат сите проблеми со кои секојдневно се сретнува и ова наше поколение. И ако годинашниов Божик го дочекуваме загрижени за здравствената состојба во светот, и за последиците од неа, да не го заборавиме ветувањето на Синот Божји дека Тој ќе биде со нас до крајот на светот, дека Божјата љубов е над сите искушенија и дека неможното за луѓето е можно за Бога.

Честитајќи ви го Божик, на сите чеда на Македонската Православна Црква, овде во Татковината и насекаде по светот, како и на сите луѓе со добра волја, ви посакуваме мир и изобилни дарови од Новородениот Богомладенец, поздравувајќи ве со радосниот поздрав: Христос се роди! Честито и благословено Новото Лето Господово!, стои во божиќната порака на г.г. Стефан.

Значењето на Бадник и Бадниковото гранче

Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24 декември, додека пак според Јулијанскиот календар секогаш е на 6 Јануари. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.

Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенското значење – да бидеш буден.

И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.

Кога станува збор за обредните елементи поврзани со Бадниот ден и Бадник, мора да се има предвид дека тоа се комплексни обичаи кои се случуваат неколку ден пред Бадниот ден, но и по него и сврзани се со обележување на раѓањето на Исус како симболза новото Сонце – новата година.

Самото најавување на доаѓање на новото божество започнува на Св. Игнат. Од тој ден па се до Бадна вечер нашите предци палеле оган среде село и на врвовите на брдата за да го осветлат патот, како божеството не би го заобиколило нивното село.

На ден пред Бадник ритуално жените се подготвувале за месење на обреден леб (се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, кој што го нарекувале Божја брада) и се чувал поврзан со црвени конци. На тој ден се одбира и домашно животно кое ќе биде „жртвувано“ за Божик, како и опрема за сечачот на Бадникот.

Во најголем дел кај Јужните Словени, како традиција за Бадник е сечење на младо дабово дрво, сер, а поретко бука или ела. Најчесто се сечел еден бадник, но во некои краеви се сечеле и три, а забележано е и сечење на девет бадници во Херцеговина. Постои и специфичен обичај да се сечат гранки според бројот на машките членови на семејството.

Сечење на Бадникот е обвиткано со многу строги обредни правила: По Бадникот се одело рано наутро и најчесто одел домаќинот. Бидејќи одење по бадниково дрво представувало еден од најважните чинови, домаќинот бил облечен во нова облека.

Сечачот на Бадникот пред сечењето не зборува, а кон Бадникот пристапувал со поздрав и обраќање за на тој начин го побратими или велича бадникот. Бадниково дрво се сечело секогаш од источната страна. При сечењето се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни апотропејни моќи.

Бадникот не се внесува во куќата се до првиот самрак и најчесто се оставал потпрен на ѕид.

Внесување на бадникот е проследено со обредно внесување на сламата и сито кое е наполнето со суви овошја со кои се посипувал бадникот, а потоа со ситото се ставало на трпезата или до огништето.

При внесувањето на Бадникот домаќинот ги поздравува домашните, а тие го поздравуваат Бадникот со благослови. Одејќи со сламата низ куќата домаќинот ја имитирал квочката, а домашните го следеле со ономатопеја на пилињата. На тој начин се барала подршка од натприродните сили за благосостојба и плодност.

По вечерата Бадникот се ставал во огниште да гори и најчесто домашните го чувале цела ноќ. Во некои краишта Бадникот се полевал со мед, во други на него се ставала златна пара. Во некои краишта, Бадникот не се оставал да догори до крај и неговиот остаток се чувал како силен апотропеон за болести, заштита од штетници и слично.

Името на Бадникот доаѓа од зборот бдеење, кое било својствено за практиката бадникот да гори цела ноќ со што неговите моќи се пренесувале на огништето кое го симболизирало семејството и напредокот.

Бигорски манастир: Лепче со паричка за Василица, а не за Бадник

Тра­ди­ци­о­нал­но, во Ма­ке­до­ни­ја се­мејс­тво­то се со­би­ра на ве­че­ра на Бад­ник. Се под­го­тву­ва бо­га­та тр­пе­за иск­лу­чи­тел­но со пос­на хра­на: пи­ту­ли­ци, сар­ма, грав, ком­пир, ри­ба, зел­ник, овош­је и дру­го, што тре­ба да обез­бе­ди бо­гат род на зем­јо­дел­ски­те кул­ту­ри во следната го­ди­на.

Во се­ко­ја ку­ќа се ме­си крав­ја­че, пи­та или по­га­ча во ко­ја се ста­ва па­ра. Си­те при­сут­ни во сво­јот дел од крав­ја­че­то ја ба­ра­ат па­ра­та и тој што ќе ја нај­де се сме­та за нај­среќ­ни­от во го­ди­на­та што прет­стои.

Свети Василиј Велики бил епископ на Кесарија и живеел во единство со неговите сограѓани, со љубов, разбирање и помагање еден на друг.

Еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакаше да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој помина близу Кесарија. Тогаш Св. Василиј, кој добро го познаваше, бидејќи беа соученици во Атина, излезе заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености.

Но, светиот немаше ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принесе на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принесе скапоцености, бидејќи не сакаше да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија беше навистина сиромашно. Кога го виде тоа, Јулијан им нареди на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот за возврат. Тогаш светиот праведно му одговори на Јулијан: „Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш.”

Кога ги слушна овие зборови, Јулијан многу се налути и вети дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера.

Поради тоа, Св. Василиј побара од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, епископот им наложи на Христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан.

За време на богослужбата, светиот имаше небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, нареди да го повикаат маченикот Меркуриј и го испрати со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го виде и св. Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргна против безумниот цар и го уби со своето копје. Освестувајќи се од ова видение, св. Василиј, во придружба на неколку клирици, побрза во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имаше пострадано во Кападокија и видоа дека од храмот беа исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чуваа. Подоцна дојдоа во градот вести дека Јулијан е убиен. Всушност, тоа што го виде великиот Василиј, беше токму тоа, што во истиот миг, навистина се случи на едно место недалеку од Кесарија.

Така се спаси градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се најде во многу тешка положба. Требаше да го подели златото, кое граѓаните го собраа за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помоли светителот и Бог го просвети што да направи. Тој ги повика своите ѓакони и помошници и им рече да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите беа готови, епископот ги подели како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудија, а потоа нивното изненадување стана уште поголемо: кога секое семејство го пресече лебот, во него најде злато, но не било кое, туку токму она што му го имаше дадено на својот епископ.

Така значи, со тогашната „василопита”, Св. Василиј им донесе и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на свети Василиј, 1ви јануари, месиме василопита и внатре ставаме златник, во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија.

Бадник е најголемиот празник на радоста, заедништвото и топлината во домот

Бадник е еден од најубавите христијански празници кога целото семејство се собира на вечерата.

Овој ден ја симболизира љубовта, топлината на домот, слогата и заедништвото. На бадниковата вечера се подготвуваме за најголемиот празник Божиќ, кога го славиме раѓањето на големиот Исус.

Денот почнува со песната на коледарите кои ги будат домаќините и носат топло расположение во домот. Се верува дека колку повеќе коледари го посетат домот, толку повеќе среќа и изобилство ќе има во домот.

Се приготвува лепче со паричка за кое се верува дека ќе донесе среќа на членот на семејството во чие парче ќе биде, а трпезата е посна и со слатки за да имаме слатка и богата година. Во некои делови од Србија, се мачка мед на лепче за да се има слатка и мирна година богата со здравје.

Некогаш храната се служела на слама поради симболиката на сламата во која е роден Исус. Најголемиот обичај е да се биде дома со семејството во убава атмосфера, а трпезата не ја симболизира само храната туку и духот на заедништво, радост и песна.

Оние кои имаат печка на дрва го горат бадниково дрво и велат : колку жарчиња, толку парички. 

Иако храната  е важна, на овој ден најважна е позитивната мисла, заедништвото, грижата за другите, а тоа е најизразено оваа година кога веќе години по ред сме во пандемија и се грижиме за своите блиски и нивното здравје и благосостојба многу повеќе од порано.

Ова е ден кога треба да се смириме со нашите блиски, да им посакаме добро здравје и бериќет и да се помолиме за топол дом, спокој и благосостојба. Ништо повеќе од тоа не ни е потребно во овие тешки времиња.