Tag Archives: Исис

Пријава за скопјанец кој повикувал, врбувал и потикнувал лица да се приклучат на ИСИС

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С.И. (30) од Скопје кој преку социјална мрежа повикувал, врбувал и потикнувал лица да се приклучат на Исламска држава и да војуваат за неа.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, од страна на ОСОСК, во август 2015 година, С.И., заедно со уште 34 други лица се кривично пријавени за кривично дело „учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации„ (член 322 а, став 1 и 3), за што е осуден на 10 годишна затворска казна и во моментов се наоѓа на издржување на затворската казна во КПД.

–Со цел обезбедување на докази за сторени нови кривични дела од С.И., од страна на ОЈО за ГОКК до надлежните органи во Република Косово е побарана меѓународна правна помош, при што од страна на Специјалното обвинителство на Косово е доставен одговор со соодветни докази, а од доказите е утврдено дека на 25.07.2015 на социјална мрежа е објавена фотографија со испишан текст на албански јазик, со кој С.И. повикувал, врбувал и потикнувал лица да се приклучат на Исламска држава и да војуваат за неа. Пронајдени се и други објави во врска со кривичното дело, стои во соопштението од МВР.

С.И. се товари за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени параполициски формации” предвидено и казниво по член 322-а став 4 од Кривичен законик.

Во земјава вратени тepopиcти на ИCИC и членови на нивните семејства од Сирија и Ирак

Доцна синоќа, Владата на Република Македонија, успешно го заврши процесот на репатријација на државјани на Република Македонија од Сирија и Ирак за 4 мажи – странски терористички борци, 5 жени и 14 деца.

Процесот е спроведен согласно обврските на Република Македонија кои произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации, информираа владините служби.

„Против четворицата странски терористички борци, по претходно обезбедени докази од страна на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, и во координација со Агенцијата за национална безбедност, поднесени се соодветни кривични пријави во согласност со националното законодавство.
Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за истите имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство, определена е мерка притвор, со решение на надлежен суд“, стои во владиното соопштение.

Надлежните соопштија дека репатрираните жени и деца ќе подлежат на четиринаесет дневен здравствен карантин на доброволна основа и неопходни лекарски прегледи, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, со цел заштита на јавното здравје.

Во наредниот период, надлежните служби ќе работат на обезбедување докази за можно учество во инкриминирани дејствија, за секој случај поединечно. Со исклучување на можноста за нивна вклученост во дејствија кои подлежат на казнено – правна одговорност, почитувајќи го во целост начелото на доброволност, ќе отпочне процесот на нивно рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата, односно во општеството.

Сите мерки и активности кои се преземаат од страна на институциите се базираат на обврските од Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата на Република Македонија, а за чија координација и имплементација е надлежна Канцеларијата на Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.

Република Македонија, како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во соработка со нашиот стратешки партнер САД, останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, со цел осигурување на безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот, велат од владата.

Пет лица од Куманово станале дел од ИСИС, обвинети за терористичка група „ќелија“

По спроведена сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против петмина жители на Куманово и тројца скопјани. Според дејствијата опишани во Обвинителниот акт, Б.Г.(28), Р.А.(31), С.И(31), А.С.(21) и Ј.К.(25) сториле кривично дело – Терористичка организација од член 394-а ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, обвинетиот Б.Ф. (33) сторил едно кривично дело – Терористичка организација од член 394-а ст.2 во врска со ст.1 и едно кривично дело – Служба во непријателска војска од член 322 став 1 од Кривичниот законик, Д.А. (21) е обвинет дека сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 ст.1 од Кривичен законик и обвинетиот И.М.(23) сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

​Во периодот од 2019 и 2020 година, на територијата на нашата земја, обвинетите Б.Ф., Б.Г., Р.А., С.И., А.С. и Ј.К., станале припадници на злосторничка организација – терористичка организација „ќелија“со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, создадена во почетокот на 2019 година од страна на претходно обвинетиот Б.А. Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група „ќелија“ секој од нејзините членови имал конкретни задачи, па така обвинетите Б.Ф. и Б.Г. добивале конкретни задачи од обвинетиот Б.А., при што му обезбедувале логистичка поддршка и имале задача, заедно со уште тројца претходно обвинети, да обезбедат патничко моторно возило со кое ќе го пренесуваат и објекти во кои ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема, да изработуваат импровизирани експлозивни направи, собирале информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации. Обвинетите Р.А., С.И. и А.С., како припадници на групата учествувале и во активности на собирање и обезбедување на информации од значење за целите на терористичката група и вршеле опсервирање на објекти и локации. Обвинетиот Ј.К. пак, вршел собирање, едитирање и титлување на преводи, од арапски на албански јазик, на видеа од боиштата во Сирија и Ирак и од извршените терористички напади во Франција и Шпанија, како и снимки во кои се прикажува начинот на изработка на експлозивни направи, на извршување напад врз лица, на безбедно користење на интернет апликации за комуникација и снимки со декапитација на жртвите на ИСИС/Исламска држава, со што овозможил пристап на поголем број на луѓе до ваквите радикални содржини.

Врз основа на доказите прибавени во истрагата, обвинителството дојде до сознанија дека обвинетиот Б.Ф., како граѓанин на Република Македонија, во периодот од 4.05.2014 година до 2.06.2014 година, за време на вооружен судир активно учествувал во активностите во непријателската вооружена формација терористичка организација Исламска држава – ИСИС, каде во евиденциите на ИСИС е заведен како борец.

Воедно, во спроведената истражна постапка обвинителството утврди дека во текот на 2020 година во Куманово, обвинетиот Д.А. неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Застава“ со калибар 7.62 мм, што неовластено го продал на претходно обвинетиот В.А., а во истиот период во с.Табановце, Кумановско, обвинетиот И.М. неовластено држел огнено оружје – автоматска пушка со калибар 7.62 мм, автоматски пиштол „Шкорпион“ со калибар 7.65 мм, кое оружје им е забрането на граѓаните и огнено оружје – марка „Застава“ со калибар 7.62.

Со опишаните дејствија обвинетите ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар. Имајќи ги предвид мотивот за сторувањето на делата, односно создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните, како и тоа дека се уште постојат околностите врз основа на кои била определена и продолжувана мерката притвор, а особено фактот дека постои опасност обвинетите доколку останат да се бранат од слобода да ги повторат кривичните дела што им се ставаат на товар, со Обвинителниот акт, предметниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и Посебен предлог. Во предлогот заради обезбедување на присуство на обвинетите и непречено водење на кривичната постапка, се предлага на судот мерката притвор спрема шестмина обвинети да биде продолжена, додека за двајца обвинети е предложено мерката притвор да биде заменета за поблага мерка – куќен притвор.​