Tag Archives: корона

“Починатите не се само бројка во статистиката, мојот сопруг не дочека вакцина, Здравко требаше да живее, никој не одговара на прашањата!”

Наде Јовчевска е сопруга на Здравко, еден од речиси 7000 илјади македонски граѓани кои го загубија својот живот во битката со Ковидот.

Наде има огромен број прашања поврзани со смртта нејзиниот сакан на кои со месеци нема одговори. Вакви одговори од министерот Филипче и другите здравствени институции чекаат десетици илјади луѓе кои ги загубија своите родители, деца, роднини, пријатели ….

Во продолжение целата ситуација околу смртта на Здравко, човекот што како и сите други жртви на пандемијата требаше да живее:

Починатите од ковид не се само бројка во статистиката, туку се луѓе кои имаат семејства, деца, родители, колеги, пријатели, роднини, кои по губењето на своите блиски остануваат со многу неодговорени прашања….

Мојот сопруг, Здравко Јовчевски, го загуби животот прерано, на само 39 години, на 7 април 2021 година во болницата “8 септември” , на ковид интензивна нега одделение.

Зад себе остави сопруга и две малолетни деца. И многу прашања за кои се уште јас како сопруга, со месеци, чекам одговори кои никако да ги добијам од официјалните институции, и покрај регуларно доставените барања.

Од самата појава на Ковид 19 во Македонија, следевме мерки на заштита и повеќе од она што го препорачуваше државата. Мислам дека ретки беа луѓето кои толку внимаваа на ковид протоколите колку нас. Со месеци чекавме и следевме што се случува со вакцините, како оди набавката на вакцини против Ковид 19 и се надевавме дека брзо ќе пристигне и во Македонија и ќе бидеме безбедни.

Но за жал, мојот сопруг не дочека вакцина. На 20 март 2021 година започна борбата на нашето семејство со Ковид 19. Следејки ги сите насоки од матичната докторка, мојот сопруг пиеше комплетна витаминска терапија и ивермектин уште од појавата на првиот позитивен тест кај синот. Но и тој на 23 март доби позитивен тест. По првата крвна слика, која беше стабилна, меѓу останатото му беше даден и антибиотик Pancef на CRP вредност од 4,6.

Патем, сопругот ниеднаш не беше прегледам од матичната докторка. Се прашувам дали матичната докторка му даде Pancef за да го заштити или себе да се заштити од можни компликации, кога веќе државата не ги заштити ни пациентите ни докторите со креирање на протокол за лекување од Ковид 19?

И додека луѓето од Македонија одеа во соседна Србија да се вакцинираат, ние веќе боледувавме. Задоцнивме две до три недели….а државата задоцни со вакцинацијата за илјадници починати и зацрнети семејства…

На своја иницијатива на 27 март кај приватен рендгенолог направивме и рендген снимка на белите дробови на сопругот која покажа наод на двете белодробни крила. Со снимката Здравко замина на контрола во ГОБ „8 Септември” од каде се врати со насмевка дека докторите го смириле дека „не е ништо страшно, и скоро сите имаат ваков наод”, но со додадена терапија Sumamed двојна доза за 6 дена и продолжување со Pancef, и додадени кортикостероиди Декортин, без воопшто да се направи крвна слика.

Антибиотиците, и тоа два од кои еден во двојна доза се недозволиви за лекување на вирусна инфекција, тоа го знаат и студентите на I година во средното медициско училиште, а не пак ние кои маката не натера на секакви проучувања.

Дента на 30 март 2021 по измерена сатурација под 85 итно заминавме во ГОБ 8 септември каде веднаш беше ставен на кислородна поддршка и му беше земена крв за анализа и рендген на белите дробови.

Не сакам да зборувам што се видов во тријажното одделение тој ден во ГОБ 8 септември, од луѓе кои нема кој да ги упати каде да појдат за рентген снимка, до бабичка која три часа лежеше на болнички кревет во чекална и никој не и ја провери состојбата, дали спие или е нешто друго во прашање, до чекањето три и повеќе часови за резултати, до сестрата која го вртеше регулаторот за кислород на сопругот на ѓутуре.. и тогаш започна вистинската голгота.

Секој ден со часови упорно вртев во одделенијата каде што беше сместен сопругот со цел да добијам информација како е.

Едвај добивав линија.

Скоро секогаш одгвоорот беше дека е стабилен, освен кога докторка ми кажа дека ќе се симне на Интензивна нега поради мониторинг, затоа што имал цитокинска бура…..

Неколкупати прашував дали треба нешто да купам, да донесам некој лек кој можеби го немаат, им кажав дека и под дрво и камен ќе најдам се што треба, но ми велеа дека имаат се. Единствено што ми побараа беше озонотерапија која ја набавив и однесов во рок од еден час и му беше аплицирана.

Не знам зошто не му беше аплициран Tonzicilimb Actemra за кој подоцна дознав дека ја смирува цитокинската бура, која тој ја доживеал двапати.

Но подоцна најдов и порака кај него дека „апаратчето било заглавено, и “и овие овде не знаат што прават”. Не сакам да знам што тоа се може да значи и со каква апаратура располагале, тоа е работа на Државен санитарен и здравствен инпекторат.

Мојот сопруг го добив на телефон последен пат на 03.04.2021 година. Дента претходно и тој ден рече дека е добар и дека примил и крвна плазма и озонотерпаија и дека сите се надевале дека ќе биде се во најдобар ред.

Потоа го снема…

Подоцна добив повик дека е на респиратор поради влошена состојба и вода во белите дробови, за на крај, на 7 април во 19.40 да ми се јават дека ја изгубил битката со Ковид.

Мојот сопруг имаше 39 години, беше комплетно здрав и витален, без ниеден коморбидитет, без никакви здравствени прблеми и непушач.

По неговата смрт почнав да се распрашувам како е лекуван, што се му е давано, да истражувам какви се ковид протоколите на СЗО и во другите земји, кои протоколи се користат кај нас, и не најдов никаков унифициран ковид протокол за сите нивоа на здравствената заштита, ниту за матични лекари, ниту за секундарно, ни терцијално здравство, кои очигледно уште ги нема!

И дојдов до повеќе работи кои беа контрадикторни. Така почна моето барање на одговори од надлежните институции.

Јас имав сомнежи дека мојот сопруг почина меѓу останатото и од негрижа и нестручност и тоа поради повеќе причини за кои побарав одговор во надлежните институции од кои уште од мај немам одговор.

Досега се имам обратено до Министерството за здравство со две барања, едното е Барање за вонреден инспекциски надзор на комплетното лекување на мојот сопруг, за кое не добив официјален одговор и по повеќе контактирања од моја страна, а е поднесено на 14 мај.

Истиот ден е поднесено барање до Државен санитарен и здравствен инспекторат за вонреден инспекциски надзор на лекувањето на Здравко, за кое добив одговор дека документите кои се собрани се пратени на понатамошна ревизија во лекарската комора.

Од лекарската комора, откако јас се јавив и конечно добив некаков одговор кон средината на август, ми кажаа дека на 17 јуни добиле документи но се уште нема составено комисија. Истиот одговор го добив и кон средината на септември годинава.

Колку време им е потребно на Лекарската комора да состават комисија??

Дополнително, во Министерството за здравство поднесов Барање и за вонреден инспекциски надзор на лекувањето на мојот сопруг од страна на независна лекарска комисија од универзитетски професори, за кое не добив никаков одговор, и по моето барање на архивски број.

Со целиот случај е запознаен и Народниот правобранител, кој неколкупати реагираше но нема позитивен исход. Комплетната медицинска историја која ја добив по месец дека безуспешно барање на одговор по мејл, и за која морав лично да одам да поднесувам барања, даде некоја сосема друга слика од она што мене ми беше кажувано по телефон од страна на болницата „8 септември’.

Во медицинската историја како последна потврдена дијагноза на мојот сопруг стоеше сепса, поточно дека мојот сопруг починал од сепса од бактерија и од септички шок, кој според документацијата се јавил дента по интубирањето на респиратор, со огромно покачување на Проталкацилинот.

Освен сомнежите кон примарното и секундарното лекување, се прашувам зошто на мојот сопруг му е прекината терапијата со хепарин и дадени потоа алтернативни антикоагулант и лекарста? Ми кажаа дека имал крварење, дали бил повреден при ставање на респираторот?

Имам многу прашања кои ме мачат како немедицинско лице, и очекувам комплетен медицински извештај од институциите.

Зошто и по приемот во болница од 30.03 е давана комбинирана антибиотска терапија кога тој до 1.04.2021 не покажувал знаци на бактериска инфекција?

Зошто постојано му е уништуван имунитетот без потреба, и кога веќе му требале антибиотици тие да не делуваат на неговата состојба заради претходно непотребно давање на антибиотици на сите нивоа?

Со која количина на кислород е третиран мојот сопруг?

И дали бактеријата која ја добил и е причина за септичкиот шок е добиена во болница, а е, според сите показатели?

Зошто мојот сопруг не добил Cipap маска туку веднаш бил интубиран на респиратор?

Се уште ги чекам надлежните институции, од мај месец, да дадат одговор на моите прашања. А НА КРАЈОТ НА СЕПТЕМВРИ – ОДГОВОРИ НЕМА!

Веќе неколку месеци очекувам одговор и јас нема да се откажам.

Апелирам до сите луѓе во Македонија кои изгубија свои блиски: НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈТЕ ОД ВАШИТЕ НАЈБЛИСКИ! Побарајте си ги сите оние права кои ви следат како на блиски на починати, тоа им го должите и ним, и на вас и семејството. Тоа се ваши загарантирани права кои треба да ги искористите.

Затоа што нашите блиски не се статистички податок, нашите блиски не се бројка, мојот сопруг не е “Починат од Скопје (39)” туку е ЧОВЕК кој се вика Здравко Јовчевски и кој требаше да го живее животот многу подолго од ова!

Истото е и за сите ваши блиски! Ние им го должиме тоа, и тоа е наша обврска, на нас, кои останавме овде после нивното заминување!

Ве замолувам, не се откажувајте од своите најсакани, борете се за нив и не дозволувајте неправдите и грешките, доколку ги има, да поминат неказнето и пред се, да се повторуваат. Затоа што ако имало проблеми при лекувањето, вашите блиски тоа го платиле со живот! Одговорност мора да има!

Нада Јовчевска, сопруга на Здравко Јовчевски

Текст: Експрес.мк

Милена: На Инфективна ОСВЕН ЧУВАР НЕМА ЖИВА ДУША!

Koронавирусот или Ковид 19 веќе повеќе од една година демнее во светот, а бројките на позитивни, заболени, починати, постојано варираат, па на пандемијата како да и нема крај.

Водителката Милена Антовска поради својата професија и контактот со голем број на луѓе уште од самиот почеток беше изложена на ризик. Антовска пред неколку месеци прележа корона. Имено, како што обзнани тогаш на социјалните мрежи таа беше во изолација.

Тогаш не откри дали имала потешки или полесни симпотми и дали имала контакт со некој позитивен… Меѓутоа, деновиве нов вирус ја нападна водителката поради кои заврши на инфективно.

Во кусите приказни на „Инстаграм“, Милена откри дека добила стомачен вирус и поминала многу полошо отколку кога имала корона.

Како што објасни, освен таа, стомачен вирус добиле и нејзиниот сопруг Гордан, ќерката Лана Марија, а Антовска завршила и на инфузија.

Како што раскажува Милена во „Инстаграм стори“, Брзата помош не дошла бидејќи наводно немала што да прави, па водителката морала да се обрати во приватна клиника и да ја прими соодветната терапија.

„Да не биде дека само се фотографираме и објавуваме фотографии и само фини нешта“, вели водителката.

Таа истакна дека ги разбира здравствените работници дека се изморени поради пандемијата со коронавирусот, но вели дека на секој човек треба да му се укаже здравствена помош.

„Јас разбирам дека докторите се преморени, јас лично сум уверена бидејќи на терен, посебно лани, снимав кога беше најтешко и знам колку се посветени и колку беа растрчани насекаде.

Но, тоа не значи дека луѓето кои имаат потреба од здравствена помош треба да трпат затоа што во моментот нема здравствено лице на некоја од клиниките. Не сакам својата позиција, професија да ја користат и да барам „врски“. Тоа не треба така да биде. Некој ќе каже „де стомачен вирус“. Но, верувајте јас стомачниот вирус го поминав 10 пати потешко и ми беше полошо отколку кога имав корна“, вели Антовска.

За среќа, ситуацијата заврши среќно, водителката оздраве, па се врати на својата работа и пред ТВ екраните на утринската програма на Канал 5 телевизија.

За секој десетти Македонец вирусот корона не постои, „Спутник В“ најпосакувана вакцина

Секој десетти Македонец верува дека коронавирусот не постои, покажало истражувањето на јавното мислење кое го спровела Владата.

Според податоците, 11 отсто од граѓаните сметаат дека коронавирусот не постои, додека 3 отсто немаат одговор на ова прашање. Вирусот е реалност за 86 проценти од анкетираните граѓани.

Врз основа на истражувањето, 73 проценти од граѓаните изјавиле дека немаат прележано Ковид 19, 51 отсто дале потврден одговор на прашањето дали ќе се вакцинираат, 18 проценти се уште не одлучиле, додека пак 28 отсто изјавиле дека не размислуваат да се вакцинираат.

Според истражувањето, 51% од граѓаните би примиле вакцина, 18% се уште се мислат, а 28% рекле дека нема да се вакцинираат. Истражуваето покажало дека на Македонците омилена вакцина им е Сптуник В. За нејзе се изјаниле 65% од испитаните додека 61% би се вакцинирале со Фајзер. За кинеската вакцина се определиле 50%. Најмногу граѓани или 55% рекле дека не би се вакцинирале со АстраЗенека.

Помалку од половина од анкетираните, односно 44 отсто сметаат дека Министерството за здравство успешно се справува со пандемијата.

Пак црн петок: Вкупно 33 починати лица и 1.422 нови случаи

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје:
Во последните 24 часа се направени 4.277 тестирања, а регистрирани се 1.422 нови случаи на КОВИД-19 во:
Скопје – 618, Куманово – 94, Прилеп – 89, Велес – 76, Тетово – 63, Гостивар – 54, Кавадарци – 53, Битола – 50, Штип – 39, Гевгелија – 38, Охрид – 33, Струмица – 27, Неготино – 26, Кочани – 22, Кичево – 17, Струга 13, Ресен – 12, Пробиштип – 10, Дебар, Берово и Свети Николе – по 9, Крива Паланка и Радовиш – по 8, Валандово – 7, Богданци и Демир Капија – по 6, Македонски Брод и Пехчево – по 5, Виница и Делчево – по 4, Крушево – 3, Демир Хисар и Кратово – по 2, Дојран – 1.
Регистрирани се 457 оздравени пациенти од:
Скопје – 128, Прилеп – 50, Кавадарци -33, Неготино – 28, Гостивар – 26, Куманово, Тетово и Велес – по 25, Струмица – 17, Гевгелија – 16, Штип – 15, Битола и Кочани – по 11, Берово -10, Валандово – 6, Радовиш – 5, Кичево и Крушево – по 4, Крива Паланка, Делчево и Демир Капија – по 3, Пробиштип и Виница – по 2, Охрид, Ресен, Богданци, Демир Хисар, Македонски Брод и Дојран – по 1.
Пријавени се вкупно 33 починати лица: 12 пациенти од Скопје (83г,82г,81г,75г,74г,72г,70г,70г,69г,62г,43г,38г), по 3 пациенти од Тетово (69г,60г,41г) и Кавадарци (78г,77г,71г), по 2 пациенти од Битола (83г,65г), Прилеп (73г,68г) и Ресен (75г,66г) и по едно починато лице е пријавено од Куманово (62г), Гостивар (57г), Охрид (64г), Струмица (72г), Струга (76г), Крива Паланка (85г), Валандово (79г), Крушево (53г) и Кратово (76г). Од пријавените, 33 лица сите се починати во болнички услови.
Направени се 4.277 тестови преку: ИЈЗ-954, ЦЈЗ Скопје-129, ЦЈЗ Битола-103, Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби-0, Судска медицина-18, лабораторија болница Козле-0, УК Пулмологија со алергологија–1, ГОБ 8-ми Септември-8, Институт за микробиологија–78, Жан Митрев (Филип Втори)-221, Авицена-343, Биотек-500, Систина-302, лабораторија Лаор–191, Синлаб-83, Ремедика-43, ЈЗУ и ПЗУ (рапид тест) – вкупно 1303.
Досега во земјата се направени вкупно 607.956 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 124.910, бројката на оздравени пациенти е 103.831, на починати е 3.607, а бројот на активни случаи изнесува 17.472.
Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови е следна:
Дистрибуција по градови Заболени (вкупно) Активни случаи (вкупно)
Скопје 55799, активни 8838
Прилеп 6803, активни 1024
Куманово 6545, активни 732
Тетово 6169, активни 543
Гостивар 4396, активни 433
Кавадарци 4294, активни 695
Велес 4274, активни 624
Битола 4163, активни 586
Штип 4127, активни 377
Охрид 3965, активни 647
Струмица 3152, активни 303
Струга 2613, активни 178
Кочани 2170, активни 221
Кичево 1939, активни 136
Неготино 1852, активни 420
Гевгелија 1727, активни 356
Свети Николе 1234, активни 105
Крива Паланка 1037, активни 105
Ресен 969, активни 152
Радовиш 867, активни 101
Дебар 835, активни 40
Делчево 828, активни 92
Берово 801, активни 106
Пробиштип 668, активни 91
Виница 580, активни 50
Валандово 487, активни 82
Крушево 424, активни 132
Богданци 390, активни 72
Демир Капија 342, активни 80
Кратово 322, активни 28
Демир Хисар 322, активни 49
Македонски Брод 291, активни 36
Пехчево 220, активни 24
Македонска Каменица 198, активни 5
Дојран 107, активни 9

Во БиХ oткpиeнo лицe зapaзeнo co двa видa kopoнaвиpyc иcтoвpeмeнo!

На Одделот за клиничка микробиологија на Универзитетскиот клинички центар на Република Српска се изолирани британскиот и јужноафриканскиот вид на новиот коронавирус. На овие видови биле позитивни 62 примероци, а еден примерок бил позитивен дури и на двата вида.

Тестирањето било извршено на 93 позитивни примероци со тестови наменети за идентификување на британскиот и јужноафриканскиот вид.

Имајќи предвид дека на крајот на февруари имаше забележително зголемување на позитивните резултати од вкупниот број извршени тестови, и зголемување на бројот на хоспитализации, како и повторно заболување на луѓето кои веќе страдале од Ковид-19, оваа институција одлучила да спроведе ваков вид на тестирање со цел да се следи динамиката на циркулација на мутантната форма.

Од првиот сет на примероци, кој го опфаќа периодот на првата половина на март (од 1 март до 15 март 2021 година), беа избрани 93 примероци, што покажа дека мутантната форма N501Y е присутна во 66,66 проценти од примероците, или две третини тестирани.

Интересно е што еден примерок бил позитивен на двете форми на вирус во исто време. Мутацијата N501Y е присутна во британскиот вид Б.1.1.7 и во јужноафриканскиот вид 501W2. Разликата помеѓу овие два вида може да се направи со секвенционирање.

Во регионот во моментов од овие два вида доминира британскиот вид Б.1.1.7. Институтот планира да ја изврши следната анализа за примероците собрани од 15 март до 31 март за да ја следи динамиката на циркулација на овие видови.

Во Израел короната е мртва, се журкаат слободно (Видео)

Низ светските медиуми се шират фотографии и видеа од Израел и животот на Израелците пост карантин и пост вакцинација. Со „зелениот пасош“, дигитална апликација за потврда за апликација, граѓаните се враќаат на нормалниот живот и може да посетуваат спортски и културни настани, теретани, свадби…Конечно отворени се и кафулињата, а Тел Авив ужива во новата слобода:

Израел, држава со околу девет милиони жители, националната кампања за вакцинација ја почна на 19 декември и таа досега е една од најуспешните во светот, пренесе ДПА. Бројот на сериозно заболени лица значително се намали во последните неколку недели, како и бројот на нови случаи.

Видеото од ТелАвив на социјалните мрежи има дури над 4.3 милиони посети и стана вирално, Израел се журка слободно, се слави победата над вирусот.

Погледнете:

Нов коронавирус сличен на КОВИД-19 откриен кај лилјаците во Тајланд

Коронавирусот откриен кај лилјаците во Тајланд е сличен на оној што предизвикува КОВИД-19, но не може да зарази човечки клетки, велат научниците.

Новоидентификуваниот вирус беше назначен како RacCS203 и беше пронајден во крвта на пет лилјаци, чувани во кафез во источен Тајланд, објави „Њујорк пост“.

Меѓутоа, истражувачите рекоа дека новиот коронавирус има разлика во протеинските шилци, поради што не може да зарази човечки клетки.

Истражувачите од Универзитетот во Чулалонгкорн во Бангкок направија секвенцирање на новиот вирус и открија дека има 91,5 процентни сличности во генетскиот код како и Сарс-Ков-2, кој предизвикува ковид.

Исто така е многу сличен на коронавирусот познат како RmYNO2, кој беше пронајден во Јунан, Кина.

Антителата во крвта на заразените лилјаци можеле да го неутрализираат вирусот Сарс-Ков-2.