Tag Archives: Крст

Тепачка за крстот во Ботевград, Бугарија (ВИДЕО)

На социјалната мрежа Фејсбук објавено е видео од фрлање на крстот во Ботевград во Бугарија.

На видеото се гледа како, иако по крстот скокаат само четворица, едниот од нив успева да влезе во жестотка размена на тупаници со човек од публиката.

https://www.facebook.com/todor.trajkovski.1/videos/4726876044092541/

Денеска го славиме Воздвижението на Чесниот Крст

На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот.

А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи.

Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Тропар- Спаси ги, Господи, луѓето Твои, и благослови го наследството Твое, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој заштити го Твоето жителство.

Кондак- Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа над непријателите, имајќи го за помош Твоето оружје на мирот, непобедливата победа.

Во народните верувања, на денот кој се нарекува Крстовден, се смета дека сите молитви ќе се остварат.

Според народните верувања од Крстовден почнува есента. Се вели дека денот и ноќта се крстосуваат, а температурата почнува да се намалува.

Од Крстовден почнува гроздоберот, а првото откинато грозје мора да се однесе во црквата, за да се освети. Почнува и сеидбата на зимските житни култури.

На Крстовден највозрасните жени во домот е потребно да испечат специјален обреден леб, украсен со голем крст на средината. Лебот се раздава, кога целото семејство е на масата и се вели Крстец крст да боли мене, крст да не боли. Се смета дека со овие зборови луѓето се штитат од болки во грбот за време на работа.

Oдвaj cпacилe живa глaвa: Глaдни вoлци ги плaшaт cкoпјани кaj кpcтoт вo Kyчкoвo

Наместо да уживаат во пикникот во скопското село Кучково, скопјанецот Кристијан и неговите пријатели во петокот спасувале жива глава од волци кои кружеле околу нив и се подготвувале за напад.

Како што раскажа соговорникот на „Плусинфо“, додека седеле на тревата во близина на големиот бетонски крст над селото Кучково, одеднаш биле опколени со гладни волци.

Целите преплашени, раскажува младиот Кристијан, почнавме да удираме со камења и со сѐ што ни дојде при рака, но волците не бегаа и продолжуваа да вртат околу нас.

– Најпрво помисливме дека се кучиња-скитници, но подоцна им ги видовме очите и сфативме дека се волци. Не ни се веруваше дека волци ќе се симнат толку ниско, скоро до селото каде што постојано има посетители. Сум слушнал дека волци се симнувале во текот на зимата кога има снег, ама сега сме крај на мај. За среќа, успеавме да стигнеме до автомобилот пред тие да стигнат до нас – ни изјави Кристијан.

Слична случка истиот ден доживеал и велосипедистот Драган од Козле.

Тој за Плусинфо раскажа дека два волка го пречекале на асфалтот кој води кон крстот над селото Кучково.

– Скоро секој викенд одам со велосипед до Кучково, а викендов на асфалтот ме пречекаа два волка. Застанав и почнав да викам по нив, но тие не бегаа. Стоеја, ме гледаа во очи и не ме пуштаа да поминам. Одеднаш го употребив електро-шокерот и тие побегнаа. Вакво нешто првпат ми се случува, срцето ќе ми застанеше од страв – раскажува велосипедистот.

Текст на plusinfo.mk

Владика Партениј: Крстот е крајна, совршена љубов, да го возљубиме нашиот животен крст, љубовта покрива многу гревови

 На половината од Постот, среде оваа духовна пустина низ која што молитвено и со сите телесни сили талкаме, Црквата мајчински се потруди да ни подготви одмор божествен, покажувајќи ни го Чесниот Крст Христов. Издигнат во пустинската оаза како некое раззеленето и бујно разлистено дрво, тој оддалеку нè здогледува, нас, Христовите изморени патници, та нè прибира и освежува, за да би можеле со обновени сили да го продолжиме своето патување до крајната цел: славното Воскресение на нашиот Бог. Да, човештвото снеможува, паѓа под тежината на тешкото секојдневие, на дилемите што сурово притискаат, се гуши притиснат од силата на болестите и смртта, свиткан под тежината на сопствениот крст. Да, крстот е Голгота, но неговата невидлива и неприкосновена сила е утеха, поткрепа и исцеление; утеха што преку тивкото поднесување на страдањата и пожртвуваност ни се дава несфатлива љубов која најпрвин на Голгота, во Распнатиот заради нас Богочовек ја видовме и во Неговото Воскресение ја примивме. Преку Голгота до Воскресение – велат Отците. Лична голгота, но и лично воскресение. Ете затоа денес ни се покажува оваа сила што од четирите зраци на моќното крстно знамение извира, заблескувајќи така на четирите краишта на светот, за да го просветли и подигне изморениот род човечки.

Исправени во молитва и славословие пред Крстот што ја осени со својата благодат оваа трета недела од Постот, браќата и сестрите од нашите монашки обители ја примија од него духовната сила и свежина, за со уште поревносен подвиг да го поминат остатокот од патот што преку Голгота води до Воскресение. А нашиот возљубен старец и владика, епископот г. Партениј, уште повеќе ги освежи нашите души со своето крстовоскресно слово за ова победничко знамение, кое е наш патоказ кон радоста неминлива во Христа:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Да Му благодариме на Бога, мили мои, што и годинава, која како и минатата е преполна со искушенија – во најголема мера поради пандемијата што го снајде светот, ја дочекавме оваа Света Четириесетница, а еве, со Негова помош стасавме веќе и до нејзината средина. Во Третата недела на Светиот и Велик Пост, Црквата Божја го изнесува и го возвишува пред нас чесниот и животворен Крст, „изворот на просвештението“, „чуварот наш непобедлив“. Со денешното крстопоклонение, Светите Отци сакаат да ни го одбележат патот што треба да го изодиме, за да достигнеме спасение и потполно со Бога соединување.

Крстот, всушност, е патоказот на христијанскиот живот. Минатата недела имавме можност, преку богословието на Свети Григориј Палама и на севкупната православна Црква, да видиме дека целта на нашето суштествување е обожението, станувањето бог, син Божји по благодат. Патот, пак, кон тоа врховно предназначение ни го покажува Крстот Христов. Нашето искачување кон Небото е крстно, врвиме по крстен пат, послан со бројни искушенија и страданија. Затоа денешното Свето Евангелие започна со зборовите на Спасителот: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси (Марко 8,34-35)Чудни зборови, навидум дури и контрадикторни. Што значи тоа: кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби? Доколку човек сака да ја зачува за овој свет, за себеси, во егоистична смисла на зборот, за своето себељубие и себичност, тогаш ќе ја загуби. Тој бездруго ќе си ја погуби душата своја ако не тргне по крстот, кој е љубов. Оти, вистинската љубов неизбежно подразбира крст, саможртва. Господ Христос преку Крстот ни го покажа патот на пожртвуваната љубов, којашто не знае за егоизам, за користољубие, којашто е долготрпелива, милостива, незавидлива, непрестајна. Доколку човек сака да се испита себеси до каде стигнал со мерата на љубовта, нека се спореди со зборовите на Апостолот Павле од 13-та глава во неговото Прво послание до Коринтјаните. Во таа најпозната и најубава химна за Љубовта, ќе го најде одговорот дали љуби на правилен начин и дали може да се нарече Христов. Единствено оној што го зел крстот свој и се откажал од себеси, т.е. од сопственото его, може да се нарече вистински Христијанин, сведок на Христовата пожртвувана љубов.

Во третата статија од Акатистот на Пресвета Богородица што ја испеавме во петокот, има еден прекрасен стих кој вели: „Радувај се, ти си љубов што надминува секаква лоша желба“. Пренепорочната Владичица Богородица, преку пожртвуваната крстна љубов, достигнала совршенство, потполно обожение. Чистата љубов надминува секакво зло. Оној што ја има неа, во своето срце нема место за болното себељубие. Таквиот секогаш оди напред во жртва за својот ближен, распнувајќи се за другите. Тоа значи да го земеш крстот свој и да Го следиш Христа, а не да одиш по своите желби и страсти. Логиката на овој свет вели дека за да ја зачувам душата своја треба да ѝ дадам што повеќе задоволства и удобности, да ѝ овозможам секаков комфор. Меѓутоа, Христовата логика не размислува така. Според неа, за да ја сочувам душата за вечноста, неопходно е духовно да се распнам, најнапред од љубов кон Бога, а потоа и за сите мои со-луѓе. Следствено, за да бидам ученик Христов, треба без роптање, со благодарност да го понесам крстот свој и да врвам по патот на мојот Спасител. Да станам вистински крстоносец, односно Христоносец. А сите ние имаме по еден свој животен крст и колку и да се разликуваат нашите животи, сите тие претставуваат крст. Секој човек на светот има свој крст, свое страдание. Сите луѓе страдаат, без разлика што нам ни се чини дека некој страда повеќе, друг помалку. Сепак, доколку се износат со вера, со смирение и благодарност, сите тие крстови водат кој истата цел – обожението. Па затоа, мили мои, да си ја поставиме пред очи љубовта на Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој се распна за нас, прегрнувајќи го сиот свет, секој човек од Адама, па до крајот. Впрочем, од Крстот на Голгота се чуја и Неговите последни зборови на љубовта: Оче, прости им, оти не знаат што прават! (Лука 23, 34)

Крстот, значи, претставува крајна, совршена љубов. Да го возљубиме, затоа, нашиот животен крст. Иако денес живееме во бура од многубројни искушенија, не смееме да очајуваме, затоа што знаеме дека после искушенијата, после страданијата, после крстот, секогаш доаѓа воскресението. Носењето на животниот крст завршува со воскресението и нашето животно течение продолжува во вечноста. Така, овдешниот живот и вечноста се меѓусебно поврзано со крстот. Доколку одовде се трудам, со Божја помош, да ја достигнам целта, која е обожението, односно да се соединам со Христа преку Неговата пожртвувана љубов, да ја живеам таа љубов и да ја давам на моите ближни, тогаш јас уште одовде, од земјава, започнувам да ја предвкусувам, да ја освојувам вечноста. Смртта е една привидна појава, бидејќи после Христа таа е само привремена разделба на душата со телото, сè до сеопштото Воскресение при Второто Христово доаѓање, кога Господ повторно ќе го соедини целиот човек.

Да Му благодариме на Господ, мили мои, што во ова немилосрдно време, сепак сме во коработ на спасението, во Црквата Божја. Оти, за жал, и покрај допуштените катаклизми, болести и искушенија, гледаме како насекаде по светов има големо отстапништво од Бога. Ретко кај кого може да се види вистинско покајание. Денес светот воопшто и не мисли на покајание. Луѓето се окупирани само со себеси, удавени во сопствениот егоизам, затворени во својот комфор и сакаат да ја запазат само душата своја. Но, не ја чуваат на правилен начин, за идниот живот, за обожение. Не ја познаваат суштината на постоењето, не знаат за патот на крстната љубов Христова. Затоа, мили мои, благодарете Му на Бога што сте во Црквата Негова, во вистинско богопознание; да Му благодариме, но истовремено усрдно да Го молиме и за сите што се надвор од храмот Господов, та и нив да ги озари Божјата избавителна благодат. Напоредно со тоа да внимаваме над срцата свои, да не дозволиме да ни оладат, туку секојдневно да ја бараме од Христа топлината на љубовта Негова, којашто е најголемиот дар и сигурен водител во Царството Небесно. Така нè советува и врховниот Апостол Петар, кој вели: А пред сè, имајте постојано љубов меѓу себе; зашто „љубовта покрива многу гревови“ (1. Петр. 4,8).

Милиот наш Господ да нè благослови со духовни и телесни сили, за да го изодиме и вториот дел од Постот, да го дочекаме Великиот Петок, да се поклониме на Животворното Дрво и на него распнатиот наш Христос Бог, и со духовен блесок да го видиме и доживееме славното и светло Христово Воскресение, како добри ученици Христови!

Христе Боже наш, Кој прими доброволно распнување заради општото воскресение на човечкиот род, си ја примил на крстот, и со багреницата на Твојата крв, повелбата царска за наше ослободување човекољубиво си ја потпишал. Не презирај нè во опасноста во која што се наоѓаме, поради тоа што повторно сме одвоени од Тебе; на Твојот народ во невола смилувај се; стани и победи ги нашите непријатели, како сесилен.

Фотографии и текст Бигорски манастир.