Tag Archives: минимална плата

Заев се израдува за минималната плата од 18.000 денари

Новата Влада е правична и одговорна, работи за интересите на граѓаните, ова го искоментира поранешниот премиер Зоран Заев, на социјалната мрежа Фејсбук во врска со донесената одлука покачување на минималната плата на 18.000.-Ова е доказ дека новата Влада е правична и одговорна, работи за интересите на граѓаните, за интересите на работниците. Сега заедно, и работниците и работодавачите ( приватен и јавен сектор) да си земат обврска да ја подигнат продуктивноста. Мораме сите повеќе да работиме ако сакаме повисоки примања и повисок економски стандард.

Честитки до Владата и Премиерот.

Ова е важна и значајна одлука.

Голема работа.

Браво, стои во Фејсбук статусот на Заев.

Или плата од 18 000 денари, или генерален штрајк: ССМ поднесе предлог за зголемување на минималната плата од 1 јануари

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска соопшти дека во рамките на активностите кои следат по одржаниот голем работнички протест, до Министерството за труд и социјална политика и Координаторите на пратеничките групи во Собранието доставил Предлог за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата во бруто износ започнувајќи од месец јануари 2022 година да изнесува 26.476,00 денари или во нето износ 18.000 денари.

Во предлогот е содржано и висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци, а објавена од Државен завод за статистика.

-Предлагаме и платите на сите работниците да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници, велат од ССМ.

Појаснуваат дека покачувањето на минималната плата од нејзиното воведување по предлог на ССМ, до денес немало негативен ефект врз фирмите и државата, не довело до отпуштање на работници, ниту до кратење на нивните плати, довело само до повисока продуктивност, поради поголемата мотивација на работниците.

-Минималната плата спречува работниците да добиваат многу ниска плата и да живеат во сиромаштија, а очекувањата на работниците од пратениците се да работат во интерес на оние кои што ги бираат, а Сојузот на синдикатите на Македонија ќе продолжи со подготовките преку штрајкувачките одбори и во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, а доколку нема резултат ССМ ќе повика на генерален штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, се вели во соопштението.

Бектеши: Минималната плата по Нова година ќе биде 18.000 денари

Доколку податоците од Државниот завод за статистика покажат дека има зголемување на цените на другите производи, ние ќе ја прошириме листата на замрзнати цени, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој во вечерашното гостување на Телма телевизија информираше дека одлуката за замрзнување на цените која што беше донесена на последната седница на Владата веќе е објавена во Службен весник и стапи на сила.

Од утре, како што рече, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат ќе почнат да прават контроли за цените во маркетите.

-Чекаме во текот на оваа недела дополнителни информации од страна на Државниот завод за статистика и за други производи, во делот на зголемувањето за месец ноември. Ако покажат податоците, а граѓаните го чувствуваат тоа, ќе ја прошириме листата. Со тоа најверојатно ќе бидат опфатени и јајцата, оризот, но и макароните и тестенините. Одлуката ќе биде донесена најдоцна на следната седница на Владата. Ако ги имаме податоците во среда и четврток, Владата може да свика седница и пред тоа, посочи министерот Бектеши.

На прашањето дали Владата ќе им помогне финансиски на компаниите кои произедуваат прехранбени производи и кои се опфатени со одлуката за замрзнување на основните прејхранбени производи, министерот потенцираше дека Владата во изминатите неколку години даде значителна финансиска поддршка за бизнисот.

-Во последните три/четири години стопанството е најмногу поддржано. Во последните години се одвојуваат по 15 милиони евра годишно и досега над 500 компании добиле финансиска поддршка за отварање на нови работни места, за воведување на нови производи, за нови производствени погони, додаде Бектеши.

Тој потенцираше дека до крајот на годината Владата треба да го усвои Царинскиот тарифник каде што најголем дел од цатинските тарифи се намалуваат на 0 проценти, или ќе бидат на исто ниво како на Европската унија, што значи помали трошоци за компаниите.

Министерот додаде дека во исто време расте и минималната плата, која од 9.000 денари во 2017 година, сега е над 15.000 денари.

-Минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари, после Нова година. Платите не стојат. Во 2016 година просечната беше 22.000-23.000 денари, а сега е 28.820 денари и ќе се зголемува во континуитет. Зголемување на платите имаме и во образованието, здравството, приватниот сектор. Само мининалната плата е зголемена за 100 отсто за четири години, колку што не е направено со години наназад, рече Бектеши.

Во однос на цената на струјата, министерот Бектеши појасни дека не се очекуваат ценовни шокови.

Тој напомена дека ДДВ на струја нема да се зголеми, а во функција се ставени сите капацитети за производство на електрична енергија во државата.

-РЕК Битола работи со два блока, ТЕЦ Осломеј е ставен целосно во функција, се подобруваат акомулациите, за десетина дена ќе биде во функција ТЕЦ Неготино, денеска е веќе набавен мазут, засилено се градат фотонапонски централи и од страна на државата и од страна на приватни инвеститори, додаде министерот Бектеши.

Ден на трудот! Обесправеност на работниците и експлоатација, над 43 илјади лица без работа, 67 илјади под минимална плата

Првомајски проглас: Заеднички во борба за работничките права!

Најголемиот товар на кризата предизвикана од прогласената пандемија на COVID-19, повторно падна на грбот на сиромашните, додека богатите продолжија да се богатат од трудот и маката на работничките и работниците. Помина повеќе од една година од пандемијата, а работничките и работниците, сиромашните, младите, жените и сите послаби општествени групи се оние што најмногу страдаа и ќе продолжат да страдаат. На глобално ниво, 100 милиони луѓе западнаа во тешка сиромаштија, а сите работници заедно изгубија околу 3.700 милијарди долари, односно 8.4% од нивниот доход, исто онолку за колку што се зголеми богатството на светските милијардери. Во Македонија, десетици илјади лица останаа без работа за време на кризата. Многу повеќе останаа без примања, додека богатите го дуплираа својот капитал, заштитени од мерките што државата ги донесе за да им помогне на фирмите.

  • Минималната плата се зголеми за само 200 денари, иако најпогодени од кризата се токму работничките и работниците што работат за минималец. Наспроти тоа, Владата им даде 800 милиони евра на фирмите за справување со кризата и покрај тоа што тие грубо ја злоупотребуваат оваа државна финсиска помош. 20.000 работодавачи ја злоупотребија државната финансиска помош и не им ги исплаќаа платите или им исплаќаа плата под минималната на 67.000 работници. Коморите и организацијата на работодавачите беа задоволни од тоа што нивните барања биле прифатени од Владата при носење на економските мерки. За разлика од тоа, барањата на работниците пренесени преку нивните претставници не беа земени предвид17.000 работници не ја добија заработената плата за три месеци поради тоа што пратениците сметаа дека „работниците можат да истраат уште еден месец без плати“. Опозицијата со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки, отворено покажувајќи дека не се грижи за работниците и сиромашните.

Според податоците на Агенцијата за вработување, 43.086 лица останале без работа по започнувањето на кризата во март 2020 година. Најновото истражување на Здружението за истражување и анализи покажува дека во 2020 година вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале невработени. За споредба, во 2019 година овој број изнесува 2971. Петте општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово. Овие пет општини се всушност едни од општините каде што текстилната индустрија е најразвиена и има најмногу активни субјекти во овој сектор. 6000 текстилни работнички се испратени на „принуден одмор“, поради тоа што работодавачите ја чекаа државната финансиска помош, земајќи плата под минималната за овој период.

Работодавачите целосно ги занемарија прописите за заштита и безбедност при работа, што се покажа кобно за работничките и работниците, особено во текстилната индустрија создавајќи т.н. „текстилни кластери“, што резултираше со голем број заболени работнички и затворање на фабриките. Грубото и отворено непочитување на мерките и препораките за превенција и заштита од коронавирусот ги изложи работничките на сериозен ризик по своето здравје и живот.

Работниците со договори на дело, односно, прекарните работници – хонорарците, фриленсерите и слично, останаа надвор од заштитата на Законот за работните односи и без здравствено осигурување за време на најголемата здравствена кризаРаботниците со договори за вработување на определено време се во постојана неизвесност, затоа што во секој момент работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив и да ги остават без работа.

Недела е ден на неделен одмор за сите, но не и за работничките и работниците во државава. Надлежните власти ги ставија профитот и конзумеристичката култура пред принципите на правичност, безбедност и почитување на човековото достоинство на работникот, занемарувајќи ја потребата за неделен одмор на сите работници како дел од поширокиот концепт на достоинствена работа. Измените на ЗРО што предвидуваат дека недела е неработен ден и е ден на неделен одмор, со исклучоци во одредени дејности, ќе се применуваат дури од 2022 година.

Лани ова време предупредувавме дека власта не смее да ги запостави работниците, сиромашните и обесправените, и дека сите економско-социјални политики мора да се носат во договор со синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права, но една година подоцна гледаме дека работите се само полоши. Поради тоа, повторно бараме:

  1. Итно носење на новиот Закон за работните односи што ќе ги рефлектира потребите на работниците наметнати од кризата и ќе ги штити нивните права и интереси.
  2. Покачување на минималната плата, имајќи предвид дека потрошувачката кошница постојано се зголемува, односно, трошоците за задоволување на основните егзистенцијални потреби како исхрана, облека и средства за заштита од вирусот постојано растат.
  3. Измени и дополнување на Правилникот за професионални болести со цел болеста предизвикана од Ковид-19 да се предвиди како „повреда на работа“ за сите работници и соодветно на тоа, надоместокот на плата ќе се исплаќа во висина од 100% од основицата, додека трае спреченоста за работа.
  4. Правилникот за професионални болести да се измени и во однос на изолираноста заради спречување на зараза, со што висината на надоместокот на платата за привремена спреченост од работа да се исплаќа во полн износ за оние лица за кои Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) издал решение за самоизолација заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По контакт со заболено лице од коронавирусот, отсуството пред работодавачите може да се оправда со решение и истото се доставува до работодавачот за регулирање на привремена спреченост од работа.
  5. Да се овозможи паричен надоместок за невработени да можат да користат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината, за да се заштитат работниците кои останаа без работа на овој начин во кризава. Периодот за кој се исплаќа надоместокот треба да биде врзан со стажот на работникот.
  6. Забрана за доделување финансиска поддршка на фирми што ја злоупотребиле државната помош и не им исплаќале плати на работниците или пак, им исплаќале плата под минималната.
  7. Државната финансиска помош да се исплаќа директно на сметките на работничките и работниците, затоа што само на овој начин може да се избегнат грубите злоупотреби, а работниците навремено ќе ја добиваат заработената плата.
  8. Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници, како што се хонорарците, фриленсерите и други, кои се најнесигурната категорија и немаат никакво социјално и здравствено осигурување. Оваа категорија работници да биде опфатена со економските мерки за државна финансиска помош.
  9. Мораториум на наплата на ратите кон банките и долгови кон извршители за времетраењето на кризата. Дополнително, да се забрани пресметување камати од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите за истиот период, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
  10. Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП)  брзо и ефикасно да реагираат за да се спречат злоупотребите и грубото кршење на работничките права.  Државните служби да ја користат можноста да иницираат постапки по службена должност кај работодавачите за кои има сознанија дека постапуваат спротивно на закон. Дополнително, државните служби да ја користат можноста за повикување на кривична одговорност на работодавачите.
  11. Задолжително консултирање со синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и што се залагаат за работниците и за работничките права при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)

Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)

Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)

Независен академски синдикат (НАкС)

Левичарско движење „Солидарност“

Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“

Хелсиншки комитет за човекови права

Македонците работат за 1.63 евро на час, во Луксембург најплатени со 2,202 евра минимална плата

Во Европа, само во Македонија, минималната плата е помала и изнесува 1,63 евра, додека највисоката во Франција е 10,15 евра на час, покажуваат податоците на Европскиот институт за синдикати, пренесува бугарскиот портал БТА, кој вели исто така дека Бугарија е членката на Европска унија која има најмала минимална плата.

Во Србија, минималната заработка изнесува нешто помалку од две евра по работен час.

Во Романија и Унгарија минималецот е под три евра по час, во Грција и Португалија близу четири евра. Истиот извештај покажува дека 60 отсто од вработените за минимална заработка во ЕУ го сочинуваат жени.

Од 1 јануари 2021 година, само Данска, Италија, Кипар, Австрија, Финска и Шведска немаат минимална плата, се вели во новиот извештај на Евростат објавен во петокот.

Во јануари, 10 источноевропски земји имаат минимална плата помала од 700 евра месечно: Бугарија (332 евра), Унгарија (442 евра), Романија (458 евра), Летонија (500 евра), Хрватска (563 евра), Чешка (579 евра), Естонија (584 евра), Полска (614 евра), Словачка (623 евра) и Литванија (642 евра).

Во пет земји-членки, главно на југот, износот варира помеѓу 700 и нешто повеќе од 1.000 евра месечно: Грција (758 евра), Португалија (776 евра), Малта (785 евра), Словенија (1.024 евра) и Шпанија ( 1.108 €).

Во другите шест земји – на запад и северот, минималната плата е над 1.500 евра месечно: Франција (1.555 евра), Германија (1.614 евра), Белгија (1.626 евра), Холандија (1.685 евра), Ирска (1.724 евра) и Луксембург (2202 евра).

За споредба, државната минимална плата во Соединетите држави изнесува 1.024 евра во јануари 2021 година.