Tag Archives: одбрана

Во сред криза – МО се пофали дека ја платиле првата рата за системот за противвоздушна одбрана од 66 МИЛИОНИ ЕВРА

Министерството за одбрана ја плати првата рата од договорот со француското МО за набавка на системот за противвоздушна одбрана на мали височини „Мистрал“. Првата рата во висина од 695 милиони денари, или околу 11,5 милиони евра, е исплатена на 3 ноември. 

„Ви потврдуваме дека износот за кој прашувате се однесува на првата рата од набавката на Систем за противвоздушна одбрана, а останатите рати ќе се исплаќаат во текот на 2023, 2024 и 2025 година“, потврди Министерството за одбрана за „Фактор“.

Од претходно е познато дека вкупните финансиски импликации од овој договор се 66 милиони евра. Министерката за одбрана Славјанка Петровска реферираше дека не постои конкретна закана за напад врз нашата држава, меѓутоа инвестициите во одбраната се дел од стратегискиот одбранбен преглед и дел од сите долгорочни планирања.

Системот за противвоздушна одбрана на мали височини треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а истиот е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.

„Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата“, гласеше претходното објаснување од министерството за потребата за купување на оваа воена опрема.

Од Министерството тогаш посочија дека во изминатите две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Петровска, посочи дека замената на противвоздушниот систем кој го имаме е една од обврските и тоа е проект којшто е започнат пред неколку години.

„Станува збор за финализирање на договорот, за кој веќе неколку години се следи постапката на преговарање со различни производители, испитување на понудената опрема од стручен тим од Армијата и она што во петокот беше презентирано пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност, практично е финалниот документ“, појасни тогаш Петровска.

Немаме за леб, а министерката ќе купува систем за противвоздушна одбрана?

Задолженоста на државата на 30 јуни е 55,4 отсто јавниот долг и 46,7 отсто државниот долг во услови на корона криза, продолжена економска и енергетска криза и војна во Украина. Владата и Министерството за финансии се во потрага по кредитори кои ќе овозможат позајмици со подолг рок на отплата и помали камати.

Економска криза, прогласена енергетска криза, поскапувања секој ден, се спроведуваат мерки за штедење за да се помине зината, сиромаштијата расте, а министерката за одбрана, Славјанка Петровска најави дека Македонија, како членка на НАТО, следната година ќе добие систем за противвоздушна одбрана, кој ќе го купи од Франција.

„Нема да се објави каде ќе биде распореден, тоа е наш стратешки интерес. На почетокот на септември ќе го потпишам договорот за нарачката со францускиот колега, а следната година ја очекуваме испораката“, откри Петровска.

ДУИ го добива Одбрана, Петровска МВР, Шилегов транспорт или правда…

Министерот за правда Бојан Маричиќ ќе биде нов вицепремиер за евроинтеграции на местото на Никола Димитров, за кого ќе нема место во новата влада, а Маричиќ ќе остане на функцијата секретар во СДСМ, дознава 24 ИНФО од партиски извори.


Вицепремиерот Љупчо Николовски се враќа во министерството за земјоделие, кое ДУИ ќе го отсапи на СДСМ во замена за министерството за одбрана, од кое Радмила Шекеринска најави дека ќе се повлече.

Директорката на УЈП и заменик претседател во СДСМ Сања Лукаревска ќе остане на партиската функција но можно е да ја добие вицепремиерската функција за борба против корупција.

Фатмир Битиќи останува потпретседател во Владата за економски прашања, како и на едно од потпретседателските позиции во СДСМ. Нов потпретседател на партијата ќе биде Перо Костадинов.

Венко Филипче освен од министерската си заминува и од потпретседателската функција во партијата, исто како и министрите Оливер Спасовски и Мила Царовска. Царовска нема да биде дел од новата влада, како што самата најави денеска.

Пратеничката Славјанка Петровска ќе биде исто така нов потпретседател во СДСМ, а најверојатно ќе го добие МВР, ако Димитар Ковачевски одлучи да го замени Спасовски.

Според партиски извори, поранешниот градоначелник Петре Шилегов е во игра за прв човек на транспорт и врски, но и за правда. Владиниот советникот за труд и социјална политика Милан Живковиќ ќе биде нов министер за труд и социјала на местото на Јагода Шахпаска.

Шекеринска остана без снабдувач со струја

Министерството за одбрана и Народната Банка се две од повеќе институции кои во изминатиов период останале без снабдувач со електрична енергија. И во двата случаи, фирмите што ги избрале на тендер за годишно снабдување, им го раскинале договорот, објави 360 Степени.

Со тоа Македонија е првата членка на НАТО чие министерство за одбрана остана без снабдувач со струја.

Според информациите снабдувач на Одбрана била фирмата Енерџи Активе од Скопје, фирма која, патем, во последниве 12 месеци има над 100 договори со државни институции за продажба на струја.

„Енерџи Активе … побара зголемување на цената што беше одбиено од страна на Министерството за одбрана како спротивно на законот и потпишаниот Договор. Веднаш потоа не информираа дека ќе престанат да испорачуваат електрична енергија и го раскинаа договорот почнувајќи од 1.9.2021 година“, одговориле од Министерството за одбрана за 360.

Снабдувач со електрична енергија на Народната банка била домашната „У Повер“. Компанијата, во последнава година, има најмалку 20 договори за јавни набавки со државни институции.

Еден од двајцата газди е Арианит Џафери, инаку син на екс вицепремиерот од редовите на ДУИ, Муса Џафери. Арианит минатата недела физички го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, бидејќи започна постапка за евентуално одземање на лиценцата.

Извор

Шекеринска доби МЕДАЛ за лидерство и личен ангажман за влезот на Македонија во НАТО (Фото)

На Денот на Армијата на Република Северна Македонија, 18 Август, министерката Радмила Шекеринска доби медал за посебни достигнувања од командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт.

“Нејзината визија и ангажман одиграa директна улога за Северна Македонија да стане НАТО сојузник”, се вели во образложението на одлуката.

“Шекеринска имаше витална улога во поддршката и развојот на државната програма за партнерство со Националната гарда на Вермонт. Нејзиниот континуиран ентузијазам во партнерството доведе до забележителни успеси во односите. Нејзиното исклучително лидерство, јасни намери и динамичен ангажман служи како пример за целата програма на државното партнерство” е пораката од Вермонт.

Заблагодарувајќи се на медалот, Шекеринска преку социјалната мрежа Фејсбук истакна дека истиот го посветува на сите граѓани на нашата земја. „Моите заслуги се и нивни заслуги“, порача министерката – се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски вети дека ќе продолжи да менаџира со сите човечки и материјални ресурси на Армијата, одговорно и со голем ентузијазам и проактивност во остварување на мисиите и задачите на Армијата, но и државните стратегиски цели во интерес на граѓаните. Тој им оддаде признание и благодарнсот на сите учесници во кризата со мигранти, пандемијата и пожарите, како и на сите доктори, медицински персонал, пожарникари, припадници на МВР….

Во рамки на свеченоста, беа доделени медали од Командантот на Националната гарда на Вермонт генерал-мајор Грегори Најт. Медал за истакната служба на државата Вермонт доби министерката за одбрана Радмила Шекеринска за извонредни постигнувања во изминатиот период, а медал за заслуги доби генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Признанија од началникот на ГШ на Армијата им беа врачени на министерот за здравство Венко Филипче, директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ, директорот на ГОБ „Осми Септември“ – Скопје Христијан Костов, директорот на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими, командантот на баталјонот за воено-медицинска поддршка потполковник Елизабета Наумовска Петрески. Беше доделена Златна значка на Армијата за партнерство, координација и соработка на персоналот од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје д-р Илир Демири, д-р Крсто Гроздановски, д-р Билјана Петреска, медицинската сестра Мамудије Ибраими и новинарот од МТВ Милчо Велевски.

Од министерката за одбрана Радмила Шекеринска беа доделени признанија запосебно и пожртвувано ангажирање и квалитетно извршување вонредни задачи заради отстранување на последиците од елементарните непогоди предизвикани од огнените стихии што ја зафатија земјава. Со Плакета на МО е наградена Командата за операции, а благодарници добија Град Скопје, Министерството за култура, Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, МНТ, јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Водовод и канализација“…  Пофалени беа повеќе наредници, доктори и повеќе медицински лица

МО објави јавен оглас за прием на нови 100 професионални војници

Министерството за одбрана денеска објави Јавен оглас за прием на нови 100 професионални војници на служба во Армијата на Република Македонија.

Рокот за пријавување на заинтересираните кандидати е 15 дена, вклучувајки го и денот на објава.

Согласно огласот условите за пријавување е кандидатот да биде државјани на Република Македонија, да има завршено средно образование, да не е постар од 25 години на денот на завршување на огласот за прием и да е здравствено и физички способен.

Идните професионални војници, како што наведуваат од Министерството за одбрана, ќе земаат почетна плата над 25.000,00 денари со дополнителни над 8.000 денари трошоци за станбено обезбедување по навршување на четири години служба во Армијата.

Кандидатите за професионални војници пријавата може да ја поднесат по електронски пат заедно со потребните документи на javenoglaspfv@mod.gov.mk и до Одделението за одбрана во местото на живеење, со приложување на потребните документи.

Од Министерството за одбрана наведуваат дека при вработувањето ќе се води сметка за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници со почитување на критериумите за прием.

Подетални информации во однос на Јавниот оглас може да се најдат на веб страната на Министерството за одбрана www.mod.gov.mk.