Tag Archives: пост

Последната недела од Велигденскиот пост е Страдална седмица- еве што треба да прават верниците

Последната седма недела од чесниот пост што му претходи на Велигден е Страстната – Страдалната седмица.

Таа недела, од Велики понеделник до Велика сабота верниците ја поминуваат во строг пост, молитви и покајание.

На богослужбите во црквите се потсетува на последните земни денови на Исус Христос, неговото приведување и страдањето на крстот.

Неделата се нарекува „страстна“ според старословенскиот збор „страст“ што значи страдање, трпение и болка.

На Велики понеделник црквата потсетува на осум библиски настани – четири од Стариот и четири од Новиот завет. Велики понеделник е: ден на старозаветниот Јосиф, намразениот од браќа си, ден на пророчките виденија, ден на маките во ропството и ден на праведниот Јов, како и ден на бесплодната смоква, неправедните лозари, за крајот на светот и очистувањето на храмот.

На Велики вторник православната црква го покажува Богочовекот Исус Христос како сезнаечки, кој во саботата кога го воскреснал Лазар, знаел дека еврејските старешини го осудиле на смрт. На богослуженијата се читаат текстовите од Светото евангелие што ги опишуваат настаните што се случиле токму на Велики вторник, кога Исус Христос изговорил најмногу поуки и параболи во Ерусалим. Тоа се Неговите последни поуки и опомени пред да биде предаден и распнат.

На Велика среда се споменува предавството на Јуда. На тој ден во спомен на жената која истурила миро на христовите нозе, во црквите се врши една од седумте свети тајни-осветувањето елеј. Верниците тогаш се помазуваат со осветеното масло како лек за телесно и за душевно здравје.

На Велики четврток си спомнуваме за Тајната вечера и сè што се случувало тогаш – подготовката, миењето нозете на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата. На тој ден Исус Христос ја востановил светата тајна на причестување во облик на леб и вино што го претставуваат телото и крвта Господово. На Велики четврток се служи литургија на Василиј Велики. Вечерта има бдеење и се читаат 12 евангелија за Христовите страдања.

На Велики петок нема литургија. Тоа е најжалосниот ден за христијаните бидејќи Исус Христос бил осуден и распнат на крст. Во времето на смрттта на Синот Божји земјата се затресла, Сонцето се помрачило, а завесата во ерусалимскиот храм се искинала на два дела. Наместо камбани, во црквите се до недела се слуша звукот на клепалото. Вечерта се изнесува плаштеницата која го означува посмртното облекување и полагање во гробот на Исус Христос и се служи опело. По обиколката околу храмот верниците минуваат под плаштеницата.

Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста, исчекување пред Христовото Воскресение. На Велика сабота последниот ден од Велигденскиот пост се служи опело за Исус Христос. Во раните попладневни часови се служи литургија на Свети Василиј Велики. Во ерусалимскиот храм на Светиот гроб на Господ Исус Христос во кој претходно се изгасени сите свеќи и кандила се пали светиот оган што го прима ерусалимскиот патријах и потоа го пренесува на народот.

Во недела е Велигден, денот на воскреснувањето на Исус Христос, кога ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ се објавува во сите православни храмови, а се одржуваат воскресенски литургии. Овој празник е спој на верата и традицијата. Широко е распространета традицијата кршење со велигденски јајца за здравје, благостостојба и напредок.

Велигден е тридневен празник кој покрај недела ги вклучува и понеделник и вторник.

На Велигден верниците се поздравуваат со поздравот „Христос воскресе“ и „Вистина воскресе“.

Муслиманските верници започнаа со постот за Рамазан

Синоќа започна Рамазан, светиот исламски месец на постот, во кој муслиманите во следните 30 дена ќе се воздржуваат од храна и пиење од изгрејсонце до зајдисонце.

Верниците ќе се молат во одредено време за нивно физичко и душевно прочистување, ќе го читаат Куранот и ќе донираат средства во добротворни цели, а членовите на семејството и пријателите ќе се соберат на ноќна трпеза.

Повеќе од 1,8 милијарди муслимани, кои сочинуваат околу една четвртина од светската популација, се очекува да го слават Рамазан. Исламот го следи лунарниот календар, така што Рамазан започнува една и пол недела порано секоја година.

Постот е еден од петте столбови на исламот и е задолжителен за сите муслимани, иако има исклучоци за малите деца и болните и за жените кои се бремени или дојат. Оние кои патуваат се исто така ослободени, вклучително и спортистите кои учествуваат на турнири надвор од нивниот град.

ВО ТЕК Е ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ: Се воздржува од храна, но и од гревовност, се посветува на духовното

Во Стар Египет постоела примена на т.н. „тераписко гладување“ кое било спроведувано низ подолг период, со цел јакнење на организмот. И Хипократ, како „Татко на медицината“, верувал дека гладувањето е одличен начин за прочистување на организмот и одмарање на системот за варење, кој го сметал за речиси најважен органски систем. Во текот на 19.век гладувањето било прилично популарно како терапија, односно начин за детоксикација на организмот.

Моделот на испрекинат пост е исхрана која има упориште во модерната наука, а подразбира ограничено време за внесување на храна во текот на денот и подолг пост преку ноќта.

Истражувањата спроведени на животни и помал број истражувања врз луѓе покажале дека таквиот начин на исхрана поволно влијае на чувствителноста на исулин, на функцијата на бета-клетки на панкреасот кои произведуваат инсулин, како и на крвниот притисок, оксидативниот стрес и апетитот.

Дури и минимални промени во ритамот на исхраната- на пример, внесувањето храна во текот на 11 часови и гладување во текот на 13 часа во денот- можат да предизвикаат позитивни промени.

ВО ТЕК Е ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.

Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.

Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.

Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.

Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).

Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).

Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.

„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.

На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.

На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.

Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.

Постот не е диета. Неговата цел и задача е друга. Не се пости за да се слабее, туку за да се зајакне духот и за да се претпочита духовното над телесното. Но, се разбира, тоа воздржување во текот на постот може да придонесе и за зацврстување на волјата и за решеноста да се храниме поумерено и поздраво.

Добро е да се користи разновидна храна и за време на постот. Сите сме различни во односот кон храната и во односот на храната кон нас и кон нашиот организам. За некого храната се лепи веднаш, а за друг не. Важно е и воздржувањето од количината во исхраната. Таа навика ќе помогне.

Сигурно е дека постењето е здраво и корисно.

Денеска е ВОДОПОСТ – Многу обичаи во Македонија за овој ден

Денеска е Водопост, Водокрст или Крстовден, првиот ден по Божик во кој се пости, а утре славиме Водици и крштевањето на Исус во реката Јордан.

На 18. јануари е Крстовден, голем христијански празник. Во минатото на овој ден се правеле голем број ритуали и обичаи, но денес најголем дел од обичаите се поместени на Богојавление или кај народот познат како Водици.

Вечерта на Водопост штом ќе зајде Сонцето, спроти празникот, христијаните почнуваат да се поздравуваат со „Бог се јави“, а одговараат е „Навистина се јави“!

Нашите стари верувале дека ноќта меѓу 18. и 19. јануари е време кога небото се отвора и „Бог се јавува“.

Според верувањето, Богојавление-јавувањето или објавата од Бог, се случува во текот на ноќта во очи на Богојавление, кога за миг се отвора небото за да се вкрстат ветровите што дуваат во зима со оние што дуваат во лето. Во тој миг сите води на светот престануваат да течат, а оној што ќе се затекне на отворено и ќе го види тоа, може од Бог да побара исполнување на една желба.

Според христијанското верување, во 30. година од нашата ера Исус Христос како дрводелец живеел со својата мајка Марија и нејзиниот сопруг Јосиф, а потоа го повикал Јован Крстител да го крсти во реката Јордан. Според Библијата, веднаш по крстењето, а тоа било извршено со три пати потонување во водата, се отворило небото и се слушнал гласот на Отецот Бог кој објавил дека Исус е негов син, а тогаш рамото на Исус слетал Светиот Дух во облик на гулаб. Со ова крштевање Исус го означил почетокот на својата мисија и проповедите.

Богојавление е еден од петнаесетте најголеми христијански празници. Него го карактеризираат и голем број други верувања и обичаи кои се практикувале во минатото. Се верува дека немажените девојки, доколку стават огледало под перница на 18 јануари ќе го сонуваат мажот за кој ќе се омажат.

Исто така во некои делови, девојките месат по четири топчиња од тесто. Во три од нив ставаат ливче хартија со име од своите симпатии, а едно оставаат празно. Потоа топчињата ги ставаат во вода што врие и првото топче што ќе излезе на површина го носи името со љубовта на таа девојка. Доколку прво на површина исплива празното топче-тоа значи дека девојката сеуште не го запознала оној што и е суден.

Се верувало дека во време на Богојавление се претскажувало какво ќе биде времето цела година. Ако има голем мраз или врне снег, годината ќе биде родна. Ако биде ведро, ќе биде сушна.

Доколку 19 јануари биде дождлив, цела година ќе има многу врнежи и поплави.

На овој ден се осветува водата за која се верува дека е лековита и чудотворна и се нарекува богојавленска вода. Неа верниците ја носат дома и ја чуваат како лек во текот на целата година.

Богојавление се одбележува со традиционално фрлање на богојавленскиот крст и пливање по него

Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот Рај – да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото

Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот Рај – да
не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2, 17). Преку неа Бог сакал
уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушание и воздржување.

И нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да започне со Своето искупително и спасително дело за човечкиот род, постел 40 дена (Мт. 4, 2), сакајќи со тоа да им остави поука и на Неговите
следбеници да постат. Следејќи го примерот на Господ Исус Христос, светата Православна
Црква уште од апостолско време одредила за своите верници пост, го определила времето
на постот и која храна да ја јадат христијаните за време на постот.

Во поглед на времето и бројот на постите, светата Црква утврдила да се пости во среда, петок и во четирите големи пости: Велигденскиот (Великиот) или Четириесетница, Петровденскиот, Богородичниот и Божикниот пост. Освен овие пости, светите отци на нашата Црква востановиле да се пости и на Водокрст (денот пред Богојавление) (5/18 јануари), на денот на Усекновението на
чесната глава на св. Јован Крстител (29 август/11 септември) и на празникот
Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден (14/27 септември).

Во среда и петок се блажи само во т.н. редовни седмици: од Божик до Водокрст, седмицата на митарот и фарисејот, сирната седмица (седмицата пред почетокот на светата Четириесетница), светлата седмица (првата седмица по Пасха) и духовденската седмица.

Бигорски манастир има издадено електронска верзија на Правила за пост кои може да ги погледнете на следниов линк:

https://bigorski.org.mk/wp-content/uploads/2018/03/pravila-za-postot.pdf

Владата бара штедење, министерка спонзорира пост со оружје и музика а граѓаните ја ,,расчеречија”

Во време кога нејзината валда бара граѓаните да штедат министерката за одбрана на социјалните мрежи спонзорира односно плаќа за пост во кој промовира воена промоција и многу музика.

За овие двојни стандарди кои одат во комбинација со неспоменување на Македонија и македонска/и граѓаните имаат свој став кој не може да се избрише или промени со платени постови на Фејсбук.

,,Воена опрема, воени вештини и многу музика! Ве повикуваме заедно да го прославиме Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“!
 Среда, 17 август
 18.30 часот
 Воен стадион (Градски парк)
Ве очекуваме!!!”
, пишува министерката за одбрана Славјанка Петровска на што добива за неа неочекувани и непосакувани реакции од граѓани кои не се плашат јавно да коментираат.

Дел од коментарите:

Спонзориран пост? Ептен сте удриле на штедење!

За 30 години Армија (на Република Македонија) се организира воена парада, ама уште комбето од воена болница остана, се дониравте и фрливте, така да нема смисла за парада… Ако имаше парада ќе незнаевте на која Армија и се обраќате и пак некој говор за добрососедство со фашистиве и соживот со балистиве….
Залудно е се овдека.

Пошто не напишавте за која армија се работи, еве јас ќе пишам – Армија на Република МАКЕДОНИЈА.

За грев  Има институции побарајте се 

Чија армија бре алооо?!!
Важно многу музика ќе имало.. Ццццц
Не знае човек дал’ да плаче или да се смее

Има ли еден со мозок шо воде оваа држава??? Месни заедници и куќни совети подобро се организирани!!!

30 години Армија …. чија? … Патетични сте!

Што се и пишувааат граѓаните на министерката во своите искрени и директни коментари прочитајте сами во постот.

Извор: Експрес.мк

Почнува БОГОРОДИЧНИОТ ПОСТ

За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).

Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.

И покрај постоењето на ориентирни правила во однос на позволените и забранети продукти за исхрана, никогаш не смее да се заборави дека сржта на  православната антропологија е во тоа дека од човекот не треба да се стори проста маса, туку секој е и треба да остане конкретна личност, Оттаму, „строгоста“ на личното применување на физичката страна на постот зависи од личносниот совет од духовниот отец кон своето духовно чедо.

Константата, пак, која треба да се следи во секој повеќедневен пост, а која никако не се „разблажнува“ е духовната страна на постењето. Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите.

Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна исповед во земјава

Денеска е Тодорова сабота, првата сабота од великиот пост

 Во оваа прва сабота на постот, со коливо го празнуваме преславното чудо на светиот великомаченик Теодор Тирон, коешто се случи вака: кога Јулијан отстапник, после Констанциј, синот на Константин Велики, го зеде управувањето со царството, тој започна отворено враќање од христијанството во идолопоклонството, и тоа не тајно, туку јавно, подигнувајќи прогон против христијаните.

Но, злочестивиот не сакал јавно да приредува сурови мачења, туку смислил поинаков начин да ги искушува христијаните. Знаејќи дека нашиот христијански народ најмногу се очистува и внимава на Бога во првата недела од светиот пост, тој го повика управникот на градот и му заповеда да ги тргне обичните продукти од пазарот, а на нивно место да стави други, попрскани со крвта на идолските жртви.

Така, сите што ќе купат и ќе јадат од таа храна, да бидат осквернети. Меѓутоа, Бог кој ги попречува лукавите ви нивните завери, а за нас, Неговите слуги, секогаш има промисла, ја разруши и оваа завера на Јулијан. Кон градскиот архиереј Евдоксиј, Он го праќа великомаченикот Теодор Тирон. И тој застана пред него, не во сон, туку на јаве, и му рече: собери го Христовото стадо и заповедај им на сите ништо од она што се продава на пазар да не купуваат, бидејќи е осквернето со крвта на идолски жртви од страна на нечестивиот цар.

Архиерејот беше во недоумица и го праша што да јадат оние кои дома немаат доволно храна, доколку не докупат од пазарот? Светителот му рече со коливо за да го дополни недостатокот. Евдоксиј не разбра што точно е тоа „коливо“ и го праша светителот, а тој му објасни: варена пченица. Патријархот тогаш го праша кој е тој, што толку се грижи за христоименитиот народ? Христовиот маченик рече: од Него сум ви испратен за помошник. Патријархот направи како што му беше кажано, и го зачува Христовото стадо неосквернето и неповредено од лукавството. Јулијан кога виде дека неговата измама е откриена, се посрами и заповеда на пазарот да се врати обичната храна.

Христијаните, пак, во знак на благодарност кон Благодетелот и кон маченикот, во саботата со коливо извршија радосен спомен. Оттогаш, и ние верните, ова чудо го обновуваме за да не биде заборавено, и го почитуваме великиот Теодор со коливо.

Зошто постиме пред Божик, што означува постот

Вториот повеќедневен пост, чијашто цел е да нѐ подготви за достоен пречек на Христовото Раѓање, е Божикниот пост. Тој ни го претставува Стариот Завет и нѐ потсетува на старозаветните патријарси и праведници, кои во пост и молитва го очекуваа доаѓањето на Спасителот.

Бидејќи Црковниот устав го смета Раѓањето Христово за втора Пасха, и Божик, исто како и Воскресение, има пред себе пост од четириесет дена и се нарекува четириесетница, но „мала четириесетница“. Според должината и значењето на празникот за кој се подготвуваме, Божикниот пост е прв после Воскресенскиот, но според строгоста во однос на храната тој се споредува со апостолскиот пост.

Историјата на овој пост е недоволно јасна, односно сведоштвата дека тој започнал да се практикува уште од древноста се многу ретки. Постои основано мислење дека тој започнал да се практикува уште од V век. Така на пр. според едно сведоштво трите четириесетници се развиле најдоцна до VII век, односно Божикниот пост се практикувал во Антиохија уште во почетокот на VI век и почнувал на 1 декември, а додека, пак во Ерусалим (VI век) тој изнесувал 40 дена. Михаил Скабаланович вели дека првите сведоштва за овој пост ги имаме во Коптскиот календар од VIII век. Од IX век веќе можеме полесно да ја следиме историјата на постот, а тоа се гледа од каноните на Цариградскиот Патријарх Никифор, од Ипотипосисот и Дијатипосисот од IX век, каде што постојат упатства во однос на храната во четириесетницата, како и од одредбите на Цариградскиот Собор за време на Лука Хрисоверг и царот Мануил Комнен (XII век), кои зборуваат дека постот започнува на 15 ноември итн.

Во богослужбените особености на постот спаѓа и спомнувањето на старозаветните пророци, праотци и праведници, особено на пророкот Даниил, кој толку точно го прорече времето на Раѓањето Христово, како и на неговите тројца другари, кои во огнената печка беа праобраз на овој настан.

Особености на Божикниот пост

Страдална
Умиление

Типикот пропишува на 24 декември (6 јануари н.с.) строг пост, односно постои одредба да се прави таканаречен „сочелник“ (каша од сушени зрна) или коливо. Сето ова има длабоко значење. Имено, коливото се благословува заради спомен на мачениците и светиите, како и во деновите за спомен на упокоените. Во овој случај правењето коливо значи дека пред Раѓањето Христово ние се сеќаваме на Божествениот Младенец, Кој се раѓа за да претрпи страдања и смрт заради искупување на нашите гревови, се раѓа за да умре и Воскресне. Точката во која се сретнуваат овие два спомени, раѓањето и воскресението, е неделата. Затоа, доколку Божик се падне во недела, тогаш на утрената се пеат ирмосите на Велика Сабота: „Волноју морскоју“. Оваа на прв поглед необична мисла, уште во раѓањето и раното детство да се укажува на страдања и распетие, најпрекрасно е изразена во Богородичната иконографија, особено во иконите „Страдална“ и „Умиление“. На првата икона ангелите Му Ги покажуваат оружјата на страдањето на Христос Младенецот, а на другата е Богородица Која Го држи Младенецот Христос, прикажана со натажен изглед заради сеќавањето на смртта на нејзиниот Син. Таа Го привлекува кон себе, а Спасителот како Дете ја чувствува болката и тагата на Неговата Мајка, и ја прегрнува и со љубов ја гледа во очите. Најпосле раѓањето беше заради смртта и воскресението.

Затоа, овој пост е идеална прилика да го направиме првиот чекор. Прегрнувајќи го подвигот на љубовта и молитвата, тоа оружје кое го преобразува нашиот внатрешен човек, да се помириме со Бога и едни со други за да ја привлечеме Божјата благодат во нас. Така ќе располагаме со огромна духовна сила, која ни е многу потребна, доколку сакаме да ги извршуваме добрите дела. Тогаш нашето срце ќе стане благопријатно место за во себе да ги прими мудреците, пастирите, Божјата Мајка – ќе се претвори во место на раѓањето на Христа Младенецот.

Св. Симеон Солунски вели: „Божикниот пост символично го претставува Мојсеевиот пост, кој постејќи 40 дена и 40 ноќи, го прими словото Божјо испишано на камените таблици, а ние постејќи 40 дена, Го примаме Словото на Бога Живиот од Дева, не на камен напишано, туку овоплотено и родено“.

Извор: Бигорски манастир.

Од денеска започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, пред големиот празник Рождеството Христово

Од денес 28-ми ноември започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, пред големиот празник Рождеството Христово Божик, на 7-ми јануари. Денешниот ден 28 ноември, се нарекува уште божикни поклади. Овој ден е и денот на споменот на Апостол Филип.

Светата Православна Црква постојано се грижела за душите на своите верни чеда, па изнаоѓала начини за тоа според зборовите и делата на Спасителот Господ Исус Христос. Така таа се потсетува на зборовите од Господа кој вели: „Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост“ (Матеј 17,21; спореди: Марко 9,29), мислејќи на демонскиот род, па токму пред Божик, како и за поголемите празници, востановила пост кој е познат како Божикен пост кој трае 40 дена и има за цел да го подготви верниот човек за дочек на Христовото раѓање со чиста совест и мисла, исто онака како што се подготвуваме ние за дочек на дете во овој свет (чистиме, купуваме добри предмети и среќни сме).

Најпрво имаме еден претходен ден за простување со ближните (Божикни поклади) и со мир во душата и мир со сите луѓе на светот да отпочнеме подвиг за пост, бидејќи навистина е голема работа да се пости и да се моли, а за тоа имаме сведоштва од светите отци на Црквата.

Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови“, односно ги потврдува Христовите зборови и тежината за секого, оти не е секој моќен за тоа, ама е потребна победа врз демоните, а тоа го правиме и телесно и духовно (психофизички).

Историјата за овој пост се следи некаде околу V и VI век, но тоа не значи дека порано го немало, туку има историска основа за сето тоа, бидејќи Богојавление и Божик се славеле во ист ден и претходел некој помалкудневен пост. Секогаш започнува на 28/15 ноември, а завршува на 6 јануари, односно 24 декември според Јулијанскиот календар, на Бадник.

Имајте лесен, благословен и богоугоден пост во овие предрождествени денови, па во овој предбожикен период посоветувајте се со свештените лица и вашите духовни Отци за напредокот во личниот живот…

Извор: Порта

Светите маченици Гуриј, Самон и Авив

Гуриј и Самон беа угледни едески граѓани. За време на едно гонење на христијаните се засолнија надвор од градот и живееја во пост и во молитва, храбрејќи ги правоверните коишто ним им притекнуваа за совет. Но, ги фатија и ги изведоа пред судијата. Судијата им се закани со смрт ако не ѝ се покорат на царската наредба за поклонување на идолите.

Светите Христови маченици му одговорија: „Ако ѝ се покориме на царската наредба ќе пропаднеме дури и ако ти не нè убиеш“. После многу мачења беа фрлени во затвор, во којшто трпеа глад, темнина и тегобност од 1 август до 10 ноември. Тогаш повторно ги изведоа и ги мачеа, па бидејќи останаа непоколебливи во Христовата вера, беа осудени на смрт и убиени со меч во 322 година, за време на свирепиот цар Ликиниј. Подоцна и едескиот ѓакон Авив прими маки за својот Господ Исус Христос и го предаде духот свој во оган. Мајка му го извади целото негово тело од огнот и го погреба во гроб заедно со светите Гуриј и Самон.

Кога престана гонењето, христијаните подигнаа храм во чест на тројцата маченици Гуриј, Самон и Авив и ги положија нивните чудотворни мошти во еден ковчег. Од безбројните чуда над моштите на овие прекрасни маченици се издвојува едно: една вдовица во Едеса имаше ќерка со која се ожени еден Гот, војник на грчката војска.

Бидејќи мајката се плашеше да ја даде девојката во далечна земја, тој Гот се заколна на гробот на тројцата маченици дека никакво зло нема да ѝ направи на нејзината ќерка, но дека ќе ја земе за своја законска жена, бидејќи, рече, е неженет. Всушност тој беше женет. Кога ја одведе девојката во неговата татковина ја држеше како робинка додека не умре неговата законска жена.

Тогаш тој, во договор со останатите свои роднини, со мртвата жена ја закопа и својата жива робинка. Робинката им се молеше со плач на светите маченици да ја спасат. И тие ѝ се јавија во гробот, ја зедоа и во еден миг ја пренесоа од Готската земја во Едеса, во својата црква. Утредента кога ја отворија црквата ја најдоа ќерката на онаа вдовица покрај гробот на Божјите светители и дознаа за нејзиното чудесно избавување.