Tag Archives: ПресветаБогородица

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Денеска е голем празник – Успение на Пресвета Богородица

Господ, Кој на Синај заповеда со петтата заповед: „Почитувај ги таткото свој и мајката своја“, со Својот пример покажа како треба да се почитува својата родителка. Кога висеше на крстот во маки, се сети на Неговата мајка и покажувајќи на апостолот Јован, рече: „Жено, ете ти син!“.

Потоа му рече на Јован: „Ете ти мајка!“ И така ја згрижи Својата Мајка и издивна. Јован имаше дом на Сион во Јерусалим, во којшто се насели и Богородица и остана да живее во него до крајот на Нејзините денови на земјата. Со своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, таа многу им помагаше на апостолите на Нејзиниот Син. Целото време до смртта главно го помина во Јерусалим, обиколувајќи ги често оние места што ја потсетуваа на големите настани и големите дела на Нејзиниот Син.

Особено често одеше на Голгота, во Витлеем и на Елеонската Гора. Од нејзините подолги патувања се спомнува нејзината посета на свети Игнатиј Богоносец во Антиохија, посетата на светиот четиридневен Лазар, епископ Кипарски, посетата на Света Гора, којашто самата ја благослови, и пребивањето во Ефес, заедно со свети Јован, за време на големото гонење на христијаните во Јерусалим. На старост таа често Му се молеше на Бога на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да ја земе од овој свет. Еднаш ѝ се јави Архангелот Гавриил и ѝ објави дека по три дена ќе биде упокоена. Тогаш ѝ даде и една палмова гранка за да ја носат на нејзиниот погреб. Таа се врати дома со голема радост и посака во срцето уште еднаш да ги види сите Христови апостоли.

Господ ѝ ја исполни оваа желба и сите апостоли, носени на облаци од Ангелите, одеднаш се собраа во домот на Јован на Сион. Со голема радост таа ги виде Светите апостоли, ги охрабри, ги посоветува и ги утеши, и по ова мирно го предаде својот дух на Бога, без никаква мака и телесна болест. Апостолите го зедоа одарот со нејзиното тело, од коешто излегуваше благоухание и во придружба на мноштво христијани го пренесоа во Гетсиманската градина, во гробницата на светите Јоаким и Ана.

По Божја Промисла поворката од злобните Евреи ја засолнуваше облак. Некој еврејски свештеник Атониј, го дофати со рацете одарот со намера да го преврти, но во тој миг ангел Божји му ги отсече обете раце. Тогаш тој повика кон апостолите за помош, а откако објави дека поверувал во Господа Исуса Христа, беше исцелен. Апостолот Тома повторно – по Божја Промисла – изостана, та на тој начин да се открие една нова и преславна тајна за Пресвета Богородица.

Третиот ден пристигна и тој, и посака да го целива телото на Пречистата Владичица. Но, кога апостолите го отворија гробот, ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше внатре. Таа вечер им се јави на апостолите самата Пресвета Богородица опкружена со мноштво ангели и им рече: „Радувајте се, ќе бидам со вас вовек“. На која возраст се упокои Богородица не се знае точно, но преовладува мислењето дека на крајот од овоземниот живот имала повеќе од шеесет години.

Почнува БОГОРОДИЧНИОТ ПОСТ

За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица.

Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.

По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).

Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.

И покрај постоењето на ориентирни правила во однос на позволените и забранети продукти за исхрана, никогаш не смее да се заборави дека сржта на  православната антропологија е во тоа дека од човекот не треба да се стори проста маса, туку секој е и треба да остане конкретна личност, Оттаму, „строгоста“ на личното применување на физичката страна на постот зависи од личносниот совет од духовниот отец кон своето духовно чедо.

Константата, пак, која треба да се следи во секој повеќедневен пост, а која никако не се „разблажнува“ е духовната страна на постењето. Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите.

Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна исповед во земјава

Денеска е Собор на Пресвета Богородица

На вториот ден од Божик, христијанската Црква ѝ оддава слава на Пресветата Божја Мајка, Којашто Го роди Господ и Спасителот наш Исус Христос. Ова празнување се нарекува Нејзин собор затоа што на тој ден се собираат сите верни за да Ја прослават Неа, Која е Богородица.

Тогаш се служи торжествено, соборно, во Нејзина чест. Во Охрид од древноста беше устроено наспроти вториот ден на Божик вечерната да се служи само во црквата на Пресвета Богородица, наречена Челница. Целото свештенство со народот овде соборно Ја прославуваше Пречистата Божја Мајка.