Tag Archives: увоз

Нашите работници се иселуваат, додека Владата ДО СЕГА УВЕЗЕ 3.000 СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ

Годишната конфереција на Стопанската комора на северо-западна Македонија ги исфрли на виделина критичните точки на бизнисот кои влечат корени од поодамна, но за нив нема решение, објави ТВ Алфа.

Јавноста ги слушна, но само на албански јазик, на кој се обратија домаќините, но и владините претставници, пренесува ТВ Алфа. Клучниот проблем вo бизнисот се платите, но и работната сила. За да ги задржат работниците и да можат да делат повисоки плати бараат намалување и либерализација на меѓународниот пазар на труд.

– Бараме од Владата придонесите за минимална плата кои се високи и изнесуваат 47,5 отсто да се намалат на 32 отсто за да се зголеми минималната плата. Исто така бараме Владата да ја либерализира увозот на работна сила, бидејќи се работи за многу сложена и долга процедура, поради што голем дел од странските работници работат на црно. Бараме и зголемување на квотата на странски работници од 5 на 10 или 15 илјади работници годишно. Заедно со Владата треба да ја подготвиме повеќегодишната програма за професиите кои се потребни во државата, изјави Менди Ќура, претседател на стопанска комора на северо- западна Македонија.

Младите ја напуштаат Македонија не само поради платата туку поради преголемата вработеност по пат на партиска врска, лошите политики, тоа што не се цени квалитетот. Покрај тоа што е најкритично во туризмот и градежништвото, сериозен проблем е и во ИТ секторот, во државава годишно недостигаат 600 ИТ техничари.

Главниот проблем е превработувањето, се вработуваат луѓе со врски и политички определби што создава нервоза кај младите, рече Анета Антова Пешева, Претседател на Собрание на МАСИТ.

Претставниците на Владата ги слушнаа барањата и забелешките упатени на нивна адреса, но не одоговорија конкретно дали ќе се прифатат предлозите. Се пожалија дека и во државните институции им недостигале вработени во ИТ секторот. Како краткорочно решение, допрва ќе се работело на либерализација на пазарот и зголемување на квотите. Според Битиќи, во агенцијата за вработување имало регистрирано слободни работни места, ама нашите невработени граѓани не биле квалификувани за тие позиции.

– Ние имаме еден парадокс во Агенцијата за вработување има илјадници слободни работни места, а 115 илјади лица бараат работа. Овие невработени не се оспособени за професиите кои ги бара пазарот. Точно дека квотите за странски работници се ограничени на 5.000 годишно, но оваа мерка не може да биде долгорочно решение на проблемот потребно е недостигот да се реши со домашна работна сила, рече Фатмир Битиќи вицепремиер за економски прашања.

Инаку, годишно ни недостигаат 10.000 работници, најмногу во туризам и градежништво. Планот на Владата е да увезува работна сила. Годишната квота моментално е 5.000 странски работници, а до крај на март над 3.000 странски граѓани годинава добиле дозвола да работат во Македонија меѓу кои и работници од Непал и Пакистан.

ВЛАДАТА ЌЕ УВЕЗУВА РАБОТНИЦИ

Дојдено е времето да ја отвориме дискусијата за потребата од увоз на работна сила, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на гостувањето на регионалната телевизија Блумберг Адрија.

Битиќи рече дека недостигот на работна сила се решава со доквалификација и преквалификација на одредена група невработени за да се прилагодат на потребите на пазарот, но оти дополнително ќе мора да се најде начин да се надополни одливот на работници.

„На пазарот на труд има недостиг на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст“, посочи Битиќи.

Стапката на невработеност во Македонија е околу 14 отсто. Според Агенцијата за вработување, во земјава има над 113 илјади активни невработени и уште други 46 илјади луѓе кои бараат работа. Бизнисмените, пак, долго време се жалат дека овие невработени ги немаат потребните вештини кои им се потребни.

Битиќи вели дека тие невработени не одговараат на потребите во некои сектори кои бараат специфични квалификации.