Tag Archives: закон

Уште полесно до работа во Германија: Можат да заминат стручните, но и нивните семејства

Во Германија постепено почнува да се применува новиот Закон за квалификувана имиграција, јави ДПА. Како што од поодамна предупредуваат германските политичари и економски експерти, на земјата итно ѝ треба професионална работна сила. Очекувањата се дека дупките во пазарот на трудот ќе се пополнат со работници од странство.

Измените на Законот за квалификувана имиграција кои беа донесени претходно годинава ќе се спроведуваат во три постепени фази со цел властите навремено да се престројат на новите услови.

На порталот на сојузната влада за стручна работна сила од странство можат да се добијат поопширни информации на германски, англиски, шпански и француски јазик.

Од овој момент многу академци и луѓе со споредливи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта ЕУ да доаѓаат во Германија – без проверка на приоритет, односно дали би биле достапни Германци или граѓани на ЕУ за истата позиција, како и без докажување на познавања на јазикот.

Секој кој ги исполнува сите предуслови како стручна сила со професионално искуство или универзитетска диплома, сега има право на добивање дозвола за престој, нешто за што до сега властите имаа дискреционо право за одлучување. Исто така, повеќе нема да има ограничувањето на дејност во струката. Тоа би знаело дека еден квалификуван работник во една струка би можел да најде работа во Германија во друга струка. Од ова исклучок се само професиите поврзани со медицината, правото и педагогијата.

Олеснувања во наоѓање работа преку добивање дозвола од Сојузната агенција за вработување ќе има и за професионалните возачи, а се укинува проверката за приоритетни кандидати и предусловите за познавање на јазикот.

Другите измени ќе стапат на сила на 1 март в година.

Дополнително е регулирано привлекувањето на работна сила од Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за кои неограничено важи т.н. „Правило за Западен Балкан”. Од јуни 2024 година годишниот контингент се удвојува на 50 илјади лица годишно.

Германија имаше Закон за квалификувана имиграција уште вo март 2020, со кој тогашната влада на Ангела Меркел сакаше да го олесни пристапот на квалификувани работници од земји надвор од Европската унија до германскиот пазар на труд. Сега тој закон е реформиран бидејќи на многу места сè уште има недостиг од кадри, особено квалификувани работници. Законот во претходната верзија не ги постигнал очекуваните резултати поради пандемијата е проценката на властите.

Она што е ново во новиот закон е воведувањето на таканаречената „Карта за шанса“, која е базирана на бодови. Критериумите за избор на имигранти кои сакаат да работат и ја избираат оваа опција се јазични вештини, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија.

Странските стручни работници во иднина мора да заработуваат најмалку 43.800 евра бруто годишно, сума која досега изнесуваше 58.400 евра. Предноста на новиот закон за висококвалификувани професионалци од земји надвор од ЕУ е што во иднина со себе ќе можат да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите.

Предуслов, сепак, е да имаат обезбедено средства за живот оти во Германија нема да можат да живеат од социјална помош.

Германските компании во моментов не можат да пополнат околу 1,73 милиони работни места.

РУСИЈА ЗАБРАНИ ПРОМЕНА НА ПОЛОТ ! „Не сакаме дегенерација на нацијата, одлуката ги штити нашите граѓани и деца“

Државната дума на Руската Федерација денеска официјално го усвои законот за забрана за промена на полот на територијата на земјата.

„Оваа одлука ги штити нашите граѓани и деца. Замислете, во САД, бројот на операции за промена на полот е зголемен за 50 пати во последните десет години. Монструозна тенденција!“, коментира претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на Телеграм.

„Тоа е патот што води до дегенерација на нацијата. Тоа е неприфатливо за нас“, вели тој.

Иницијативата за воведување на овој закон беше поднесена во мај годинава, а на неа работеа околу 400 парламентарци, пишува „РИА Новости“.

Во согласност со овој закон, престанува да важи бракот во кој еден од брачните другари одлучил да го промени полот, а ако се знае дека одредено лице има потврда дека е подложенo на споменатата операција, во тој случај таа е забрането да посвојува деца.

Но, сите лица кои го промениле полот пред влегувањето во сила на овој закон не подлежат на новите норми.

Думата денеска ја забрани и употребата на медицински препарати кои имаат за цел промена на полот.

Во САД, според податоците од 2022 година, има милион и 640 илјади трансродови лица, од кои 340.000 се тинејџери, потсетува денеска Володин.

Германија ГО УСВОИ НОВИОТ ЗАКОН ЗА СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ – КАРТА ЗА ШАНСА

Новиот закон што го олеснува имигрирањето во Германија заради работа може да стапи на сила откако државниот дом на сојузниот парламент, Бундесрат, ја одобри регулативата донесена од Бундестагот минатиот месец.

Меѓу другото, со новиот закон се воведува таканаречената карта за шанса, односно систем на бонус поени за кандидатите за имиграција, како што се јазични вештини, работно искуство, возраст и врски со Германија, пренесува SEEbiz.

Имателите на картата ќе имаат право да бараат работа во Германија, а таа е и едногодишна дозвола за престој. Сличен систем со години има и Канада.

Според новите прописи, експертите од ИТ секторот нема да имаат потреба од високо образование за вработување, под услов да ја докажат својата стручност.

Бундесратот ја означува силата на партиите во 16-те германски покраини, а не исходот од федералните избори, кои го исполнуваат Долниот дом на парламентот, Бундестагот. На дебатата во Бундестагот поддршка за законот побараа министрите од владата на канцеларот Олаф Шолц.

„Новиот закон е првиот чекор кон привлекување на најдобрата работна сила во Германија во услови на меѓународна конкуренција“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Министерот за економија Роберт Хабек повтори дека насекаде во германската економија недостигаат квалификувани работници и дека 600.000 работни места се празни „едноставно затоа што нема луѓе“.

„Имиграцијата на странски работници е во интерес на Германија“, рече министерот за труд Хубертус Хајл, опишувајќи го новиот закон како „историски“, бидејќи „во спротивно, дефицитот на работната сила трајно ќе го спречи економскиот раст“.

Законот, исто така, се занимава и со други прашања кои го отежнуваат ангажирањето квалификувани работници, што им олеснува на младите да се образуваат додека работат или да патуваат за обука.

Тренчевска: Законот за родова еднаквост е за подобрување на семејните вредности и за заштита на децата

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во Дневникот на КТВ Телевизија зборуваше за неколку актуелни теми, пред се за Законот за матична евиденција и Законот за родова еднаквост, за семејните вредности капиталните инвестиции во социјална и детска заштита, како и новата Кампања за млади -Остави трага.

„Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, се два посебни закони кои третираат сосема различни прашања. И едниот и другиот закон третираат човекови права меѓутоа суштината на законите е различна,“ истакна Тренчевска.

Тренчевска информираше и дека за Предлог законот за родова еднаквост биле реализирани 18 јавни расправи. Како и посебна јавна расправа со пратеничките од сите политички партии, каде што немало ниту една забелешка ниту за дефиницијата родова еднаквост, пол и род.

Министерката појасни дека единствената цел на Законот за родова еднаквост е унапредување на положбата на жените во општеството, како и да се зголеми видливоста и посветеноста на институциите кон прашањето за родова еднаквост.

„Предлог законот за родова еднаквост е за подобрување на семејните вредности, за почитување на семејните вредности, за заштита на децата, и насочен е токму кон унапредување на положбата на жените. За видливоста на жените во процесите на одлучување, превенирањето на насилството врз жените, подобрувањето на положбата на жените на пазарот на труд, “ потенцираше Тренчевска.

Таа истакна дека за семејните вредности и заштитата на децата министерството за труд и социјална политика, работи посветено.

„За нас семејни вредности се измените во новиот закон за работни односи, каде што воведуваме татковство, мајчинство и родителско отсуство за да можат и двајцата родители подеднакво се грижат за своето дете. Градењето на 81 градинка само за 5 години, вложувањето во воспитно образовниот кадар, кој ќе обезбеди правилен раст и развој на децата, тоа се семејни вредности,“ порача Тренчевска.

Притоа таа посочи и дека семејни вредности се и социјалните услуги во 44 општини, грижата за старите лица преку помош и нега во домот. Целата социјална политика е насочена кон заштита на децата и семејните вредности.

Министерката Тренчевска најави дека во Кавадарци наскоро ќе се гради нов Дневен центар за лица со попреченост како и Дом за стари лица.

Тренчевска ја најави и новата Кампања за млади – Остави трага. Целта е да се допре до младите и да се информираат за сите можности, за пазарот на труд и јакнење на нивните вештини, за менталното здравје, поубава иднина за младите и нивно задржување во својата држава.

Пратениците кои ќе гласаат за Законот за родова еднаквост, Црквата може да ги лиши од крштевки, венчавки, погреби…

Да се запишат имињата на паратениците во македонскиот парламент кои ќе гласаат за закон за родова еднаквост за да Црква може да ги лиши од венчавки,крштевки, погреби… порачува викарен епископ на Скопската епархија, со титула Епископ Дремвитски Давид.

Во пресрет на денешниот црковен собир против законите за матична евиденција и за родова еднаквост, организиран од МПЦ-Охридска Архиепископија, на својот блог, довчерашниот епископ на ПОА (која се претопи во МПЦ-ОА) и кој сега е помошник на архиепископот г.г. Стефан, е оценува дека законското решение за родова еднаквост е „израз на најновиот вид анархија, продуцирана директно од државата, бидејќи таа не го слуша гласот на народот“. Тој вели дека ниту државата, ниту црквата нема против правото на избор, но оти е недозволиво „насила да се наметнува стилот на живеење на некоја минорна група“.

-Затоа, ќе треба внимателно да се запишат имињата и презимињата на оние народни пратеници, кои евентуално би кренале рака за спомнатиот закон за родова еднаквост, поточно – закон за дехуманизација! Потоа, црквата, секако доколку посака, може да размисли и да одлучи, пратениците, кои би го поддржале законот, кондиционално да ги лиши од сите свештенодејствија, кои тие, очигледно само од адет, би милувале да ги прават. Значи, доколку се декларираат како христијани, тие пратеници би биле лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби, кои го сочинуваат свештенотаинскиот живот на црквата, барем до мигот кога јавно ќе се преумат. На тој начин, не само поединци, туку сите заедно како општество, хармонично, еманципирано и без анархија, во мир и целосно меѓусебно почитување, ќе можеме да ги уживаме благодетите, кои ги нуди секуларното општествено уредување, порачува владиката Давид.

Тој објаснува дека црквата никогаш не ги осудува и не е против луѓето, кои имаат некаков свој, помеѓу останатото и сексуален избор.

-Тоа е нивен личен избор, кој се однесува на нивната совест. Истовремено, црквата одлучно смета дека тие луѓе не смее да бидат подложени на дискриминација или на казни! Од друга страна, пак, не е возможно да биде дозволен еден специфичен вид на „апартхејд“, поточно едно издвојување на било каква минорна трансродова група, која на тоталитаристички начин ќе му го наметнува својот стил на постоење на севкупното општество. А, новиот предлог закон за родова еднаквост го има токму трансхуманизмот како своја појдовна точка: се искоренува досегашниот модел на човек со сето негово достоинство и историја, и, се воведува нов модел на човек, кој лебди на површноста од своето постоење На крајот на краиштата, христијанскиот модел на човек секогаш подразбира сопостоење со другиот, кој и да е тој, додека пост-човечкиот модел ја подразбира слободата единствено како целосна ослободеност од другиот, како поништување на различниот!!“, пишува тој во објавата.

Извор: Скопско ехо

Помине ли овој Закон за родова еднаквост следно е истополови бракови, посвојување деца па легализација на педофилија!

Предлог-законот за родова еднаквост овозможува човекот не само да биде биолошки маж, а да се претставува и декларира како жена, туку дозволува луѓето да се декларираат како рози или мачки, вели во денешната епизода на Тешки муабети презвитер Ивица Тодоров од МПЦ-ОА.

-“Помине ли овој закон првото нешто после него е истополови бракови, па посвојување на деца, легализација на педофилија. Во нивната идеологија пишува дека се прифатливи сите сексуални стилови, вклучувајќи ја и педофилијата. Помина времето на силата со мечот, доаѓа време кога е битна силата на информацијата и вистинскиот аргумент и по мене тука ќе се водат сериозните судири, ако тука се изгуби битката започнува она што се случува во Украина, а тоа е страшно”, вели Отецот.

Видео:

https://www.youtube.com/live/JIOJzmW96-c?feature=share

Демократска партија на Турците: Со промена на пол кај нотар, ќе може да склучуваат хомосексуални бракови

Како Демократска Партија на Турците на Македонија (ТДП), уште еднаш чувствуваме потреба да ја информираме јавноста околу предлог измената на законот за матична евиденција која е во собраниска процедура. Законот за измени и дополнување на законот за матична евиденција, кој две години по ред беше на дневен ред во собранието и беше симнат од дневен ред по интервенцијата на нашиот Претседател и Пратеник Др. Бејџан Илјас, дефинитивно е неприфатлив предлог за нашата партија и за нашите членови, велат преку соопштение од паеријата.Добивај вести на вибер

Со промената на законот се дава право на граѓаните да го сменат својот пол само со изјава заверена на нотар, што во иднина ќе им овозможи и со промена на полот во личната карта да склучуваат и хомосексуални бракови.

Поради овие причини јасно и недвосмислено им пренесуваме на тие кои го предлагаат овој предлог на закон и на оние кои ги поддржуваат овој и слични законски измени, дека како ТДП и како Турци кои живеат во нашата земја, категорично ќе се спротивставиме кон истите.

Ние сме длабоко убедени дека манипулацијата со биолошкиот пол, кој е создаден природно, со цел да се поддржи традиционалната семејна структура на нашето општество, е многу опасен предизвик за нашите идни генерации.

Како граѓани Турци на Република Северна Македонија, со голема почит ја информираме јавноста и објавуваме дека секогаш ќе стоиме против вакви и слични иницијативи кои се во спротивност со нашата традиционална семејна структура и нашите духовни вредности, пишува во соопштението од Демократската партија на Турците.

Забрането со закон: Италија им кажа НЕ на синтетичкото месо, млеко и вештачката храна!

Италија им кажа НЕ на синтетичкото месо, како и млекото и вештачката храна за животни произведена во лабораторија. Италијанската влада одлучи да го забрани производството и комерцијализацијата на синтетичка храна и за луѓето и за животните, што е спротивно на она што се случува во Америка и Сингапур, земји каде е дозволена употребата на оваа храна.

Италијанскиот министер за земјоделство, храна и шуми, Франческо Лолобриџида, вели дека Италија е првата слободна нација кога станува збор за ризикот од јадење синтетичка храна.

Тоа е, како што истакнува, првиот закон во светот кој забранува комерцијализација и лабораториско производство на храната што ја јадеме.

-„Синтетичката храна не гарантира квалитет, здравје или култура и еногастрономска традиција на нашата земја. На овој начин би ризикувале и поголема невработеност бидејќи таа храна би се произведувала онаму каде што трудот чини помалку во општество каде богатите би јаделе добра храна, а сиромашните не“, објаснува министерката Лолобриџида.

На ист став е и италијанскиот министер за здравство Орацио Скилачи:

– „Забраната за производство се заснова на мерки на претпазливост, бидејќи до денес немаме јасни податоци какви ефекти би имала оваа храна врз нашиот организам“. На прво место е здравјето на граѓаните, како и зачувување на нашата кулинарска традиција која се заснова на медитеранската исхрана“.

Прекршувањето на овој закон повлекува многу ригидни казни од 10.000 до 60.000 евра и до 10 отсто од заработката.

БИГОРСКИ со став: Нема полошо општествено уредување од она кое под маската на демократијата го крие вистинското лице на тоталитаризмот

Во Собрание ќе влезе Законот за родова еднаквост министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека дијалогот продолжува се до оној момент кога ќе се добие конечно, усогласено и квалитетно решение, поткрепено со заштитни механизми, без правни празнини.

Тренчевска во гостување на ТВ Сител вечерва појасни дека законот е работна верзија и во фаза на консултација со сите заинтерсирани. Досега се одржале осум јавни дебати со кои биле опфатени сите региони во државата, а присуствувале голем број заинтересирани страни, координаторите и комисиите за еднакви можности на жените и мажите на локално ниво, претставници на локални здруженија на граѓани како и жени пратенички.

Од Бигорски манастир се јавија со коментар на Законот, прочитајте во прилог:

Човековите права отсекогаш се сметаат за фундаментално важни аспекти кои треба да ги почитува, промовира, заштитува и унапредува секоја одговорна државна власт, но и секој човек. Ваквата колосалност на темата, пак, честопати е испреплетена со најразлични политички идеологии, како и со најразлични лични поимања, што некогаш доведува до недоразбирања и конфликти.
Овој текст се однесува на предизвиците пред кои е исправена С. Македонија во врска со Законот за родова еднаквост поднесен до Собранието од страна на Владата. Предизвиците, пак, се резултат на сомнежите на огромното тивко морално мнозинство наши сограѓани, кои сметаат дека овој акт е во спротивност со националниот морал, како и со традициите на граѓаните независно од нивната етничка или религиска припадност. Имајќи го предвид споменатото, нашата цел е сосема благородна и таа се отелотворува во нашето настојување да влијаеме и низ конструктивен дијалог, што е одлика на достоинството, но и законски загарантирано право, да се овозможи да продолжат да опстануваат во ист обем и капацитет традиционалните форми на најважните општествени прашања, како што се образованието, бракот сфатен исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена, како и целосната рамноправност на двата пола, односно на мажите и на жените.

Реагираме поради стравовите дека и во нашата земја, а по примерот на некои други држави, со примената на иста и слична методологија ќе им се обезбеди правен легитимитет, односно нахално ќе се воведе сексуалното на сметка на верското образование, што според нашите убедувања и начинот на живот, ќе донесе сигурни и сериозни импликации врз човековиот и општествениот бит, веќе докажано досега преку најразлични примери. Воедно, ние не мислиме да наметнуваме, да говориме за правилно и неправилно, за вистина и грешно, бидејќи за нас вистината е Христос и ние низ призмата на Христос ги набљудуваме човекот и светот, Него им Го сведочиме на светот преку личниот опит. Истовремено, стравуваме дека во духот на најцрните денови на комунистичкиот тоталитаризам, ќе се влијае во дестимулирање на религиозноста, а ќе се промовира т.н. идеја за „родовата флуидност“ која има намера да се скрие под различни зборовни конструкции, а сè повлијателниот агресивен феминизам упорно ќе продолжи да ја понижува клучната општествена улога на жената.
Она што со право длабоко нé загрижува е и нахалноста во пристапот кон овие теми на приврзаниците, како и недоволното вклучување на опонентите, кое требало да го запазува својот континуитет, за да се земе предвид уверувањето и на тие што поинаку размислуваат. Водењето на коректен и конструктивен дијалог е слика на секое зрело демократско општество. Во оваа смисла, оваа реалност дополнително ескалира кога се оди чекор понатаму преку свесно провоцирање и омаловажување на големото морално мнозинство кое трпеливо работи, се грижи за своето семејство, си ја почитува верата и кое си ја сака Татковината. Секоја неумерена реакција предизвикува агресија, а таа бо никој случај не му користи на овој општествен простор кој сите заедно го делиме.
Се поставува прашањето, како да се постапи на овој облик на загрозување на туѓата слобода? Да се премолчи како многу пати во минатото, или да се одговори достоинствено и разумно со надеж дека сепак, можеби како исклучок нема да се произведе поголем конфликт, туку, како за промена – дебата во која треба да се разбере и другата страна.

Нема полошо општествено уредување од она кое под маската на демократијата го крие вистинското лице на тоталитаризмот, односно анархизмот и нихилизмот. Современите концепции и стандарди за образование и родовата флуидност, но и традиционалните форми на претходнонаведените концепции од друга страна, пак, не само кај нас, туку насекаде во светот на еден највидлив начин ја претставуваат оваа сурова реалност.
Меѓутоа, каде нé води сето тоа?

Основата на човековите права се одразува во почитувањето на правото и слободата на другиот, односно во фактот дека слободите и правата на една група на граѓани (треба да) се ограничени со слободите и правата на друга група на граѓани (едно право не смее да го суспендира правото на другиот). Со актуелниот предлог закон, како и со неколку други закони во минатото, овој принцип не беше почитуван, односно не се почитуваа уверувањата и стремежите на граѓаните со изразена религиска свест и со конзервативен, односно традиционален општествен светоглед. Имајќи го во предвид споменатото, апелираме да се прекине оваа пракса на кршење на човековите права и слободи, односно да се применат методи на почитување на општествениот, политичкиот, економскиот и културниот развој на нашето општество.
Црквата не пишува државни закони, туку воспитува добри и лојални граѓани кои ги почитуваат добрите закони. Сите знаеме дека кој било Закон не се носи за да влијае од аспект на сила, за да присилува, туку тој е насочен кон подобрување на животот и на меѓусебните односи. Тоа значи дека правата на тие граѓани-верници ги вклучуваат и одговорностите кои произлегуваат од превземените дејствија. Секој од нас, без оглед на тоа дали е атеист или теист, дали е припадник на оваа или онаа верска заедница, дали е член на една или друга политичка партија, дали е функционер или не, има должност да се однесува како зрел граѓанин чијшто став, претходно добро преиспитан и очистен од страсти, е вреден да се чуе и земе предвид. Црквата не е институција – таа е народот собран околу својот Христос, што е всушност и етимолошкото значење на зборот εκκλησία – собрание на верни. Во тој контекст, членовите на Црквата, во секуларно организираната држава, рамноправно со сите нејзини жители го пренесуваат својот став кој треба да се почитува, бидејќи е став и на огромното тивко морално мнозинство! Црквата никој не може да ја спречи да говори со љубов, да биде смирено гласна во едно општество, сепак таа е повикана да се грижи за спасението на секој човек. Навистина, таа некогаш си дозволува да „го подели имотот и да го отпушти чедото во туѓата земја“, но и да го пречека со прегратка во неговото враќање оттаму.
На самиот крај, во духот на љубовта, би сакале да повикаме не само кон земање предвид на мислењето на огромното мнозинство во смисла на измените во Законот, туку и кон перманентен личен развој, кон самокритичност, кон градење на подобро општество за сите преку конструктивен и засилен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Црквата пребродила и излегла како победник и од пострашни зла и знаеме дека ќе го надмине, заедно со народот и овој предизвик. Тоа е така, бидејќи нејзината проповед не е против човекот кој од различни причини и под различни околности се довел во ситуација да греши, туку против злото и гревот. Таа не ги осудува различностите, туку прегрнува и љуби.

ВИДЕО: Жестоки протести во Грузија – нереди, судири со полицијата и апсења

Демонстрантите се судрија со полицијата во главниот град на Грузија, Тбилиси, откако парламентот го поддржа контроверзниот нацрт-закон за кој критичарите велат дека ја ограничува слободата на печатот и го потиснува граѓанското општество.

Полицијата употреби водени топови и бибер спреј за да ја растера толпата пред зградата на парламентот.

Владата соопшти дека неколку полицајци се повредени, а полициската опрема е оштетена.

Имаше широка меѓународна осуда на нацрт-законот, кој ќе бара од невладините организации (НВО) и независните медиуми кои добиваат повеќе од 20% од нивното финансирање од странство, да се декларираат како странски агенти.

Опозицијата го опиша како закон од руски стил кој ќе го стигматизира и ќе го запре живописното граѓанско општество во Грузија и независните медиуми.