Connect with us

Инфо +

Иванов: Колку и да е мал, македонскиот јазик има своја големина

Претходниот македонски претседател Ѓорге Иванов на десет дена до роденденот на еден од кодификаторите на македонскиот јазик, академик Блаже Конески, а во екот на неговото негирање од Бугарија, го реобјави својот говор на универзитетот во Вроцлав пред две години посветен на патронот на скопскиот Филолошки факултет.

„Во спомен на Блаже Конески 1921-1993

Дел од предавањето на Универзитетот во Вроцлав на тема: „Мостови на пријателство и соработка: Македонија – Полска“

Вторник, 04 Декември 2018

https://gjorgeivanov.mk/…/2011-07-19-10-40-39/5415.htmlhttps://wszystkoconajwazniejsze.pl/gorge-iwanow…/…

И како што полската држава ги згрижи децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, така полската наука покажа грижлив интерес за нивниот мајчин јазик – македонскиот. Не случајно во 1973-та, пред 45 години, токму вашиот престижен универзитет му додели почесен докторат на академик Блаже Конески, што е прва таква титула за Македонец во Полска. (Sokołowski, 2001).

Инаку, само три дена нè делат од денот кога пред 25 години, во 1993-та почина Блаже Конески. Затоа, моето обраќање ќе го започнам со крајот на неговиот живот.

Непосредно пред неговата смрт изнемоштениот Конески ја повикал неговата колешка, познатиот полско-македонски славист Зузана Тополињска и ѝ го диктирал она што ќе биде негово последно објавено сведоштво. (Конески, 1993). Во тоа мошне кратко, но длабоко послание до неговата, но и до идните генерации, тој за последен пат се осврнал на прашањето што го прогонувало речиси целиот негов живот.

Како лингвист и книжевник кој се посветил на развојот на македонскиот литературен јазик, тој бил свесен дека три нешта фрлале сенка врз неговото животно дело. Прво, македонскиот јазик го зборуваат едвај два милиона луѓе. Второ, целосната кодификација на македонскиот литературен јазик е завршена дури во 1945-та, по формирањето на македонската држава. Трето, македонскиот јазик бил и сè уште е оспоруван.

Соочен со овие три факти, Конески имал храброст јавно да постави едно многу тешко прашање: Која е смислата да се пишува, да се твори на мал јазик?

Ова прашање значело преиспитување на целото негово научно и книжевно творештво и, воопшто, смислата на неговиот живот.

Колку и да е мал, македонскиот јазик има своја големина.

Тоа е јазикот што просторно е најблиску до изворот на првиот пишан јазик на словенските земји – старословенскиот. Знаеме дека во 855 година, врз основа на говорот на словенските племиња Сагудати, Другувити, Велегезити и Ринхини кои биле населени во Македонија, Св. Константин ‒ Кирил и Методиј составиле нова азбука – глаголица. Со помош на глаголицата, тие не ја превеле, туку ја препеале Библијата на старословенски. А, препевот е секогаш многу потежок од преводот. Тоа зборува и за богатството на јазикот и за нивната генијалност.

Со помош на тој пишан јазик, Св. Кирил и Методиј и нивните ученици меѓу кои и Св. Климент и Наум Охридски го растерале духовниот мрак и маглата на незнаењето и го ослободиле огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи. И затоа, еден од големите синови на словенството, Карол Војтила, папата Јован Павле II во 1980 година, во своето апостолско послание Egrigae Virtutis ги прогласи Св. Кирил и Методиј за копокровители и патрони на Европа.

Но, славистот Реџиналд де Бреј ќе напише: „Заради иронијата на историјата, народот чии предци им го дадоа на Словените нивниот прв литературен јазик беа последни на кои им се призна нивниот модерен јазик како словенски и различен од соседните српски и бугарски”. (De Bray, 1980).

Зошто е тоа така? Макс Вејнрих духовито забележал дека ‘јазикот е дијалект со армија зад себе’. Во долгите векови на туѓа политичка и духовна власт, нашиот јазик бил систематски потиснуван и забрануван. Само во текот на 19 и првата половина на 20 век стотици словенски натписи биле избришани, илјадници словенски ракописи биле уништени, стотици илјади Македонци биле принудно преименувани, а нивните идентитети насилно менувани. Вклучително и идентитетот на Конески, чие презиме го менувале те во Коневиќ, те во Конев, во зависност од тоа која соседна држава владеела со неговата татковина Македонија.

Соочен со таквата сосотојба, Конески во 1939 година ги запишал познатите стихови: „рика во мене маката / дека сум роден во смачкано племе”, односно, во обесправен народ.Но, сето тоа се промени со крајот од Втората светска војна. Kористејќи го сувереното право на самоопределување, македонскиот народ на 2 август 1944 година ја создаде современата македонска држава. Еден од првите документи на македонската република е и решението „за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава”.

За спроведување на тоа решение била формирана Комисија за јазик и правопис. Како нејзин член, Конески бил свесен дека прашањето за јазикот е едно од најважните при разрешувањето на македонското прашање. Како и Крсте Петков Мисирков, тој многу добро знаел дека афирмацијата на македонскиот литературен јазик е услов за заокружување на националната консолидација на Македонците.

Затоа, целиот свој живот го посветил на една цел. А тоа е да му помогне на својот народ да го развие и афирмира својот литературен македонски јазик.Конески бил еден од најактивните учесници во кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тој имал централна улога во донесувањето на клучните документи на македонската наука за јазикот – азбуката, правописот, граматиката, речникот, историската фонологија, историјата на јазикот (Видоески, 1986, 2013). Како лингвист, поет и преведувач, тој го насочи вниманието на светската лингвистичка и книжевна јавност кон македонскиот јазик. Како еден од основачите на најважните академски институции и списанија, тој придонесе кон процутот на македонистиката.Со сè што правеше, Конески и неговата генерација за многу кратко време го издигнаа македонскиот јазик во современ европски јазик со светла иднина.

Но, таквиот успех ги разбудил старите балкански сеништа на негирањето. Македонскиот јазик и денес сè уште се соочува со бројни оспорувачи кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат еден вид симболична опресија врз македонскиот идентитет.

И самиот Конески на своја кожа ја почувствувал ваквата состојба. Ќе ви дадам само една илустрација.

Во 1968 година, пред 50 години, Конески станал почесен доктор на Чикашкиот универзитет. Но, американскиот славист и македонист, проф. Виктор Фридман откри дека околу тој докторат се водела вистинска политичка драма (Фридман, 2011).

Имено, уште во 1964-та година, полско-американскиот славист и шеф на Катедрата за словенски јазици на Чикашкиот универзитет, проф. Едвард Станкиевич предложил Конески да биде прогласен за почесен доктор на тој универзитет. Предлогот набргу се нашол на агендата на надлежната Комисија за почесни признанија која сериозно го разгледувала. Но, некои од членовите на Комисијата се плашеле од реакциите на Грците. Сметале дека таквата награда може да биде сфатена како непријателски чин од страна на Грците кои го негирале постоењето на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и, воопшто, македонскиот народ. Па така, одлуката за почесниот докторат на Конески била одложена сè до 1968 година. Тоа бил можеби единствен забележан случај на одложување на одлука за доделување на почесен докторат на Универзитетот во Чикаго. И тоа поради големиот страв од еден мал јазик.А стравот до некаде бил и оправдан, бидејќи веднаш по церемонијата до претседателот на Универзитетот започнале да пристигнуваат протестни писма во кои се изразувало незадоволство поради признавањето на „непостоечки јазик” на еден „непостоечки народ.” (Фридман, 2011).

Од тој инцидент мина рамно половина век. Но, тој страв, за жал, сè уште е присутен, и не само во Америка. Ако на веб-страниците на институциите на Европската Унија ги побарате документите што се однесуваат на нашиот регион, ќе забележите една чудна работа. Повеќето документи се преведени на официјалните јазици на државите од нашиот регион. Но, само во нашиот случај наместо македонски јазик, пишува „јазик на Поранешната Југословенска Република Македонија.” Колку што знам, таков јазик во славистиката не постои“, вели Иванов во обраќањето.

Advertisement

Балкан

Грчките земјоделци повторно блокираа премин: Богородица ограничен за патнички возила

Граничниот премин Богородица од 18 часот попладнево е блокиран за сите видови сообраќај поради протест на грчките земјоделци, соопшти Автомото сојузот на Македонија.

Засега, на преминот можат да влегуваат само товарни возила од Грција кон Македонија, додека излез од Грција е дозволен само за товарни моторни возила. Патнички возила и автобуси засега не можат да ја користат граничната линија.

Автомото сојузот апелира на внимателност и следење на сообраќајните информации пред патувањето кон граничниот премин Богородица.

Continue Reading

Балкан

Турски Ф-16 собори дрон над Црното Море 

Турските воени сили соборија неидентификуван дрон кој се приближувал кон турскиот воздушен простор над Црното Море, соопшти Министерството за одбрана. Објектот бил „надвор од контрола“, а соборувањето се извршило на безбедна локација, надвор од населени места, за да се избегне потенцијална штета.

Инцидентот се случува во услови на зголемени регионални тензии, по нападите на украинските поморски дронови врз руски танкери во близина на турскиот брег. Турските воздухопловни сили реагирале со подигање на ловци Ф-16 откако дронот бил детектиран.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган претходно ги осуди украинските напади, оценувајќи ги како сериозна закана за безбедноста на пловидбата, човечките животи и животната средина. Министерството за одбрана не соопшти дополнителни детали за точната локација и времето на инцидентот.

Continue Reading

Свет

Русија го одби украинскиот предлог за божиќно примирје

Кремљ денеска го отфрли предлогот на Украина за примирје за време на Божиќ, соопштувајќи дека нема намера да ги запре нападите за време на празниците.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека Москва не сака прекин на огнот што би ѝ овозможил на Украина да се прегрупира и подготви за продолжување на војната. Тој додаде дека Русија се залага за мир, но не за краткорочни и неодржливи решенија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предложи привремено прекинување на нападите, особено врз енергетската инфраструктура, за време на празничниот период. Кремљ посочи дека евентуалното примирје би зависело од поширок договор за прекин на војната.

Песков истакна дека Москва сè уште не видела конкретни предлози за безбедносни гаранции за Украина, кои, според американски и европски претставници, се предмет на разговори меѓу Вашингтон и Киев. Украина го смета предлогот за примирје како хуманитарна мерка, но Русија засега останува непопустлива.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг