Полски тоалети без вода и надвор од малата, подзакрпена училишна зграда, со струја која прекинува при првата посилна грмотевица, со слаб или никаков интернет и со неколку неисправни таблети, се условите во ОУ „Пере Тошев“, во долненското село Дреновци, во кое учат дваесетина деца од прво до петто оделение – објави “АЛФА ТВ”
Идејата да се воведе дигитално образование, подеднакво ги вознемирува и наставниците, и учениците, а особено родителите од повеќедетните семејства. Наставниците си ги бараат старите стандарди кои, велат, носеле вистинско образование и воспитание, а додека родителите пак, тврдат дека дигитално образование во руралните средини било еднакво на невозможна мисија.
„Имам овде три деца ми учат. Двете учат овде, а едното учи во Дупјачани..Тешки се условите, многу се тешки. Еве сами гледате какво е училиштето, патот и се’…вода нема во селово….Јас како родител еве, имам три деца – дигитализација, на сите три комјутери јас не можам да им купам..немаме услови, како ќе му купиме, еден компјутер е 30.000, три деца – 100.000 за компјутери, кај ќе учат децата, тие не знаат што учат со наставници, па не така?!..Интеренетите кочат, слабо со интернети…учителите на тоа што ми учи шесто му кочи комјутерот, му викаат оти не се приклучуваш, а тоа плачи, не може да се приклучи“, – ни ја раскажа својата загриженост таткото Жарко Перески.
„Кај нас нема за обична настава, па не дигитална…напати нема ни струја, нема ни интернет, ..таман пола часот ќе го изучат децата, прекинува струјата..какво учење е тоа ?! Никакво!!! Треба да си учат од книги, да се дружат…“, – вели Гоце Спиркоски.
Директорот на училиштето, Адмир Кадриески, признава дека условите во училиштето не се најсјани. Но, вели дека тие правеле се што е во нивна можност со скромните средства што ги имале. Престојната дигитализација, не сакаше да ја коментира. Вели, ќе ги следеле напатствијата од Министерството.
Инаку, селото Дреновци е живо село. Има околу 250 жители, од кои дури 90 се деца до 18 години. Се наоѓа на 20-тина километри од Прилеп. До него се доаѓа по очајно лош пат, кој не е саниран со години и кој заедно со недостигот од и онака неисправната вода за пиење, им е огромен проблем. Лути се на општинските власти, бидејќи, велат, досега никој не дошол ни да ги посети, а камо ли ги реши нивните маки.
САД изведоа акција и запленија венецуелска нафта, Венецуела реагира
Американските сили извршија акција и запленија голем танкер под санкции покрај брегот на Венецуела, што предизвика жестоки реакции во Каракас. Владата на Венецуела соопшти дека ќе ја брани својата сувереност, природните ресурси и националното достоинство, најавувајќи жалба пред меѓународните институции.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо ги нарече САД „убијци, крадци и пирати“ и саркастично се повика на филмот „Пиратите од Карибите“. „Џек Спероу таму е херој, но овие типови се вистински криминалци на отворено море“, изјави тој.
Претседателот Доналд Трамп потврди дека акцијата била изведена синоќа, додавајќи дека танкерот бил најголем досега. Јавната обвинителка Пем Бонди истакна дека бродот превезувал санкционирана нафта од Венецуела и Иран, а операцијата била координирана од ФБИ, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешна безбедност и Крајбрежната стража.
Снимките од американските служби прикажуваат два воени хеликоптера и вооружени војници како се спуштаат на палубата на бродот, а според извори, акцијата ја изведувале десет маринци, десет припадници на Крајбрежната стража и специјални единици од бродот „Џералд Форд“.
Компанијата „Вангард“ го идентификува бродот како „Скипер“, кој долго време ја лажирал својата позиција. Министерството за финансии на САД го стави под санкции уште во 2022 година за наводна вмешаност во нелегален шверц на нафта што генерирал приходи за Хезболах и Исламската револуционерна гарда.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, оцени дека станува збор за меѓународно пиратство и истакна дека „Венецуела никогаш нема да стане нафтена колонија“. Трамп, пак, изјави дека запленетата нафта веројатно ќе биде задржана од САД.
Милановиќ: Франција продава авиони и на нашите соседи, без да се консултира со Хрватска
Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска изјави дека Франција се грижи исклучиво за своите интереси, по продажбата на 12 воени авиони на Хрватска, а потоа исто толку и на соседи кои не се членки на НАТО.
„Ние сме членка на НАТО и имаме завети со нашите сојузници за критични ситуации. Меѓутоа, можеме да видиме како се однесуваат стратешките партнери. Франција не нè праша за нашето мислење кога го продаде истото количество авиони на соседите. Потоа мораме да ги надградиме тие системи, што дополнително чини. Тие се грижат само за своите интереси“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека не станува збор за критика, туку за поттик за размислување за мотивите и одлуките на државите. Милановиќ истакна дека при донесувањето важни државни одлуки целата доктрина треба да произлегува од заштита на сопствените интереси, без да се исклучува лојалност и пристојност кон партнерите.
„Не може да има иста стратегија за земја од четири милиони жители и земја од 65 милиони, земја што произведува и земја што купува. Улогите не се еднакви“, заклучи хрватскиот претседател.
Косово ја коригира патната сигнализација – земјата сега правилно означена со МК
Косово го исполни ветувањето и го тргна погрешниот меѓународен код „НМК“ од патните знаци, заменувајќи го со точниот – МК. Фотографии од изменетите табли ги испрати Ќамил Фека, директор на одделот за патишта при Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово.
„360 степени“ минатата недела извести дека на стариот пат Приштина–Скопје се користела погрешната ознака „НМК“. Од косовската страна уверија дека станува збор за ненамерен пропуст и дека истиот ќе биде најитно коригиран.
Случајот со погрешни ознаки е втор во соседството, откако Србија веќе подолго од две години на патни знаци користи „НМК“ наместо МК. Од македонското МНР истакнаа дека веруваат оти и српските власти ќе постапат по нивните барања и ќе ја коригираат сигнализацијата.
Овој потег доаѓа во контекст на Преспанскиот договор од 2018 година, кој, меѓу другото, го регулираше користењето на меѓународните ознаки и кодови за Македонија.