На 1000 денари сметка за струја, 50 денари поскапување!?

Се понеизвесно колкави ќе бидат јулските сметки за струја што ќе ги добијат граѓаните во август. Влада ќе препорача да нема зголемување на цената, но не може сама да одлучи, зашто тоа е работа на Регулаторната комисија за енергетика, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи. 

„Ние како Влада работиме, слушаме и ги следиме состојбите и ќе препорачаме да нема зголемување на цената на електричната енергија, но не можеме да одлучиме. Регулаторната комисија за енергетика одлучува за цената. Но, ќе работиме на подобрување на состојбите во енергетиката, на вложувањето во обновливи извори на енергија, во живеење зелено“. – Фатмир Битиќи,  вицепремиер задолжен за економски прашања.

Со либерализацијата на пазарот, ЕСМ како државен производител, годинава обезбедува 70% од потребите, и овој процент до 2025 ќе се намали на 30%. Тоа ќе повлече поголемо купување на струја на берзите, по повисоки цени, зашто ќе се набавува од трговци, а не од производители. Но од „Електрани“ велат дека и годинава целата струја што ќе ја произведат ќе ја понудат за домаќинствата, а не само законските 70%, по цена која нема да ја надмине сегашната. 

Претседателот на Регулаторната комисија тврди дека цената на струјата нема да биде зголемена како што бараат сега енергетските компании.

Производството на електрична на енергија во земјата е преполовено во последните десет години и падна на историско најниско ниво поради лошата хидролошка состојба, но и неколку природни непогоди во РЕК Битола. Од друга страна потрошувачката се зголемува. Домаќинствата лани потрошиле за 5% повеќе во однос на 2019. Познавачите велат дека растот на потрошувачката, меѓу другото е поради новиот тренд кај помладите да „копаат“ криптовалути на своите компјутери дома. Овој тренд е во постојан раст во сите земји, па така во Исланд количината потрошена струја на компјутери за копање крипотовалути, каде има и цели фабрики за тоа, ја надмина онаа што ја користат домаќинствата.