Connect with us

Истражување

Кој ја ЧИСТИ ВЛАДАТА за 4 МИЛИОНИ ЕВРА?

Published

on

Фирми за чистење и тековно одржување прават милионски суми преку македонската влада, односно преку тендери кои ги добиваат од државните институции и претпријатија. Девет од десет најголеми компании кои се занимаваат со овој бизнис, милионите ги прават генерално преку договорите кои ги склучуваат со државните институции.

Иако звучи чудно или неверојатно за овој бизнис, сепак реалноста е дека има многу пари, огромни милионски суми, особено ако добиваш државни тендери и нејасно за јавноста е како се одредуваат сумите и зошто точни тие компании добиваат милиони.

Според анализата на БизнисМрежа.мк и Пари десетте најголеми компании кои се со шифра „останати дејности на чистење на згради и објекти“, лани направиле вкупен приход од 16,3 милиони евра (2,2 милиони евра повеќе отколку во 2019 година)  и тоа им донело добивка од 780.000 евра (220.000 евра повеќе отколку во 2019 година). Заеднички именител на сите нив (освен на „Хаус мајстор домување“) им е учество на тендерите за јавни набавки на државни институции и претпријатија.

Како добиваат толку пари говори на пример тендерот за одржување хигиена за една година во државните органи и подрачните едници на министерствата за кој се плаќа 4 милиони евра, МВР и Агенцијата за национална безбедност имаат склучено двегодишни договори за 3,4 милиони евра, Пошта, исто така двегодишен договор за 770.000 евра…

Како што може да се види од табелата, рекордер во ова друштво е „Серта“ која ги чисти сите органи на државната управа и подрачните единици на министерства. Според последниот договор со Службата за општи и заеднички работи на Владата, склучен на 21 октомври 2021 годин, (објавен на Бирото за јавни набавки) „Серта“ ќе добие 256.132.930 денари, или над 4 милиони евра (вредност на Договорот со ДДВ).

За овие пари, во текот на една година, „Серта“ треба да биде на располагање 24 часа, да чисти внатрешни површини, пристапни асфалти, фасади, снегови од кровови… Годинава „Серта“ склучила и два договори со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), едниот во вредност од 4,5 милиони денари, а другиот за 5,8 милиони денари, како и со ЈП „Водовод и канализација“ за 2,6 милиони денари. Дирекцијата за ТИРЗ и Водовод ги има и и во 2020 и во 2019 година. А, според известувањата за склучени договори, „Серта“ чисти и во Агенцијата за електронски комуникации, на Универзитетот „Кирил и Методиј“, Националната арена „Филип Втори“.

Службата за општи и заеднички работи на Владата има склучено договор за одржување на хигиена и со „БАПАЛ Благој“, исто така на 21.10.2021 година. Со оваа фирма договорот е 208.781.734 денари, или околу 3,4 милиони евра. И ова е едногодишен договор и се однесува на одржување на објектите на државната управа и на подрачните единици на министерствата, но овој пат за одржување на водовод, електрика, градежно занаетчиски работи, столарски работи. Годинава, оваа компанија склучила и двегодишен договор со Државна видеолотарија за одржување на хигиена на деловните простории со месечен надомест до 49.292 денари. Договори за тековно одржување и одржување на хигиена има и со Агенција за храна и ветеринарство, Агенција за аудио и аудиовизулни медиуми, Факултет за ветринарство, Државен завод за статистика…

И „Хауз мајстор плус“ годинава има склучено договор со Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, но за  „услуги за сервис и одржување на електрични апарати и тековно одржување на ТИРЗ“. Овој договор е 1,4 милиони денари, или околу 23.000 евра. На Е-набавки има уште само еден договор со оваа фирма, а тој е со Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при УКИМ,склучен на 371.809 денари.

„Техно-чист“ последен договор ( на 23.09.20121 година) има склучено со Пошта за одржување на хигиена во деловните простории во текот на 2 години. Овој договор, тежи 44,5 милиони денари, или околу 720.000 евра со ДДВ! Договори има и со Државна комисија за жалби по јавни набавки, ЈП Колекторски систем….

За хигиената и тековното одржување на работните и други простории на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на 10 јули годинава,  склучени се договори за наредните 2 години во висина од 3,4 милиони евра со три компании: „Инфинити  клининг“ за околу 2,2 милиони евра, „Ланд сервис“ за околу 1 милион евра и  „Сити логистика 2011“ за околу 170.000 евра. Но, пребарувањата за компанијата „Бигор клининг“ на системот за електроски набавки покажа дека МВР има склучено договор за хигиена и со оваа компанија, на 24.09.2021, во висина од 94.000 евра.

Покрај договорот со МВР, „Ланд сервис“ склучил договор и со ЈП за државни патишта, за одржување на хигиена во нивните објекти, исто така за две години, за околу 160.000 евра, а „Бигор клининг“ се договрил за 10.000 евра да го чисти Медицинскиот факултет, а хигиената во Институтот за радолологија ќе ја одржува една година за 14.000 евра.

„Стед комерц“ склучил договори со МАНУ, со Службата за општи и заеднички работи на Владата, со Министерството за здравство, со Царинската управа… Поголем дел од договорите на оваа компанија се водат како „набавки со мала вредност“ и станува збор за одржвање на теписони, перење завеси и слично.

„Перпетуумобиле“, на официјалната страница на Бирото за јавни набавки се јавува со склучена само една јавна набавка, и тоа со Министерството за финансии во 2019 година во вредност од 51.000 евра.

Извор: Пари

Истражување

Во оваа земја нема комарци, змии и други рептили

Published

on

Дали сте знаеле дека Исланд е единствената земја во светот каде што нема комарци, змии и други рептили? Студената клима, специфичната географска положба и вулканскиот терен го прават овој остров уникатно место без овие животински видови. За многумина, ова е уште една причина да го посетат Исланд и да уживаат во неговата природна магија!

Continue Reading

Истражување

ПИСМО НА БРАТОТ НА МАРА БУНЕВА ОД 1945: „Кажете им, да им ја е*ам мајката, зашто сакаат автономна Хитлерова Македонија!“

Published

on

Што му пишал на македонскиот министер за внатрешни работи Борис Бунев за неговото великобугарство и за членството во ВМРО? Како ја минирал идејата, по капитулацијата на Бугарија од Македонија да добие автономија под германско покровителство? Колку луѓе спасил од затвор? Зошто за македонската историја и јавност, овој човек, кој вели дека токму поради неговата борба за Македонија бил осуден од Бугарите, е непожелна личност?

Борис Бунев е брат на Мара Бунева, една од најнапаѓаните личности во досегашната македонска историја, жена врз чиј грб стотици подбуцнувачи и се додворуваа на комунистичката и неокомунистичката власт на Македонија и градеа кариера. Пред повеќе години, во Белград, Србија, е откриено едно писмо од Борис Бунев до амбасадата на Демократска Федеративна Југославија во Софија, кое потоа било препратено до Министерството за надворешни работи во Белград, а оттаму до Министерството за внатрешни работи на Демократска Федерална Македонија во Скопје. Писмото прв го објавив, а потоа по принципот копи пејст беше преземано од други сајтови. Писмото е прилично интересно со содржина од која на многумина веројатно ќе им се дигне косата на главата. Станува збор за извонредно сведоштво за настани за кои пошироката македонска јавност речиси ништо не знае, освен тоа што партиските директиви преку своите ‘научници’ и дозволуваа да го знае. Меѓудругото, во писмото се опишуваат и моментите кога е направен обид, по повлекувањето на бугарската војска од Македонија и нејзиното излегување од сојузот со Хитлерова Германија, нашата држава да добие автономија под германско покровителство. Од спомените на Ванчо Михајлов се дознава дека во врска со тоа и тој самиот лично допатувал во Скопје, но ја одбил идејата со мотивација дека таа ќе значи ново пролевање македонска крв. Во ова писмо, Бунев сведочи за тоа како тој размислувал за истото прашање и што кажал на состанокот со бугарската управа на кој биле повикани 30-тина тогашни угледни граѓани на градот со цел да се изјаснат за ова.

Покрај тоа, писмото е изворно сведоштво и за размислувањата на братот на Мара Бунева во врска со односите меѓу Македонците и Бугарите, изнесувајќи работи кои или досега не биле познати или биле строго криени од очите и ушите на Македонците.

ТРИ ГОДИНИ ТАНЦУВАВТЕ

Меѓу двете војни, Борис бил член на михајловистичкото ВМРО, а во 1941 година доаѓа во Скопје и тука живее до 1944 година. Потоа одново се враќа во Бугарија, а на 15 октомври 1945 година го испраќа писмото кое сега го изнесуваме. Во писмото Борис Бунев бара враќање на покуќнината од куќата во Скопје во која живеел за време на војната и во него меѓудругото вели:

‘Почитуван г. министре,

Во текот на септември 1941 година, заедно со семејството, сопругата и синот, се доселив во Скопје, при што од Софија ја пренесов сета покуќнина.

Немајќи сопствен дом, бидејќи моите родители живеат во Тетово, од чиновникот за државни имоти ми беше определено да живеам во куќата на ул. 248 бр.6, во која ја сместив сопствената покуќнина. Поради настаните на 8 септември 1944 г. го напуштив Скопје без да ја изнесам покуќнината и заминав за Софија. Причините поради кои ја напуштив татковината Македонија, ќе ги изнесам подолу.

Поради различните патишта по кои одев за Слободата на Македонија, денес сум обележан како неподобен жител на татковината…, иако постојано живеам со убавата мисла дека ќе ми биде дозволено да живеам во Македонија и да бидам полезен…

Тоа мое решение да живеам во Бугарија е привремено и ми налага да си ја соберам покуќнината.

Домашните ми соопштуваат дека во куќата во која се наоѓа покуќнината, се вселило службено лице, кое одбило да ги предаде работите…’, пишува братот на Мара Бунева.

Но, тоа што за нас е интересно е делот од писмото во кое Бунев се обидува да му објасни на македонскиот министер за внатрешни работи некои работи поврзани со него, а кои се однесуваат на денес веќе стандардните квалификации дека е великобугарин и антимакедонски елемент. Па, вели:

‘На почетокот на молбата ветив дека ќе ги изложам причините поради кои го напуштив Скопје.

Бев загрижен од навлегувањето на Љотичевците и Дража Михајловичевите вооружни групи, за кои имаше сведоштва дека се веќе кај Сурдулица и второ, ако останев во Скопје, ќе требаше да се потчинам на германските војски.

Од Љотичевците и Дража Михајловичевците се плашев дека како стар борец на ВМРО ќе посегнат по мене, а на Германците не сакав да им служам.

Треба да ви раскажам и за следното:

Неколку денови пред бугарските воени и административни власти да ја напуштат Македонија, во кабинетот на обласниот директор Тома Петров, на состанок бевме повикани околу 30 граѓани.

Обласниот директор ни соопшти дека бугарската влада му наредила да свика состанок со видни граѓани и да основа ‘привремена македонска влада’ под покровителство на германската воена команда и германскиот конзул во Скопје, и таа влада треба да ја објави автономијата на Македонија.

Сите присутни требаше да се изјаснат. Јас прв се јавив за збор и буквално, го кажав следното:

Господине директоре, не во 11 часот, туку сега земете го телефонот и соопштете им на министрите, да им ја ебам мајката, зашто ни советуваат да ја објавуваме автономијата на Македонија. Ние тоа нема да го направиме. И продолжив:

Господине директоре, Вие… не водите сметка дека меѓу нас нема претставници на тие што имаат право да зборуваат, тие што се по планините. Вие ли сте врската со нив, со тие што утре ќе влезат со оружје в рака во градот? Тие со право ќе кажат: Кои сте вие да основате привремена влада на автономна Македонија без да не прашате? Вие ли, кои цели три години танцувавте во воениот клуб, вие ли имате право на такво нешто без да сте ополномоштени од нас, кои во тоа време бевме во планината и водевме борба со бугарските и германските власти?… Затоа господа, предлагам понатаму да не се дебатира по ова прашање.’

Предлогот на Бунев не бил прифатен и сите што биле поканети на тој состанок зеле збор, но се покажало, тврди во писмото братот на Мара Бунева, дека сите размислуваат како него. Затоа состанокот завршил без да се донесе било каков заклучок, сите се разотишле и така не дошло до реализирање на идејата за автономија на Македонија, со сопствена власт под покровителство на Германија.

ЦАРСКИ ПРИЕМ

Потоа, во писмото Бунев продолжува:

‘Господине министре, мојот став по ова прашање им беше познат и на германските воени власти и на германскиот конзул и го ризикував животот во Скопје поради повлекувањето на бугарските власти.

Некој би прашал: А, зошто не отиде в партизани?

На тоа прашање, еден чесен човек како мене би можел кратко да одговори:

Немав гаранција дека ќе бидам примен од нив, ниту пак сакав да бидам смешен и да се определувам во последната минута за да се наредам до тие што со месеци беа по планините’, пишува Бунев.

Потоа, тој додава и други работи кои според него не оделе во прилог на желбата да остане во Скопје. Како пример го наведува случајот со вербалниот судар во ресторанот Метропол со некоја жена чиј татко и брат биле во служба на Германците (му рекла дека ‘вие Бугарите немаше да дојдете во Македонија ако не беа Германците’ на што тој ја нарекол ‘пизда’), како и спасувањето од затвор на некои работници од Кучково, како и работниците Атанас Митрев, Јовчев, Петко и др.

Борис Бунев на министерот се обидел да му објасни и за трите работи со кои е оквалификуван: дека е великобугарин, дека е противпрогресивен елемент и дека е бивш член на ВМРО.

‘Великобугарин сум до толку, до колку сум можел да имам право да живеам во сопствената татковина Македонија, слободен и невознемируван.

За слободата на Македонија сум се борел против велико бугарство, за што во Бугарија сум бил осуден на смрт и сум лежел во затвор 5 години и четири месеци.

Ако бев великобугарин ќе се согласев на државната служба во Скопје која настојчиво ми беше нудена.

Ако бев великобугарин, барем на едно државно собрание во Македонија ќе говорев. Ќе пишував во весниците за великобугарството…

Ако бев великобугарин, немаше да ги одбегнувам прославите и банкетите, иако сум бил специјално канет…

И најпосле, ако бев великобугарин, ќе отидев на приемот во општината организиран од цар Борис. Упорно бев покануван да присуствувам, но откажав и не отидов. Тоа ќе го потврди г. Кирил Жерновски, кој во својство на помошник на кметот имаше наредба да ме покани.

И кога официјалните органи ми составуваа белешки, дека избегнувам од тоа, им одговарав:

‘Додека бугарските власти ја сметаат Македонија за своја колонија, јас не сакам со присуството да го потврдувам тоа’.

За квалификацијата дека е противпрогресивен елемент, Бунев вели: … Ако бев непрогресивен елемент, немаше да молам и да давам гаранции за ослободувањето од затворот на неколку десетина прогресивни младинци. Тоа го знае цело Скопје. Тоа го знае и г. Стамат Дуковски, чии две деца беа ослободени.

Ако бев антипрогресивен елемент, немаше да му одговорам на обвинителот од Воениот суд дека ќе сведочам за судените прогресивни елементи зошто ‘има нешто убаво во нивната борба’.

Ако бев антипрогресивен елемент, немаше да застанам на страната на жителите на с. Вратница, селаните можат да го потврдат тоа, и откако полицијата бесчувствително истепа неколкумина вратничани, да и објавам војна на полицијата…’

Потоа Бунев раскажува како извесен Тома Апостолов во октомври 1944 година дошол дури во Ќустендил со намера да го уапси затоа што не се заложил за уапсените Срби од Тетово, што според Бунев не било точно:

‘Јас успеав да ја издејствувам слободата на многу мои сограѓани. И може да се утврди дека сите работи сум ги извршил без каква и да е материјална придобивка.

‘Па кој ги спаси Сане Јајчар, Ѓоко Михајловиќ, Кочо Богоевиќ, Урош и Владо Парлиќ, Сима Моисиќ, зетот на Стефан Лешков, Славе Парлиќ, Ѓоќо Ристиќ од Скопје, Милан Ристиќ од Скопје, илегалните младинци од Врање, свештеникот од Сурдулица и др.

Да можев ќе сторев многу, но не можев, не ме слушаа’, велел Бунев.

 СЕ БОРЕВМЕ ПРОТИВ КРАЛСКА ЈУГОСЛАВИЈА

На крајот од писмото тој се осврнува и на тоа дека бил член на ВМРО, но со логика која веројатно многу комунисти и неокумунисти ќе ги изнервира. Еве што напишал Бунев за тоа:

‘Како член на В.М.Р.О. Да, таков бев и имав престапи против бившото Кралство Југославија. Титовата Југославија и Федерална Македонија не можат и не треба да бараат сметка од тие кои по својата идеологија се бореле против Кралска Југославија.

В.М.Р.О. и неговите членови не водеа борба против новата демократска Титова Југославија.

Почитуван г. Министре

Интересно е да наредите едно сеопфатно истражување на мојата дејност во Скопје за времето до 1941 г. до 8 септември 1944 година… И ако се докажат моите полезни работи во Македонија, да наредите да ми се врати покуќнината според приложениот список, за да останам со добри чувства кон управителите на мојата татковина Македонија во која мечтаам да живеам.

Со почит кон вас и за доброто на мојата татковина Македонија

Софија 15 октомври 1945 г.

Со почит

Борис Бунев’

Ете, тоа е скратената верзија на писмото кое од белградскиот Архив е донесено во Скопје, а кое братот на омразената во Македонија Мара Бунева, го испратил до македонската повоена влада. Бунев, кој за нашата официјална историја е асли Бугарин, непожелна личност, од која треба да се бега безмалку како од чума, со ова писмо се претставува како поинаков човек, дури и само половина од изнесеното во писмото да е вистина. Тој зборува за неговата татковина Македонија, тврди дека поради борбата за слобода на таа татковина токму од Бугарите бил осуден на смрт и лежел во затвор, дека токму тој спасил десетина Македонци од окупаторските власти нудејќи и сведоци за тоа и, во крајна линија, како човек со револуционерно минато, знаел да ја цени борбата што партизаните по планините ја воделе во време на Втората светска војна. Но, можеби токму затоа, токму поради тоа што тој веројатно бил со поинаков лик од сликата што овде ни е наметнувана и ни ја наметнуваат за Мара Бунева и нејзиното семејство, е забранувана личност.

Пишува Дарко ЈАНЕВСКИ

Избвор: denesen.mk

Continue Reading

Истражување

Реката Јордан во која Јован Крстител го крстил Исус полека исчезнува

Published

on

Реката Јордан, која тече 251 километар низ Блискиот Исток, претставува природна граница меѓу Израел, односно Палестина, и Јордан. Се влева во Галилејското Езеро, а потоа продолжува кон југ, каде конечно се влева во Мртвото Море.

Реката Јордан е од особено значење за Евреите, христијаните и муслиманите, бидејќи во Библијата се спомнува како река која Евреите ја преминале за да влезат во Ветената земја, но и како река во која Јован Крстител го крстил Исус. Таа е карактеризирана и како место на чуда, а бројни аџии до неодамна патувале на исток за и самите да се крстат во неа.

Денешниот изглед на реката Јордан е само сенка на тоа што некогаш било. Се проценува дека текот на реката е сиромашен за најмалку 60 отсто во споредба со 20 век. Некогаш богата со вода, денес, пак, на некои места ја гледаме само во траги – широка едвај нешто повеќе од десетина метри, со нова „најголема“ длабочина од скромни пет метри.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк