Лукашенко: „Белорусија нема што да бара во ЕУ – иднината е во евроазиската соработка“.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, денеска изјави дека неговата земја нема никаква перспектива во Европската унија и нагласи дека Белорусите се национално свесни луѓе кои длабоко ја сакаат својата татковина.
Во изјава дадена пред новинари, Лукашенко го коментираше процесот на пристапување на Украина во Европската унија, оценувајќи го како скапа и нереална авантура.
„Во овој процес се вклучени многу функционери, се вртат милиони долари, а шансите Украина некогаш да стане дел од ЕУ се минимални. Луѓето таму само ги трошат европските грантови, а ништо реално не се случува“, рече белорускиот лидер, пренесе државната агенција БЕЛТА.
Лукашенко ја оцени Европската унија како централизирана политичка и економска структура каде што земјите-членки го губат својот национален и економски идентитет.
„Погледнете ја Словачка, погледнете ја Унгарија – сфатија дека ја губат својата суштина. Прво го изгубија идентитетот, а потоа и економијата. Повеќе не можеа да произведуваат самостојно“, рече Лукашенко.
Говорејќи за Украина, Лукашенко го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „добар човек, но не и доволно искусен“. Притоа му порача дека во ситуации каде што недостига разбирање, треба да се слушаат поискусните.
Тој потсети и на проблемите што Украина ги имаше со извозот на жито преку ЕУ, алудирајќи на ситуацијата кога земјите-членки, како Полска, не дозволија транспортот на украинско жито за извоз во Африка, каде што владееше недостиг.
„Затоа и велам – Украина нема што да бара во Европската унија. Пазарите одамна се поделени, и нивната вистинска шанса е тука, во нашиот регион“, нагласи Лукашенко.
Според него, Украина заедно со Белорусија, Русија и Казахстан имала солидна основа за развој преку евроазиска соработка, но целата идеја била напуштена по, како што вели, „наметнувањето на националистичка идеологија“, што според него довело до сегашниот конфликт.
„Ќе ja завршиме овaa војна – имаше премногу жртви. Но, ако во меѓувреме и економијата пропадне, Украина ќе исчезне. Затоа, пред да побегнете во ЕУ, размислете – дали навистина им требате, и ако да – во каква состојба? Ќе бидете земја без индустрија, без земјоделство, без она со што некогаш се гордеевте“, заклучи Лукашенко.