Црвенковски: Преспанскиот договор е избор на помалото зло

Поранешниот премиер и претседател на Македонија Бранко Црвенковски по долго време се појави во јавноста и ги коментираше актуелните политички случувања.

Тој го даде и првиот коментар во однос на договорот со Грција со што земјава стана Република Северна Македонија, с о што продолжи патот за ЕУ и НАТО.

„Преспанскиот договор со Грција јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален туку за избор на помалото зло. Сепак затвори едно тешко прашање“, изјави поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски.

Ужасна случка во скопска населба: Прегазиле старец, го ограбиле и го фрлиле во слепа улица – човекот починал

70-годишниот Ахмед Кокица пред две недели излегол од работа, кога на пат кон дома и бил прегазен од автомобил на крстосница во скопската населба Топанско поле, пишува Алсат. Според членовите на семејството, луѓето кои биле во автомобилот, наместо да му укажат помош и да го однесат во болница, го ограбиле старецот и го оставиле во слепа улица. Тој паднал во кома и починал по неколку дена.

Ахмед работел во угостителски објект до 22 часот и тргнал кон дома, но ноќта на 12 мај не се вратил. Роднините не можеле да го добијат на мобилниот телефон зашто виновниците веројатно го фрлиле.

-Според првите информации на докторката тој ден кога отидовме во болницата, кажувајќи ни го случајот, таа рече дека починатиот бил прегазен на пешачки премин. Сомнежите се дека го прегазиле, го зеле и го фрлиле во слепата улица, изјави за Алсат неговиот роднина Шемун Амети.

Во потрага по траги, земени биле снимките од безбедносните камери од околината каде се случила несреќата, но надлежните не даваат информации дали возилото е идентификувано. Од јавното обвинителство велат дека се во почетна фаза на случајот.

Од МВР велат дека случајот во полиција бил пријавен околу два часот по полноќ. По доаѓањето на местото на настанот го нашле Ахмет со тешки телесни повреди и речиси без знаци на живот. Го однеле во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

-Во разговор со медицинскиот персонал на Клиниката за токсикологија изјавил дека се здобил со повреди од удар на возило. Полициски службеници од единицата за сообраќајни незгоди при СВР Скопје извршиле разговор со медицинскиот персонал, по што бил известен Јавен обвинител кој дал упатства за понатамошно постапување. СВР Скопје работи на расчистување на случајот велат од МВР.

Според извештајот од Судска медицина, обдукцијата покажала дека Ахмед Кокица имал траги од силни удари од страната на половината со скршени ребра и пршлени. Од здобиените повреди на виталните органи паднал во кома сè до 18 мај, кога починал во болницата.

Роднините ангажирале и адвокат, бидејќи се сомневаат дека има обиди настанот да се забошоти. Тие бараат итно да се откријат виновниците.

-Има сомневања дека оние кои го прегазиле го фрлиле и му ги зеле парите, чантата, телефонот и сакале да го сокријат случајот. Сега велат дека имал шише во џебот, сега не разбирам. Ем го удрило возило, ем шишето не се скршило, а сè друго зеле. Немам друг коментар, изјави неговот роднина Шемун Амети.

(Видео) Громогласен аплауз и солзи: Моментот кога поглаварот на СПЦ соопшти дека ја прифаќа автокефалноста на МПЦ

На заедничката литургија денеска во Соборниот храм во Скопје со која чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ-ОА и СПЦ, архиепископот охридски и македонски Стефан и патријархот српски Порфириј беше соопштена радосната вест.

Ви носиме уште една радост. Светиот Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, ја одобрува и ја прифаќа автокефалноста. Српската православна црква (СПЦ) ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), објави поглаварот на СПЦ, Порфириј.

Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ ставил на должност на Синодот во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.

– Потоа ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА, рече патријархот Порфириј.

Одлуката за признавањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква ОА ја поздрави државниот врв во двете земји бидејќи со неа се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.

Погледнете го моментот на прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА кој го посведочија и стотици граѓани кои денеска присуствуваат на Божествената литургија во Соборниот храм како и оние кои честувањето на големиот христијански празник Св. Кирил и Методиј го преследија пред малите екрани од директниот пренос на телевизија.

Тројца македонски планинари го искачија врвот Брајтхорн Зермат на швајцарските Алпи

Двајца планинари од Кавадарци и еден од Неготино, денеска го искачија врвот Брајтхорн Зермат на швајцарските Алпи, што се наоѓа на надморска височина од 4.164 метри.

Станува збор за кавадарчаните Гоце Попов и Весна Чемерска, членови на планинарското друштво „Орле” и неготинецот Пере Самандов.

-Немаше никакви проблеми. Планинаревме пет часа и триесет минути. На врвот  беше минус осум степени, времето облачно, изјави Попов за МИА. (МИА)

Бугарски пратеник: Да се вратат коските на цар Самоил во Бугарија ќе биде гест за кревање на ветото

Македонија и нејзиното вето за влез во Европската унија не е водечка тема за народот во моментов. Нема да го укинеме ветото доколку земјата не даде гаранции или гестови дека ќе ги исполни преземените обврски. Еден таков гест е враќањето на коските на цар Самоил во нашата земја, изјавил Венко Сабрутев, пратеник од владеачката бугарска партија „Продолжуваме со промените“ Венко Сабрутев.

Според него, актуелни теми за бугарскиот народ се инфлацијата, цената на горивата и гасната криза, а не Македонија.

-Нашиот западен сосед мора да ги исполни своите обврски и да направи гестови кон Бугарија за да му потврди на бугарскиот народ дека ќе ја промени својата политика, нагласил Сабрутев.

Пратеникот смета за прашањето за Македонија треба да се бара национален консензус и не може да се очекува единствено решени.

Коњот од напуштената зграда во Дебар маало спасен во Зоолошка

Полицијата во текот на вчерашниот ден добила неколку пријави од граѓани дека во Дебар Маало има коњ на тераса од стан во напуштена зграда.

Од Зоолошката градина и Градот Скопје информираат дека коњот е згрижен кај нив.

– Колегите од Скопје ЗОО, заедно со директорот Кристијан Стаменов, МВР и инспектор на АХВ излегоа на терен и ја започнаа спасувачката мисија на коњчето кое за жал било врзано во руинираниот објект и оставено без храна и вода. Доцна вечерта коњот беше пренесен во Скопје ЗОО каде што ќе му обезбедиме ветеринарна грижа и најдобра нега. Апелираме да не се измачуваат овие најпрекрасни животни и што поскоро да се направи план на централно ниво за што поголема благосостојба на коњите, пишуваат на Фејсбук од Скопје ЗОО.

Денеска се празнува Св. Апостол Симон Зилот, кажете ја оваа молитва за здравје

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 10 мај. Денеска е Св. апостол Симон Зилот.

Еден од дванаесетте Апостоли. Беше родум од Кана Галилејска. На свадба му дојде Господ Исус со мајка му и со учениците. Кога снема вино, Господ претвори вода во вино. Кога го виде ова, младоженецот ги остави домот, родителите и невестата, па тргна по Христа. Зилот значи Ревнител.

Денеска се кажува оваа молитва: „Апостоле Свети Симоне, помоли му се на Милостивиот Бог, прошка на нашите души да им дари“.

За лажна надеж не следува аплауз министере!

Во продолжение став на Лидија Петкоска:

ЗА ЛАЖНА НАДЕЖ НЕ СЛЕДУВА АПЛАУЗ МИНИСТЕРЕ! Читам најава „Министерот Kreshnik Bekteshi , во недела 22-ри мај 2022 година ќе биде во посета на Охрид. Ќе оствари средба со трговци од охридко-струшкиот регион и ќе ги информира за предложените измени и дополнувања на Законот за трговија за „Недела неработен ден“ во туристичките места“. Местото не е наведено – часот не е наведен! Значи…тие што сакаат да поразговараат со министерот ќе мора да крстарат цел ден низ Охрид во надеж дека ќе имаат среќа да го сретнат. За разлика од нив, оние што се подготвени за аплауз без да ја слушнат содржаната, сигурна сум дека точно знаат Кога и Каде треба да бидат. Бидејќи не сум дел од привилегираните, сакам јавно да му поставам на министерот неколку прашања: 1.Кој е предлагач на Законот што денес ќе го промовирате? Министерството за економија или група пратеници? 2.Како може министере, да промовирате закон кој сè уште не е доставен до Собранието и пратениците и кој не поминал на комисија на работното тело? 3.Ако сте толку загрижен за трговците во туристичките места, министере, зошто законот втора недела не е ставен за разгледување на комисијата за економија? 4.Како однапред знаете министере, како ќе изгледа финалната верзија на Законот што тргнавте да го промовирате? 5.Каде Ви е гласноговорничката Јагода Шахпаска, министере, за заедно да им објасните на работниците зошто им дадовте лажна надеж дека е возможно да не работат во недела во туристичко место како Охрид? 6.Колку викенди и празници поминаа додека се освестивте министере? 7.Колку вработени се испуштија токму заради избрзаното и непресметано носење на Законот за трговија? 8.Колкав промет на трговците во туристичките места им „изеде“ законот? 9.Колку туристи одвративте од намерата да го посетат Охрид за време на викенд и празник? И… 10.Што ќе си купите од Охрид денес и од каде, министере? Законот познат како Недела неработен ден почна да се применува од 1ви јануари, за после нецели 4 месеци да сфатите дека не чинел!? Денес ќе им кажете на трговците од Охрид дека законот ќе се врати по старо и со сиот ум очекувате БРАВО да ви речат!? ПРОМАШЕН ВИ Е ЗАКОНОТ И ЗАДОЦНЕТА ВИ Е СРЕДБАТА МИНИСТЕРЕ! Оваа средба требаше да се случи пред да се испофалите и да им дадете лажна надеж на работниците во туристичките места дека ќе бидат слободни во недела! А…ЗА ЛАЖНА НАДЕЖ НЕ СЕ ДОБИВА АПЛАУЗ МИНИСТЕРЕ! Залудно сте дошле во Охрид, освен секако, ако од свој џеб си го платите кафето и ручекот! За граѓаните, за моите охриѓани и за туристичкиот развој на нашиот Охрид одговорно тврдам не се виновни газдите, а уште помалку работниците! Виновна е оваа недоделкана власт која не е способна да осмисли бар едно законско решение, без да им наштети на граѓаните и државата! #Изборите_се_излезот, пишува Петкоска на својот фејсбук профил.

Пожар во хотелот „Буши“ повредени се десет лица (Видео)

Десет лица се повредени во пожарот што попладнево избувна во хотелот „Буши” во Скопје и со возила на Итната медицинска помош се однесени во Градската општа болница „8 Септември” како и на Клиниката за токсикологија, изјави раководителката на Итната медицинска помош (ИМП), Милица Бубало.

Од нив, посочи таа, двајца се здобиле со потешки повреди.

Додаде дека на лице место екипите на ИМП интервенирале и за други полесно повредени лица кои се пожалиле на тешкотии со дишењето.

Попладнево во пожарот што избувна во хотелот „Буши” во Старата скопска чаршија биле зафатени дел од рецепцијата и кујната на хотелот, информираа од Противпожарната бригада Скопје. Тие потврдија дека пожарот е локализиран. 

Командантот на противпожарната бригада на град Скопје Звонко Томевски истакна дека пожарот е локализиран.

Ќе се носи Закон за потекло на имот

Законот за потекло на имот ќе се донесува внимателно затоа што областа е осетлива и треба да се слушнат мислења за различни аспекти за да бидеме сигурни дека имаме одржливо решение кое може да се имплементира, изјави Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење.

Во гостување во Дневникот на ТВ Сител таа рече дека во ресорот што го води наследила изработка на законот, во соработка со Советот на Европа, и дека во работната група има повеќе институции кои практично треба да го спроведуваат.


„Станува збор за обид за креирање закон за потекло на имот вон кривична постапка. Тоа што ми е важно во креирањето политики е да бидат внимателни, долго одржливи решенија коишто ќе бидат апликативни.

Нам не ни треба само уште едно законско решение кое може да има преклопување со други законски решенија, кое може да биде дополнително извор за корупција, па сакајќи од еден аспект да решиме една корупција, да произведеме систем кој ќе предизвикува десет други. Затоа на мојата прва средба со работната група ги кажав моите забелешки на законот, затоа што недостигаше превентивниот дел – дека граѓаните треба да бидат свесни дека треба да бидат насочени кон легално стекнување на имотот затоа што во секој момент би можело не само да им биде одземен, туку не смее да биде алатка на некого за рекетирање и да уценува некого“, рече Грковска.

Не прецизираше кога може да се очекува донесувањето на законот кој, рече, ќе оди на широки јавни расправи, не само во Собранието. Притоа напомна дека и со сегашната легислатива може да се постапува против функционер кој нелегално или несоодветно стекнал имот.

Таа се осврна и на чекорите што се преземаат во борбата со корупцијата и рече дека добар механизам ќе биде дигиталната трансформација и антикорупциски проекти, како е-инспектор, најпрво како пилот-проект во три инспекторати, електронска можност за пријавување поплаки за несовесно однесување на институции, а ќе се фокусираат и на креирање на основната дигитална алатка – електронска лична карта која ќе биде своевиден дигитален потпис во користењето на е-услугите.

„Механизмите кои ги даваат дигиталните алатки овозможуваат јавна администрација која ќе биде поефикасна во опслужување на граѓаните и во таков случај физичкиот контакт помеѓу барателот на услугата и оној кој ја дава услугата е сведен на минимум, а на тој начин е сведена на минимум и можноста некој да побара и во исто време некој да се согласи да даде или да понуди корупција. Да немаме илузии дека ќе ја сведеме корупцијата на нула. Таа појава постои и во високоразвиените земји, но факт е дека една од добрите алатки која е дел од добрите политики владеење“, рече вицепремиерката Грковска.