Connect with us

Македонија

ТРНИЦА ХИЛС: Помошник министер, пратеничка, актери, политичари… со ДИВОГРАДБИ на ДРЖАВНИ ПАРЦЕЛИ !

ИРЛ откри дека во последната деценија на територијата на Националниот парк „Маврово“ е изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“. Дел од вилите се изградени и се веќе легализирани, додека други се градат во моментов.

Сите се наоѓаат на државно земјиште, на заштитена територија. Меѓу оние кои изградиле или купиле вили на државен имот се помошник министерот во МВР Маријан Здравковски, пратеничката од ЛДП Моника Зајкова и актерите Игор Ангелов, познат по серијата „Преспав“, како и актерката од Драмски театар Маја Вељковиќ.

Foto: IRL

Неофицијално, и институциите и околните жители споменуваат имиња на високи функционери од партиските подмладоци на повеќе партии кои биле коавтори на новата визија на Трница замислена на државен имот, а во пресрет на новиот закон за легализација на дивоградби.

Околу брегот на Мавровското Езеро речиси не остана празна парцела за градење. Во текот на изминатите две децении во Националниот парк Маврово никнаа луксузни викендички, згради и хотели кои ги загрозуваат природните богатства. Во обид да најде слободна земја за да гради, политичката и бизнис-елита го „окупира“ селото Трница. Сега селото е претворено во елитно викенд-одморалиште преполно со луксузни вили изградени на државно земјиште.

Општина Маврово и Ростуше не презема чекори за санкционирање на узурпаторите и уривање на овие дивоградби правдајќи се дека ниту една фирма не се нафаќа да ги урне.

Во 2021 година регистрирани биле 4 нови куќи дивоградби.

Според жителите со кои разговараше ИРЛ и кои сакаа да останат анонимни, при инспекцискиот надзор на теренот биле затекнати високи владини функционери. Нивниот идентитет, сепак, изостанува од официјалните документи на институциите.

Во Трница, во внатрешноста на Националниот парк, никната е нелегална населба со најмалку 20 објекти на државно земјиште – дел од нив се веќе легализирани, а дел се уште во градба.

„Таму има куќа и пратеничката Зајкова. Само не е на нејзино име“, ни напомена жител на Маврово кој побара да биде анонимен, пишува ИРЛ.

Моника Зајкова вилата во Трница ја навела во Анкетниот лист во Антикорупциската комисија кога првпат станува пратеничка во македонското Собрание во 2020 година. Ја пријавила како имот на родители стекнат во 2018 година. Објектот е запишан во Катастарот на име на нејзиниот татко Бранко Зајков.

На истата парцела каде што се наоѓа вилата на Зајкови има уште еден објект кој е во сопственост на Марјан Здравковски, помошник-министер во Одделот за информатика и телекомуникации при МВР, сопартиец на Зајкова од редовите на ЛДП. ИРЛ се обиде повеќепати да го исконтактира Здравковски, но безуспешно.

Фикрет Ибраими, портпаролот на Општината, потврди дека лицата М.З. и Б.З. поднеле барање за легализација и доставиле документи дека објектите се изградени пред 3 март 2011 година. Двете семејства го искористиле законот за легализација на дивоградби со кој сите објекти изградени до 2011 година, но не и подоцна, ќе можат во едноставна постапка да се легализираат за едно евро по квадратен метар.

„Станува збор за објект кој моите родители во фаза на карабина го изградиле во 2010 година. Постапката за легализација на објектот е спроведена согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, според услови што важеле за сите објекти изградени на целата територија на државата. За земјиштето не е поведена постапка за приватизација. Сите давачки и комуналии се уплатени врз основа на проценка на Општината“, одговори Зајкова на прашањата што ѝ ги постави ИРЛ за викендичката во Трница.

Но, временската рамка што ја изложи Зајкова не се вклопува со фактичката теренска состојба ако се погледнат сателитските снимки на „Гугл мапс“. Во 2011 година куќите на Зајкова и Здравковски не постојат. Објектите првпат се појавуваат дури по 2014 година. Но, како што потврди и локалната власт, тие имале архивски број заверен во Општината со барање за легализација од 2011 година, кога според мапите куќи не постојат.

Foto: IRL

Во ноември 2020 година, по иницијатива на невладината организација „О2“, се формира Интерпартиска парламентарна група од 39 пратеници за заштита на природата, борба против загадувањето и климатските промени. Моника Зајкова станува координаторка на оваа пратеничката група.

Зајкова како пратеничка јавно се спротивстави на донесувањето на новиот закон за легализација на дивоградби од 2021 година, поднесен од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Заедно со уште тројца свои сопартијци, таа испрати барање до претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува законот наведувајќи во дописот дека градењето дивоградби претставува кривично дело.

Меѓу првите куќи изградени во Трница е во сопственост на Жарко Дојчиновски. Но, сите во Маврово ја знаат како вилата на Миле Јанакиески, поранешниот министер за транспорт и врски во владата на Никола Груевски. Дојчиновски е татко на неговата сопруга. Куќата е изградена пред 2011 година и е опфатена со законот за легализација. Затоа во Катастарот објектот е впишан на Жарко Дојчиновски, а земјиштето не може да се приватизира затоа што нема урбанистички план.

Јанакиески беше токму министерот кој го предложи законот за легализација на дивоградби. Се најавуваше како социјална мерка со која, пред сè, ќе се овозможи граѓаните да си ги легализираат своите домови.

Во Маврово и Ростуше има вкупно 42 населени места, од кои 37 се на територија на Националниот парк. Од донесувањето на законот за легализација на дивоградби до Општината пристигнале околу 5.000 барања за легализација од сите населени места.

Легализацијата одела во неколку бранови во кои најмногу барања биле поднесени во 2011 година, кога се донел законот, односно 3.775 барања, 816 во периодот од 2015 до 2016 година и 384 во 2018 година.

Foto: IRL

Од овие 5.000 барања само 1.800 се завршени, односно се легализирале објектите, додека преостанатите се во постапка за легализација или се одбиени. Но оние барања за легализација на објекти што биле одбиени сè уште не се реализирани.

Околу Мавровското Езеро има повеќе од 1.500 објекти, од кои повеќето се легално изградени. Според Законот за природа, за секоја градба мора да има согласност од Националниот парк, но ова во пракса речиси никогаш не се случува.

Во 2021 година Општина Маврово и Ростуше издала четири решенија за уривање дивоградби во населбата Трница. Новинарите на ИРЛ ги побараа имињата на сопственици на нелегалните објекти, но од Општината одбија да го откријат нивниот идентитет.

Досега во историјата на Општина Маврово и Ростуше нема срушено дивоградба, дури и по издавање на решенија за рушење. Во февруари годинава беше распишан тендер за уривање нелегални градби, но тој беше неуспешен бидејќи не се јави ниту една фирма.

Македонија

УХМР најавува снег – еве кога започнуваат врнежите!

Според најновите информации од УХМР, денеска во Македонија ќе преовладува сончево време со слаба до умерена облачност, а во одделни котлини ќе се појави магла. Ќе дува слаб северозападен ветер, а дневните температури ќе се движат од 6 до 15 степени Целзиусови.

Во Скопје се очекува променливо облачно и мирно време, со магла во одредени делови од денот. Температурата ќе достигне околу 6 степени, а ветерот ќе биде слаб, околу 1 метар во секунда.

Стабилното и тивко време ќе продолжи до вторник, при што маглата ќе се задржува во котлините, проследена со зголемена облачност.

Од вторник навечер се очекува промена на временските услови, со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките и планинските предели врнежите ќе бидат од снег.

Continue Reading

Македонија

Д-р Чибишев со апел до родителите: Надворешни активности се опасни за децата при висок степен на загадување

Доктор Андон Чибишев преку социјалните мрежи предупреди на сериозните ризици за здравјето на децата во услови на екстремно загаден воздух. Тој истакна дека денеска, предпладне, додека поминувал покрај улицата „Илинденска“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“, забележал група деца на возраст од околу 7 до 10 години како трчаат и тренираат на фудбалско игралиште.

„Физичкиот напор го зголемува интензитетот на дишењето, што значи и поголемо внесување на штетни и отровни гасови од амбиенталниот воздух. Не можам да разберам зошто на ваков ден, кога загадувањето е екстремно, децата би се изложувале на таков ризик“, изјави д-р Чибишев.

Тој апелираше до организаторите на активности и тренинзи да покажат одговорност и да ги одложат настаните со цел да се заштити здравјето на најмладите.

Апелот доаѓа во момент кога Скопје повторно се соочува со високо ниво на аерозагадување, а здравствените работници постојано предупредуваат на зголемени ризици, особено кај децата, хронично болните и постарите лица.

Continue Reading

Македонија

Конгрес на ДУИ: Ахмети со нови барања

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Петтиот конгрес на партијата денеска изнесе сет клучни политички барања што, според него, треба да ја гарантираат стабилноста и функционалноста на државата. Во фокусот се избор на Влада со двојно мнозинство, уставни измени поврзани со одлучувањето во Уставниот суд и целосен ветинг на сите јавни функционери во последните три децении, под меѓународен надзор.

Промовирајќи го новиот „Национален договор за напредок“, Ахмети побара воведување на т.н. „извршен Бадентер“, според кој секој иден владин состав ќе мора да ја добие довербата не само од мнозинството пратеници во Собранието, туку и од мнозинството пратеници кои ги претставуваат немнозинските заедници.

Тој истакна дека унитарната држава може да биде стабилна само доколку се темели на доверба и лојалност меѓу сите заедници, нагласувајќи дека двојното мнозинство е механизам што обезбедува инклузивност и политичка рамнотежа.

Во делот на судството, Ахмети предложи законите донесени со Бадентеров принцип во Собранието да не можат да бидат поништени од Уставниот суд без истото двојно мнозинство меѓу уставните судии. Според него, потребни се уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници ќе се носат само со заемна согласност.

Покрај уставните промени, лидерот на ДУИ инсистираше и на темелно „прочистување“ на политичката сцена. Тој побара целосен ветинг за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години, вклучувајќи проверка на потеклото на имотот и процесите на приватизација, со јасен меѓународен надзор.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг