Connect with us

Uncategorized

Како и зошто загина Тоше Проески? Кој требаше да го чува?

Published

on

Тоше беше најголемото национално богатство – духовно и материјално. Но, немаше држава што требаше да го сочува.

По извршеното вештачење, заклучено е дека џипот во кој загина Тоше се движел со брзина од 171км/час, односно возилото минувало 47 метри во секунда. Во извештајот се вели деке џипот се движел со поголема брзина од дозволената (120км/час) и не држел пропишано растојание. Но, сè уште не прочитавме зошто возачот на џипот со толкава брзина не возел по левата, таканаречена брза лента, предвидена за претекнување на возилата на автопатот?

Со оглед дека нема траги од кочење, може да се претпостави дека возачот заспал, бидејќи немал никаква пречка за да не го исклучи умот, особено доколку ја фиксирал брзината со автоматот што инаку има можност кај таквото возило. Услови кога постои можност возачот да остане буден се: доколку управува со старо и несигурно возило; ако патот не е прав и рамен; доколку има некој со него да разговара и да го поттикнува на емотивен разговор; доколку може одвреме навреме да го отвора прозорецот; доколку може да слуша гласна музика, но, и доколку е истрениран, какви што се професинолните возачи, најповеќе за тешки товарни возила.

За жал, ниту еден од овие услови не ги имал возачот на џипот, за да можел да остане буден. А кога би се исклучил умот само  три секунди, џипот со таа брзина би поминал 131 метар. Но, се поставува прашањето: Зошто менаџерката спиела, кога е во опасност човек што ја прослави и обогати? Некој морал да помага, да соучествува во брзото движење на џипот по рамен и прав пат во рани мугри кога умот тешко се одржува буден. Тоа се должи на незнаење, на крајна неодговорност или, пак, на двете заедно. Но, само едното е доволно сосема да ја дисквлификува личноста, одговорна, не само за успешно склопените ангажмани на Тоше пеачот, туку и за неговото здравје и живот.

Тие што веруваат во Бога, во судбина и задгробен живот, ја олеснуваат својата болка, но и одговорноста. Но, дарвинистите бараат одговор за причината за трагедијата. Верниците се ослонуват на надеж и чудо. Но токму најголемото чудо е ненадејната смрт на Тоше.

Околностите се поклопиле, кажа еден умен човек. Но, околностите се поклопуваат повеќе пати, а тоа е знаење кое предупредува и однапред укажува на дадената парадигма.

Истиот човек кажа дека Тоше бил патријархално воспитано момче. Аха! Патријахално, може да се преведе и како наивно, а наивно како длабоко човечно, а ова како духовно што е спротивно од егоистично. Ние живееме во општествено-политички околности каде што егото апсолутно доминира, секако и во раководењето со државата, со сето материјално, а тоа значи и со нашите животи. Поради истото, повеќето луѓе се предадени на судбината бидејќи немаат сила која може да ѝ се спротивстави на силата на егото. Егото е ѓаволското во човекот. Духот е боженственото, каков што беше Тоше Проески.

Голем број луѓе велат за смрта на Тоше: таква му била судбината?! Психијатријата вели: нашата свест ја одредува судбината. Судбина на одбраните е да се борат. Тоше се бореше со вложување до исцрпување. Но, во пресудните моменти, како што било тоа утро, преморен им се предал на другите што не се како него. А такви се односите меѓу луѓето во бизнисот: работата со Тоше беше исклучително профитабилна, и во согласност со одамна напишаната книга за менаџментот „Како да пливам меѓу ајкулите, а при тоа да останам жив?”

Последната вечер, пред да тргне на пат пред саканата гласно се прашал: „Да не одам? Не ми се оди!” Притоа барал поддршка прашувајќи ја Андријана: „А да не одам, што мислиш ти?”. Секако, човек со толку чувствителна душа претчувствувал опасност, но посилно било неговото воспитание – не можел да ѝ каже „не“ на својата менаџерка, на која не ѝ паднало на памет да не оди по толкава зделка – во Загреб, па потоа во Пореч. За таквиот миг на чувства на Тоше, поетот запишал: „во тој миг неговото битие се кинело и вртоглаво растегнувало на илјада километри“.

Психо-социолошките услови во постјугословенските простори, каде што настапувал Душа (Човекот од Крушево), се душевно изместени – сè уште владее етнонационализам. Тоа значи, во изместен систем на вредности на општествените односи, моралот станува индивидуална категорија. Тоа го оптоварувало чувствителниот Тоше, кој не можел да се одбрани од амбиците на тие што ги раководеле неговите настапи. Но, како добродушен човек, тој имал желба да ја разгалува несреќната млада публика.

Родителите го научиле да биде одговорен, а тоа не значи да се засилува разумот, туку да се засилуваат чувствата за добробит кон другите луѓе. Тоше бил воспитан да верува во луѓето, а тие што неселективно и апсолутно веруваат во луѓето, по правило, порано или подоцна, доживуваат тешко разочарување, доколку пред тоа физички не страдаат. Менаџерката имаше цел, додека Тоше ја немаше истата цел, а кога требаше да оди на многу места во исто време тоа не му беше цел, всушност не му беше план, туку таа цел му се појавуваше како зададена обврска.

Пред да дознаеме, лесно беше да се погоди дека неговите родители не се ниту политичари, ниту пак трговци. Патријалхални, затоа што не ги допрела психолгијата на ропството што владее во овој свет. Тие не се профитери кои сметаат дека  човекот нема душа и служи само за да биде искористен. Тие ја поседуваат божественета свест дека богатите се сиромашни. Патријалхалноста крие во себе искрена желба за траење: оние желби што нема да бидат остварени се чуваат како пелцер за наредната генерација, за следнава епоха. Тоа се луѓе кои сакаат да го сочуваат достоинството и честа на човекот. Но, за жал, им веруваат и им се предаваат на аворитетите. А во услови кога парите станаа закон, добро воспитаните луѓе немаат развиена сила да се одбранат. Најдоброто во човекот е создадено од наједноставни особини. Така е и со простодушноста. Таа не се стекнува со учење, туку се подарува. Таквите немаат желба да владеаат со другите, туку самите со себе. Затоа, пак, тешко се одбрануваат од таквите кои имаат потреба да владеат со нив. Како инаку би преживеале таквите луѓе со векови во Крушево, каде лежат гробовите на тие што го напишаа и животот го дале за Крушевскиот манифест?

Тоше всушност го релаизира Крушевскиот манифест. Песната и љубовта му беа повик до сите народи и нации на Балканот. Токму како Исус, Тоше покажа дека ненасилството е најмоќното човеково оружје. Родителите му давале неограничена љубов поради што тој можел да ни ја дава на сите нас.

За разлика од неговите колеги, тој пееше без намера да ја покрие сликата на сеопштата криза на Балканот, туку ни ја враќаше вербата во љубовта како единствено и најмоќно чувство за излез на патот што дава надеж и верба во себе. Тој беше, философски кажано, политизирано аполитичен. Обичноста е пат по кој се стигнува до совршенството.

Тој не стана самовљубен како повеќето негови колеги, како да знаеше дека таквото однесување од секој здрав човек создава идиот. Тој беше како пратен од Бога – не сакаше да ја извлече главата од јаремот во вид на крст што му е доделен низ историјата нему и на неговиот народ, а тој со својот дух го носеше тоа како да му е вистиска круна.

Со Тоше не може и не треба да се споредува ниту една ѕвезда што загинала на сличен начин, затоа што Тоше беше најголемото национално богатство – духовно и материјално. Но, немаше држава што требаше да го сочува.

Без сомневање, повеќето Македоници се чувствуваат инфериорни кога се покрај своите колеги Срби или Хрвати. Но, Тоше се однесуваше како Вејсилов во романот „Момче“ на Достоевски, кој носеше во себе сон за исконот на Европа, а затоа себе си се гледаше „…во Франција како Французин, покрај Германците како Германец, со старите Грци би бил Грк, а токму на тој начин во најголема мерка да биде Русин“. Односно, Тоше во тие услови беше во најголема мерка Македонец.

Животот му беше неговото пеење, но ние со врева треба сега да учиме од неговата смрт, во согласност со она што го напишал писателот, Ѓузепе Б.: „Можеби животот не е врева, а смртта тишина, туку обратно“.

Uncategorized

Пронајдени тела на девет мексикански студенти, на сите им биле отсечени рацете

Published

on

Телата на девет лица кои исчезнале минатиот месец во јужниот дел на Мексико, биле пронајдени масакрирани на автопат, заедно со торба во која се наоѓале нивните раце, пренесува Дејли Меил.

Остатоците биле откриени во багажник на напуштен автомобил во Сан Хозе Миахуатлан, на границата помеѓу мексиканските држави Пуебла и Оаксака, околу 280 километри од Мексико Сити. Се смета дека ова е уште едно брутално убиство поврзано со наркокартелите.

Мексиканската влада започна неофицијална војна против наркокартелите во 2006 година, во која до денес загинаа повеќе од 300,000 луѓе, а околу 60,000 лица се исчезнати.

Continue Reading

Uncategorized

ФФМ со одговор на Силекс: И самите не верувате во вашето соопштение!

Published

on

Соопштението од ФФМ ви го пренесуваме во целост:

Во однос на последно објавеното соопштение на ФК Силекс, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Одборот на судии во рамки на ФФМ на чело со претседателот Александар Ставрев, најостро ги осудуваат непрофесионалните, неетичките, неоснованите и злонамерни напади насочени кон претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и комесарот Јосип Бартон, како претседавач со Комисијата за делегирање на судии. Овие обиди за дискредитација претставуваат неприфатлив притисок врз стручните тела во ФФМ што работат исклучиво во интерес на македонскиот фудбал.

Како водечка институција во македонскиот фудбал, ФФМ ќе продолжи со професионално и одговорно управување, без да подлегне на надворешни притисоци или било какви други влијанија, а ќе ги искористиме сите расположливи механизми за заштита на интегритетот и нема да дозволиме било каков обид за манипулација и нарушување на угледот на ФФМ и нејзините официјални претставници.

Впрочем, за контрадикторноста и злонамерата во испратеното соопштение е токму фактот што претседателот на ФФМ многу децидно, уште по преземањето на функцијата, јасно кажа дека прв и основен приоритет на ФФМ е воведувањето на ВАР технологијата за што и се започнати активности. Притоа, неколкупати посочи дека дејствувањето и работата на Судиската организација е оставена на стручните лица, членови на истата и во ниту еден сегмент ниту некој може да влијае, ниту обидите за влијание на било кој член на судиската организација ќе минат без последици.

Во таа насока, загрижува фактот што ФК Силекс е единствениот клуб кој во изминатите две кола од Прва МФЛ и за мечот од Купот на Македонија низ разни „канали“ бараше делегирање на посакувани судии за своите натпревари.

Се разбира, преку ТВ Сител даваме можност во „Куќа на фудбалот“ да добијат потврда и докази на овие тврдења, но само доколку јавно во своите информативни изданија ги споделат доказите за посоченото. ФФМ е подготвено да ги објави.

Загрижувачки е тоа што телевизиски канал, во директни врски со ФК Силекс, ја користи својата медиумска моќ за да врши непотребен притисок врз ФФМ врз основа на неосновани тврдења. Времињата кога надворешениот притисок и закани можеше да влијае на раководните тела на фудбалот поминаа.

Изнесените квалификации и манипулации во овој случај не служи како ваше алиби за резултататите, туку многу повеќе. Самите не верувате во соопштението и го користите најгрубиот начин во намерата да создадете алиби и да ја обвините Судиската организација и ФФМ за вашите резултати оваа пролет. Простете, но исполнување желби, повеќе нема да има.

Загрижувачки, но во исто време и недолично за еден од најдобрите клубови во Македонија е што дозволува во своите структури да биде инволвирано лице со сомнително минато и фудбалски манипулатор со постапки кои не веруваме дека и се познати на сопствениците на ФК Силекс.

Долг е списокот на натпревари на кои директно беа оштетени клубовите – противници на ФК Силекс, но доколку сакате, немаме проблем повторно да ги посочиме.

Имаме разбирање дека тешко се забораваат старите навики и претходниот начин на дејствување и треба време за да се прифати еден нов, професионален и чесен начин и пристап на работа.

Се надеваме дека ќе ги осознаете своите лични и колективни потенцијали и евентуални квалитети со вредностите кои ги промовираме и повторно ќе го вратите Вашиот клуб патот на успехот.

Одборот на судии заедно со стручните соработници го следи секој натпревар со најголемо внимание и има конзистентен професионален пристап. Имено, натпреварите се контролираат од страна на искусни контролори кои биле врвни поранешни републички или интернационални судии, но вклучително и од целиот Судиски одбор.

Во изминатите две одиграни кола во Првата и Втората МФЛ и одиграните натпревари од ¼ финалето на Купот на РМ, Одборот на судии генерално е задоволен од целокупните судиски перформанси, но исто така јавно и транспарентно ги потврди сите погрешни судиски проценки.

На последно одиграните четвртфинални Куп натпревари, конкретно на натпреварот Вардар – Силекс, во 68. минута направена е погрешна проценката од првиот асистент судија при постигнувањето на голот на домашната екипа и истата уште по завршување на натпреварот е потврдена од контролорот.

Исто така, во посочената 6. минута од презентираната видео снимка, тврдењето дека „играчот со бр.8 на гостинската екипа е удрен со лакт од противнички играч“ е неиздржано, од причина што одбранбениот играч со бр. 3 на домашната екипа прв стигнува до топката и со испружена рака гради простор при што напаѓачот удира во него. Оттука, би можеле да прифатиме дека не е досуден прекршок, но во никој случај не и некакво удирање со лакт на противнички играч.

Притоа, контрадикторно на тврдењето на гостинската екипа, во 51. минута играчот со бр.75 на домашната екипа стартува преостро врз противничкиот гостински играч со бр. 8 за што правовремено е покажан и жолт картон, нешто што во прикажаното монтирано видео е исечено и не е презентирано на јавноста.

Воедно, ФК Силекс во информирањето до јавноста презентираше и неточни и непрецизни податоци од извадената статистика за бројот на одсудени натпревари на главниот судија, кој во најмала рака е двојно повеќе од презентираното, имајќи предвид дека истиот суди натпревари во Првата МФЛ од 2021 година и навистина како Федерација не би не радувал фактот доколку ФК Силекс вака „педантно и точно“ води статистика и за своите играчи.

Истовремено, Одборот на судии информира дека и на натпреварот помеѓу екипите на ФК Брера и ФК Аресими во 78. минута е направена погрешна проценка од главниот судија и не е досуден пенал за гостинската екипа.

Свесни сме дека фудбалот е динамична игра. Натпреварите од Првата и Втората МФЛ, како и КУП натпреварите се изедначени по квалитет, а судиите го носат „притисокот“ од значењето што секој натпревар го има и очекувањата од нив се големи. И покрај најдобрите напори, ненамерните погрешни судиски проценки се составен дел од секој спорт.

Сепак, изолираните погрешни судиски проценки, кои патем до сега се сите негативно оценети од контролорите на судењето, во никој случај не смее да фрли сенка врз кредибилитетот, професионалноста и интегритетот на судиите, а ФФМ ќе остане посветена на зачувување на интегритетот и транспарентноста во својот ангажман и нема да дозволи неосновани обвинувања да го нарушат кредибилитетот на Федерацијата и нејзините претставници.

Continue Reading

Uncategorized

Грција утре парализирана од генерален штрајк

Published

on

Атина– Двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, утре во Грција ќе биде одбележана со генерален штрајк што буквално ќе ја парализира земјата, нема да функционира бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени, а закажани се над 340 протести во земјата и странство, јави дописничката на МИА од Атина.

Железничката несреќа се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на товарен и патнички воз, кои се движеа на истата шина во различни правци, по сударот следеше и експлозија, а животот го загубија 57 лица, од кои поголемиот број беа студенти.

Иако поминаа две години од една од поголемите трагедии во Грција, несреќата во изминатиот период одново е актуелна во земјата и поради тоа што две години подоцна остануваат многу неодговорени прашања, но и поради тоа што во медиумите континуирано се објавуваат нови информации и аудио и видео документи.

Во рамките на генералниот штрајк закажани се вкупно 345 протести, од кои 243 се на различни локации во Грција, а 102 се низ целиот свет, додека пак според најавите и судејќи според демонстрациите што се одржаа минатиот месец, се очекува утрешните протести да бидат особено масовни.

Исто како и за време на масовниот протестот одржан на крајот на јануари, така и сега главниот слоган е „Немам кислород“ по објавениот аудиозапис од телефонски повик на бројот 112 за итни случаи во кои се слушаат повиците за помош, меѓу кои и женски глас што вели „Немам кислород“, а главното барање е правда за жртвите.

Генералниот штрајк е закажан од најголемите грчки синдикати на вработените во државниот сектор (АДЕДИ) и на вработените во приватниот сектор (ГСЕЕ), како и синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, а 24-часовниот штрајк го поддржуваат низа здруженија, федерации итн.

Во штрајкот ќе учествуваат и адвокати, фармацевти, лекари, студенти, ученици, просветни работници, голем дел од угостителските објекти нема да отворат, а ноќните клубови и клубовите со жива музика, односно популарните бузуки, во кои настапуваат познати грчки пејачи, утре ќе останат затворени во спомен на жртвите.

Бродовите ќе останат закотвени на пристаништата од раните утрински часови, железничкиот сообраќај ќе биде целосно во прекин, а 24-часовен штрајк најавија и контролорите на летање, со што откажани се сите летови од и кон Грција со исклучок на: летови кои со шефови на држави, премиери; летови на грчките воздухопловни сили кои учествуваат во оперативни мисии и закажани вежби; летови од медицински или хуманитарна причини; летови на авиони за потрага и спасување.

Јавниот превоз во Атина, односно автобусите, тролејбусите, трамваите ќе учествуваат во штрајкот и нема да сообраќаат, а единствено метрото ќе работи од 9 до 17 часот со цел да им овозможи на граѓаните да стигнат на протестот во центарот на градот.

Грчката метропола ќе биде и без такси превоз, со оглед на тоа што такси возачите организирани од нивниот синдикат учествуваат во штрајкот, меѓутоа започнаа иницијатива „такси на солидарноста“ – нешто што првпат се спроведува во Грција, односно на четири различни локации ќе има таксисти волонтери, кои бесплатно ќе ги пренесуваат граѓаните до плоштадот Синтагма каде што ќе се одржи протестот.

Во Атина собирот е закажан за 11 часот по локално време, а ќе се преземат зголемени безбедносни мерки, според грчките медиуми, со ангажирани над 5.000 полицајци.

Министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис во чија надлежност е и полицијата во интервју за радиото „Параполитика“ вчера рече дека „се прават големи подготовки за полицијата да ја постигне својата централна цел, а тоа е демонстрациите да завршат мирно и пред сè безбедно за граѓаните кои ќе учествуваат“.

Непосредно пред утрешната годишнина, грчката Национална управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот, претпладнево ќе го презентира извештајот од истрагата на експертите за причините за железничката несреќа и експлозијата што следеше по судирот на патничкиот и товарниот воз.

На вчерашната владина седница грчкиот премиер Кирјакос Мицотаки се осврна на втората годишнина од железничката несреќа кај Темпи, посочувајќи дека „мнозинството Грци сакаат вистината да блесне, правдата да биде задоволена и никогаш повеќе да не доживееме слична трагедија“, истакна дека „националната драма треба да го обединува општеството под заедничко барање за вистина и правда“, а за протестите нагласи дека се уставно загарантирано право на граѓаните, но и дека државата треба да ги заштити демонстрантите, а „одредени ќе протестираат против Владата“.

Следната седмица, односно во вторник и среда во Парламентот ќе се одржи расправа за формирање предистражна комисија за несреќата, а Мицотакис посочи дека тогаш партиите ќе можат да ги претстават своите ставови, но и дека ако опозицијата сака, ќе може да достави предлог за гласање недоверба на Владата.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк