Иако ја тера 93-та година од животот, баба Трајана многу вешто и без наочари плете волнени чорапи, а ја продолжува и традицијата на производство на домашно сирење. МИА деновиве ја посети во нејзиниот дом преполн со љубов и позитивна енергија.– Фала и на судбината, се уште ми се гледа. Годините се многу. Се туркам, паѓам, станувам и па одам, заврза таа муабет со нас, а насмевката не се тргна од нејзиното лице, за целото време додека разговаравме.Таа ни откри дека очила носи само по потреба, ама за плетење не и требаат. И самите можевме да се увериме дека плете квалитетно, не испушта ниту еден котелец.Потекнува од кавадаречко Страгово, познато сточарско село прочуено по производството на квалитетно сирење. Занаетот за подготовка на сирење со извонреден квалитет, го научила од нејзината мајка. Уште кога била дете. Со години тој занает и тајната за правење на сирење за прсти да излижеш, се пренесуваат, како аманет во семејството. Педесет и трета година, како живеат во Неготино. За неа, велат дека со децении, ги радувала муштериите со млеко и вкусно сирење, вкус што се памети и за кој се прераскажува.
Скромната жена ни кажа дека нејзините родители, браќа и сестри, не биле многу долговечни како неа.– И од тија и од тија сој, по мајка и по татко, само ја су вака со повеќе години, коментираше таа.Самата смета дека долговечноста и се должи на здравата исхрана. Целиот нејзин живот одгледувале најпрвин овци, па крави, сега се уште кози. Домашно месо, млеко. Си правеле јајчаник, зелник, баник, масленица. Или, како што рече таа, ништо купечко, ништо вештачко.Сега одгледуваат седум кози и единасесетина јариња, колку да ги задоволат потребите на поширокото семејство.– Пијме млеко козјо и децта пијат. Угу иама домашно млеко. Порано, продаваме сирење и на пазарот. Ако ме нема на пазарот, дома идеа по сирење, откри оваа супер бабичка.Девет години е без сопругот. Ја зема неговата пензија, бидејќи таа целиот живот била домаќинка и сточарка. Има три деца, пет внуци и 10 правнуци. Задоволна е што се уште може да гледа и да слуша, што ја држи умот и помнењето. Витална е, за разлика од многу други на нејзина возраст. Самата се пере, си ја чисти собата. Огнот сама си го „вал“, а го „вале” дури и огнот на помладите во семејството, внуката и внукот со децата. Никогаш не пушела цигари. Не пие ниту ракија, ниту вино, иако живее во најголемиот и најпознат лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот.Вистинска домашна атмосфера владее во домот на Петрови. Шпоретот на дрва не само што топли, таа топлина дава некоја посебна магија што потсетува на детството. Циглата на плочата од шпоретот што се топли, како да зборува за едно минато време кога постарите ја вжештуваа, за да си ја натоплат половината во студените зимски денови. А тенџерето, тенџерето секогаш мистериозно како да се насмевнува, бидејќи само тоа најдобро знае дека најдобриот зачин во кујната е токму љубовта. Најслатко е јадењето зготвено со многу љубов и посветеност.Убаво си помуабетивме со една од најстарите неготинки, па и тиквешанки. Ја фотографиравме како плете. Последните волнени чорапи ги сплетила деновиве, за брзо време, да ги топлат нозете на внукот, додека бере дрва во планината. Долго ни раскажуваше за времињата поминати, за сплетените елечиња, џемпери, за миговите кога правела домашен сапун, ткаела на разбој килими, јамболии, кога деновите и поминувале во друштво со кросното, преѓата, вретеното.– Мачно се живееше, синко. Жнеј, копај, врши, се рачно и мачно, евоцираше спомени старицата.Животните предизвици и битки за подобро утре, оставиле бразди на нејзиното лице и раце. Се присети како во нејзино време, најголем дел од девојчињата не ги пуштале да се школуваат после четврто одделение, оти требало да се учи во друго село. Тие морале да работат, за да им помагаат на родителите да го прехранат семејството. Многу пати се случувало женските деца интензивно да работат, додека машките продолжуваат да се школуваат.
На овие години таа и е од голема помош на нејзината внука. Го надгледува ручекот, се грижи за малолетните правнуки, кога не се на училиште и градинка, а кога родителите им се отсутни. Но, истовремено, таа е бескрајно благодарна на наследничката што и го носи името, бидејќи во староста, може да се потпре на неа. Заедно го пијат и кафето.Со многу милост во гласот но и гордост, нагласи дека спечалиле многу во животот, но, семејството е нејзиното најголемо богатство.Посебно се гордее со правнуките коишто се вртат околу неа, ја гледаат како плете, крадат што се вели од мајсторлукот. Марија, Симона, Стојне, Божица. Со радост и нестрпливост ги чекаат нејзините приказни крај шпоретот. Таа раскажува, а звукот од дрвата што горат, како да е некоја пропратна музика на секој нејзин збор.Како да има некоја посебна поврзаност помеѓу највозрасниот и најмладиот член во семејството. Можеби тајната за тоа лежи во фактот што и бабата и правнуката Марија која догодина ќе биде прваче, се родени тука некаде, во месеците септември и август.Немам, одговори на прашањето баба Трајана, дали можеби има договор со судбината, колку долго да живее. Колку е пишано, толку, рече.И не е важно колку ќе живее. Важно е дека е опкружена со внимание, а таа шири позитивна енергија наоколу. Нејзините наследници, ќе има по што да ја споменуваат и да се сеќаваат на неа. На жената што и во десетата деценија од животот и пркоси на староста. Другарувајќи со иглите и конецот, плете и убави моменти, по кои ќе се сеќаваат на неа. Секој би посакал таква баба
Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа
Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.
Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација
Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.
„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.
Апликацијата нуди:
Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.
Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.
Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.
ВЛЕН: Анкетната комисија мора да ја открие вистината за сите трагични случаи
Коалицијата ВЛЕН целосно го поддржува формирањето на анкетната комисија, нагласувајќи дека со години граѓаните останале без одговори и често биле манипулирани. Според коалицијата, време е оваа пракса конечно да заврши.
Од ВЛЕН посочуваат дека нивниот став отсекогаш бил јасен – потребна е сеопфатна комисија, без селективен пристап и без политички мотиви. Ваква инклузивна комисија, велат од коалицијата, конечно се формира.
Новоформираната комисија ќе ги разгледа сите тешки и чувствителни случаи што со години ја потресуваа државата: трагедиите со „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово, како и несреќата во Кочани. Само целосен пристап, оценуваат од ВЛЕН, може да ги открие институционалните пропусти што чинеле човечки животи.
Коалицијата очекува комисијата да укаже не само на индивидуалните грешки, туку и на длабоко вкоренетите модели на лошо управување кои овозможиле низа трагедии низ годините. Според ВЛЕН, откривањето на вистината е првиот чекор кон справување со системските слабости и враќање на довербата на граѓаните.