Connect with us

Uncategorized

Баба Трајанка на 93 години плете без очила, пали оган, се храни здраво

Иако ја тера 93-та година од животот, баба Трајана многу вешто и без наочари плете волнени чорапи, а ја продолжува и традицијата на производство на домашно сирење. МИА деновиве ја посети во нејзиниот дом преполн со љубов и позитивна енергија.– Фала и на судбината, се уште ми се гледа. Годините се многу. Се туркам, паѓам, станувам и па одам, заврза таа муабет со нас, а насмевката не се тргна од нејзиното лице, за целото време додека разговаравме.Таа ни откри дека очила носи само по потреба, ама за плетење не и требаат. И самите можевме да се увериме дека плете квалитетно, не испушта ниту еден котелец.Потекнува од кавадаречко Страгово, познато сточарско село прочуено по производството на квалитетно сирење. Занаетот за подготовка на сирење со извонреден квалитет, го научила од нејзината мајка. Уште кога била дете. Со години тој занает и тајната за правење на сирење за прсти да излижеш, се пренесуваат, како аманет во семејството. Педесет и трета година, како живеат во Неготино. За неа, велат дека со децении, ги радувала муштериите со млеко и вкусно сирење, вкус што се памети и за кој се прераскажува.

Скромната жена ни кажа дека нејзините родители, браќа и сестри, не биле многу долговечни како неа.– И од тија и од тија сој, по мајка и по татко, само ја су вака со повеќе години, коментираше таа.Самата смета дека долговечноста и се должи на здравата исхрана. Целиот нејзин живот одгледувале најпрвин овци, па крави, сега се уште кози. Домашно месо, млеко. Си правеле јајчаник, зелник, баник, масленица. Или, како што рече таа, ништо купечко, ништо вештачко.Сега одгледуваат седум кози и единасесетина јариња, колку да ги задоволат потребите на поширокото семејство.– Пијме млеко козјо и децта пијат. Угу иама домашно млеко. Порано, продаваме сирење и на пазарот. Ако ме нема на пазарот, дома идеа по сирење, откри оваа супер бабичка.Девет години е без сопругот. Ја зема неговата пензија, бидејќи таа целиот живот била домаќинка и сточарка. Има три деца, пет внуци и 10 правнуци. Задоволна е што се уште може да гледа и да слуша, што ја држи умот и помнењето. Витална е, за разлика од многу други на нејзина возраст. Самата се пере, си ја чисти собата. Огнот сама си го „вал“, а го „вале” дури и огнот на помладите во семејството, внуката и внукот со децата. Никогаш не пушела цигари. Не пие ниту ракија, ниту вино, иако живее во најголемиот и најпознат лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот.Вистинска домашна атмосфера владее во домот на Петрови. Шпоретот на дрва не само што топли, таа топлина дава некоја посебна магија што потсетува на детството. Циглата на плочата од шпоретот што се топли, како да зборува за едно минато време кога постарите ја вжештуваа, за да си ја натоплат половината во студените зимски денови. А тенџерето, тенџерето секогаш мистериозно како да се насмевнува, бидејќи само тоа најдобро знае дека најдобриот зачин во кујната е токму љубовта. Најслатко е јадењето зготвено со многу љубов и посветеност.Убаво си помуабетивме со една од најстарите неготинки, па и тиквешанки. Ја фотографиравме како плете. Последните волнени чорапи ги сплетила деновиве, за брзо време, да ги топлат нозете на внукот, додека бере дрва во планината. Долго ни раскажуваше за времињата поминати, за сплетените елечиња, џемпери, за миговите кога правела домашен сапун, ткаела на разбој килими, јамболии, кога деновите и поминувале во друштво со кросното, преѓата, вретеното.– Мачно се живееше, синко. Жнеј, копај, врши, се рачно и мачно, евоцираше спомени старицата.Животните предизвици и битки за подобро утре, оставиле бразди на нејзиното лице и раце. Се присети како во нејзино време, најголем дел од девојчињата не ги пуштале  да се школуваат после четврто одделение, оти требало да се учи во друго село. Тие морале да работат, за да им помагаат на родителите да го прехранат семејството. Многу пати се случувало женските деца интензивно да работат, додека машките продолжуваат да се школуваат.

 На овие години таа и е од голема помош на нејзината внука. Го надгледува ручекот, се грижи за малолетните правнуки, кога не се на училиште и градинка, а кога родителите им се отсутни. Но, истовремено, таа е бескрајно благодарна на наследничката што и го носи името, бидејќи во староста, може да се потпре на неа. Заедно го пијат и кафето.Со многу милост во гласот но и гордост, нагласи дека спечалиле многу во животот, но,  семејството е нејзиното најголемо богатство.Посебно се гордее со правнуките коишто се вртат околу неа, ја гледаат како плете, крадат што се вели од мајсторлукот. Марија, Симона, Стојне, Божица. Со радост и нестрпливост ги чекаат нејзините приказни крај шпоретот. Таа раскажува, а звукот од дрвата што горат, како да е некоја пропратна музика на секој нејзин збор.Како да има некоја посебна поврзаност помеѓу највозрасниот и најмладиот член во семејството. Можеби тајната за тоа лежи во фактот што и бабата и правнуката Марија која догодина ќе биде прваче,  се родени тука некаде, во месеците септември и август.Немам, одговори на прашањето баба Трајана, дали можеби има договор со судбината, колку долго да живее. Колку е пишано, толку, рече.И не е важно колку ќе живее. Важно е дека е опкружена со внимание, а таа шири позитивна енергија наоколу. Нејзините наследници, ќе има по што да ја споменуваат и да се сеќаваат на неа. На жената што и во десетата деценија од животот и пркоси на староста.  Другарувајќи со иглите и конецот, плете и убави моменти, по кои ќе се сеќаваат на неа. Секој би посакал таква баба

Uncategorized

Мерц предлага контроверзно решение: Замрзнатите руски средства можат да се употребат

На својот годишен говор пред Бундестагот, канцеларот Фридрих Мерц во средата не донесе добри вести за Германија. Според него, светот се наоѓа во „нова ера“ на длабоки геополитички превирања. Релациите со САД се фундаментално променети, Украина продолжува да страда под агресорска војна спротивна на меѓународното право, а германската економија е под притисок од трговски конфликти и „минати пропусти“ на домашен терен.

„Многу работи што порано беа извесни, веќе не се“, изјави Мерц, предупредувајќи дека глобалниот поредок е заменет со неред. „Германија не може да стои на страна и да гледа како светот се реорганизира. Не сме пиони на големите сили“, додаде тој, повикувајќи на активна улога на земјата во меѓународните случувања.

Фокусот на Мерц е јасен: Германија треба да биде двигател во барањето „праведен мир“ во Украина. По иницијатива на канцеларот, минатиот викенд и во понеделникот украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со преговарачите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Берлин, за координации околу мировниот план.

„Во изминатите денови и часови, повеќе дипломатија од она што се случи во Берлин едноставно не е можно“, порача Мерц. Тој истакна дека Германија не само што снабдува оружје на Украина, туку ѝ дава и шанса на дипломатијата да успее.

Претстојниот самит на ЕУ во Брисел ќе биде следната голема сцена на европската политика. Мерц вели дека Германија, заедно со партнерите, треба да испрати јасен сигнал до Москва: замрзнатите руски средства во ЕУ ќе се искористат за финансирање на брзо завршување на војната, преку реконструкција на Украина и набавка на современо оружје.

Мнозинството од 27-те влади на ЕУ се за планот, кој предвидува издавање на обврзници од околу 90 милијарди евра, обезбедени со замрзнатите руски средства. Русија веќе реагираше со правни мерки против ваквиот потег, но шансите за одлука во Брисел се околу 50-50, оцени Мерц.

Со овој говор, канцеларот испрати силна порака: во време на глобална нестабилност, Германија мора да дејствува – или да ризикува да остане зад светските случувања.

Целата вест можете да ја прочитате на: Мерц се залага за користење на замрзнатите руски средства – DW – 18.12.2025

Continue Reading

Uncategorized

Чарлс откри каква е улогата на Британија ако Русија ја нападне Европа

Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.

За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.

Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.

Continue Reading

Uncategorized

Сите камери за брзина веќе се мапирани од оваа апликација

Додека проектот „Безбеден град“ е во тест-фаза, возачите ширум земјата веќе ја користат апликацијата Waze за да се прилагодат на новите правила и масовното мерење на брзината. Корисниците го прават ова преку дигитално мапирање на речиси сите камери што мерат брзина.

„Waze“ е навигациска апликација која во реално време прикажува сите релевантни информации за патот. Од вчера, речиси целосната мрежа на камери на „Безбеден град“ е веќе внесена од страна на самите корисници.

Апликацијата нуди:

Прецизна мапа на камери за брзина – фиксни, мобилни и новопоставени. Гласовно предупредување при приближување кон камера. Информации за полиција, радари, работи на пат и метеж, внесени од самите возачи. Автоматско пресметување на најбезбедна рута со прикажување на сите критични точки. Можност за пријавување на нови камери од страна на корисниците, со што мрежата постојано се ажурира.

Возачите ја користат апликацијата за да го следат ограничувањето на брзината, да избегнат ненамерни прекршоци и да добијат предупредување неколку стотини метри пред камера. За многумина, Waze стана единствена гаранција дека нема да бидат „изненадени“ од камерите на „Безбеден град“.

Во првите 48 часа од стартот на тест-фазата, бројот на извештаи за камери на Waze драстично порасна, што покажува дека апликацијата е ефикасно решение за безбедно возење.

Објави: Скопје1.мк

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг