Connect with us

Uncategorized

ВЕЛИКА СРЕДА: Денот кога Јуда го пpедал Спасителот!

Published

on

На Велика Среда се одбележуваат три значајни настани: Последното претсмртно помазание на Господа, Заговорот на јудејците за да го убијат и Јудиното предавство на Христа за триесет сребреници.

И на Велика Среда се читаат библиските текстови кои се во контекст со претходните денови и во врска со настаните од денот (на Утрената: Јован 12,17-50; на Литургијата: Матеј 26,6-16).

Последното претсмртно помазание на Господа

Христос е помазан со миро во Витанија (Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Лука 7,37-50; Јован 12,1-8). Според евангелските сведоштва, Господ Исус Христос и апостолите ноќта ја поминале „во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот“ (Матеј 26,6).

Во Евангелието, коешто се чита на Предосветената Литургија (Матеј 26,6-16), се вели дека токму на тој ден некоја жена излила миро врз главата на Господа Исуса Христа (Матеј 26,7). Со тоа, таа Него Го подготвила за погребение, како што рекол и Самиот Он (Јован 12,7).

На Исток, помазувањето со миро било позната работа. Тоа се правело на значајни личности (на цареви и првосвештеници) или, пак, кога во домовите на побогатите ќе дојдел значаен гостин, кој бил особено почитуван и уважуван – и тој бил помазуван. Обично, при помазувањето, ја помазувале косата на главата, челото, лицето и брадата, а кога сакале кон некого да покажат исклучителна почит, му ги помазувале и нозете.

Освен ова помазание, Евреите имале востановен обичај да ги помазуваат со мириси и телата на упокоените при погребувањето (види: Јован 19,39-40; Марко 16,1; Лука 24,1).

Помазанијата на Господа Исуса Христа не смеат да се поистоветуваат, не треба да се спојуваат ни во едно, ни во две, бидејќи тие се три. Станува збор за три настани, кои меѓусебно се слични, но сепак имаат доволно разлики за да не се сметаат како еден настан. Различни се според: помажувачите, времето, местата, домаќините и начинот на помазувањето. Во Евангелието се спомнуваат три помазанија на Господа Исуса Христа со миро и тоа во различни места, од различни жени и во различни вечери. Имено:

1) Во Евангелието според Лука се спомнува „жена грешница“ која му ги помазала нозете на Исуса со миро излиено од „алабастрен сад“. Тоа се случило во Ерусалим, во домот на Симон Фарисејот (Лука 7,36-50). Според Светото предание, таа жена била Марија Магдалина „од која“ преку чудотворната моќ на Спасителот, „беа излегле седум демони“ (Лука 8,2).

2) Второто помазание е опишано во Евангелието според Јован, каде што се вели: „На шест дена пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше… а Марија, како зеде литар скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја“ (Јован 12,1-11).

3) Третиот случај бил пак „во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот“ (Марко 14,3 и Матеј 26,6). Тоа се случило два дена пред Пасха. Така се вели во Евангелието според Марко (Марко 14,1). И тогаш некоја жена, различна од првите две, чие име останува скриено, се удостоила да Го помаза Исуса со „скапоцено и чисто нардово миро“ кое го излила врз „главата Негова“ (Марко 14,3).

Притоа, Спасителот рекол дека таа го помазала телото Негово, подготвувајќи го за погребение (Марко 14,8). Овој настан е забележан во Евангелието според Марко (Марко 14,1-9) и според Матеј (Матеј 20,6-13). Толкувачите се согласни дека овде се работи за еден ист настан којшто е опишан и во двете евангелија: во Евангелието според Матеј и во Евангелието според Марко.

Анализирајќи ги трите помазанија на Христа, забележливо е тоа што во првите два примера мирото е излеано врз нозете Исусови, а во третиот случај,  врз главата, и тогаш, жената што го излила мирото врз „главата Негова“, не се нарекува грешница.

Свети Јован Златоуст за помазанието кај Симон Лепрозниот, вели дека не е незначајно тоа што ова помазание е извршено токму кај човек лепрозен и затоа е тоа нагласено крај неговото име. Симон бил лепрозен човек, кого Господ Исус Христос го излекувал од лепрата (опасна, заразна, смртоносна болест – неизлечива во она време). Лепрата се сметала за гнасна и нечиста болест и секој што ќе се допрел до лепрозниот станувал нечист и се заразувал, па требало да принесе жртва за очистување. Христос го допрел лепрозниот и не само што Он не се заразил, туку болниот се очистил. Затоа и бил во неговиот дом. Жената, пак, го видела тоа чудо, но сепак, со срам и страв приоѓала кон Христа, а со цврста вера дека Оној што ја очисти лепрата, лесно ќе ја очисти и нејзината духовна нечистотија.

За чудо, пак, имало негодување за помазанието, односно за истурањето на скапоценото миро, кое можело да се продаде за повеќе од 300 динарии и да се помогнат сиромасите.  Евангелистот Марко за негодувањето зборува неодредено, Матеј запишал дека тоа биле „учениците Негови“ (Матеј 26,8), а Јован, многу конкретно вели дека тоа го рекол: „Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде…“ (Јован 12,4-5). Значи, јасно е кажана и цената на мирото, кое било многу скапо, како и тоа, кој од апостолите негодувал и го рекол тоа. Јуда негодувал за парите од скапоценото миро, бидејќи бил среброљубец.

Тој, замаен од среброљубието, сметал дека Господ Исус Христос има негрижлив став кон парите и кон богатството, та, просто, не можел да го разбере Неговото однесување. Ете, пред малку, Он ги вреднувал повеќе двете лепти на вдовицата, отколку големите богатства подарени од имотните Евреи, а сега, скапоценото миро  Го растурал, иако можело за него да се добијат многу пари. Ваквото Христово однесување за Јуда немало никаква смисла и било неразбирливо, па го сметал за неисправно и неприродно. На таков начин, сатаната лукаво, вистинското го прави лажно, злото го претставува како добро итн., создавајќи превртеност на вредностите.

Зошто Јуда приговарал за излиеното миро и зошто барал за него да се добијат 300 динарии?

Затоа што бил среброљубец и затоа што бил нечесен, како што запишал апостолот и евангелист Јован: „Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него“ (Јован 12,6).

По овие евангелски зборови можеме јасно да го сфатиме однесувањето на Христовиот среброљубив благајник Јуда. Ова е опомена и за нас, за да не претеруваме во световното и во материјалното.

Реченото, дека добиените пари од продаденото миро можеле да се раздадат на сиромаси било сосема точно, но Бог повеќе сака вистинска оддаденост и дар, без елементи на пресметки и пресудување при давањето дарови, односно, Господ сака вистинско радосно дарување, без проценки и математики, како што вели свети апостол Павле: „Секој да дава од се срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Кор. 9,7).

Забележливо е и тоа дека на почетокот, при Неговото доаѓање во тело на земјава, уште во витлеемската пештера, Христос бил даруван со скапоцени дарови: злато, смирна и ливан (Матеј 2,11).

Исто така, и на крајот од Неговиот живот во тело на земјава, Он бил помазан со скапоцени мириси. А ова помазување со миро, за кое Христос рекол дека жената „испревари да го помаже телото Мое за погребение“, се случило по Божја промисла, затоа што при погребението Он не ќе можел да биде помазан, па затоа било и одењето на жените мироносици на гробот – отишле за да го помазуваат со миро телото на Христа.

Постапката на жената и постапката на Јуда се две крајни спротивности: жената е пример на пожртвувана љубов, а Јуда е пример на саможивост и егоизам. Таа не жали најскапоцена жртва за да покаже љубов кон Господа, а Јуда од ништо не се срамува и не се плаши, за да ја задоволи љубовта на Мамона (Мамон бил бог на богатството и парите). Таа го излила скапоценото миро, па дури и садот го скршила, давајќи се што има за Бога, а тој, бидејќи среброљубец само за 30 сребреници го продаде Господа, бесценетиот.

Христовото помазание во Витанија била слатка капка, а Јудиното предавство, горка капка во чашата Господова. Овие две личности, засекогаш остануваат претставници на двете групи луѓе, кои различно приоѓаат кон Господа и кон спасението на душата. Блажени Теофилакт Охридски вели да се срамат сите кои претпочитаат нешто друго повеќе од Христа, па дури ни сиромасите. Еве, овде лично Господ Исус Христос покажал дека повеќе го цени служењето Нему, отколку на сиромасите.

И уште, вели дека погрешно мислат оние кои сметаат дека може да се продадат златните садови за жртвопринесување во храмот и парите да се раздадат на сиромасите. Велелепието на храмот и на домот Божји е грижа на верниците и свештенослужителите, а во златниот дискос и путир се поставува вистинското тело и вистинската крв Христова. Не треба да ја прифаќаме мислата на Јуда, туку постапката на жената, која Го миропомазала Господа.

Квалитетот и цената на мирото

За квалитетот на мирото со коешто бил помазан Господ Исус Христос се вели дека било: вистинско, нелажно, чисто, нерастворено и посебно зачувано миро. Оттаму е утврдена и цената: скапоцено. Тоа значи дека било не обично, туку посебно миро. Нешто што се чувало како драгоценост.

Можело да се продаде „за повеќе од триста динарии“ (Марко 14,5). Навистина, таа вредност е голема. Еден динариј била плата за една работничка дневница, а 300 динарии значи повеќе од 300 дневници. Тоа се пари за плати за цела една година. Дека 1 динариј вредел една дневница, пишува во Евангелието, во Параболата за работниците во лозјето (Матеј 20,1–16).

Состав на мирото

По својот состав мирото ги содржело следниве состојки: смирна, миризлив цвет на цимет, разни миризливи стебленца, маслиново масло и од многу други нешта. Жената излила врз Христовата глава „чисто, нардово миро“. Нард е билка која е распространета во Арапската пустина и низ Источна Индија. Позната е како камилска трева. Од коренот и од листовите на нардот се правело многу мирисно масло. И денес од нард се прават скапоцени парфеми. Во Новиот завет се спомнува во евангелијата според Марко и Јован.

Сад за миро

Чувано било во алабастерн сад. Бидејќи бил скапоцен мирис, обично, мирото се чувало во мали алабастерни садови.

На Христовото помазување што го направила жената, се противел среброљубецот Јуда. Затоа, на Велика Среда се прославува жената грешница, а се укорува среброљубието на Јуда.

Ете, грешната жена, грешницата – ја воспева денес Црквата, за тоа што таа Му принесе миро на Господа – а Неговиот апостол Јуда – предавство; таа се радуваше, истурајќи го скапоценото миро, а тој отрча да Го продаде Непроценливиот; таа Го позна Христа, а тој се одрече од Него; таа Му пријде, а тој си замина; таа се ослободи, а тој стана роб на гревот и ѓаволот.

Заговор за убиство

Јудејците се договориле да Го убијат. Библискиот текст вели: „По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници; а првосвештениците и книжниците сакаа да го фатат на измама и да го убијат; но велеа: ,На празникот не, за да не стане бунт меѓу луѓето‘ “ (Матеј 26,3-5; Марко 14,1-2).

Заговорот против Христа првосвештениците и книжниците го направиле во средата пред Пасха. Овој настан што се случил тогаш е причина во Црквата Христова среда да биде ден определен за пост, бидејќи тогаш Господ Исус Христос бил предаден и првосвештениците и книжниците се договориле да го фатат, лажно да го обвинат и да го осудат на смрт, распнувајќи го на крст. А во петокот бил паспнат. Непријателите сакале да го исползуваат предпразничното време, пред Пасха да го фатат и убијат, за да можат ослободени од Него да ја прославуваат Пасха. Господ Исус Христос, пак, го определил времето на Своите страдања и според промислата на Светата Троица, Он бил распнат спроти Пасха, затоа што Он Самиот е вистинската Пасха.

Овде е забележано дека првосвештениците и книжниците донеле најконкретна одлука: Исус мора да биде фатен и убиен, и тоа, што е можно побрзо. Ним им недостасувало само погодно време тоа да го извршат. Тие, отишле дури дотаму во гревот, така што, на нивната морална и верска содржина, не им пречело убиството на Христа и биле согласни Он да биде убиен дури и на Пасха, не сметајќи дека со тоа ќе го осквернат праз¬никот. Тоа не им пречело, туку биле загрижени, од практични причини, „за да не стане бунт меѓу луѓето“. Тие се договориле „да го фатат на измама,“ затоа што немале вистин¬ска причина со која би Го обвиниле, осудиле и убиле.

Јудиното предавство на Христа

Јуда Го предал Господа за 30 сребреници (Матеј 26,14-16; Марко 14,10-11; Лука 22,1-6; Јован 13,2,27). Во Евангелието е запишано вака: „Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде.  А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да го предаде“ (Марко 14,10-11).

Јуда отишол кај првосвештениците со намера да им го предаде Господа Исус Христа.

„Отиде“ – значи отишол сам, без некој да го повика, односно, првосвештениците не го повикале, па дури и тие биле изненадени од неговата постапка. Јуда, всушност, им ја олеснил нивната работа.

Што го натерало Јуда да „отиде при првосвештениците“?

Светиот евангелист Лука вели: „Влезе сатаната во Јуда“ (Лука 22,3), се разбира по негово допуштање и според слободната волја на апостол Јуда, бидејќи сатаната нема таква сила и моќ, без наша волја да раководи со нас, туку ние, со нашата слободна волја, му допуштаме. Светите отци истакнуваат уште една причина за желбата кај Јуда да го предаде Христа. Имено, сè до тој момент Јуда се двоумел дали Христос ќе биде Јудејски цар на земјава или не. Јуда повеќе посакувал Исус да биде политички цар. Зошто? За да добие некаква важна функција во државната власт. Но, неговите планови пропаднале кога видел дека Учителот се подготвува за страдање, за смрт и тогаш веќе, конечно ја изгубил сета надеж. Почнал да си размислува за себе и си велел дека од Христа не ќе може ништо повеќе да добие, а можел да биде само гонет, па затоа решил да искористи барем нешто, а тоа било да го предаде Христа и за тоа да земе некоја награда во пари. „И рече: ,Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?‘ А тие му предложија триесет сребреници“ (Матеј 26,15).

Евангелието мудро ги открива работите. Забележуваме дека Јуда во оваа реченица не сака ни да го спомне името на Спасителот. А, не спомнува и никаква цена, туку, едноставно, си вели: дајте колку ќе дадете. Тој, пак, бидејќи не предложил цена за Исуса, тоа веднаш го направиле првосвештениците и „му предложиле триесет сребреници“. Тоа значи дека Исус е потценет и вреднуван само колку еден најобичен роб.

Евангелскиот текст спомнува дека тие му ветиле „да му дадат сребреници”, од што, јасно заклучуваме дека Јуда се одлучил на предавство затоа што бил среброљубец и алчен за пари. Откако видел дека неговите надежи се завршени и дека играта во своите мисли, дека ќе биде важна личност во земното царство на Господа Исуса Христа е неисполнлива, а наскоро ќе нема и пари во ковчежето од каде што ќе може да краде, се одлучил да се откаже од Христа, да им го предаде на јудејските старешини, да се приврзе кон нив и да ја задоволи својата среброљубива страст, земајќи дури и толку малку пари. Според текстот од Евангелието според Матеј, точно се наведува ветениот износ што му го дале првосвештениците на Јуда: „30 сребреници“ (Матеј 26,15 сп: Зах. 11,12).

Во Втората книга Мојсеева се спомнува дека износот од 30 сребреници претставувала цена определена како “крварина” за еден ненамерно убиен роб, како што е запишано: “Прободе ли, пак, волот роб, или робинка, тогаш на господарот нивни да му се платат триесет сикли сребро, а волот да се убие со камења” (2. Мој. 21,32). Исто така, познато е дека цената на еден најлош и безвреден слуга изнесувала 30 сребреници. Таа цена била определена и за Господа Исуса Христа во пазарот меѓу Јуда и првосвештениците. Откако ја договориле цената, и Јуда и свештениците, потоа, само барале „погодно време“ за да го исполнат договореното. Чудно било задоволството што го чувствувале и Јуда и свештениците!

Јуда ја задоволил својата среброљубива страст и чувствувал задоволство како што чувствува пријатност алкохоличарот од голтката алкохол, клептоманот од украденото итн.

Првосвештениците, пак, биле задоволни што можеле така безвредно да Го добијат галилејскиот Учител и уште еднаш да им се потврди нивната мисла дека парите можат сè и дејствуваат секаде, па дури и меѓу Христовите ученици.

Синедрионците сакале да Го понизат Христа со цена за роб, иако можеле да понудат повеќе за бараниот Човек, а таквата „услуга“ чинела многу повеќе!

Кој бил Јуда? Јуда бил Христов апостол. Човекот што одел постојано со Господа Исуса Христа и дење-ноќе, го слушал Евангелието, ги гледал чудата и добрините што ги правел Господ и знаел сè што треба да прави, го знаел доброто, а го извршил злото. Тој е пример за отстапништво. Пример колку може човекот да падне и да се оддалечи од Бога. Пример како праведникот може да постане грешник, апостолот – предавник.

Среброљубието, парољубието, материјалноста, овоземното богатство и слава, злобата и зависта, му го обзеле неговото срце и тој станал предавник. Кога човекот ќе го опфатат тие гревови и пороци, тогаш, од таквиот може да пострада секој, па дури и Господ Кој бил единствено безгрешен во светов.

Зошто и како можел Јуда да го предаде Господа, кога тој бил избран за апостол од Христа?  Тоа покажува дека Бог, повикувајќи ги луѓето кај Себе, не им наложува ништо насила и не ги принудува, не ја присилува нашата волја, туку ја почитува нашата слобода и нè остава самите, со нашата слободна волја, да се определиме за доброто. Притоа, Бог само ни помага да се насочиме кон тоа, нè упатува, советува, помага, се грижи и сака да ја побуди нашата волја кон доброто и да станеме добри, но Он не одлучува, туку ние. Ако и покрај сè, некои не сакаат да бидат добри, нив Бог не ги принудува.

А, ако Бог принудува, тогаш каква е нашата заслуга? Зошто тогаш да бидеме наградени за направеното добро, ако не е наша одлуката за тоа? Со кое право, пак, би нè казнувал за злото, кога Он е Којшто одлучува? Ние не сме виновни. Тогаш ние не сме ни за казна, ни за награда.

Господ Исус Христос знаел кој го предал. Знаел дури и пред да го предаде. Тоа го покажал на Тајната вечера. Прекрасно објаснување на овие евангелски содржини има во богослужбата на Велики Четврток вечерта, ако внимателно ги слушаме антифоните.

+        +         +

Со Велика Среда се завршува редот на великопосните богослуженија и особености. Тогаш, последно се служи Предосветена Литургија и се прават длабоки поклони при пеењето на: „Нека биде благословено името Господово“…– (Буди имја Господне…).

Некаде, особено по манастирите, и на Велика Среда се извршува чинот простување, како на Прочка.

+         +          +

Со богослужението на Велика Среда, завршуваат и великопосните Големи повечерија со поклони, како и читањето катизми на утрените богослужби, на часовите и на вечерните богослужби. Од овој ден до Томина недела не се богослужи Полуноќница (Полноќна богослужба).

+         +          +

На Велика Среда завршува мироварението и свареното миро се собира во 12 алабастрени садови, мои ги симболизираа т 12 апостоли кои ја имале благодатта Божја и добиле од Господа право да крштеваат и да миропомазуваат (во почетокот со полагање рака, а потоа, со свето миро). Преку апостолското преемство од Господа и апостолите, тоа право го примаат и свештенослужителите во Црквата Божја до денес.

+         +          +

Во овие денови се нè сврзува со спомените на нашата гревовност. Постојано мислиме и сочувствуваме со доброволното страдање на Христа за спасение на грешната човечка природа. Сето тоа во срцата на верниците предизвикува тага и плач. Тоа е плачење од созерцанијата – од духовното согледување на ужасните измачувања и крсните страдања на Синот Божји – нашиот Спасител Господ Исус Христос. Но, истовремено, побожните верници чувствуваат и неопислива радост заради своето спасение – заради спасението на човечкиот род, коешто е дарувано од Бога, преку Христовите страдања. Поради сето ова, во овие празнични денови христијаните се исполнуваат со благодарност кон Бога Искупителот.

Во деновите на Страстната седмица, со солзи го оплакуваме поруганиот и распнатиот наш Спасител, но чувствуваме и неискажлива благодарност кон Бога за спасението што ни го дарува.

(За МИА подготви проф. д-р Ратомир Грозданоски)

Uncategorized

Руски астролог открива: Април за еден хороскопски знак ќе биде најдобриот месец, го очекува големо богатство и среќа

Published

on

Прогноза за Раковите за април 2025 година: Промени и нови можности

Астролошките околности во април ќе имаат големо влијание врз животот на луѓето родени во знакот Рак. Како што објаснува рускиот астролог Ангела Перл, ова ќе биде период на значајни промени во различни области од нивниот живот. За Раковите, април ќе донесе нови можности за трансформација, и тоа уште од првите денови на месецот.

Меркур и ретрограден период

На 7 април, ретроградниот Меркур се враќа во директно движење и ќе се наоѓа во 9-та куќа на Ракот, која се поврзува со странски земји, патувања, верувања и погледи на светот. Овој период ќе биде поволен за Раковите да ги обноват контактите со луѓето со кои биле во комуникација, но во последно време се изгубиле или не се виделе долго време.

Враќање на стара љубов

Меркур, како планета на комуникацијата, може да доведе до враќање на стари љубови или контакти со луѓе со кои сте изгубиле контакт. Оваа шанса може да се појави, иако комуникацијата може да се одвива преку интернет или телефонски повици. Ангела Перл сугерира дека може да се обнови врска или се преиспита актуелна врска на далечина.

Венера и љубовните односи

На 13 април, Венера оди директно во истата 9-та куќа, што ќе ја зголеми желбата за љубов и страст. Ова е период кога Раковите би можеле да ја обноват врската со првата љубов или пак, да се одлучат дали да продолжат да се комуницираат со личноста со која се во долгогодишна врска. Влијанието на Венера ќе биде значајно и за решавање на емотивни дилеми.

Финансии и семејство

Првични финансиски приливи се очекуваат на 13 април, додека полната месечина во 4-та куќа на Ракот на истиот ден ќе донесе фокус на семејството и домот. Ова е време кога ќе се решаваат станбени прашања, како што е преселување или решавање на некои проблеми поврзани со домот или релации во семејството. Можеби ќе треба да се донесе важна одлука за тоа дали ќе се разделите од личноста со која живеете или ќе се иселите.

Нови перспективи за кариера

На 17 април, Меркур влегува во 10-та куќа на Ракот, која се однесува на кариерата и професионалните цели. Ова е време кога Раковите ќе започнат да размислуваат за својата професионална иднина и постигнувањата што ги имаат. Ќе добијат нови информации кои ќе им помогнат да го насочат својот живот во нова насока.

Марс и финансиски прашања

На 19 април, Марс ќе влезе во 2-рата куќа на парите, што ќе го зголеми фокусот на финансиски прашања. Раковите ќе имаат енергија да се занимаваат со теми поврзани со пари и инвестиции. Овој период ќе им помогне да се потсетат на лекциите кои ги научиле во првата недела на 2025 година и да размислат за тоа што направиле и како да ги искористат новите можности.

Сонцето и нови социјални контакти

На 20 април, Сонцето влегува во 11-та куќа на Ракот, што носи повеќе можности за нови социјални контакти. Овој период ќе биде идеален за состаноци со пријатели, како и за учество во социјални настани, како што се свадби или родендени, каде што ќе се запознаете со нови луѓе и ќе создадете нови врски.

Заклучок

Април ќе биде месец полн со промени за Раковите. Ќе се отвораат нови можности за љубов, кариера и финансии, но истовремено ќе бидат повикани да се справат со некои емоционални и семејни прашања. Овој период е шанса за нови почетоци и решавање на некои старо-неконтролирани ситуации.

Continue Reading

Uncategorized

Детален неделен хороскоп – 24 до 30 март: Што ве очекува оваа недела? Еден знак може да очекува подобрување на финансиите

Published

on

Последната недела од март 2025 година ќе донесе многу интересни, но и нејасни моменти. Оваа недела ќе биде парадоксална – како во поглед на енергијата, така и во однос на настаните што ќе се случуваат.

Во последната недела од март, на 29-ти, се очекува делумно затемнување на Сонцето, кое ќе има различен ефект на секој хороскопски знак.

Еве што ви подготвија ѕвездите за периодот од 24 до 30 март, последната недела од првиот пролетен месец:

Овен – Чувајте ја енергијата!

Овните треба да се фокусираат на штедење енергија. Во понеделник, ќе почувствуваат силен прилив на активности, но тоа брзо ќе исчезне до среда. Бидете внимателни кога се движите кон своите цели, бидејќи може да навредите некои блиски личности. Советот е да внимавате на новите познанства, да не трошите пари под влијание на емоции и да обрнете внимание на здравјето во втората половина на неделата.

Бик – Импулсивни одлуки

Биковите ќе бидат зафатени со секојдневните обврски. За време на затемнувањето, ќе бидат подложни на емоционална нестабилност, што може да ги натера да донесат импулсивни и неразумни одлуки. Ова може да доведе до конфликти со партнерите или роднините. Финансиски ќе бидат стабилни и можат да се почестат со нешто скапо, како нова облека или посета на салон за убавина.

Близнаци – Бидете внимателни со финансии

Близнаците треба да бидат внимателни во викендот, особено кога се работи за финансиски трансакции, инвестиции и долги патувања. Ризикот од грешки поради погрешно толкување на информации е голем. Некои Близнаци можат да имаат здравствени проблеми поради аспектите на Меркур со Сонцето, што ги прави подложни на повреди или изгореници. Препорачливо е да се фокусирате на кариерата, бидејќи тоа ќе донесе подобрување во финансиската состојба.

Рак – Време за себеспознание

Раковите ќе влезат во период на самоспознавање, кој ќе им помогне да ги разберат своите емоции и постапки. Ова ќе им помогне да ги подобрат односите со блиските и да стекнат нови пријатели. За време на затемнувањето, ќе биде препорачливо да ја намалат комуникацијата и да посветат време на здравјето.

Лав – Мешана недела

Лавовите ќе имаат мешана недела. Од една страна, може да имаат конфликти поради егоизам, а од друга страна ќе чувствуваат недостаток на внимание. Меѓутоа, ќе најдат време за креативност и пријатели, а оние кои работат во уметноста ќе имаат можност да блеснат благодарение на својот талент. Здравјето ќе биде стабилно, но ќе може да се почувствува замор и апатија во периодот на затемнувањето.

Девица – Понуда за напредок

Девиците ќе бидат целосно фокусирани на кариерата, а нивните амбиции ќе се остварат многу брзо. Можат да добијат нова позиција или понуда за работа. Кон крајот на неделата, ќе треба да бидат внимателни со комуникацијата и да проверуваат информациите. Здравјето ќе биде стабилно, но важно е да се грижат за себе.

Вага – Романтика и креативност

Вагите ќе бидат фокусирани на креативните активности и хобито. Овој период ќе им донесе позитивен став кој ќе им помогне да ги решат недоразбирањата на работа и личните предизвици. Во љубовта, можни се нови познанства, враќање на стари љубови и возбудливи средби. Финансиската состојба ќе се подобри кон крајот на неделата.

Скорпија – Духовни откритија

Скорпиите ќе се занимаваат со езотерија, филозофија и психологија. Лесно ќе ги читаат емоциите на другите, што може да предизвика страв кај околината. Медитацијата и духовните практики ќе им донесат одлични резултати. Финансиските можности ќе се подобрат по затемнувањето, а во љубовта се очекуваат интересни и перспективни врски.

Стрелец – Центар на внимание

Стрелците ќе имаат исполнета недела и ќе бидат во центарот на вниманието. Ќе играат водечка улога, организирајќи настани и привлекувајќи луѓе околу себе. Во љубовта, ќе уживаат во вниманието од партнерите и новите додворувачи. Кон крајот на неделата, ќе имаат изненадувања и интересни креативни проекти.

Јарец – Поправка на финансии

Јарците ќе треба внимателно да го распределат своето време и да одржуваат баланс помеѓу работата и одморот. Ќе треба да обрнат внимание на сонот и да избегнуваат интензивни физички активности. Препорачливо е да се фокусираат на прошетки и да пијат многу вода. Долгите патувања треба да се остават за по затемнувањето. Финансиската состојба ќе се подобри неочекувано кон викендот.

Водолија – Признание за трудот

Водолиите треба да се фокусираат на планирање на своето време и активности, но исто така да остават простор за хобијата. Ќе бидат инспирирани и ќе најдат начин да ја изразат својата креативност преку уметност или готвење. Оние кои работат во медицината, социјалната помош или хуманитарните дејности ќе добијат поголемо признание.

Риби – Внимавајте на важни одлуки

Рибите ќе се фокусираат на завршување на започнатите обврски и остварување на своите цели. Сепак, треба да бидат внимателни со детали или луѓе кои не им одговараат. Не се препорачува да потпишуваат важни документи, да започнуваат нови врски или да инвестираат во ризични проекти за време на затемнувањето.

Continue Reading

Uncategorized

Пронајдени тела на девет мексикански студенти, на сите им биле отсечени рацете

Published

on

Телата на девет лица кои исчезнале минатиот месец во јужниот дел на Мексико, биле пронајдени масакрирани на автопат, заедно со торба во која се наоѓале нивните раце, пренесува Дејли Меил.

Остатоците биле откриени во багажник на напуштен автомобил во Сан Хозе Миахуатлан, на границата помеѓу мексиканските држави Пуебла и Оаксака, околу 280 километри од Мексико Сити. Се смета дека ова е уште едно брутално убиство поврзано со наркокартелите.

Мексиканската влада започна неофицијална војна против наркокартелите во 2006 година, во која до денес загинаа повеќе од 300,000 луѓе, а околу 60,000 лица се исчезнати.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк