Connect with us

Религија

ВЕЛИКИ ПЕТОК – Станете да одиме по патот на страданијата, само не плашете се!

Published

on

Велипеток е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок. Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа. И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, а утехата е во „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…“. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“ По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.

Гетсиманија – молитва и страданија

Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни пример и нам за индивидуалната, лична молитва. Многу е значајна Неговата молитва во Гетсиманија пред да биде фатен и изведен на суд, а потоа, неправедно осуден на смрт, измачуван и распнат (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17 глава). Он, бидејќи Бог, знаел сè што ќе се случува, но затоа што бил и вистински човек, Неговата човечка природа, во Гетсиманија, ја преживеала Голгота. Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас; страдања предизвикани само од нашите гревови и претрпени заради нашите гревови – за гревовите на сите луѓе од сите времиња, а кои Он како Богочовек доброволно ги примил врз Себе. Пред жртвениот подвиг на Голгота, Спасителот бил во неискажливи маки во Гетсиманија. Таму жалел со жалостите и умирал со смртта на сите луѓе, молејќи Му се на Отецот, и тоа пред Своите тројца најверни ученици: Петар, Јаков и Јован, како што предвидувал Законот – двајца или тројца сведоци (5. Мој. 19,15). Тие биле сведоци за Неговите искупителни, душевни страдања, а пред нив Он и се преобразил (Матеј 17,1-2) и во нивно присуство ја воскреснал Јаировата ќерка (Лука 8,51). Христовото тагување и страдање во Гетсиманија е израз на човечката природа во Богочовекот. Неизмерни биле Христовите страдања во Гетсиманија, бидејќи неизмерна била и грешноста на луѓето, која Он ја зел врз Себе и Му предизвикала големи болки. Големи биле Неговите гетсимански маки, бидејќи во Него и преку Него плачела и барала спасение целата човечка природа. Вообичаено, во Христово време, на Исток, а особено меѓу Евреите, луѓето се молеле стоејќи, со подигнати раце кон небото (1.Тим. 2,8; Лука 18,11 и 13). Овде се вели, Господ Исус Христос „падна на земја и се молеше“. Молитвите и молењата со приклонети колена на земја, биле израз на духовна тежина и внатрешна борба и тие биле ретко практикувани (спореди: 4. Мој. 16,22).

Евангелистот Лука ја покажува психолошката-духовна борба и реакцијата на телото со изобилство на пот и капки крв, како израз на тешката душевна борба. Дека Спасителот во Гетсиманија многу пострадал заради гревот на сиот човечки род и тоа со страданија какви што не страдал никој, сведочи и евангелскиот опис дека „потта Му била како капки крв“. Тоа го предизвикала човечката природа во Христа, која сосема природно реагирала во моментот на предавството, фаќањето, врзувањето, бичувањето, плукањето, страдањето и смртта. Сето ова било појако изразено во Неговата човечка природа, зашто Господ Исус Христос знаел сè што Го чека, а тоа и го предрекол пред Своите апостоли (Марко 10,32-34). Он знаел за сето тоа и за сè што ќе се случи од Гетсиманија до Голгота – до Неговиот последен крик на крстот: „Се сврши!“ (Јован 19,30). Со истите зборови и во Гетсиманија рекол: „Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници“ (Марко 14,41). Предавникот бил сосема близу. Хрисос рекол: „Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“ Тоа не значи да бегаме, туку да се сретнеме со непријателите; да тргнеме по долгиот пат; да одиме по патот на страданијата – до Голгота!

Христа Го фаќаат во Гетсиманија

Јуда излегол од Тајната вечера, се откажал од Христа и од апостолството и отишол да Го предаде својот Учител. Штом дознал каде ќе ја поминат ноќта, веднаш заминал, за да им каже на оние што сакале да Го фатат Исуса. Кај нив почекал некое време, додека дојдат Христос и апостолите на договореното место, а можеби чекал и да настапи длабока ноќ, кога апостолите би заспале и не би можеле да дадат отпор. Такво е лукавството, „зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината“ (Лука 16,8). Јуда со себе повел и многу народ со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и книжниците. Значи, со него била една вооружена чета, од таканаречената полиција на храмот, која ја сочинувале одредени помошници во храмот: млади свештеници и штитеници на јудејските старешини и книжници.

Велиме дека имало и млади свештеници или помошници на првосвештеникот, иако во евангелскиот текст тоа не е речено така, но заклучуваме од зборовите дека луѓето биле вооружени „со мечеви и со стапови“, а на првосвештениците и на нивните слуги не им било допуштено да носат мечеви и, во буквална смисла на зборот, им било забрането да пролеваат крв. Тоа значи дека тие биле оние – вооружените со стапови, бидејќи не смееле да носат мечеви, како другите. Збунува и тоа дека Јуда допуштил овие луѓе да доаѓаат вооружени со „мечеви и стапови“ за да Го фатат кроткиот Господ Исус Христос. Но, тој ја знаел ревноста на апостолите и очекувал да Го бранат својот Учител и Господ. За тоа сведочи и реакцијата на светиот апостол Петар, кој извадил нож и им се спротиставил (види: Јован 18,10-11; Матеј 26,50-51; Марко 14,47). Затоа, Јуда навреме обезбедил вооружени луѓе кои непречено ќе Го фатат Господа Исуса Христа. Се погрижил и за тоа, да не се случи недоразбирање и да не фатат погрешен човек, во ноќната темнина. Затоа, договорено било жртвата да им ја покаже со целив и со поздрав на својот Учител, велејќи Му „Радувај се, Рави“. Тоа бил вообичаен однос и поздрав меѓу учениците и Учителот. А бакнежот бил сметан за целив на мирот. „А Исус му рече: ,Пријателе, зошто си дошол?‘ “ Ова се Христовите последни предупредувачки зборови кон Јуда за да се покае и затоа му вели: „Пријателе“. Јуда, пак, со своето духовно слепило и безумие, сакал преку целивот да ја сокрие од Господа својата намера, лажно, претставувајќи се како пријател. Но, „ти, ако си пријател, зошто доаѓаш со непријатели“, вели блажени Теофилакт. Неговото лукавство е бесмислено. Тој не сфаќал со каква вечна осуда се осудил себе си, за тоа што токму знакот на љубовта – целивот го употребил за предавство.

Ова претставува најгрубо искривоколчување на најголемата добродетел – љубовта. Ова е демонско применување на доброто за зло. Знакот на љубовта Јуда го употребил за да ја затвори вратата на рајот, место да ја отвори. Навистина збунува тоа, како било можно Јуда три и пол години да биде апостол и близок „ученик Христов“, еден од дванаесетте, кој постојано ги слушал зборовите Господови и ги следал Неговите чуда, а на крајот, да се оттргне и да Го предаде. Ова предавство на Господа се повторува многупати низ времињата и после Јуда, од многумина христијани. Секое отстапување од Христа, претставува предавство и христоодрекување. Затоа, и ние треба да се запрашаме како апостолите, кога Исус им рекол: „еден од вас ќе Ме предаде“, па да велиме: „да не сум јас?“ (Марко 14,18-19). Ноќта Христос бил фатен, врзан и одведен на суд пред Јудејското собрание (Марко 14,43-49; Матеј 26,47-56; Лука 22,47-53; Јован 18,3-12).

Религија

Свети Никола Чудотворец, архиепископ Мирликиски

Published

on

 Овој славен светител, когошто и денес го слават по сиот свет, им беше единец син на своите богати и угледни родители, Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи им беше син единец даруван од Бога, тие Му го посветија на Бога, принесувајќи Му така дар. Знаењето за духовниот живот Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, и се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостина, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Кога се предаде на самотност и на безмолвие, мислејќи така да проживее до смртта, му дојде глас одозгора: „Појди на подвиг меѓу народот, ако сакаш да бидеш од Мене овенчан.“ Веднаш потоа според чудесната Божја Промисла беше избран за епископ на градот Мир во Ликија. Милостив, мудар, бестрашен, Николај му беше вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан го фрлија во затвор, а тој и во затворот ги поучуваше луѓето на законот Божји.

Присуствуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удри еретикот Ариј. За ова дело го отстранија од Соборот и од архијерејската служба, сè додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавија Самиот Господ Христос и Пресвета Богородица и не го објавија своето благоволение кон Николај. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител беше и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето. На двапати спаси по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, одеше меѓу луѓето небаре Ангел Божји.

Уште за време на животот луѓето го сметаа за светител и го повикуваа на помош во маки и неволји и им се јавуваше во сон и на јаве на тие што го повикуваа, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагаше. Од неговото лице блескаше светлина како од лицето Мојсеево, па и со самата своја појава им носеше на луѓето утеха, мир и добра волја. На старост, кратко боледуваше и се упокои во Господа, многустрадален и многуплоден, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Се упокои на 6 декември 343 година.

Continue Reading

Религија

Денеска е Воведение на Пресвета Богородица – да се помолиме на светата Дева

Published

on

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји.

Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи.

Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години.

Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот.

Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Continue Reading

Религија

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст – Прославен заради мудроста, подвигот, и словото

Published

on

Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање.

Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи

. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2021 Булевар.мк