Тажна вест: Почина доктор Александра Лазарова од ГАК

Почина доцент доктор Александра Лазарова, специјалист по гинекологија и акушерство на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

„Искрено сочувство до семејството, пријателите, колегите и многубројните пациенти. Ќе ве паметиме по вашата човечност и отвореност за помош и едукација на помладите колеги во секое време“, напишаа од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари АСМЛ.

Во Прилеп оваа учебна година има 100 помалку првачиња од лани

За 100-тина е намален бројот на запишани првачиња во новата учебна година во 10-те основни училишта во Прилеп. Пред стартот на новата учебна година петте средни и десетте основни прилепски училишта се подготвени, ама наставнитците и учениците ќе се снаоѓаат како знаат и умеат без сите учебници.

Едно од основните училишта во центарот на градот во просек запиша по 12 деца во одделение. За шест месеци во претходната учебна година родителите отпишаа 300 ученици и заминаа од државава. Во училиштата не се изненадени и за годинава.

-Во оваа учебна година за првпат ќе зачекорат околу 700 ученици во прво одделение од предвидените околу 800 во единаесетте основни училишта, вклучувајќи го и музичкото училиште. Во прва година од средното образование, во петте средни училишта се запишуваат околу 730 ученици. Трендот на намалување на учениците продолжува и во оваа учебна година. Со воспитно образовниот процес од предвидените околу 800 ќе започнат 700 ученици. Имаме намалување од 100-тина ученици што е алармантно и нешто што се случува со години. Ситуацијата родителите да ги отпишуваат децата и да заминат во странство се случува во сите степени на образовниот процес од прво одделение до четврта година во средното образование. Тој тренд продолжува. За шест месеци од училишните клупи се отпишани околу 300 ученици што треба да не загрижи и да го вклучи алармот кај сите за да се преземе нешто, и кај институциите и кај сите нас како поединци, ни изјави Гоце Бумбароски наставник и советник за млади при прилепската локална самоуправа.

Ланската практика на скрипти и интернет-истражувања ќе се повтори во новата учебна година што долгорочно се одразува на квалитетот на школството и образованието кај младите. Наставниците се чудат кој крај да го фатат. Некаде стигнале некои учебници, но недоволно.

Поучени од минатогодишното искуство кога недостигаа голем дел учебници, претпоставка е дека и оваа година ќе ни се случи да немаме учебници, или, можеби да добиеме материјали за работа, во еден учебник спакувани неколку учебници само за првото тримесечие, па повторно да доаѓаат ученници, пак ќе се снаоѓаме. Не знаеме како и кога ќе стигнат учебниците, ниту кои теми и содржини се опфатени во нив, а нашите годишни програми се веќе доставени до службите во училиштата. Навистина е сето неизвесно, а тоа влијае на целиот образовен процес и на општеството и треба да се запрашаме што се случува, вели Бумбароски.

Новата учебна година отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори и за преку 10 000 основци и средношколци во Прилеп.

Денеска Успение на Пресвета Богородица: Сè верува дека избавува од неправда, несреќа и тага

Македонската православна црква и нејзините верници денеска, 28 август, го слават празникот Успение на Пресвета Богородица, еден од најголемите христијански празници посветени на Богородица, која во народот е позната како Голема Богородица. Ова е значаен христијански празник, не само кај православните, туку и кај католиците и протестантите, посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос.

Празникот ја одбележува земната смрт на Богородица и, според Евангелието, тоа е денот кога таа се вознесе на небото и го предаде својот дух во рацете на Спасителот.

Во исто време денеска завршува постот кој започна на 14 август, а верниците одат на причест во црква.

Преданието вели дека Богородица живеела 60 години, според некои извори 72, дека го надживеала својот син и како сведок на многу познати настани ја продолжила неговата мисија.

Во Светото Писмо нема информации за крајот на земниот живот на Богородица. Според преданието и списите, кои немаат свет карактер, се верува дека Богородица живеела во Ерусалим до крајот на својот живот, по смртта и воскресението Христово, опкружена со вниманието на апостолите и првата христијанска заедница.

Сите обичаи во врска со празниците посветени на Мајката Божја се засноваат на почитување на нејзиниот култ, во кој се вклопени верувања и ритуали од народната религија.

Деновите меѓу Голема и Мала Богородица се сметаат за најдобро време за берење лековити билки кои се користат за лекување на разни болести.

Се верува дека билките и тревите собрани на Голема Богоридица имаат исклучително лековити својства. Се берат боровинки и лековити билки, а се верува дека ќе донесат здравје и благосостојба за сите во домот.

Сите обичаи за овој ден се поврзани со водата и босилекот, за кој се верува дека е божјо растение. Затоа, според народното верување, денес во садот треба да ставите малку босилек и да го послужите на семејството. Се верува дека на тој начин Света Богородица штити од злото.

Се верува дека Богородица посебно ја разбира душата на секоја жена, ја разбира нејзината мисла, болка, страдање, желба. Затоа жените и се молат за заштита, среќа, здравје и внатрешен мир.

Празникот Успение на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте најголеми христијански празници, посветен на денот кога таа се преселила на небото. Богородица се смета за заштитник на сите христијани и на градот Скопје

Албанија им забрани мобилни телефони на учениците и наставниците за време на настава

Албанија ја забрани употребата на мобилните телефони за време на настава во основните и средните училишта и за учениците и за наставниот кадар.

– За елиминирање на масовната појава на употреба на мобилни телефони за време на наставата, Министерствата за образование и за финансии потпишаа заедничка наредба, која има за цел забрана на користењето мобилни телефони на учениците од предуниверзитетското образование. Истото се однесува и за просветните работници – јавија медиумите.

Тоа значи дека, за разлика од претходната наредба, која речиси и не се почитуваше, овојпат забраната не е наменета само за учениците, туку и за самите наставници кои ќе работат внатре во училиштето.

Документот е потпишан од министрката за образование Евис Куши и за финансии Делина Ибрахимај.

– Институциите надлежни за предуниверзитетско образование и управите на училиштата да преземат мерки за спроведување на наредбата за забрана на употреба на мобилни телефони за време на наставниот процес. Мерките за забрана за користење на мобилни телефони во текот на процесот на учење треба да се вметнат во интерната регулатива на предуниверзитетската образовна установа – стои во уредбата.

Во случај да не се почитува наредбата и да се користи мобилен телефон од страна на ученици или наставници во просториите на училиштето, управата на установата ќе го одземе мобилниот телефон и ќе примени и дисциплински мерки.

Училиштата се задолжени со оваа мерка навреме да ги запознаат родителите на децата до средината на идниот месец, кога почнува новата учебна година.

Ламбе ја запеа “Заветна” на Големото Езеро на Пелистер (ВИДЕО)

Пејачот Ламбе Алабаковски на Големо Езеро на Пелистер ја запеа прекрасната македонска песна „Заветна“.

Ја препеаја многу македонски пејачи, а како звучи кога пее Ламбе, слушнете во продолжение:

https://youtu.be/lkg1zlU2Ls0

Струшко село само си направило пат со помош од иселениците

Жителите на струшкото село Мислодежда со сопствени средства и со донации од печалбарите во странство го направија патот кој води кон нивното село. На иницијатива на месната заедница се реализира целата работа за отворањето на патот, почнувајќи од расчистување на местото до тампонирање. Државата им помогнала само за асфалтот.

„…Целата работа ја работеа печалбарите, уривање, тампонирање, учествуваа сите печалбари од селото. Собрани се околу 30.000 евра“, рече Идриз Мена-претседател на месна заедница во Мислодежда.

Неколку поединци ги отстапиле и своите приватни имоти за оваа намена. Таков е примерот со Авди Мена, кој отстапил цел хектар приватно земјиште.

„…За честа на селото, ви даваме земја, ги честиме и им благодариме на нашите поранешни соселани, бидејќи сега се преселивме во Ливада“, рече Авди Мена- сопственик на земјиштето каде што се гради патот.

Иако Миследежда е планинско село, располага со добра инфраструктура, но имаат друга мака.

„…Ако зборуваме за она што го засега селото, тоа е масовната миграција. Тоа е рана која го зафати општеството на нашата земја, но таа рана нè погодува и нас и ни остава очигледни последици“, рече Агим Мета-жител на Мислодежда.

Дека овде помошта од иселениците не е само преку летото, зборува и фактот што пензионерот од Швајцарија, Љуљзим Мена, секоја зима со свои средства и машини ги чисти патиштата низ струшките села од снег. Додека надлежните од државата стигнат до селата, тој веќе ги има исчистено патиштата.

Невреме во Мека: Ветерот соборувал луѓе и превртел тешки метални конструкции (Видео)

Силно невреме ја погоди Мека во Саудиска Арабија. Ветерот соборувал луѓе и превртел тешки метални конструкции.

Националниот метеоролошки центар (НКМ) и за денеска издаде црвено метео предупредување во покраината и некои области на Кралството.

Голем број видеа споделени на социјалните мрежи покажуваат како аџии брзаат да се засолнат, додека вработените во Големата џамија се речиси преплавени од налетите на ветерот кој носи големи канти за отпад.

На снимките исто така се гледаат и поплавени улици и автомобили кои речиси целосно се потопени.

Кило бело сирење – 700 денари! Далеку поскапо и од месото

Од 1 септември домашното сирење ќе се продава по повисоки цени. Сточарите кои произведуваат домашно сирење без додатоци во своите млекарници на бачилата најавуваат дека цената ќе ја зголемат за околу 30%. Група сточари од Брегалничкиот регион велат дека корекцијата на цената во нагорна линија ќе ја направат деновиве или до 1 септември.

Домашното сирење во моментот го продаваат по цена од 500 денари за килограм, а со најавеното зголемување се очекува максималната цена да достигне и до 700 денари за килограм. Причините за најавеното зголемување е што немаат работници, потоа климатските промени, а сирењето, како што наведуваат за МИА, го прават 100% природно без додатоци.

-Токму од овие причини не е исплатливо да се произведува сирење и млечни производи во домашни услови, а резултатите што ги гледаме на терен се: младите не сакаат да работат и да продолжат со сточарството. Затоа се продаваат цели стади на овци – велат сточарите од Брегалничкиот регион.

Посочуваат дека ако пред пет години во Малешевијата, најголемиот сточарски регион во источна Македонија, биле евидентирани 16 000 овци, сега нивниот број е речиси преполовен или, според нив, изнесува над 8000 овци.

Тие упатија и апел до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се коригира рокот за чување на пријавените овци, од 1 декември на 1 октомври.

Владата донесе одлука поврзана со пензионерите

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за формирање Работна група за разгледување предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите и го донесе Решението за формирање на Работната група.

Работна група за разгледување на предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите е задолжена да достави до Владата соодветен и финансиски издржлив предлог за најниската пензија и предлог мерки за помош и поддршка на пензионерите.

Не можеше да ги задржи емоциите: Прославата на Ѓоковиќ по победата во епското финале (Видео)

Новак Ѓоковиќ во спектакуларно финале во три сета славеше против Карлос Алкараз на турнирот во Синсинати. Оваа победа за Ѓоковиќ донесе и многу емоции, а тоа можеше да се заклучи и од начинот на кој прослави.

Српскиот тенисер до победата дојде по голема борба и спасена меч топка и токму затоа ова финалето ќе остане запаметено како едно од најдобрите во историјата. По победата Ѓоковиќ легна теренот, а потоа и ја искина маицата која ја носеше.

Треба да се каже и дека со три часа и 50 минути ова финале е најдолгиот меч во историјата на турнирот во САД.