Connect with us

Македонија

Бурим Љатифи: Активно работиме на решенија кои ќе овозможат стабилност и модернизација на нашата електропреносна мрежа

Во годината кога АД МЕПСО одбележува 20 години постоење, компанијата се соочува со бројни предизвици и можности кои го дефинираат не само нејзиниот иден развој туку и стабилноста на целиот енергетски систем на Северна  Македонија. Преносниот систем останува клучна алка во обезбедувањето на стабилно снабдување со електрична енергија, особено во време кога енергетската криза, климатските промени и европските обврски бараат брзи и стратешки одлуки. За стратешките инвестиции во преносниот систем, интеграцијата на обновливите извори на енергија и плановите за идниот развој, зборуваме со директорот на АД МЕПСО, д-р. Бурим Љатифи. 

Пет месеци пред крај на оваа 2024 г. се фативте во костец да бидете прв човек на АД МЕПСО. Колкав беше предизвикот од професорската позиција,  да застанете на чело на државна енергетска компанија каде промените брзо се случуваат и се потребни темелни и одговорни одлуки?

Љатифи: Да се прифати позицијата прв човек на АД МЕПСО беше голем предизвик, но истовремено и голема чест и одговорност. Преодот од академската средина, каде што работев како професор и се занимавав со истражувања, кон водење на националната електропреносна компанија, не беше само професионална промена, туку и лична трансформација.

Како професор, фокусот ми беше на анализа, подучување и развој на идните генерации, но тука, во МЕПСО, одговорноста е поголема бидејќи одлуките што ги носам директно влијаат на стабилноста и сигурноста на енергетскиот систем во земјата. Се соочуваме со динамични промени во енергетскиот сектор на глобално и регионално ниво, што бара постојана адаптација и донесување брзи, но и добро анализирани и одговорни одлуки.

Енергетскиот сектор денес е под притисок на повеќе фактори – енергетската транзиција кон обновливи извори, дигитализацијата, растечките енергетски потреби и глобалните климатски предизвици. Во МЕПСО, овие прашања не само што ги анализираме, туку активно работиме на решенија кои ќе овозможат стабилност и модернизација на нашата електропреносна мрежа.

Нашата цел е да ја обезбедиме стабилноста на системот и да работиме на негов развој, воведувајќи нови технологии, зајакнувајќи ја инфраструктурата и зголемувајќи ја довербата кај јавноста. Се радувам што, и покрај краткиот период на оваа позиција, веќе гледам прогрес во реализацијата на проектите за модернизација, како и во посветеноста на тимот на МЕПСО, менаџментот и сите вработени, кои се клучен столб на оваа компанија. Во секоја одлука се раководам од одговорноста што ја имам како менаџер на државна компанија од витално значење за земјата, но и како човек кој сака да остави трага во трансформацијата на енергетскиот сектор во нашата земја.

Каква година очекувате на енергетски план во ситуација кога зимава цените на електричната енергија на светските берзи бележат нови рекорди,  ЕСМ увезува струја, расте потрошувачката,  а хидро акумулациите не се на завидно ниво?

Љатифи: Енергетскиот сектор во нашата земја ќе биде пред голем предизвик во 2025 година, особено во контекст на глобалните движења на цените на електричната енергија и локалните околности. Во такви услови, АД МЕПСО, како клучен дел од енергетскиот систем, има обврска да обезбеди сигурен и стабилен пренос на електрична енергија. Ова го постигнуваме преку тесна соработка со сите субјекти во енергетскиот сектор, особено ЕСМ и снабдувачите, за прецизно планирање и управување со енергетскиот биланс.

Фокусот ќе биде ставен на зголемување на ефикасноста во системот и минимизирање на загубите, но и на обезбедување итни интервенции каде што е потребно, особено во случаи на евентуални прекини во снабдувањето или зголемена побарувачка.

Дополнително, ситуацијата со хидро акумулациите бара рационално управување со овој ресурс. Ќе биде неопходно да се вложат максимални напори за оптимално искористување на достапните домашни капацитети, како и навремено увезување на електрична енергија, кога тоа е потребно. Притоа, треба да се обезбеди финансиска одржливост и да се минимизираат трошоците за увоз, имајќи предвид дека тоа директно влијае на буџетот на државата и крајните потрошувачи.

И покрај предизвиците, ова е и можност за дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија и модернизација на инфраструктурата. Ние сме решени да ја забрзаме транзицијата кон одржлив енергетски систем и да вложиме во дигитализација и автоматизација, што долгорочно ќе ја зголеми стабилноста на мрежата и ќе ги намали оперативните трошоци.

Очекуваме година полна со предизвици, но и со можности да покажеме дека можеме успешно да се справиме со овие околности. Со соодветно планирање, одговорност и координација, уверени сме дека ќе обезбедиме стабилен и сигурен енергетски систем за сите граѓани и компании во земјата.

За разлика од првиот и вториот квартал од ланската година кога Друштвото прокнижи загуби, за што одговорноста ја лоциравте во претходното раководство, третиот квартал кој се поклопува со  доаѓањето на новиот менаџмент, заврши во плус. Која е патеката која треба да гарантира продуктивни инвестиции во насока на градење и управување на стабилен и доверлив електропреносен систем на најтранспарентен начин?  

Љатифи: Фактот што третиот квартал од 2024 година го завршивме со позитивен финансиски резултат покажува дека промените во управувањето и стратегијата кои ги воведовме даваат резултати. Од првиот ден фокусот беше ставен на зголемување на ефикасноста, рационализација на трошоците и подобрување на оперативните процеси. Идентификувавме слабости кои беа наследени од претходното раководство и презедовме итни мерки за нивно надминување.

Патеката за продуктивни инвестиции ја гледаме низ неколку клучни приоритети. Првенствено, во инфраструктурни инвестиции бидејќи одржувањето и модернизацијата на електропреносната мрежа е основата за стабилен и доверлив систем. Работиме на реализација на капитални проекти за реконструкција и изградба на нови трансформаторски станици и далноводи, како и воведување современи технологии за мониторинг и управување со мрежата. Како компанија од јавен интерес, нашата обврска е секоја инвестиција да биде максимално транспарентна. Ја зајакнавме контролата врз јавните набавки, воведовме механизми за спречување на неправилности и секој наш чекор е јасно документиран и достапен за јавноста.

Преземавме и конкретни мерки за подобрување на ликвидноста и рационално користење на средствата. Паралелно, работиме на привлекување дополнителни средства преку европски фондови и партнерства со меѓународни институции за финансирање на нови клучни проекти.

Истовремено, работиме активно на интеграција на обновливите извори на енергија во преносниот систем. Ова бара не само технички надградби, туку и проактивно планирање за да обезбедиме капацитет за стабилен пренос на електричната енергија од новите производствени извори.

Целта ни е не само да остваруваме краткорочни финансиски успеси, туку и да изградиме одржлив систем кој ќе биде столб на економијата и сигурен партнер за граѓаните и стопанството. Нашата визија е стабилен, доверлив и модерен електропреносен систем, кој ќе се развива врз основа на транспарентност, одговорност и иновации.

Годинава која практично е во знакот на големиот јубилеј 20 години АД МЕПСО, ја започнавте со пуштање под напон на новиот 400/110  трансформатор во ТС Битола  Но од друга страна, го раскинавте договорот за изградба на интерконективниот далекувод со Р. Албанија. Кои се активностите што се преземаат за да се вратат работите на посакуваниот колосек?

Љатифи: Навистина сме задоволни што годинава, во која ја одбележуваме 20-годишнината на АД МЕПСО, ја започнавме со пуштањето под напон на новиот 400/110 kV трансформатор во ТС Битола 2. Овој инфраструктурен објект е круцијален дел од енергетската инфраструктура бидејќи со него се обезбедува стабилно снабдувањето со електрична енергија за граѓаните и стопанството во Охрид, Струга, Ресен, Битола и Прилеп, и се зајакнува отпорноста и доверливоста на преносниот систем воопшто. Нашата мрежа беше изложена на сериозен ризик, особено поради дефектите на двата трансформатори, што создаде реална опасност од колапс на целиот електроенергетски систем. 

Паралелно со овој проект, работиме и на други клучни активности кои ќе ја зајакнат стабилноста на нашата мрежа, како реконструкција на постоечките далноводи и трансформаторски станици.

Што се однесува до раскинувањето на договорот за изградба на интерконективниот далекувод со Република Албанија, тоа беше неопходна одлука. Причините за раскинување беа идентификувани во недостатокот на соодветна реализација од страна на изведувачот, што можеше да има сериозни последици за роковите и квалитетот на проектот. Нашата примарна цел е да обезбедиме дека сите инфраструктурни проекти се реализираат во согласност со највисоките стандарди и во зададените рокови.

По раскинувањето на договорот, започнавме целосна ревизија на проектот за интерконективниот далекувод. Во тек е подготовка на нова тендерска документација, која ќе вклучува строги критериуми за избор на изведувач, со цел да се избегнат слични проблеми во иднина. Истовремено, формиравме специјален тим кој ќе ги надгледува сите аспекти на проектот, од планирање до изведба, со фокус на квалитетот и ефикасноста.

Овој проект е од стратешко значење за целиот регион. Во тој контекст, остануваме во постојана комуникација со албанските партнери, како и со надлежните институции во рамки на ЕУ и други меѓународни институции кои го поддржуваат проектот, за да обезбедиме координираност и поддршка во реализацијата.

Градењето на интерконективниот далекувод со Албанија инаку е еден од најзначајните проекти за енергетска поврзаност во регионот, и решени сме да го завршиме успешно. Овој проект не само што ќе ја подобри сигурноста на снабдувањето, туку и ќе овозможи поефикасна размена на електрична енергија меѓу двете земји, што е од витално значење во енергетската транзиција на целиот регион. Со преземените мерки и посветеност, уверени сме дека ќе ги надминеме пречките и ќе го реализираме проектот според планот.

Можам да резимирам, дека раскинувањето на договорот со изведувачот Енергоинвест, всушност претставува почеток на завршување на овој многу значаен проект.

Кои инвестиции во преносниот систем ќе бидат во фокусот на Компанијата во 2025 година? Каква динамика очекувате во реализација на проектите за да, од една страна се овозможи енергетска транзиција на навремен и безбеден начин, а од друга, да се зачува стабилноста на електропреносниот систем?

Љатифи: Главниот фокус на АД МЕПСО годинава ќе бидат инвестициите во модернизацијата и развојот на преносниот систем. Нашиот приоритет е да реализираме проекти кои ќе ја зајакнат инфраструктурата, ќе овозможат интеграција на обновливите извори на енергија и ќе создадат услови за поефикасно и сигурно управување со електропреносната мрежа.

Покрај изградба на интерконективниот далекувод со Албанија, во нашиот фокус ќе биде модернизацијата и надградбата на постојните трафостаници како и реконструкцијата на постоечките далноводи кои се критични за стабилноста на системот. И секако изградба на нови линии за пренос до регионите каде што се очекува зголемена побарувачка или производство.

Инвестициите ќе бидат насочени кон создавање услови за поврзување на нови капацитети за производство на енергија од обновливи извори. Ова вклучува изградба на нова инфраструктура за приклучок на ветерни и соларни електрани, како и зголемување на капацитетот за пренос во регионите со потенцијал за производство.

Ќе продолжиме со имплементација на системи за дигитално управување со мрежата, вклучувајќи SCADA системи за мониторинг и контрола во реално време. Овие технологии се клучни за навремена и безбедна реакција на промените во системот и за ефикасно управување со зголемената динамика на енергетската транзиција.

Поставивме амбициозни, но реалистични рокови за сите проекти, со јасно дефинирани етапи за реализација. Се обезбедуваат дополнителни ресурси за забрзување на процедурите, а особено внимание ќе се посвети на навременото планирање на активностите кои се зависни од меѓународни и домашни партнери. Затоа воведуваме засилен надзор и управување со проектите, со цел да се избегнат одложувања и да се осигура дека средствата се искористуваат ефективно.

Со добро дефинирана стратегија, ефективна координација и посветеност на нашите тимови, убедени сме дека во 2025 година ќе оствариме значаен напредок кон стабилен и модерен електропреносен систем, кој ќе биде подготвен да одговори на потребите на енергетската транзиција.

Како МЕПСО се справува со предизвиците кои со себе ги носи зеленото сценарио од Националната стратегија за развој на енергетиката, односно имплементирање на европската регулатива и следење на стратешките определби на ЕУ? Кои се чекорите што ги презема МЕПСО за интегрирање на обновливите извори на енергија во електропреносниот систем?

Љатифи: Интеграцијата на обновливите извори на енергија (ОИЕ) е сложен процес кој бара техничка модернизација, регулаторни промени и финансиски инвестиции. За да можеме да одговориме на зголемените инвестиции во ОИЕ и да обезбедиме можност за нивно интегрирање во системот, без притоа да се наруши стабилноста на мрежата, планираме изградба на нова инфраструктура во регионите каде што се лоцирани најголемите потенцијали за производство од соларни и ветерни електрани. 

Започнавме и со модернизација и проширување на трансформаторските станици за да се обезбеди капацитет за интеграција на новите производствени објекти. Таков пример е  изградба на нова трафостаница во близина на Гевгелија и обновата на 110 киловолтниот далновод за да може да се приклучат над 1.000 мегавати од обновливи извори кои во моментов не се во функција поради недоволниот капацитет на мрежата во овој регионот. Проектот за интерконекција со Албанија исто така ќе го олесни извозот и увозот на зелена енергија.

Многу значаен за нас е и проектот за развој на паметни електроенергетски мрежи, кој го започнуваме во соработка со ЕБОР. Овој проект има за цел да ги унапреди можностите за интеграција на обновливи извори на енергија во земјата и е основа за идни инвестиции и за справување со предизвиците во електропреносната мрежа. Северна Македонија има цел да интегрира на 1,7 GW обновлива енергија до 2030 година, а за тоа да се реализира клучна е изработката на детална Студија за развој на мрежата во која јасно ќе се адресираат предизвиците за интеграција на ОИЕ. Студиските истражувања треба да послужат за ажурирање на 10-годишниот план за развој на мрежата (TYNDP) и подготовка на робустен инвестициски план за да се овозможи непречена транзиција и на преносната и на дистрибутивната мрежа.

Што се однесува до усогласувањето со европските директиви, МЕПСО ги имплементира стандардите на ЕУ од Третиот и Четвртиот енергетски пакет, со посебен акцент на правилата за управување со електропреносните системи, транспарентност и недискриминација во пристапот до мрежата.

Активно учествуваме и во регионални иницијативи за енергетска поврзаност, како што се проектите поддржани од Енергетската заедница и ЕУ. Преку партнерства со меѓународни финансиски институции, како ЕБОР и ЕИБ, обезбедуваме средства за модернизација на инфраструктурата и развој на зелени проекти.

Предизвик од голем приоритет е имплементирањето на европската регулатива особено онаа со која ќе биде овозможено реализирање на проектот за Market Coupling- ER CACM. До каде е процесот на спојување на пазарите и кои се проблемите кои се на тој пат?

Љатифи: Имплементацијата на Market Coupling, односно енергетско спојување на пазарите, претставува значаен предизвик за АД МЕПСО, но истовремено и можност за целосна интеграција на нашата земја во регионалниот и европскиот електроенергетски пазар. Овој процес е од стратешко значење, бидејќи ќе овозможи ефикасна распределба на капацитетите за пренос, намалување на трошоците за електрична енергија и зголемување на конкуренцијата на пазарот.

Основата за оваа интеграција е поставена преку неколку меморандуми за разбирање. Северна Македонија потпиша договор со Бугарија во 2018 година, по што следеа слични договори со Грција, Албанија и Косово. Во 2023 година беше потпишан и Меморандум  за разбирање меѓу сите земји за спојување на пазарите на електрична енергија ден-однапред и создавање на единствен пазар на електрична енергија кој ќе биде поврзан со европскиот пазар.

Сепак, постојат одредени предизвици кои се должат на тоа што многу работи не беа навреме завршни во претходниот период.  Како прво, кај нас е неопходно донесување нова законска регулатива. Токму затоа Министерството за енергетика и минералн суровини во изминативе месеци интензивно работеше на подготовка на нов Закон за енергетика, кој се очекува наскоро да се најде во Парламентот. Покрај ова, потребно е и многу работа и методологии што треба да се усогласат меѓу секоја од земјите во кои се спроведува спојувањето. Тоа се однесува на усогласување помеѓу операторите на електропреносните системи, берзите на електрична енергија, регулаторите и министерствата, како и релевантните институции на ЕУ.

МЕПСО од технички аспект, работи на модернизација на своите системи за управување и мониторинг, вклучувајќи ги IT инфраструктурата и платформите за размена на податоци во реално време, што се неопходни за успешна интеграција во Market Coupling. Во соработка со меѓународни партнери, работиме на развој и тестирање на системите за размена на податоци, управување со капацитети и оптимизација на трговските процеси. Активно учествуваме во иницијативи на Енергетската заедница за интеграција на пазарите и ги следиме најдобрите практики од земјите кои веќе го имплементирале Market Coupling.

Иако има многу педизвици, се надеваме дека со посветеност и соработка со регионалните и европските партнери, Market Coupling ќе биде успешно имплементиран. Поврзувањето со европскиот енергетски пазар ќе донесе значителни придобивки како за граѓаните, така и за бизнис заедницата. Ова ќе го олесни полесниот пристап до прекуграничниот преносен капацитет и ќе помогне за стабилизација на цените на електричната енергија, обезбедувајќи пореални и конкурентни цени. Освен тоа, ќе понуди повеќе можности за набавка на електрична енергија за време на периодите на најголема побарувачка.

Кое е вашето видување за енергетската иднина на земјава? Дали сметате дека некогаш Северна Македонија може да биде енергетски независна?

Љатифи: Енергетската независност е долгорочна цел која бара стратегиски пристап, големи инвестиции и постојана соработка меѓу сите засегнати страни – Владата, енергетските компании, приватниот сектор и граѓаните. Енергетската иднина на нашата земја зависи од нашата способност да спроведеме целосна енергетска транзиција, фокусирана на диверзификација на изворите на енергија, зголемување на производствените капацитети и ефикасно управување со ресурсите. Иако енергетската независност е сложен и амбициозен концепт, со вистинските инвестиции, политики и стратешки пристап, оваа цел може да стане реалност на долг рок.

Северна Македонија располага со значителен потенцијал за производство на енергија од сонце, ветер и хидро ресурси. Брзото и стратешко инвестирање во овие технологии ќе ја намали зависноста од увоз на енергија и ќе ја зголеми локалната продуктивност. Соларните и ветерните електрани, заедно со модернизација на хидроелектраните, треба да бидат во центарот на нашата стратегија.

Исто така, со намалување на загубите во системот и зголемувањето на ефикасноста на користењето енергија, како во индустријата така и во домаќинствата, односно со примена на современи технологии и политики за енергетска ефикасност, можеме да го намалиме притисокот врз производните капацитети и мрежата.

Притоа, со оглед дека преносниот и дистрибутивниот систем се основата за стабилно снабдување, со значителни инвестиции за модернизација на мрежата, ќе се овозможи интеграција на нови производствени капацитети и намалување на ризиците од прекини. Исто така, технологиите за складирање, како што се батериски системи и акумулациски хидроцентрали, ќе бидат клучни за балансирање на системот, особено со зголеменото учество на ОИЕ кои се карактеризираат со променливост во производството.

Со развој на домашните капацитети, зголемена енергетска ефикасност и воспоставување регионална соработка, можеме да ја обезбедиме енергетската стабилност и сигурност за наредните генерации. Нашиот фокус треба да биде на одржливост, економичност и воведување на иновативни решенија кои ќе го поттикнат енергетскиот сектор кон нова ера на развој.

Македонија

Фатен камион со скриени икони и верски предмети на влез во Македонија

Царинската управа открила обид за шверц на икони и други верски предмети на граничниот премин Дојран. При контрола на товарно возило минатата недела, царинските службеници пронашле вкупно 842 различни верски предмети, 50 креми за лице и 84 килограми мед. Стоката била сокриена во 16 кутии и една ќеса во товарниот дел од камионот.

Според соопштението на Царинската управа, откриените производи не биле прикажани во царинската документација. Нивната вредност изнесува 899.460 денари, додека избегнатите давачки се проценети на 327.067 денари.

На фотографиите објавени од царината јасно се гледа дека меѓу запленетите предмети има и голем број икони.

Continue Reading

Македонија

Чучуљ: Комисијата за борба против корупција ќе постапува без разлика на политичката припадност

Новиот претседател на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, истакна дека Комисијата ја поздравува секоја иницијатива за борба против корупцијата и ќе постапува секогаш кога има основ за тоа, без разлика дали сигналите доаѓаат од власта, опозицијата или граѓански организации.

– Ја поздравуваме секоја иницијатива за борба против корупцијата, било да е од политички партии, здруженија на граѓани или медиуми. Ќе ги следиме сите јавни настапи и секогаш каде има основ за постапување, ќе постапуваме. Сепак, треба да се има предвид дека ДКСК е превентивно тело и нашите капацитети за истраги се ограничени, појасни Чучуљ во вечерашното гостување во централниот дневник на „Сител“.

Во врска со најавите на опозициската СДСМ за објавување на снимки за наводни коруптивни активности на власта, Чучуљ рече дека Комисијата ќе ги разгледува сите случаи каде постои основ за постапување.

На прашањето за можноста да се ревидираат предметите од мандатот на претходната претседателка, Чучуљ рече дека нема потреба за тоа бидејќи сите одлуки биле донесени на јавни седници со мнозинство гласови. Дополнително, тој појасни дека распределбата на предметите е електронска и се врши според принципот на ротација, што ја елиминира можноста за влијание од страна на претседателот.

– Претходната претседателка ја смени распределбата на предметите во позитивна насока – по случаен избор, наместо по азбучен ред, што значи дека системот ги распределува предметите без влијание на претседателот, подвлече Чучуљ.

За својот избор за претседател и едногласната поддршка од пратениците, Чучуљ рече дека е изненаден и благодарен и ја гледа оваа поддршка како морална и професионална обврска да ја оправда довербата.

Тој најави и поголема транспарентност кон медиумите, со редовни брифинзи по една или две седници и подготовка на нова стратегија за соработка со јавноста.

Continue Reading

Македонија

ПАРКИРАШ „САМО МИНУТА“? КАМЕРИТЕ НЕ ПРОСТУВААТ – КАЗНИ И ЗА ТЕЛЕФОН!

Главната цел на проектот „Сејф сити“ е да се обезбеди што поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, како и на пешаците. Бројот на паднати опомени покажува дека граѓаните реагираат позитивно, вели Сашо Топаловски, началник во СВР Скопје во интервју за порталот „Република“.

Тој најавува дека граѓаните со казната ќе добиваат и фотографија од прекршокот. Системот може да го слика и целото возило, може да го слика и горниот дел заедно со таблиците. Кога се поминува на црвено светло се снима задната таблица и ќе се гледа задната шофершајбна и моментот на поминување на црвено светло.

Топаловски потсетува дека жолтото светло не е за поминување, туку за возачот да се подготви да застане. Речиси сите сообраќајници во Скопје се направени со трепкач на зеленото светло, тоа трепка три пати пред да се вклучи жолто светло.

– Жолтото светло и законски е наведено дека не е за да поминете туку за да застанете. Ако вие како возач го забележите жолтото светло, немате да кажете зошто сте поминале, не сте безбедни самите вие. Жолтото светло е за да ве предупреди дека треба да застанете. Вие може да поминете на зелено и кога ќе поминувате на раскрсницата тоа да стане жолто и тогаш нема да ве регисрира системот. Камерата има прецизна зона каде треба да се најде вашата таблица, каде треба да навлезе вашето возило во раскрницата после пешачкиот премин за да ве сними заедно со црвеното светло. И тука има непобитен доказ, го гледате вашето возило со регистрацијата влезено во раскрсницата и горе го гледате црвеното светло. На жолто светло се кочи и се припрема за следното тргнување. Можеби и на другата страна некој истото го вика ако помине на жолто – објаснува Топаловски.

Нема можност за човечко влијание

Началникот објаснува дека системот Сејф сити е проектиран да не може врз него да влијае човечки фактор и сѐ прави сам. Внесува податоци, ја испраќа пораката, снима и го пакува во фајл.

– Нема можност човек да ве извади од систем за да не добиете порака и прекршочен платен налог – уверува Топаловски.

Тој потсетува дека законската регулатива за движење во градска зона е 50 и дека сите инженери проценуваат дека при таа брзина секоја реакција на возачот е благовремена и смртните последици се невозможни.

– За од 0 до 10 километри на час казната е 10 евра или на половина 5, или онаа што е над 10 километри на час до 30 е 45 евра. Тоа се казни за да ви текне дека правите грешка и дека таа грешка може да биде кобна. Сега само тестираме дали со 52 или 55 го добивааме нивото на безбедност. Ова и ние го знаеме и заедно со граѓаните планираме статистички да пресметаме и да објавиме кој систем на нивелација ќе го избереме. И камерите кои се нивелирани во Биро за метрологија покажуваа нивелација од еден до два проценти. Ги анализираме сите европски земји и заедно со граѓаните во една јавна дебата ќе одлучиме. Толеранција има и на сегашните радари. Да не се тревожат траѓаните, ова е тест фаза – вели Топаловски.

Ќе се казнува и за зборување по телефон

Тој вели дека ќе се казнуваат сите вообичани прекршоци што се прават во сообраќајот, како што се полукружно вртење, каде што не е дозволено, погрешно престројување, а понатаму ќе се воведуваат казни и за зборување на мобилен телефон. Началникот предупредува и да се почитува забраната за паркирање и застанување на сообраќајници на кои тоа е строго забрането.

– Ги замолувам граѓаните на тие места да не запираат и паркираат, макар и привремено затоа што има и други места каде што законски може три или пет минути да се застане. Системот понуди решение, а тоа се специјализирани полициски возила кои се опремени со камери кои се поврзани со системот „Сејф сити“. Во нив полициски службеник кој управува и полициски службеник кој го гледа мониторот, поминуваат по главните сообраќајници и ги сликаат сите возила кои се паркирани, а возачите пијат кафе. Додека го пијат кафето ќе им стигне порака дека штотуку им стигнал прекршочен платен налог. Тогаш ќе сфатат дека наместо да платат кафе кое ќе чини 1.500 денари ќе биде подобро да се паркираат на безбедно место и кафето да ги чини многу поевтино – вели Топаловски.

Ако баба лаже, снимката не лаже

По сторувањето на сообраќајниот прекршок во рок од 24 часа стасува порака. Возачот има рок да го отвори линкот. Ако не се отвори пораката за 24 часа, стасува нова која ќе го потсети дека има порака за која има рок од 8 дена да ја отвори.

– Кој ден и да ја отворите пораката од тој ден почнува рокот за приговор. Ако ја отворите пораката петтиот ден имате 8 дена да ја платите пола и да завршите или да се жалите дека не сте возеле вие, да го донесете лицето или да донесете изјава кој возел. Сето ова е во рокот од нови 8 дена. Жалбената постапка во судот за прекршоци е на товар на оштетениот. Вие треба да отворите приговор a наш е товарот за доказната постапка пред судот. Кога ќе се спореди снимката другата страна нема да има аргументи. Ако во рок од 8 дена не ја отворите пораката, во следната порака ќе ви стигне дека сте го изгубиле рокот за плаќање половина сума. Следните 8 дена ви се за плаќање цела сума или да вложите приговор кон МВР што оди во суд. Ако и во вторите 8 дена, не ја отворате пораката, тогаш го губите правото на првите 8 дена за пола сума, го губите правото на вторите 8 дена бидејќи не сте ја отвориле пораката, не се интересирате, ниту сте поднеле приговор. Во тој случај МВР преку системот на УЈП ќе ви ги одземе парите од сметка. Не се исплати за 5 евра или за 23 евра да влегувате во доказна постапка, да правите трошоци и на крајот да ви докаже судот дека ве има на слика, што е непобитен доказ. Треба да сфатите дека сте направиле грешка, тоа е идејата и да си речете од денеска ќе почнам да возам правилно. Ако сте ја заслужиле невозможно е да избегнете плаќање на казната – вели Топаловски во интервју за порталот „Република“.

Лани во Македонија имало 142 жртви во сообраќајот. Во првиот ден од тест фазата на системот „Сејф сити“ во Скопје беа регистрирани 110.000 прекршоци, а веќе вториот ден беа преполовени. Тоа значи дека граѓаните реагираат на промените и дека расте свеста за безбедноста во сообраќајот.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг