Македонија
Македонските интелектуалци бараат прогласување меѓународен ден за осудаи и спречување на геноцидот врз Македонците
АПЕЛ ДО СВЕТОТ:
Во значаен и долгоочекуван исчекор кон историска и меѓународноправна рехабилитација на страдањата на македонскиот народ, група еминентни македонски интелектуалци – академици, правници, уметници и верски лидери – упатија официјален повик до меѓународната заедница за прогласување на 18 јуни како меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците.
Предлогот, инкорпориран во темелна, аргументирано образложена Предлог-резолуција, е доставен до клучни институции на глобално ниво – вклучувајќи ги Обединетите нации, Советот на Европа и Европскиот парламент. Иницијативата доби поддршка од академиците Љупчо Коцарев, Катица Ќулавкова и Ѓорги Поп-Атанасов, поетот Ефтим Клетников, адвокатот Тони Менкиноски, архијереите на МПЦ – митрополитите Петар и Григориј – како и од други истакнати фигури на македонската интелектуална и духовна елита.
Принципиелна заложба за вистина, правна правда и историска меморија
Во придружното писмо до институциите, иницијаторите истакнуваат дека оваа иницијатива се темели на основните документи на меѓународното право: Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот (1948), Повелбата на ОН, Универзалната декларација за човекови права и релевантните акти од македонското законодавство.
„Она што македонскиот народ го преживеал – и она што и денес го доживува преку институционализирано негирање, правен притисок и дипломатски уцени – ги исполнува критериумите не само на културен и симболички геноцид, туку и на систематско психолошко повредување на една етничка група“, се наведува во писмото.
18 ЈУНИ – ДЕН НА ГЛОБАЛНА СОВЕСТ И АКЦИЈА
Во срцето на Резолуцијата стои повикот 18 јуни да биде прогласен за ден на сеќавање, едукација и превенција. Овој датум би служел како:
– Комеморативен симбол за жртвите на геноцидни политики насочени кон Македонците;
– Платформа за едукација на јавноста за структурното насилство врз македонскиот идентитет;
– Повик за институционална мобилизација за спречување на сите форми на негирање, историски ревизионизам и системска дискриминација.
Во Резолуцијата се изразува длабока загриженост поради современите меѓународни договори и практики кои, според потписниците, наметнуваат редефинирање или бришење на македонскиот национален идентитет, јазик и историја – што, гледано низ призмата на дефинициите од Конвенцијата за геноцид, може да се квалификува како „тешка душевна повреда на припадниците на една етничка група“.
Повик до Обединетите нации и светската јавност
Резолуцијата апелира до генералниот секретар на Обединетите нации да иницира програма со наслов „Геноцидот врз Македонците и Обединетите нации“, како дел од пошироките напори за глобално признавање и превенција на слични злосторства.
Дополнително, упатен е јасен повик до земјите членки на ОН, специјализираните агенции, регионалните организации и граѓанското општество да преземат конкретни чекори во насока на правно, историско и етичко признавање на сторениот и тековниот геноцид врз македонскиот народ – во сите негови форми.
„Нема вистинско помирување без вистинско признавање. Оваа Резолуција не повикува на конфронтација, туку на будење на светската совест, на одговорност и солидарност во одбраната на човековото достоинство“, гласи заклучокот на иницијативата.
Оваа иницијатива претставува симболичен, но и конкретен правен и морален отпор против негирањето, молкот и историскиот ревизионизам – и е апел за правда што не познава граници, туку повикува на глобален дијалог, достоинствено сеќавање и институционален ангажман. Р.Н.М.
ПРЕДЛОГ-РЕЗОЛУЦИЈА
„Меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците“
Генералното собрание,
Водено од Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права (Резолуција на Генералното собрание 217 A [III]), Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид (анекс кон Резолуцијата на Генералното собрание 260 A [III]);
Тргнувајќи од универзалното право на народите на самоопределување, како и од принципот императивно право (ius cogens) на меѓународното право, од којшто не е дозволено дерогирање со меѓународни договори, ниту преку наводно „доброволно откажување“ од него под меѓународен притисок;
Укажувајќи на Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), усвоена речиси едногласно, со која се бара „спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) без одлагање, во согласност со Конвенцијата за човекови права и целосно почитување на владеењето на правото“, вклучувајќи ги и пресудите поврзани со Обединетата македонска организација „Илинден“ (Документ 16134 од 19 март 2025 година, Report | Doc. 16134 | 19 March 2025);
Повикувајќи се на Член II, алинеја (б) од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, според кој едно од дејствијата што претставуваат геноцид вклучува „нанесување тешка телесна или душевна повреда на членови на групата“, што е рефлектирано и во домашното законодавство како што е Член 403 од Кривичниот законик, кој го дефинира поимот геноцид како примена на дејствија со намера за уништување група, вклучително и „тешко нарушување на физичкото или душевното здравје на членовите на групата“;
Земајќи ги предвид наводите дека одредени меѓународни договори и преговарачки рамки наметнуваат ревизија на македонскиот идентитет, јазик и историја, со што веќе се предизвикани и потенцијално ќе се предизвикуваат сериозни душевни повреди и колективна траума кај припадниците на македонскиот народ;
Повикувајќи се на принципите на Виенската конвенција за договорно право, особено на одредбите кои предвидуваат ништовност на договорите склучени како резултат на принуда врз претставник на држава (Член 51) или принуда врз држава со закана или употреба на сила (Член 52), како и корупција на претставник на држава (Член 50);
Имајќи ги предвид тврдењата дека Преспанскиот договор не е склучен во согласност со принципот на добра волја (bona fide) од сите страни, особено во однос на македонската страна, што го доведува во прашање почитувањето на основните начела на меѓународното договорно право;
Потврдувајќи го своето силно противење на неказнивоста за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и други тешки кршења на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права; воедно нагласувајќи ја, во овој контекст, одговорноста на државите да стават крај на неказнивоста и, за таа цел, темелно да ги истражуваат и кривично да ги гонат, во согласност со нивните релевантни меѓународни правни обврски и нивното домашно право, лицата одговорни за таквите дела, со цел да се избегне нивно повторување и да се постигнат одржлив мир, правда, вистина и помирување, при што учеството на жртвите, преживеаните и членовите на нивните семејства е од централно значење;
Поздравувајќи го значајниот напредок постигнат од меѓународните судови во текот на последните години во борбата против неказнивоста и во обезбедувањето одговорност за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и други сериозни злосторства преку меѓународниот правосуден систем;
Повторувајќи дека согласно меѓународното право, кривичната одговорност за злосторството геноцид е индивидуална и не може да се припише на која било етничка, верска или друга група или заедница во целина;
Имајќи ја предвид улогата на специјалните советници на Генералниот секретар за спречување на геноцид и за одговорноста за заштита, и истакнувајќи ја важноста од редовни известувања за кршењата на човековите права и меѓународното хуманитарно право, како и за говорот на омраза и за поттикнување на рано предупредување и свест за ризикот од геноцид,
Повторувајќи ја непоколебливата посветеност за одржување на стабилноста и за зајакнување на единството во различноста во Европа,
1. Одлучува да го прогласи 18 јуни за Меѓународен ден за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците, кој ќе се одбележува секоја година;
2. Безусловно го осудува секое негирање на геноцидот врз Македонците и ги повикува земјите-членки да ги зачуваат утврдените факти, вклучително и преку нивните образовни системи, со развивање соодветни програми за образование и сеќавање, со цел да се спречи негирањето, погрешното толкување и повторната појава на геноцид во иднина;
3. Ги повикува сите држави целосно да ги почитуваат своите обврски кои произлегуваат од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, во согласност со нејзината применливост, и од меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид, со должно почитување на релевантните одлуки на Меѓународниот суд на правдата;
4. Бара од Генералниот секретар да воспостави програма за информирање на јавноста под наслов „Геноцидот врз Македонците и Обединетите нации“, која ќе вклучува активности за подготовка на одбележувањето на годишнините; и дополнително бара од Генералниот секретар да ја дистрибуира оваа Резолуција до сите земји-членки, организациите од системот на ОН и граѓанските организации, и да ги поттикне на нејзино соодветно одбележување; и да се преземат процедури за ефективно и ефикасно спречување на геноцидот врз Македонците;
5. Ги повикува сите земји-членки, организациите на системот на Обединетите нации, другите меѓународни и регионални организации и граѓанското општество, вклучително и невладините организации, академските институции и другите релевантни чинители, да го одбележат Меѓународниот ден преку организирање специјални комеморации и активности со кои ќе им се оддаде почит на жртвите на геноцидот врз Македонците, како и да спроведат соодветни активности за едукација и подигање на јавната свест.
Македонија
Туфегџиќ: Ревизија на предметите во ОЈО клучна за враќање доверба во правосудството
Вечерва во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, адвокатот Владимир Туфегџиќ истакна дека новоизбраниот јавен обвинител треба итно да спроведе ревизија на проблематични предмети во Јавното обвинителство.
„Новиот јавен обвинител веднаш да спроведе контрола на законите во неколку предмети на сите обвинители по случаен избор. Ќе испливаат на површина обвинители кои имаат хроничен проблем со обвиниение, со начинот на постапување, со менаџирање на постапка, со прибирање на докази. Јавното обвинителство ќе добие реална слика кој како постапува, и ќе видите дека шест месеци колку трае истрага, во голем дел не е преземено ниту едно дејствие“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот нагласи дека ревизијата е клучна за враќање на довербата на јавноста во работењето на обвинителството.
Македонија
МВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека автоматизираниот систем за сообраќајно санкционирање „Безбеден град“ ќе почне со работа на 1 февруари 2026 година, еден месец подоцна од првично најавениот датум.
Одложувањето доаѓа во период кога јавноста сè уште е фокусирана на состојбата во Скопје, а тестирањата на системот продолжуваат и во Тетово и Куманово – градови во кои истовремено со главниот град треба да почне издавањето автоматски казни.
Теренското тестирање покажа дека дел од камерите не регистрираат прекршоци, особено при мали надминувања на брзината. Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, потврди дека се разгледува воведување праг на толеранција, но конечната одлука сè уште не е донесена.
Повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово, како и на коридорите 8 и 10, веќе се покриени со камери, но дел од нив не функционираат целосно или не се калибрирани. Најголемиот број регистрирани прекршоци досега доаѓаат од скопската обиколница, каде системот издаде опомена за само едно надминување на брзината за време на тестирањата.
Во Тетово и Куманово ситуацијата е поизразена – на многу локации камерите воопшто не биле активни или не регистрирале прекршок, иако намерно биле направени неколку. Дополнителен проблем е постојаното непрописно паркирање, за што МВР најавува дека ќе се користат специјализирани патролни возила со опрема за снимање кои ќе кружат низ градовите.
Во Куманово, само неколку дена по тестирањето, се забележани нови точки на кои се поставуваат свежи камери – што укажува дека системот сè уште се надградува.
Од МВР велат дека „Безбеден град“ ќе биде пуштен во целосна функција од 1 февруари, а до тогаш продолжува тест-фазата и калибрацијата. Дополнителниот месец, според надлежните, треба да го обезбеди потребното време за проверка на техничките параметри, но и да им даде можност на возачите да ги коригираат своите навики пред почетокот на автоматизираното казнување.
Македонија
Андоновски: Родителите да имаат увид во изборот на деца за мобилни апликации – кон корисни и образовни содржини
И покрај австралискиот преседан со законска забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години, Македонија засега цврсто стои настрана од радикални забрани. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврди дека прашањето се разгледува, но изрази сериозни сомнежи во врска со примената и подготвеноста на општеството за ваков драстичен чекор.
„Секоја забрана треба да бидете свесни како ќе ја донесете, ќе има два ефекти. Ако не успеете да ја имплементирате до крај, таа ќе придонесе некои да се снаоѓаат, а некои да излезат целосно од контрола.“ – истакна Андоновски, потенцирајќи го ризикот од неефикасност и заобиколување на мерките.
Наместо да се посегне по забрани, министерот го гледа решението во едукацијата и интензивната работа со родителите. Според него, одговорноста е на семејствата да го насочат времето што децата го минуваат на мобилните телефони кон корисни содржини, а не кон бесцелни „натпревари“ и „губење време“.
Прашан за личниот став во врска со австралискиот закон, Андоновски беше директен и скептичен:
„Моето очекување е дека нема да успее проектот целосно, затоа што првите најави веќе покажуваат дека се наоѓаат начини преку технички уреди и врски да се заобиколат забраните.“
Министерот потсети дека во земјава веќе се работи на заштита на децата преку Центарот за побезбеден интернет. Тој децидно појасни дека секој социјален медиум веќе има возрасна граница под 16 години.
Ако родителите го имплементираат тоа кај своите деца, тогаш децата нема да имаат пристап до алгоритми и содржини кои се штетни за нив. Ако тоа не го прават родителите, многу е потешко државата да се меша во слободниот избор на секој граѓанин и семејство и да одлучува што смеат, а што не смеат.
Со ова, Владата ја префрла топката назад кај родителската контрола, сугерирајќи дека државната интервенција во приватниот семеен избор е последна и најтешка опција.
Трендинг
-
Црна Хроника14 hours agoПретрес во тетовско, пронајдени дрога, оружје и муниција, приведени две лица
-
Црна Хроника5 days agoОбид за кражба завршил со пожар во Брвеница – Полицијата со детали
-
Црна Хроника2 days agoПолицијата во Тетово со полни раце работа – Уапсени пет лица
-
Балкан4 days agoДрама во Србија: БМВ се заби во камион, возачот со цигара тврди: „Не знам, ме удри камион“ (ВИДЕО)
-
Македонија4 hours agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника6 days agoПолицијата го лоцираше украденото „Ауди“ за неколку часа – младиот тетовец уапсен!
-
Црна Хроника2 days agoДевојка летала со Ауди 174 километри на час на автопатот Тетово – Гостивар
-
Црна Хроника15 hours agoИнцидент на лет кон Скопје: Пијани навивачи тероризирале патници















