Илјадници венецуелски иселеници синоќа се собраа во центарот на Буенос Ајрес за да го одбележат падот на поранешниот венецуелски лидер Николас Мадуро, јавуваат профили и медиуми на социјалните мрежи.
На видеата што кружат онлајн се гледаат масовни собири, веење венецуелски знамиња, извици на радост и огномети, додека насобраните ја слават веста која, според нив, означува надеж за промени и демократска иднина за Венецуела. Дел од присутните порачаа дека прославата е израз на олеснување по години економска и политичка криза што ги принудија да ја напуштат татковината.
Аргентина, која во изминатата деценија прими стотици илјади Венецуелци, е една од земјите со најголема венецуелска дијаспора во регионот. Токму затоа, Буенос Ајрес стана симболично место за јавно и масовно изразување на емоциите по најновите настани во Венецуела.
Иако официјалните реакции од венецуелските институции и дел од меѓународната заедница сè уште пристигнуваат, сцените од аргентинската престолнина покажуваат дека дел од венецуелската дијаспора веќе ја доживува случката како историски пресврт.










