И покрај тензичните изјави и јавното несогласување, Европа и натаму останува тесно поврзана со Соединетите Американски Држави, тврди американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. Во разговор со новинарката Мегин Кели, Венс посочи дека постои очигледен јаз помеѓу реториката на европските лидери и нивното однесување кога се среќаваат лице в лице со американската администрација. „Во приватни разговори, Европејците се пријателски настроени и подготвени на компромиси. Јавно, пак, испраќаат спротивни сигнали“, изјави Венс, додавајќи дека ваквиот двоен пристап е „глупост“.
Потпретседателот посебно го спомена прашањето за Гренланд, кое предизвика дополнителни тензии меѓу Вашингтон и Брисел, уверувајќи дека конечната одлука ќе биде прифатлива за двете страни.
Меѓутоа, не сите гледаат на трансатлантските врски толку оптимистично. Европската народна партија, на која ѝ припаѓа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, предупреди дека односите со САД се во сериозна криза. „Трансатлантските односи се на најниско ниво досега“, се наведува во соопштението, поврзано со контроверзните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп околу Гренланд.
Финскиот претседател Александар Стаб додаде дека европските лидери мора да се справат со реалноста на новата американска надворешна политика. „Вашингтон пристапува кон своите европски сојузници на начин кој е спротивен на европските вредности. Овие чекори ја поткопуваат меѓународната стабилност и ја намалуваат важноста на Европа на глобалната сцена“, предупреди Стаб.










