Во рамки на тековна истрага, институциите запленија околу 40 тони марихуана произведена и складирана спротивно на законските прописи, информираа денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски.
Тошковски изјави дека дрогата била утврдена како незаконска од страна на комисија при Министерството за здравство, која констатирала дека производството, складирањето и чувањето не биле во согласност со предвидените протоколи и услови. По одземањето, марихуаната била привремено складирана во простории на Министерството за внатрешни работи, со цел да се користи како доказ во постапката.
Министерот нагласи дека истрагата продолжува во координација со Обвинителството за организиран криминал и други надлежни обвинителства, со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на одговорноста.
Според Тошковски, сегашната состојба е резултат на негрижа и погрешни политики од минатото, кои, како што рече, довеле до сериозни последици. Тој истакна дека институциите ќе постапат решително за отстранување на незаконски произведената дрога, чија крајна дестинација, според наодите, била македонскиот или европскиот пазар.
Премиерот Мицкоски соопшти дека на седница на Владата ќе биде донесена одлука за формирање посебна комисија и тим што ќе извршат проверки во повеќе правни субјекти поврзани со случајот. Целта, како што рече, е да се утврди кои компании работеле согласно законот, а кои го злоупотребиле.
Тој порача дека нема да има толеранција за беззаконието и дека државата ќе ги искористи сите институционални капацитети во борбата против организираниот криминал. „Никој не е над законот. Времињата кога криминалот се исплател завршија“, истакна Мицкоски, најавувајќи продолжување на засилените активности против корупцијата и незаконското работење.
Видеото може да го погледнете тука
…










