Од вчера попладне, околу 18:30 часот, обиколницата околу Битола е целосно затворена за сообраќај поради свлечиште. Властите веднаш пренасочија возила да поминуваат низ градот, а екипите на ЈП Македонија Пат се на терен, активно расчистувајќи го свлечиштето и работат на враќање на нормалниот сообраќаен тек.
Инаку, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, а коловозите се суви. На патните правци надвор од градските средини се забележува умерен интензитет на возила, додека на граничните премини нема подолги чекања за влез и излез од земјата.
АМСМ апелира возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ги следат поставените сообраќајни знаци и да бидат внимателни при управување со возилата, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде постои ризик од одрони. Највнимателни треба да бидат возачите кои патуваат по правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.














