Повеќе од половина од населението во Македонија се со зголемена телесна тежина, покажуваат најновите податоци презентирани по повод Светскиот ден на дебелината. Според здравствените експерти, околу 60 проценти од граѓаните во земјата имаат вишок килограми, што претставува сериозен јавноздравствен проблем.
Лекарите предупредуваат дека дебелината не е само естетски проблем, туку болест која е поврзана со повеќе од 200 други здравствени состојби, меѓу кои дијабетес тип 2, срцеви заболувања, астма, апнеа при спиење и други сериозни компликации.
Експертите велат дека проблемот се продлабочува поради нездрави навики во исхраната, голема консумација на засладени пијалаци и брза храна, како и недоволна физичка активност. Во таа насока, како една од можните мерки се разгледува и воведување дополнителен данок на засладени сокови со цел да се намали нивната потрошувачка.
Загрижувачки се и податоците за најмладите. Истражувањата покажуваат дека околу 31 проценти од децата во Македонија имаат зголемена телесна тежина, а околу 14 проценти живеат со дебелина, што е над европскиот просек.
Стручњаците нагласуваат дека решението не е само во лекови или хируршки интервенции, туку пред сè во промена на животните навики, здрава исхрана и поголема физичка активност. Според нив, справувањето со дебелината мора да биде заедничка одговорност на институциите, училиштата, семејствата и целото општество.














