Во значаен чекор кон дигитализација на институциите, Царинската управа и Управниот суд денес потпишаа Меморандум за соработка кој отвора пат за електронска поврзаност и размена на документи во управните спорови.
Според информациите од Царинската управа, новиот систем ќе користи софтверската платформа ЕПУС, преку која ќе се овозможи електронска достава и размена на судски акти и други документи за предметите во кои Царинската управа е страна. Ова значително ќе ја поедностави комуникацијата меѓу институциите, ќе ја забрза размената на информации и ќе го намали користењето на хартиени документи, со што се штедат ресурси и време.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и в.д. претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, ја истакнаа важноста на овој проект за зголемување на транспарентноста и ажурноста во управните постапки. Според нив, со новиот систем се отвора простор за поефикасна институционална соработка и подобрено функционирање на управно-судските процеси.














