Во селото Крклино започнаат градежни активности на подрачното училиште при ОО „Александар Турунџев“ од Кукуречани. Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука преку вториот владин повик, како одговор на барањата на локалното население.
Објектот располага со две училници, канцеларија, ходник и тоалети. Во рамките на реконструкцијата ќе се менува кровната конструкција, ќе се обнови фасадата, а во внатрешноста се предвидени нови подови, ПВЦ дограма и молеро-фарбарски работи.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска изврши увид во градежните активности заедно со одговорните лица за проектот. Вредноста на реконструкцијата изнесува 3.380.097 денари.
Општината со овој проект дополнително ја потврдува својата заложба за подобрување на образовните услови и создавање средина која ќе овозможи квалитетно изведување на воспитно-образовниот процес.
…












