Скандал во француската морнарица: Локацијата на носачот „Шарл де Гол“ откриена преку апликација
Локацијата на францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“ била откриена речиси во реално време поради безбедносен пропуст поврзан со користење на популарната апликација за следење физичка активност.
Според францускиот весник „Ле Монд“, млад морнарски офицер користел паметен часовник за да го сними своето трчање на палубата на бродот, при што активноста, долга повеќе од седум километри, била јавно објавена на апликацијата „Страва“. Со тоа, без да биде свесен, ја открил точната позиција на воениот брод.
Весникот дополнително го потврдил пропустот со анализа на сателитски снимки направени кратко по објавената активност. На нив јасно се гледа карактеристичната форма на 262 метри долгиот носач, кој во тој момент се наоѓал во источниот дел на Средоземното Море, северозападно од Кипар и во близина на турскиот брег.
Француските власти претходно информираа дека носачот бил распореден во мисија на почетокот на март, во период кога се зголемиле тензиите поврзани со воените активности на САД и Израел кон Иран.
Главниот штаб на француските вооружени сили потврдил дека ваквата објава претставува прекршување на правилата за дигитална безбедност, најавувајќи дека ќе бидат преземени соодветни мерки.
Дополнително, „Ле Монд“ открил дека уште најмалку еден член на екипажот на француски воен брод објавил геолокациски податоци преку спортска апликација, што укажува дека не станува збор за изолиран инцидент, туку за поширок безбедносен ризик.
…












