Премиерот Христијан Мицкоски најави дека деталите за реконструкцијата на Владата ќе станат познати во мај или јуни, вклучувајќи ги и потенцијалните промени на министри. Според него, прашањата за тоа кој ќе замине од својата функција или ќе биде префрлен во друго министерство ќе се разгледуваат непосредно пред самиот процес на реорганизација.
„Како коалиција, имаме јасен принципелен договор меѓу трите политички субјекти: ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди – Влен“ и партијата ЗНАМ. Нашата цел е да продолжиме со стабилно и коректно работење. Во мај или јуни ќе одржиме реконструкција на Владата и сите прашања ќе бидат внимателно дискутирани пред да се донесат конечни одлуки“ изјави Мицкоски во одговор на прашањето дали министерот Фатмир Лимани ќе биде разрешен по објавената фотографија со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Премиерот додаде дека во моментот не гледа потреба од проширување на коалицијата со нови политички субјекти, нагласувајќи ја важноста на довербата и угледот во политиката.
„Нашата соработка како коалиција е исклучително коректна и стабилна. Не гледам причина за нови преговори со други партии, бидејќи репутацијата се гради цел живот, а се губи многу лесно“ рече Мицкоски.












