Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, го оцени прислушувањето на неговите разговори како „огромен скандал и сериозно мешање во изборниот процес“, јави МТИ. Тој тврди дека странски разузнавачки служби, во соработка со унгарски новинар, ги прислушкувале неговите телефонски разговори.
На прес-конференција во Сарвар, Сијарто го нарече инцидентот „напад врз суверенитетот на Унгарија“ и посочи дека границите биле преминати, бидејќи новинарот имал врски со странски разузнавачки служби и со внатрешните кругови на опозициската партија Тиса.
„Секој што имал илузија дека странски тајни служби не се вмешуваат во парламентарната изборна кампања, сега добил доказ“, рече Сијарто, според унгарскиот весник „Немзет“.
Министерот нагласи дека како функционер повеќе од 11 години често се консултирал со странски колеги и дека прислушувањето претставува директно мешање во изборната кампања. Тој додаде дека на седниците на Европскиот совет за надворешни работи не се разменувале тајни информации, а дипломатската пракса отсекогаш вклучувала консултации со важни меѓународни партнери, меѓу кои Русија, Турција, Израел и САД.












