Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп му предложи на Иран план од 15 точки за прекин на огнот, кој беше доставен преку посредници од Пакистан. Пакистан се понуди да биде домаќин на обновени преговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Првите пет точки од планот се фокусирани на нуклеарниот сектор. САД бараат Иран да се откаже од обиди за стекнување нуклеарно оружје, да го предаде целото збогатено нуклеарно гориво на утврден датум и да демонтира неколку клучни нуклеарни објекти и инсталации.
Покрај тоа, Иран треба да се откаже од поддршка за вооружени групи и да престане да ги финансира или вооружува организации како Хезболах и Хамас. Предвидени се и ограничувања за бројот и дострелот на ракетите на земјата.
Ормускиот теснец, низ кој минуваат околу 20 проценти од светските испораки на фосилни горива, мора да остане отворен за пловидба, наведуваат извори на Асошиејтед прес.
Во меѓувреме, американската војска се подготвува да распореди најмалку 1.000 дополнителни војници на Блискиот Исток, кои ќе се приклучат на околу 50.000 војници веќе присутни во регионот.
Иран, сепак, засега инсистира на продолжување на нападите, а утрово беа забележани беспилотни летала и ракети насочени кон Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин. Се уште не е јасно дали ова е тактика за притисок врз администрацијата на Трамп.
Американските власти разгледуваат и стратешки опции, вклучително потенцијално заземање на островот Харг, клучен нафтен терминал на Иран во Персискиот Залив, или острови поблиску до Ормускиот теснец, преку кој транзитираат значителни количини на нафта и природен гас.
…












